Внимание, молам! :)

Tags: 

Сакав да додадам една референца кон два блогерски записа на blog.com.mk:

1. Оној на Ивана, во кој се жали за недостатоткот на публика (популарност на блогот?);

2. Оној на GoodBytes, во кој тој нуди некои совети за како до подобар (почитан?) блог.

Ова беше пред колку таму? Јуху, 7 дена... знам дека каснам со коментаров, во Интернет време веројатно многу повеќе од 7 дена, ама и текстов на кој што сакам да ве насочам е стар (1997), а и состојбата со Интернет во Македонија веројатно е полоша од онаа во САД во 1997, па на крајот на краиштата, може се погодени работите. :)

Било како било, тесктов се вика The Attention Economy: The Natural Economy of the Net, автор е Michael H. Goldhaber и топло ви препорачувам да го прочитате во целост. За оние мрзливите накратко станува збор за тоа зошто економијата на информации е невозможна и што е тоа што е важно на Интернет каде всушност информации има на претек. Одговорот на последново, според авторот, е еден збор: внимание.

Во продолжение на мојов блог запис, за оние средно мрзливите :), има превод на некои поинтересни моменти од текстот.

(...)

Сепак, информациите се невозможна основа за економија, заради една простапричина: економиите бидуваат управувани од она што е ретко, а информациите, особено на Интернет, ги има во огромни количества.

(...)

Уште повеќе, ако имате некаква посебна информација на мрежата, можете лесно да ја споделите со било кој што би ја сакал. Таа на никој начин не е ретка и затоа она кон што се движиме не е информациона економија. Што е поттикот во нашите животи поради кој даваме повеќе информации кога веќе и има премногу информации?

Па, насловот го издава одговорот. Има нешто друго што се движи низ мрежата, во спротивен правец од информациите. Тоа е вниманието. Значи барањето внимание може да биде поттикот кој го бараме.

(...)

Вниманието, барем она кое ни е важно, е само по себе редок ресурс.

(...)

Земете предвид еден обичен разговор. Можете да го опишете како размена на информации, но тоа освен во крајно техничка смисла, ретко е точен опис на тоа што се случува. Разговорот примарно е разменана внимание. Кога на пример велите „како си?“, по правило не сакате навистина да знаете, но ако тој/таа што го/ја прашувате одлучи да ви одговори, тоа е повеќе за да добие внимание од вас, отколку да пренесе информации. Дури и ако таа личност навистина мисли дека сакате да знаете за нејзиното здравје, со одговарањето таа се обидува да ви посвети внимание вам. И дури и ако вие навистина сакате да знаете, сепак вообичаената причина е да и посветите внимание на другата личност.

(...)

Ако она што го зборувам денес ви остави било каков впечаток, ќе ме паметите мене и можеби некоја порака некое време, а можеби и до крајот на животот. Дури и ако мислите дека тоа што го зборувам е глупаво, многу полесно ќе можете да ме следите следниот пат кога ќе ви се најдам пред очи, како и да се случи тоа. Значи, добивањето внимание не е моментална работа. Секој нареден пат додавате кон количината што ја имате и колку што е ви е поголема публиката денес, толку може да биде и поголема идната потенцијална публика.

(...)

Да речеме дека сте добиле внимание преку некој текст кој сте го испратиле на Интернет. Дали би сакале вашата публика да го копира овој текст и да го сподели со други кои можат за возврат да ви дадат внимание? Секако дека да. Би било лудо да сакате да стопирате или ограничите такво копирање бидејќи тоа ќе ве лиши од многу внимание кое можете да го добиете. Очигледно ова е област е местото каде се завојувани старата и новата економија. Така битката за интелектуална сопственост и правата за правење копии е всушност битка помеѓу изгледите на новата економија и старата, причина зошто тие двете не можат да коегзистираат за секогаш и белег на периодот на транзиција од старото кон новото.

Па, кој добива највеќе внимание на македонскиот Интернет?