l10n

Undefined

Дека слободниот софтвер не е бесплатен

Tags: 

Денеска е 8 септември, и kppp веќе ми регистрирал преку 300 денари на дајл-ап-мт-нет. Постојаните промени во датотеките за локализација (еве, десетина датотеки се променети во последниве десетина часа) на ФФ и ТБ постојано ми ја зголемуваат сметката.

Отприлика со преводите за новите верзии започнав да се занимавам крајот на јули. Август цел со 1500+ денари за интернет. Септември, ако продолжи со исто темпо, како и октомври до конечните 1.5, собрано заедно со данокот, ќе имам цех од 5-6 илјади денари.

Баш толку ми требаат за да си ги купам патиките Адидас што ги сакам.

Фајрфокс и Тандрбрд 1.5 бета на македонски јазик

Tags: 

Драги сурфери,

Од билд серверите на Мозила.орг излегоа Фајрфокс и Тандрбрд 1.5 бета на македонски јазик за МСВиндоус и ГНУ/Линукс.

Времето до конечното издание на стабилните 1.5 верзии е одбројано, и отприлика имаме 2 недели за правење на било какви поправки на преводите. Затоа, ова е повик до сите оние кои имаат малку слободно време и можност да ги преземат апликациите, да помогнат да се тестираат преводите на ФФ и ТБ. Во случајот на ТБ, потребно е и тестирање на алатката за проверка на правопис (spellcheck) за македонски јазик. Па напишете и некоја порака. :)

Билдовите може да се преземат од FTP-то на Мозила.орг и тоа.

И таму ги барате оние кои во своето име содржат mk.

Ако одлучите да ги тестирате овие апликации, имајте на ум дека тоа се сеуште бета верзии, кои веројатно не се многу стабилни и/или имаат многу багови. Така, немојте да работите важни работи со нив, немојте комплетно да ги замените апликациите кои во моментот ги користите за сурфање/читање пошта (ќе го направите тоа кога ќе излезат стабилните 1.5 верзии! :)).

Откако ќе ги инсталирате апликациите прво нешто што можете да го направите е стандардниот тест кој го препорачува Мозила.орг. Ако ви се причини дека тестот е долг, тогаш тестирајте додека можете и потоа кажете до кај сте стигнале.

Евиденција за грешките во преводите на ФФ и ТБ водиме на flyspray. Таму можете да ги видите и досега пријавените грешки, поделени по апликации, па така ќе знаете дали нешто што вие сте пронашле веќе е пријавено или не. Внимавајте! Пријавувајте ги грешките во соодветните проекти, за известувања за истите да стигнуваат до луѓето кои се одговорни за нив.

Ако системот за пријавување грешки ви се чини сложен, тогаш можете да пишете е-пошта до nnovica_AT_gmail.com. Ако го правите тоа, тогаш во темата на пораката (Subject) внесете [l10n] Firefox/Thunderbird 1.5, а во телото на пораката наведете информации во следниов формат:

Апликација: ФФ

Опис: Голтната буква

Стринг: Обележи ја станицата

Промени во: Обележи ја страницата

Се наоѓа во: Контекст мени кое се гледа со десен клик на веб страна.

Пријавувајте преводи со грешки, нејасни преводи или давајте предлози за подобри јазични решенија. Сакаме преводите на овие две апликации да станат што е можно подобри и во духот на нашиот јазик.

Луѓето кои помогнаа да се преведат овие апликации, заедно со Слободен софтвер Македонија, однапред ви се заблагодаруваат за помошта.

Како до ФФ и ТБ 1.X (каде X != 0)?

Tags: 

Одлучив вака претпразнично да изблогирам за планот за добивање на локализирана верзија на следните major верзии на ФФ и ТБ. Едно од побитните прашања е корисноста на .po фајловите кои минатиот пат ми се чинеа екстремно супер, ама сега нивната судбина ми е матна. Според некои информации иако ФФ сеуште не е во стринг фриз, сепак се прават напори промените да бидат минимални. Се надевам дека и за ТБ ситуацијата е слична. Како и да е, следново (кога-тогаш) треба да се направи:

1. Сркање на cvs на Мозила со најсвежите работи и тоа:

За ФФ:

mozilla/browser/locales/en-US

mozilla/extensions/reporter/locales/en-US

mozilla/other-licenses/branding/firefox/locales/en-US

За ФФ и ТБ:

mozilla/dom/locales/en-US

mozilla/netwerk/locales/en-US

mozilla/security/manager/locales/en-US

mozilla/toolkit/locales/en-US

За ТБ:

mozilla/editor/ui/locales/en-US

mozilla/mail/locales/en-US

mozilla/other-licenses/branding/thunderbird/locales/en-US

2. Спојување на преводите и оригиналите на ФФ и ТБ 1.0.x според истата структура. Ова важи и за направените .po датотеки и за .dtd и .properties датотеките.

3. DIFF* на en-US за 1.X и en-US за 1.0.x.

4. PATCH* на mk-MK за 1.0.x.

5. Проценка на големината на промените и проценка дали е потребна pot/po конверзија.

6. Локализација, тестирање, поправки, тестирање, поправки...

7. Качување ствари во cvs.

8. Допреведување на некои нови веб страници ако треба.

9. Чекање на билдови, bugzilla...

10. Прослава.

Можни дополнителни проблеми се сеуште непознаницата за локализација на HELP датотеките за двете (ако ги има), и наоѓање на не-po уредувач што ќе ги чита заебаните (UTF-8) стрингови во .properties датотеките (се разбира ако проценката рече дека нема потреба од .po датотеки за да се добие новиот превод).

* DIFF и PATCH најверојатно не се прават со стандардните алатки, туку со некои таму perl скрипти за оваа потреба.

Епа толку.

Конференција за локализација на слободен софтвер

Tags: 

Конференцијата заврши, и јас се вратив. Белград е убав, београѓанките исто, а организациите кои работат со слободен софтвер во поширокиот Балкан се исто така мрење како и ние. :) На почеток, презентацијата што ја зборев ја има во делот презентации, ако некој сака да ја види. Конечниот резултат од конференцијата е кревање на некоја веб страна од каде би протекла некаква регионална соработка. Ова ќе биде некоја слична иницијатива како онаа нашата од пред година и нешто, па ај да видиме дали ќе профункционира нешто.

Инаку, луѓето од Унгарија, Романија, Хрватска, Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина (словенците не дојдоа) се соочуваат со слични проблеми како и ние. Малку луѓе, слаба активност, користење на фразата „би требало да се направи“ наместо „јас ќе направам“ и слично. Се чини дека значително помалку проблеми имаат оние кои имаат интернет во нешто поголеми количини, и каде има поголемо присуство на странски фирми и нешто поразвиен пазар. Но сепак, дури и унгарците во својата фондација се бројат на една рака, а само тројца ја бркаат целата работа.

Хрватите најавија дека оној системот кој го користат за веб локализација планираат да го потсредат, да го направат да може да се локализира со што и другите луѓе би го користеле. Мада, тоа Perl скирптите ми се чинат заебани. Исто дознавме дека Дебиан на големо работи на некои алатки за локализација преку веб.

Унгарците некако највеќе ме изненадија со едно програмче што се вика s3po кое додуше го видовме само како работи во Windows. Програмчево (сеуште бета) служи за превод на документација. Работи така што од англиските документи (xml, sgml) го вчитува само текстот што е за превод и после ги снима преводите во ист или друг формат по желба, најверојатно по стандардите на The Linux Documentation Project.

Ете така. Мојата презентација е подолу.

Малку на страна. Србите да ти имале студии за cyber law. И што ли сакав уште да допишам? Ај кога ќе ми текне.

Godot

Tags: 

Скица: верзија 0.1

Алатката за развој на речник (glossary), codenamed Godot треба да биде веб базирана алатка за развој на речник со компјутерски зборови (glossary). Се изработува за потребите на проектот за македонско OpenCD кој го подготвуваат Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис.

Godot треба да овозможи дистрибуирана изработка на речник со често користени зборови во софтверот, кој ќе може да се користи за побрзо, полесно и поконзистентно локализирање на софтвер од англиски јазик на македонски јазик.

Забелешка: Практично би било софтверот да овозоможува да се започне развој на glossary во било кој јазик (UTF-8), врз основа на постоечки мостри (template) на англиски јазик.

Зошто нова алатка?

Потребата за нова алатка произлегува од тоа што во овој момент нема софтвер кој би можел да ги задоволи потребите за една ваква работа. Она што е на располагање се некои апликации за bug-tracking кои можат да послужат на некој начин, но нивната намена едноставно не е за развој на речник. Некои други алатки за веб локализација се сеуште во почетна фаза на развој и сеуште ги немаат сите потребни можности.

Сиже за Godot

Лиценца: GPL
Технологија: MySQL + Python или PHP
Платформа: Веб (работа преку прелистувач/browser)
Намена: За крајниот корисник (end user)

Поделба на улогите

Godot треба да овозможи креирање на речник во кое што ќе може да учествува секој што е заинтересиран. Затоа софтверот ќе работи со корисници кои ќе можат да се пријавуваат во системот. Ќе има 3 или 4 групи на корисници:

  • Анонимни кои ќе немаат право на пишување на страните;
  • Обични корисници кои ќе можат да коментираат, гласаат, даваат свои предлози;
  • „Лектори“ - корисници кои ќе имаат повеќе или помалку пресуден збор во одлуките за прифаќање или одбивање на соодветните преводи;
  • Администратори - корисници кои покрај претходната ќе имаат обврска и за одржување на системот.

При креирањето на корисничкиот пристап, новите корисници би можело да оставаат податоци за своите квалификации: пример ако се пријавува студент по македонски јазик, тој тоа може да го наведе во соодветно поле. Така тие информации ќе можат да се земат предвид кога ќе се оценуваат предлозите/коментарите кои тој ќе ги остава. (Забелешка: ова може да биде злоупотребено ако се оставаат лажни информации)

Обичните корисници ќе можат да гласаат за понудените предлози за превод на некој збор, и да даваат нови предлози за превод. Ова треба да се овозможи на тој начин што во делот за анкета ќе има опција за додавање на превод-збор. Обичните корисници исто така ќе можат да пишуваат коментари за тоа што мислат за некој превод, дали е добар и зошто не и слично. Обичните корисници исто така ќе можат да предлагаат нови зборови кои би се нашле во речникот.

Лекторите и администраторите ќе можат да ги отвараат, затвараат или ако е потребно да ги ре-отвараат зборовите (значи да го одредуваат нивниот статус (нови, преведени..)). Нивниот глас во анкетите ќе вреди повеќе (пример обичен корисник 1 глас, овие 3 гласа). Овие ќе бидат задолжени и за додавањето на нови зборови во речникот и преглед на предлозите од страна на корисниците.

Може да се разгледа и концептот за „карма“. Пример, обичните корисници кои значајно ќе придонесат можат да добијат нешто повисок статуст (повеќе да им вреди гласот), но без да добијат дополнителни права и обврски во администрацијата на системот или уредувањето на зборовите.

Структура на веб страницата (што ќе гледаат обичните корисници)

Забелешка: за изгледот може да се укратат некои UI трикови од GMail.

Главната страна ќе има упатство за користење на системот, место за пријавување на корисници и попис на зборови. Последното може да биде направено така што зборовите ќе бидат поделени по категории (компјутерски зборови, математички зборови, статистички зборови итн.) и потоа поделени по азбучен ред. Пример:

Компјутески зборови

А Б В Г Д Ѓ Е Ж З Ѕ И Ј К Л Љ М Н Њ О П Р С Т Ќ У Ф Х Ц Ч Џ Ш

Ваљда не голтнав некоја буква. :-) Кликањето на некоја буква (значи овие се врски) треба да води до страна која ќе ги покажува сите зборови на таа буква. Границата може да биде 40 зборови по страна. На главната страна може да има и место за пребарување.

Откако ќе се пријават корисниците на главната страна ќе добијат и опција да предложат некој збор кој би се нашол во речникот. Исто така, бидејќи претпоставуваме дека тие кои се пријавиле имаат и интерес да следат што точно се случува, може достапни да бидат и информации во посебни блокови за зборови кои се нови, затворени, најактивни, или на им кои е потребно итно внимание.

Со кликањето на некој збор се отвара страна која го прикажува зборот, описот (дали е именка, глагол... но и што значи, објаснување ако е потребно), анкетата за него, коментарите за него, неговиот статус и евентуално слични зборови со него или зборови кои на некој начин се поврзани со него. Во коментарите покрај името на корисникот се гледа и неговата улога/карма.

Дополнителни опции за обичните корисници, како поставки за тоа кои зборови (групи на зборови) би сакале да ги следат, колку зборови/коментари по страница, барања за изгубени лозинки и слично можат да се додадат.

Структура на веб страната (што дополнително ќе гледаат администраторите/лекторите)

Опции за (не)одобрување на конечен превод, затварање/отварање на дискусија/анкета. Бришење на коментари (само во случај ако се комплетно оф-топик - значи ако застрани дискусијата, но не и ако според некого се тотално глупи идеи за превод). Блок кој известува за нови предлози кои треба да се додадат во речникот.

За овој документ

Документов е напишан како заклучок од кратката, но продуктивна дискусија во недела 20.03.2005 во 17 часот. Учествуваа: Новица Наков, Дамјан Георгиевски, Арангел Ангов и Иван Стојмиров (и едно чоколадо :-)).

Мозила 1.7.5 на македонски јазик

Tags: 

Ете. XPI за последната стабилна верзија на пакетот Мозила со чија помош ќе добиете Мозила на македонски јазик. Кратко упатсво: инсталирате, Edit -> Preferences, таму избирате македонски и на крај ја рестартирате Мозилата.

Уствари веќе некое време се премислувам за тоа што да правам со преводот на Мозила, т.е. дали да продолжам да го одржувам, или да го баталам и да ги одржувам само Фајрфокс и Тандрбрд. Овој го направив за да ги мигрирам преводите од Mozilla Translator во Kbabel (т.е. PO формат).

Миграцијата ми беше потребна за да можам да го направам преводот на Тандрбрд 1.0. Сега (најверојатно) нема да морам многу да преведувам, туку само ќе ги искористам преводите од Фајрфокс и Мозила. Така, ако се оди по планот за некои 15-тина дена би имале и Тандрбирд на македонски.

Се разбира и некоја веб страничка за целава работа добро би дошла. Тоа можеби за 30-тина дена. :)

Грешките на вообичаеното место, во соодветната категорија.

OpenOffice.org 2.0 на македонски

Tags: 

Го пратив ова на листа, па си викам ај и овде, колку да ми живне блогов. :)

OOo 2.0 е (скоро) во string freeze. Од една до друга од т.н. milestone верзии пред 2.0 има само мали промени. Од секој milestone има готови POT датотеки за ОО и за help-от. Вкупниот број стрингови за двете е 52 000 (педесет и две илјади). Тоа 7+ пати повеќе од Мозила suite-от.

Проценките велат дека само ОО може да се преведе од 4 луѓе за 4 месеци, под претпоставка дека тие ќе имаат добар Glossary (нели, ние го немаме направено), и дека ќе работат само на ОО. Во наши услови јас би додал + 4 за help-от + еден месец за мрза, па така би имале ОО 2.0 на македонски за едно пет месеци ако почнеме сега.

Прашањето дали стариот превод може да се користи исто така треба да се разгледа. Стариот превод е касапница, и никој го нема одржувано од јануари 2003 кога беше маратонот. Значи треба да процениме дали ќе биде попрактично да се почне од почеток, или па да се прави rough translation на новите po датотеки.

Исто така треба да видиме дали некои фирми би го поддржале локализирањето на ОО. Први на ум ми паѓаат Неоком, бидејќи тие продаваа прилично машини со единицата на македонски, па можеби би имале интересе и од двојката. Има други фирми кои го правеле истото? Како и да е, доколку на 8 кои ќе работат 5 месеци им се плаќаат стандардните 10 000 што доаѓаат за хонорарна работа (или еве 9 000 според просечната плата во ИТ индустријата во Македонија) потребни се помеѓу 6 и 7 илјади евра.

Секако во предвид треба да се земе и правењето/надградбата на spellcheck-ерот, како и усовршување на макрото за конверзија од YUSCII во UTF-8.

Се приближува Фајрфокс 1.0 на македонски

Tags: 

После долга работа, Фајрфокс 1.0 на македонски е скоро готов. За оние кои не го пробале еве го XPI-то кое ќе го направи вашиот Фајфокс на македонски. Октако ќе го инсталирате XPI-то, треба да го стартувате Фајрфокс со опцијата: -UILocale mk-MK -contentLocale MK и тоа е тоа.

Наскоро ќе има и официјален македонски Фајрфокс билд достапен на страниците на mozilla.org. Stay tuned.

Бесконечни заебанции со Mozilla

Tags: 

Вчера се занимавав со update на преводите на производите Mozilla, поточно со новиот Firefox и Thunderbird -- и еден куп глупости! Не знам што се случува со тие jar-овите кои се за превод, не знам дали луѓето од Mozilla цело време нешто менуваат или јас цело време нешто правам погрешно... ама смачено ми е со секое издание да се заебавам со инсталирање на преводот по 100 саати.

Плус со 1.0PR одлучиле да стават само еден jar со стрингови за локализација, и тој дополнително ме изнамачи со увозот на веќе постоечкиот превод. Невидени глупости. Ќе го направат ли овој процес некогаш да работи, онака стандардно, од прва?

П.С. Денес е car free ден во Европа. Па пробајте пешки...

Словенија ја наградува својата FLOSS заедница

Tags: 

Словенечкото министерство за информациско општество (да, да, словенците имаат вакво министерство) објавува дека со вкупен фонд од 5 милиони толари (ух, не знам колку евра се ова), наградува повеќе проекти од областа на слободниот софтвер/софтверот со отворен код. Баш и не можам се да преведем од словенечки, па можете да го следите линкот и да видите што точно пишува.

Добро, ако прочепкате по документите и старите вести ќе видите дека словенците имаат и други интересни работи на оваа тема. Еве линкови, да не се мачите во барање.... еден и уште еден.

Pages