влада

OpenData bandwagon во Македонија и што мислам јас за тоа

Tags: 

Disclaimer: Малку знам за настанот што се одржа на 21.03.2012 г. на тема OpenData. Не ја знам целата содржина, ни тема. Читав малку на интернет и сигурно имам парцијален увид во вкупноста. Сепак, и тоа малку што го читав ме поттикна на размислување и еве што запишав патувајќи.

OpenData е hype-от на годината. [Не знам кој е најсоодветен македонски збор за hype]. Македонската влада скока на овој воз, и ми се чини дека поарно да скокне, отколку да не скокне. Ако не се приклучи сега во овие иницијативи, годината ќе ја трошиме пишувајќи за тоа како ете државата не се вклучила во водечките трендови или што знам што.

Не ја знам целата приказна зад OpenData во САД/ЕУ, иако веќе некое време ги следам граѓанските активности [ако може така да се рече, наспроти владините] поврзани со ова. Но, пред да продолжиме со OpenData, можеме да се потсетиме на друга тема што се прелеа во Македонија од западниот свет, пред сѐ заради контекст.

Пред воопшто некој да почне да зборува за Creative Commons во САД, светот, а со тоа и во Македонија, имаше неколку настани кои ги предизвикаа луѓето од САД да мислат во врска со авторските права (кон чија реформа е насочена иницијативата околу Creative Commons). Проблемот е мошне специфичен: законот за продолжување на траењето на авторските права, процесот Елдред в. Ешкрофт пред Врховниот суд на САД, книгите на Лоренс Лесиг кои надолго и нашироко ја истражуваат и дебатираат темата и неговите неуморни предавања, за конечно тука некаде пред пресудата за Елдред да биде објавена, да се лансира јавно проектот со своите лиценци.

Ова е специфичниот контекст во кој што Creative Commons се зачнаа. Целта била да се третира определено прашање од американското законодавство и начинот на кое тоа се испреплетува со културата и општеството. Македонија потоа се приклучи, горе-долу со остатокот од светот, со локализирање на лиценците и некои пропратни активности. Но, иако придонесот на Creative Commons е важен и значителен, мислам дека кај нас тој не допира некои клучни политички/правни/општествени прашања.

Моето генерално чувство за Open Data во земјава, во моментов, е исто како ова погоре. Иницијативи, акциски планови и други документи имаат малку значање, кога досегашното поведение на македонските институции не оди во прилог на тоа дека тие се подготвени суштински да се бават со прашањето за отвореноста на државните институции кон граѓаните.

На пример, буџетот на Р. Македонија е документ кој не може да се најде во никаков отворен употреблив формат. Македонската влада едно време правеше шоу со предавање на буџетот во книга со тврд повез во Собранието, но никогаш не направи напор тој да го објави во оригиналниот excel документ во кој е напишан. Excel не е отворен формат, и секако не ги задоволува строгите критериуми на отвореност, но очигледниот недостаток на напор во оваа насока не ми дава верба дека нешто реално корисно можеме да очекуваме.

Поведението на ЈП Службен весник исто така е одличен пример за отвореноста на државата кон граѓаните. Монополското јавно претпријатие е единствениот важечки извор на законски и други прописи, сепак истите никогаш не се на достап на граѓаните во моментот на објавување, макар и во вообичаениот грд и неупотреблив формат во кој се објавуваат една година подоцна.

Останатите примери кои повеќе имаат врска со слободен софтвер и отворени стандарди веќе ми е досадно да ги пишувам, бидејќи за нив е зборувано без број пати (УЈП, МПИН, Централен регистар, а сега и здравствена картичка).

Но, bandwagon како bandwagon, е убава прилика за фотографирање, понекогаш добра храна, и секако политички поени.

Затоа мислам дека нашата, на граѓаните, работа треба да биде да откриеме и притиснеме за кој тоа точно дел од отвореноста на државата, OpenData или не, ќе се прекршат важни копја и таму да биде насочен притисокот во однос на тоа што, зошто и како ќе третираат документите што треба МИОА да ги носи и потоа имплементира во однос на отворените податоци.

Играјќи си со јавните податоци

Tags: 

Трети декември е датумот кога се одржува годишниот хакатон за отворени податоци. Во основа ова е еднодневен настан што се одржува во разни градови во светот на кој хакерите се собираат со цел да создадат апликации и презентации од отворени јавни податоци. Последново се однесува на податоци кои ги прибрале различни државни служби (како на пример Завод за статстика) и кои се јавно достапни, да речеме на интернет, во формати кои овозможуваат лесно манипулирање со нив.

До сега движењето за отворени податоци има создадено неколку корисни апликации: OpenSpending со која може да се визуелизираат буџетите на локалните или државните власти, Mapit кој служи за мапирање на поштенски броеви и административни области и Open311Api кој е отворен стандард за следење на транспарентност, ефикасност и отчетност во градовите. Сигурно има и други алатки. Ова се само првите три набројани на OpenDataDay.org.

Оваа година хакатонот за отворени податоци случајно доаѓа по објавениот цртеж на Рандал Мунро, авторот на XKCD, насловен „Пари“. Иако направен помалку или повеќе шегаџиски, а секако во стилот на познатиот стрип, цртежот ги наведува сите изводи што се искористени за да се направи оваа визуелизација. Несомнено ова е уште еден добар пример за тоа што можат граѓаните да прават со јавно достапни податоци. Можеме само да шпекулираме дека сето ова е очекуван ефект од чекорот на администрацијата на Барак Обама да го стартува Data.gov и да ги направи податоците што ги собира извршната власт на САД достапни за граѓаните. Овој чекор го следеа и други земји на OECD.

Ова не е само прашање на хакерско зезање. Оправданоста на јавниот достап до државно-собраните податоци може да се објасни на повеќе начини: ако граѓаните веќе еднаш платиле за собирањето на податоците (преку даноци), тогаш сите податоци собрани на таков начин треба да бидат достапни за користење без надоместок; или, податоците што ги собираат државните институции треба да бидат достапни на увид за граѓаните да бидат поинформирани и полесно да можат да се вклучат во јавната дебата што демократските системи ја бараат; или преку увидот во податоците прибрани од државата, граѓаните можат да остварат подобра контрола над институциите на системот.

Македонските иницијативи од ваков тип се бледи. На почетокот на годинава @budgetmk твиташе информации од Буџетот на Р. Македонија за 2011 г. Во 2010 година на youtube се појави видео што ги презентира податоците за сообраќајни несреќи објавени од МВР наспорти кампањата што ја презентираше Владата на РМ за користењето на дрога и безбедноста во сообраќајот.

Дали знаете за други вакви примери во земјава? Дали има отворен извор на јавни податоци во Македонија или пак апликации изградени околу податоци кои што државата ги направила јавно достапни? Бидејќи нема овој трети декември да правиме хакатон, можеме барем да ја истражиме состојбата со отворените податоци во Македонија.

Текстот е објавен на it.com.mk: Играјќи си со јавните податоци.

Објаснување за системот на електронска здравствена картичка од гледна точка на зависност од еден понудувач

Tags: 

„Зависност од еден понудувач“ или на англиски „vendor lock-in“ е честа тема на овој блог. Уште во далечната 2005 пишував за наметнувањето на софтвер од определен производител за да може софтверот за плати да работи (ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?), а во февруари 2010 се навративме на темата преку ЦРМ (Централен регистар на Македонија == Комплетна зависност од еден понудувач).

Во врска со првиот случај, софтверот за плати, Слободен софтвер Македонија заедно со фондацијата Метаморфозис испрати допис до надлежните институции (Соопштение до медиумите за софтверот од ФПИОМ. Одговор во никогаш не добивме, а софтверот сѐ уште се користи. Во меѓувреме направивме и вики страница каде што секој може да ги прибележува ваквите примери.

Неколку ИКТ политики, стратегии и акциски планови подоцна, еве сме на истата точка, овој пат за друга електронска услуга што ја нуди извршната власт во Р. Македонија. Според (ограничените) информации што се достапни, софтверот што треба да го користат лекарите во Македонија работи само на оперативни системи на Microsoft, и тоа не на сите оперативни системи направени од овој производител. Како доказа еве слика од страницата на Фонд за здравствено осигурување на Македонија.

Секој што малку следи што се случува на пазарот на оперативни системи знае дека Windows XP повеќе не се продава, така што сите се принудени да купат верзија на Windows 7, чија професионална верзија се продава за речиси 150 евра.

Мразам да ја правам оваа математика, но ете, вие сте лекар, имате пациенти, тие имаат електронски картички, вие мора да имате читач, а имате стар компјутер на кој Windows 7 не може да работи, или користите GNU/Linux или Mac OS X или... и морате да потрошите куп пари за лиценца за Windows 7 и можеби за хардвер за тој да работи.

Најлесната споредба на зависноста од еден понудувач со не ИКТ светот е оваа: сите имаме здравствени книшки од хартија. Зависност од еден понудувач во случај со нив би бил кога лекарите би морале да користат пенкала од само еден производел за да напишат тоа што треба да напишат во здравствената книшка.

Никој не би помислил дека вакво нешто може да се протне во хартија-и-пенкало светот. Но, во дигиталниот свет сѐ е можно...

Цела плата се потроши на бендвит

Tags: 

Цела плата се потроши на бендвит

Веројатно има повеќе начини да се протолкува ова. Двата најочигледни се:

1. Конечно, во Македонија има доволно луѓе на Интернет.

2. Имале навистина мал мал bandwith limit.

Re: Топ-шоп влада

Tags: 

Мирче Јовановски во Утрински весник пишува:

Сепак, за прескокнување на информатичкиот јаз не е доволно само да се има компјутер дома. Потребно е дополнително намалување на цените на Интернетот, изработка на македонска верзија на програмите (барем на оние што најмногу се употребуваат), натамошна обука на населението...

Јас, вака задоцнето, сакам да го потсетам Мирче дека македонска верзија има од WindowsXP и MS Office, а исто така и од сиот софтвер кој се произведува во Македонија од страна на домашните компании.

Се разбира македонски верзии има и од голем број на други софтверски пакети кои се слободен софтвер. Еден нецелосен список има на викито за слободен софтвер: врска.

А натамошна обука се случува постојано на настани како Денот на слободниот софтвер и Сподели знаење. Зошто Мирче не ги известиш граѓаните за ова?

Како Македонија ја загуби својата софтверска невиност

ПрилогГолемина
HTML icon softverska_nevinost.html65.47 KB

Tags: 

Овој текст е еден прилично документарен осврт за и околу дружбата на Владата на Република Македонија и корпорацијата Мајкрософт која се случуваше од мај 2003-тата до март 2004-тата. Текстот ги бележи (скоро) сите активности од (скоро) сите актери во оваа сага, и ви дава уште едно чудо линкови како препорачана литература. Текстот е добар ресурс за сите што сакаат да знаат што се случуваше во тој период. Читајте.

(Забелешка: Заради историски и практични причини текстот е посебен html документ.)

ИКТ и развојот, некои прашања за Македонија

ПрилогГолемина
PDF icon biznis_medium.pdf61.65 KB

Tags: 

Како follow-up на мојата дипломска, а на иницијатива на мојот ментор д-р. Сашо Ќосев, во декемврискиот број (08.12.2005) на Бизнис медиум се појави текст (PDF) со наслов „Глувчето во рацете на Владата“, кој на некој начин ги сумираше поважните работи од дипломската. Бизнис медиум е весник на Стопанската комора на Македонија кој еднаш месечно излегува како прилог во Утрински весник.

Цензура на Интернет?

Tags: 

Пред пар години бев на еден состанок во OSCE со Кристијан Молер од http://osce.org/fom. Човекот си замина среќен од тој состанок бидејќи повеќе луѓе со своја историја на Интернет, секој на свој начин, кажаa дека во Македонија нема цензура на Интернет.

Дали такво нешто сега е на повидок?

Не верувам дека било која Влада може да се брчка така лесно во така осетливи прашања кои постојано се под будното око на повеќе меѓународни организации. Но, ми се чини дека ова често е еден од главните проблеми во македонската граѓанска свест. Штом некој друг пази, ние ќе се опуштиме. Ова можеби фунцкионира за некои работи, но секако ако сами не се грижиме за сопствената слобода тешко дека на другите ќе им биде многу важно тоа.

Ако сте навистина загрижени за можните импликации од текстот објавен во „Време“, напишете ги своите реакции до „Време“. E-mail пораки и записи на блог не се доволни. Напишете писма на хартија и испратете ги. Напишете доволно писма и тоа порано или подоцна ќе произведе резултати.

А, што да се прави со авто-цензурата? Штета што блогот на мечето Ушко не е под некоја слободна (или неслободна, но CC) лиценца. Така ќе можевме лесно да го спасиме од самоуништување.

Поврзана лектира: http://www.eff.org/br/.

Нема подобар пример од оној со автомобили

Tags: 

"Suppliers should give us choice. If I buy a Volkswagen car and the supplier demands that I use only Pirelli tires, I wouldn't accept it. In the software world, we all accept that the supplier limits our freedom. Software is an immature market."

Целата приказна за тоа како 10 холандски градови одлучиле да бараат отворени стандарди ја има на Newsforge: (мртва врска).

А Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис имаат заедничко соопштение во врска со веќе надолго и нашироко пишуваниот оглас (и тендер) на Владата.

Проблемите на Владиниот тендер за обуки за MS Office

Tags: 

Имам потешкотии да го најдам тендерот за обуките на Интернет. Ако се појави во меѓувреме ќе го дополнам текстов.

Еве што вели Законот за јавните набавки* (Сл.весник на Р. Македонија бр. 19/04 од 30.03.2004 година.):

Содржина на тендерската документација
Член 36

(4) Во тендерската документација набавувачот не смее дадените технички карактеристики на предметот на набавката да ги специфицира на точно одредена марка, модел или тип, потекло на производството и слично.

(5) Кога набавувачот не може во тендерската документација да го опише предметот на набавката на начин спецификациите да бидат доволно разбирливи за понудувачите, наведувањето на елементите како што се заштина марка, патент, тип или производителот мора да биде означено со зборовите „или еквивалентно“.

А од друга страна, еве што вели Националната стратегија за развој на информатичко општество на својата 58 страница, во пиларот 2.6 Е-граѓани:

Потребно е да се поддржи употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен кoд како јавно добро кое е достапно за сите граѓани особено преку правото на избор на платформа во формалното и неформалното ИКТ-образование.

* Законот на страницата на Министерството за финансии е во YUSCII (па морав да го пречукам). Законот пак на онаа pravo.org.mk е во некое заштитено PDF од кое што не може да се копира текст. Ај може некогаш ќе им текне дека сите закони, подзакони и сл. (бидејќи се во јавен домен) треба да ги има на едно централно место обезбедено/одржувано од Владата/Собранието каде што сите граѓани ќе имаат пристап до нив.

Што кажува огласот на Владата на РМ за бесплатните обуки за MS Office

Tags: 

Основниот аргумент против одлуката на Владата на РМ бесплатната компјутерска обука која е дел од кампањата „Македонија - земја на информатичари“ е тоа дека Владата не може за една ваква обука да одбере софтверски пакет од еден производител и да одлучи со него да ја спроведе обуката. Нема да навлегувам во објаснувања зошто е тоа проблематично. Наместо тоа ќе се занимавам со еден пример.

Да речеме дека (слично како што вели огласот) денталната хигиена во земјава не е на завидно ниво. Затоа Владата одлучила да направи кампања за луѓето почесто да си ги мијат забите, но и да научат како се прави тоа правилно. За таа цел Владата одлучила да спроведе обуки на кои луѓето ќе се обучат да користат Colgate пасти и четкици за заби.

Ако вакво нешто да се појави во новини, ќе скокнат сите можни субјекти во Македонија кои имаат нешто да кажат за било што. Зошто се одбрал Colgate, па што ако е најпопуларен, чива тетка била увозник на големо за пастите, кој е главен дистрибутер и со која марка комбиња вози низ град...

И видете, тоа се сосема легитимни прашања бидејќи Владата не може едноставно да одлучи дека со парите на граѓаните ќе промовира некаков и нечив производ. Така огласот за кампањата за денталната хигиена веројатно би изгледал скоро исто како замислениот текст погоре, само тоа Colgate би се избришало.

Проблематичниот избор на канцелариски пакет на страна (сите ќе пишуваме уште за тоа), до сега Владата беше критикувана од премногу луѓе дека пука ќорци. Во делот за ИКТ GoodBytes веќе пишуваше за бесплатниот dial-up. Последниов чекор, овој за бесплатните обуки, исто така ми се чини ќе биде утка.

Зошто?

1. Кампањата е со наслов „Македонија - земја на информатичари“.

Ми се чини под информатичари се подразбираат некакви стручни лица. На стручни лица во основа не им требаат основни курсеви за канцелариско работење. Ако треба да станеме земја на информатичари, веројатно потребни се други курсеви.

2. Компјутерската писменост е на ниско ниво.

Јас не знам ниту еден човек кој што нема основни познавања од Word и Excel (како да напише текст, па Bold, Italic, па Enter, Enter, нов ред и сл. а кој што има компјутер. Па дури и самиот оглас констатира дека „неписменоста“ се должи на неможноста да се купат компјутери. Сепак Владата одлучила да дава обуки. Каде е логиката тука? Ако човек нема компјутер дома брзите обуки од Владата ќе му траат не повеќе од 5 дена. Ако има компјутер дома, вакви обуки веројатно и не му требаат.

3. Ќе се делат дипломи!

И тие веројатно нема да имаат никакво значење ако се зема за точно тврдењето на голем број IT фирми дека факултетските дипломи не им значат многу кога вработуваат нови вработени, туку прво ги ценат нивните вештини. Така сигурно смешна ќе биде ситуацијата кога некој посетител на курсот после 6 месеци доаѓа на интервју, го примаат на работа и седнува да работи, а тој веќе не ни знае кај се вклучува Word-от.

Ете тоа може да се прочита од огласот на Владата, се разбира ако човек ги игнорира печатните грешки.

Слични текстови:
Мора ли обука за Microsoft Office? на GoodBytes,
Знај да направиш разлика на Игор Стаматовски.

Интернет не е дел од MS Office

Tags: 

Пред да почнеме да ја напаѓаме Владата на РМ (а ќе почнеме сигурно) за нејзиниот непромислен потег да нуди бесплатни курсеви за MS Office, морам да ја закачам сликата од огласот:

Ако добро забележувате во набројувањето за тоа што вклучува пакетот MS Office стои и Интернет. Можеби некој прво треба да им објасни на луѓето во Владата дека Интернет не е дел од MS Office.

ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?

Tags: 

Вчера (10.12.2005) на едукативната сесија на саем, како претставник на Слободен софтвер Македонија, зборував за замките на неслободниот софтвер за замките на неслободниот софтвер. Ја споменав и Националната стратегија за информатичко општество. Таа, уште на почетокот, во препораките за развој на информатичко општество чита:

За да можат граѓаните на Република Македонија да бидат чинители на информатичкото општество потребно е градење на кохерентни политики за да можат сите сектори да нудат е-услуги коишто ќе бидат унифицирани, стандардизирани, едноставни за користење, независни од софтверска платформа, достапни за сите граѓани без оглед на нивната локација и нивниот социјален статус, имајќи ги предвид потребите на граѓаните, а со помош на ИКТ-алатките граѓаните да партиципираат во целокупните општествени процеси, како и во процесот на донесување на одлуките на локално и на национално ниво.

Гледате: независни од софтверска платформа! Фондот за ПИОМ нуди некоја си е-услуга, дел од е-влада или не знам што. Услугата е софтвер за МППП.

Ќе видите дека овој софтвер не е независен од софтверската платформа. За да работи потребен му е Microsoft Windows 98 SE или понов и .NET Framework. Дали работи со Mono? Секако дека не. Па, што да правиме сега?

Да речеме имам фирма која мора според закон да доставува извештаи за МППП во електронска форма. (Искрено и ова ми е спорно. Не ми е јасно зошто да ме условува некој да ги доставувам податоците во електронска форма, кога можам на хартија. Значи мислам дека и овде треба да имам избор.)

Доставувањето во електронска форма во случајот на ФПИОМ и Р. Македонија значи дека јас немам право на избор. Јас не можам да одлучам каква софтверска платформа ќе користам. Можеби сакам да си користам Ubuntu или Mandriva, или можеби сум посветен корисник на Apple Mac OSX. Тоа не значи ништо. Морам да купам лиценца за Windows XP home (тоа е најевтиното што се продава во нашиве дуќани), за да можам да ги исполнувам задолжителните законски обврски во државава. Значи, трошоците ќе ми се зголемат, а јас не сакам. Сакам бесплатна лиценца за MS Windows XP.

Претпоставувам дека има некоја законска одредба која забранува вакви условувања од државата. Знам дека на времето, во лошиот социјализам, државата имала право да наложи што и од каде да се купува. Немало пазар, се било плански, бла, бла, бла. Во нашава, сега пазарна економија, државата пак сака да ме тера да користам нешто. Пазар бе.

Претпоставувам дека има и некоја законска одредба која забранува потпишување на договори против волјата на една од странките. Ова е многу поважно, ексик нека се парите. При инсталација на Microsoft Windows XP се појавува едно прозорче исполнето со End User License Agreement. Популарната EULA не е само лиценца. Тоа е нешто повеќе како договор кој што корисникот го склучува со производителот на софтверот, во овој случај Microsoft. Microsoft на крајот на EULA напишал дека ако не се сложувам со условите пропишани во неа можам да го вратам производот назад и да си ги добијам парите назад. Јас не се сложувам со EULA. Едноставно не сакам да го потпишам тој договор. Мислам дека ќе биде штетен за мене и мојата фирма. Смее ли некој (па макар тоа бил ФПИОМ?!?) да ме принудува да потпишам договор за кој сметам дека не е во мој интерес?

Се обидов да добијам одговор на прашањето што да правам ако не користам MS Windows. На веб страницата на ФПИОМ поставив прашање пред една недела на кое што сѐ уште нема одоговор. На телефонскиот број за поддршка (15215) љубезната* девојка не можеше ништо посебно да ми каже освен дека на сесиите за информирање било речено дека оние кои не можат да се снајдат треба да си најдат програмери кои ќе им завршат работа и дека за повеќе информации треба да го барам Атанас од ИКТ секторот на фондот. Го барав и Атанас, ама не успеав да го добијам.

Епа тоа. Стратегијата уште не заживеала, а веќе е сериозно поткопана. Е-не може вака!

* Да, во принцип се љубезни ваквите специјализирани служби во државава. Само една работа ме мачи. Разговорот најчесто почнува: „па дечко види вака...“, за кога ќе стане посериозно да се смени: „господине тоа можете да го видите...“. Надвор од темата, ама можеби погодно за некој друг текст.

ПС. Слободен софтвер Македонија има потреба од правен советник. Бараме некој човек што е заинтересиран за прашања поврзани со вакви работи, а кој сака некој дел од слободното време волонтерски да го посвети на промовирање на слободата во работата со компјутерите.

Јавни набавки

Tags: 

Сурфам по Интернет во потрага на некои информации за тендерот за софтвер за ПИОМ што е дел од реформата на пензискиот систем во Македонија. (Можеби ќе пишам нешто повеќе за ова подоцна.)

Сега само (дел од) слика од пребарувањето на Google:

Патем, некој да не има дигитална верзија од изданијата на Службен весник и да е волен да пребара за тој тендер?

Зошто има (C) знакчиња на дното на страниците на државните/владините институции?

Tags: 

Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ 47/96) вели:

Член 5

Како авторско дело во смисла на овој закон, не се смета: идеја, концепција, отркитие, службен текст од законодавна, извршна и судска област и нивен превод, кога е објавен како службен текст (во натамошниот текст: друго дело).

Сурфам значи јас така на ujp.gov.mk и на piom.com.mk, па одам и на vlada.mk и секаде гледам по едно (C). Сега, јас не сум правник, ама колку ми се чини дека овие се од извршнава област и на своите веб страници објавуваат службени текстови.

Веројатно и програмите кои ги снабдуваат истиве т.е. нивниот изворен код се вбројува во службени текстови.

Ама кој следи закони деновиве (годиниве?).

Леб и игри!

Tags: 

Си сурфам јас така прееска по каналите, благо нервозен заради информацијата од мојот кабелски оператор дека баш до мојата улица не стигнал уште Интернет, и ми тенува дека никогаш не одам повеќе од 38 канал.

На 38 ми е Eurosport, а пред него ми се сите други битни ствари, вклучувајќи го тука и Пинк. Така скоро никогаш не стигнувам до 51 каде што се наоѓа Собранискиот канал. Еве, утре да им текне да го скинат, ич нема да ми биде криво - живи и здрави нека се Mythbusters. Значи телевизијата (пред сѐ!) е за забава. Каква поента.

За сите оние кои мислат дека пар Владини услуги достапни на Интернет ќе ги зголемат корисниците на Интернет во земјава им ја пренесувам пораката дека Интернет исто така (пред се) е за забава. Каква новост.

Е-грип

Tags: 

Пред некој ден пратив порака до Министерството за здравство на Р. Македонија. Имаат некоја форма за тоа на нивната веб страница. Пратив најобично прашање за овој птичјиов грип... тоа е тоа, загрижен сум, комшијата чува куп гулаби кои летаат таму-ваму, па можеби можат да закачат некој H5N1...

И еве, неколку дена потоа, сеуште немам добиено одговор. А само некои работи за е-влада слушам, па не знам каков пристап до информации. Тоа.

Каде е македонскиот Windows XP?

Tags: 

Точка 2 од активностите кои Microsoft се обврзува да ги превземе со потпишаниот договор вели:

2. Ќе започне со развој на верзии на Windows XP и Office XP локализирани на македонски јазик, веднаш по потпишувањето на овој договор. Windows XP ќе биде локализиран до 01.07.2004, а Office XP до крајот на календарската 2004 година. Microsoft ќе обезбеди Macedonian Language Interface Packs за сите нови верзии на наведените производи во текот на времетрањето на овој Договор.

Епа, денеска е 12 јули. Точно 12 дена после 01.07 кога требаше да се појави локализираниот Windows XP, а него го нема. Нема воопшто никакви новости за тоа до каде е преводот. А медиумите и Владата се преокупирани со децентрализацијата.

Каде е македонскиот Windows XP?