Нелсон Мандела

Tags: 

Притворањето на Владо Бучковски покрена многу прашања. Жарко прибележа некои од нив: врска. Во целата приказна јас, под влијание на приказните за американскиот устав, сум заинтересиран за вредностите кои нашиот устав ги промовира. Исто така загрижен сум што прашањето за правата на граѓаните се појавува во медиумите со апсења на познати личности, додека правата на анонимните граѓани ги газеле сите влади до сега, а за тоа никој не реагирал. За жал сите граѓани не си ги знаат своите права. Ова се важни теми за дискусија, но сакам да се вратам на насловот.

Нелсон Мандела го запознав пред многу години во реклама за The Economist како објаснува дека научил многу работи читајќи го весникот во затвор. Демек, чуварите му го давале, а не знаеле дека му даваат моќна образовна алатка... реклама. Нема да го цитирам текстот за Мандела во Википедија. Она што сите веројатно го знаат е дека неправедната репресивна бела влада во црната држава го има стрпано во затвор. Тој таму лежи триесетина години, излегува и станува претседател... се дружи со Боно, добива Нобелова награда... итн.

Размислете за нашава ситуација. Можеби нашата влада е неправедна и репсресивна. Сака да им се свети на политичките противници, да прави медиумски спектакли. Владо Бучковски е невин и сето ова е местенка. Но, Владо Бучковски не е било кој. Тој е професор и поранешен премиер и претседател на политичка партија. Тешкаш во својата категорија. Секако, на обичниот човек Владо Бучковски треба да му биде непријатно и лошо од самата идеја што неговата држава станала таква и што го бута во затвор, ама на политичарот Владо Бучковски треба ова да му биде повод (под претпоставка дека причините веќе ги има доволно на број) за отварање на широк фронт за борба за подобра Македонија. Од затворот. Без имунитетот. Бидејќи како што вели Henry David Thoreau:

Under a government which imprisons any unjustly, the true place for a just man is also a prison... the only house in a slave State in which a free man can abide with honor.

Но мислам дека на сите ни е јасно дека во Македонија нема политичари од ковот на Нелсон Мендела. Нема ни од ковот на блискиот Методија Андонов Ченто со кој во последно време многумина од нив се маваат во гради. Да завршам со уште еден цитат, овој пат од популарната кулутра:

You fight the fights you can win? You fight the fights that need fighting!

За жал во Македонија се водат само битките кои може да се победат. И тоа била доминантна одлика на сите досегашни влади и опозиции во нашата држава.