Коља има некој текст денес во Утрински (врска). Во принцип не сакам да гњавам за вавки работи на блог, ама испадна го прочитав, па нешто ми текна и така...
Вака почнува текстот:
Животот овде ни минува во чекање на подобри денови.
И потоа продолжува за тоа како сите влади имале милион причини зошто не тргала работата на поарно. (Ќе прочитате впрочем - ако ве интересира.)
Што ми беше мене зборот? Кога човек чека автобус, а автобусот никако да дојде, а човеков сака да стигне некаде, на крајот ќе види ќе не види, ќе трнге пешки, ќе фати такси, ќе стопира... зошто тоа не го прават луѓето, наместо бесконечно да ја чекаат владата?
Се сложувам, сите влади требало и треба да направат некои (помалку или повеќе) важни работи. Некои прават и глупости, наместо да прават нешто корисно и виновни се за полно работи. (Ќе се воздржам од давање примери.)
Она со што не можам да се сложам е ова чекањево. Кој се тие луѓе што цело време чекаат и зошто?
Секако, може да се обвинуваат владите (а и други фактори) за разни работи, но голем дел од проблемите во Македонија се предизвикани од... граѓаните дома и на работното место. Уништеното здравство, образование, култура, медиуми, јавни служби... не е (нити може да биде) исклучиво дело на владеачките гарнитури.
Пример, комплетно сјебаното високо образование (корупција + не во тек со остатокот од светот) нема врска со ниедна влада. Комплетно растурените амбуланти, искршени, исшкртани, валкани исто така нема врска со ниедна влада (забележете како и постари стоматолошки столови во приватни ординации изгледаат попристојно од некои понови на клиника). Доволни се овие примери ми се чини.
Ете тоа ми падна на памет и сега ми останува уште да завршам со некоја шизичка мисла како Коља кој на крајот го цитирал Конески. Еве, така послободно ќе го цитирам Вадим Левитин (еден американец кој беше дојден со албанците кога ги правевме тие работилниците):
Владата (за Владата на САД говореше Вадим) е неспособна било што да направи. Им дозволивме војна да водат, но ни тоа не знаат да го направат како што треба. Од Владата сакам само да не ми стои на патот. Тоа е се.