Имам едно искрено прашање: што ако договорот на Владата со Мајкрософт беше планиран да биде големиот успех на оваа наша 15 септемвриска власт?
Навистина, не звучи лошо – повеќе милионски договор со најголемата корпорација на светот, најави за инвестиции и за крај на пиратеријата. Секако на оваа слика и фали малку реалност. Во Македонија, во времето кога Владата можеби ја добила оваа идеја, веќе постоеше организација која активно работи на полето на софтверот – и тоа на полето на слободниот софтвер. Што е тоа се прашувате? Тоа е реалноста.
Ако сте ја следеле оваа наша, скоро едногодишна, софтверска сага, тогаш нема да прочитате скоро ништо ново во овој текст. Веќе сите работи се добро документирани. Добро, има две или три работи, но и без текстов, сигурно сами ќе дојдевте до слични мисли.
Ако не сте ја следеле, тогаш ова вистинското место за вас. Текстов ги бележи (скоро) сите активности од (скоро) сите актери во оваа сага, и ви дава уште едно чудо линкови како препорачана литература. Ако сакате да знаете што се случуваше и кога, тогаш тука се одговорите. Но, ако сакате да знаете зошто, тогаш ќе мора некој одговор да побарате и од Владата на Република Македонија.
Како и да е, текстов е добар ресурс за секој заинтересиран читател. Уживајте, и инсталирајте GNU/Linux.
Доаѓањето на Мајкрософт1 во Македонија, и неговата соработка со Владата2 на Република Македонија беше најавено на мајкрософтовата конференција „Визија“3 кон крајот на месецот мај во 2003-тата година. Во тоа време Слободен Софтвер Македонија4 (ОССМ) веќе имаше зад себе еден успешен преведувачки маратон5. Производ беше локализацијата на канцеларискиот пакет OpenOffice.org6. Следниот маратон беше на повидок.
Уште тогаш луѓето од организацијата се запрашаа за информатичката иднина на нашата земја. Но, доаѓаше летото. Договорот немаше шанси да се случи пред септември. И навистина не се случи. Само беа потврдени претходните најави. На 2-ри јули, претставникот на Мајкрософт во Македонија, Илијанчо Гаговски, во Утрински весник зборуваше како TCO (Total Cost of Ownership – вкупни трошоци за сопственост) биле помали за производите на Мајкрософт, отколку оние, како што тој ќе рече, за „бесплатните“ ситеми7.
Летото донесе новости. Во август, весникот „Дневник“ се појави со текст на тема „стратегиско партнерство“8. ОССМ одлучи да реагира додека е време.
Соопштението до јавноста9 кое ОССМ го испрати со цел да информира за штетноста на еден ексклузивен стратешки договор со Мајкрософт се појави на 2-ри септември 2003-тата година. Соопштението беше испратено до сите медиуми. Неговиот одзив во јавноста беше скоро никаков. Делови од текстот се појавија само во неделникот „Капитал“10.
Истовремено ОССМ испрати апел за помош до меѓународната FLOSS (free/libre open source software) заедница. На ова се одзва Џон Хол, претседателот на Linux international11, непрофитна организација која работи на промовирање на Linux. Писмото12 од Џон Хол стигна во Македонија на 4-ти септември 2003 година и истото беше испратено до Претседателот на Републиката, до Претседателот на Собранието, до пратеничките групи, и до Владата на Република Македонија. Ова исто така наиде на минорен одзив. Некои од поентите во писмото невешто беа искористени во пратеничкото прашање кое пратеничката Силвана Бонева го испрати до Владата, на кое исто така невешт одговор даде вицепремиерката Радмила Шекеринска.
По скоро едномесечна неактивност, на 1-ви октомври 2003-тата во Утрински Весник се појави текст со наслов „Владата го одбра Мајкрософт, слободните софтверџии незадоволни“13. Благодарение на луѓето од RealityMacedonia кои го преведеоа14 текстот, оваа вест стигна и до светот. Веста се појави на LinuxToday15.
Веќе следниот ден се појави најавата за „брзи преговори со Мајкрософт“16. Се велеше и дека договорот нема да се случи се додека не се утврди колку точно компјутери има Владата. Сепак договорот се случи, а јавноста не дозна со каква се компјутерска опрема располага Владата, нити пак што точно таа купи.
На 10-ти октомври 2003-тата со текст полн со неточни информации се појави и неделникот „Зум“17. Сите овие изјави беа коментирани од страна на ОССМ.
Писмото на намери18 на Владата и Мајкрософт, се појави во јавноста на 14-ти октомври 2003-тата – скоро месец и половина по објавувањето на соопштението на ОССМ. Владата ги игнорираше барањата на ОССМ и ова писмо не го испрати до организацијата иако ОССМ тоа повеќепати го побара. Уште повеќе, постоеја шпекулации дека писмото е потпишано многу порано, но и покрај заложбите за транспарентост, не се појавило веднаш.
До овој момент слободен софтвер заедницата на македонските компјутерски корисници, покрај канцелариски пакет на македонски јазик, им ги подари најновите верзии на Mozilla19 Firefox – тогаш под името Firebird, и Thunderbird (апликации за сурфање на интернет, e-mail и usenet) на македонски јазик, како и KDE (KDE20 e декстоп околина за GNU/Linux) дистрибуција21 на македонски јазик.
Ова значи дека доколку Владата во тој момент се одлучеше за GNU/Linux, нејзините службеници веднаш ќе можеа да користат лесен и безбеден оперативен ситем кој скоро целосно е преведен на македонски јазик.
Ноември помина вообичаено. Владата и Мајкрософт се бранеа меѓусебно по весниците. Од никаде се појави нова веб страна22 на Комисијата за информатичка технологија. Аматерската трибина23 на темата „Мајкрософт и слободниот софтвер“ доби поголемо медиумско внимание од сите текстови24, соопштенија, и што уште не, на ОССМ. Впрочем, ОССМ не ни доби некакво медиумско внимание.
Сепак во овој месец Владата конечно се одзва на ОССМ. Состанокот со г-ѓицата Шекеринска беше закажан за 28-ми ноември 2003-тата. Она што се знаеше во тој момент беше дека договорот неизбежно ќе се потпише. Претставниците на ОССМ со добри намери отидоа во Владата. Беа конструктивни и дадоа илјадници предлози. Ништо не беше прифатено и покрај добрите зборови. После состанокот ОССМ излезе со писмо со препораки25 до Владата. Владата излезе со соопштение дека договорот ќе биде потпишан26.
Договорот се потпиша на 3-ти декември 2003-тата. Мајкрософт изигра стандардно – подари лиценци во образованието27. Владата велеше дека направила одлична зделка. Истиот ден, претставници на ОССМ и на други НВО-а од Македонија разговараа со г-динот Горан Радман, регионален директор во Мајкрософт. Набрзо потоа договорот исчезна од јавниот простор. Излегоа поважни теми. ОССМ се обидуваше да го добие целиот текст од договорот, во што не успеа во целост. Медиумите заборавија што беше договорот, и Мајкрософт, и компјутерите, и софтверот... Единствен претставник од нивното друштво кој, и сеуште, достоинствено ја обработува оваа тема беше/е „Форум“28.
Тука вреди да се спомене и политичката игра на ВМРО-ДПМНЕ кој со некакво задоцнување почна да го критикува29 договорот на Владата. Владата одговори стандардно – со контра критики30. Се појавија и изјави од членови на семејството на Мајкрософт во Македонија. Тие велеа дека политизирањето на договорт ја кочи легализацијата на софтверот31.
Конечно на сцената се појави и Анти-корупциската комисија. Таа го оцени договорот како нетранспарентен и штетен32. Владата одговори дека не е така33. Ова се случува деновиве – март, 2004-тата.
Ако Владата се одлучеше наместо да потроши 4 милиони долари на софтвер, да ги потроши истите пари за да купи автомобили, новинарите ќе се нафрлеа на приказната како гладни волци. Уште повеќе ќе беше така, ако Владата, во овој замислен пример, одлучеше тоа купување да го направи без тендер, и притоа да не наведе на што точно ги потрошила парите од даноци, туку да изјави дека купила толку и толку автомобили. Но, Владата не купуваше автомобили. Штета.
Во ред, признаваме (патем и тие самите треба да признаат) – новинарите не се баш и некои експерти за софтвер. Софтверот е прилично нова тема во Македонија. Тие не знаеле што да пишуваат, не знаеле што да прашаат. Но она што е чудно, е тоа што не ни сакаа да научат. ОССМ постојано испраќаше информации до новинарите, се нудеше да даде интервјуа итн. Одзивот од другата страна беше скоро никаков. Одлучија да не ѝ обрнуваат внимание на ОССМ, која излегува со аргументи, со документи, со анализи и странски искуства.
А сепак, често имаше место за добро средени интервјуа34 со претставниците на Мајкрософт, преку кои тие лесно добиваа бесплатна реклама.
Новинарите не си ја завршија својата работа. Тоа е неспорно. Договорот кој Владата го потпиша со Мајкрософт не смееше да се случи без претходно новинарите добро да ја протресат оваа тема. Прашањата на кои сеуште нема одговори (а кои дефинитивно се новинарски прашања, во услови кога Владата не е доволно совесна сама да излезе со информации) се следниве:
Колку компјутери има Владата?
Колку од тие компјутери сеуште можат активно да се користат т.е. колку од нив се застарени?
Колку компјутери се brand-name компјутери: произведени од IBM, HP, Compaq?
Колку од тие компјутери се десктоп компјутери, а колку од нив се сервери?
За колку компјутери се купуваат лиценци за оперативен систем?
Колку лиценци треба да се купат во случај серверите да работат на оперативен систем на Мајкрософт?
Дали лиценците од Мајкрософт за новите оперативни системи ќе значат и потреба за купување нов хардвер?
Кои сѐ апликации ги користат државните службеници?
Дали се разгледани други опции кои постојат на пазарот?
По кои критериуми е избрано тоа што е избрано?
И така натаму... можам да продолжам со уште триесетина прашања. Но имам само едно прашање за новинарите: Зошто не си ја работевте вашата работа?
Поканата за средба од Владата на Република Македонија до Невладината организација Слободен Софтвер Македонија пристигна на 27 ноември 2003-тата година. Средбата се одржа следниот ден.
Претставниците на ОССМ стигнаа на средбата со позитивен став, со мислата дека сега, тука, ќе помогнат нешто добро да се случи во нивната земја. За жал, тие од другата страна на масата не мислеа така. Секако главната препорака на ОССМ беше (и сеуште е) дека целиот јавен сектор во земјава треба да се префрли на слободен софтвер. И секако ова не е лесна операција. Не се прави во еден ден – можеби би требало и цела година, но придобивките би биле огромни. Разговорот одеше отприлика вака:
Може ли да пробаме со чекор-по-чекор стратегија?, прашаа од ОССМ. Знаеме дека наеднаш не може сѐ да се смени. Што велите да почнеме со серверите, да ставиме таму GNU/Linux?
Не може, рекоа од Владата. Компјутерската мрежа на Владата е премногу сложена. Претставниците од ОССМ се зачудија, колку може да биде сложена една компјутерска мрежа? Зар тоа не се компјутери поврзани со кабли? Нејсе, одиме со другиот предлог. Што велите место мајкрософтовиот офис, да се користи OpenOffice.org? Тој е одлична замена на мајкрософтовиот офис, и е бесплатен, и уште повеќе, преведен е на македонски јазик. А и неговата инсталација на Windows машини не е сложена работа.
Не може, рекоа од Владата. Службениците се навикнати на едни програми, не можеме да ги менуваме, ќе се закочи работата. Претставниците од ОССМ поставија уште едно конечно прашање: Дали се сложувате дека, врз основа на презентираните аргументи и светските искуства, Македонија има иднина со слободниот софтвер и дека некако тој мора да се најде на агендата на Владата?
Се сложуваме рекоа од Владата. Ние токму тоа и го мислевме. Штом ќе заврши целата работа околу договорот со Мајкрософт, ќе ве повикаме, ќе се договориме во кои институции можат да започнат пилот проекти за користење на слободен софтвер. Исто така, ќе ве поканиме активно да се вклучите во работата на Комисијата за информатичка технологија.
Така заврши разговорот во Владата. Таму, и покрај најавените добри намери, претставниците на Владата заборавија да им кажат на претсавниците на ОССМ нешто што тие веќе го знаеја – дека договорот со Мајкрософт ќе се потпише следната недела. Патем, со сигурност можам да ви кажам, дека поканите за соработка кои Владата ги најави на таа средба, сеуште не се стигнати до ОССМ.
Во целиот овој период Владата на Република Македонија ниту еднаш не излезе со изјава која навистина ќе го објасни овој нејзин потег. Сите приложени аргументи беа лабави, некои од нив дури и понижувачки за информираниот граѓанин. Повеќето изјави на Владата веќе се искоментирани во Октомвриските документи35. Во текстов сакам да кажам уште по нешто за неколку работи.
Најмизерното оправдување кое го даде Владата, е тоа дека производите на Мајкрософт мора да се користат, заради тоа што службениците се навикнале да работат на такви производи и секаква промена би ја закочила работата која тие ја вршат. Да видиме кон што води една ваква изјава:
Оптимистичката варијанта која лесно ја побива оваа изјава од Владата е дека Владата со оваа изјава ги навредува вработените во јавните служби. Зарем тие луѓе таму се толку глупави што нема да можат да се снајдат ако некој преку ноќ место Мајкрософт офис им инсталира OpenOffice.org? Па ајде ви се молам, ако зборуваме за англиската верзија тогаш, менијата имаат исти имиња, опциите во најголема мера се поклопуваат. Сепак може да се користи и македонската верзија. Зарем тоа нема да биде полесно? Се разбира тука се и иконките кои многу наликуваат на оние мајкрософтовите.
Секако, сега некој може да рече, дека вработените во јавните служби се до тоа дереже и дека не се разбираат многу-многу. Но тогаш тоа е само нивен проблем, не е мој, ниту на другите даночни обврзници. Ако Владата може да заштеди 2 милиони долари од некупување на лиценци за Мајкрософт офис, тогаш таа треба да го направи тоа. Парите што сакала да ги троши може да ги пренасочи во инвестиции. А луѓето што не можат да се снајдат да ги пренасочи на улица. И додека е таму, сигурно ќе најде замени кои ќе бидат пресреќни, за редовна плата, да научат да работат во OpenOffice.org.
Последната варијатна е дека некои таму закоравени бирократи ќе кренат бунт, ќе викнат, кој сте па вие да ми го менувате Вордот мене. И нема да работат. Овој можен проблем повторно не е мој, а ниту е на другите даночни обврзници. За ваквите пркосења решението повторно e улицата. Во Македонија има изобилство на луѓе кои за сигурно работно место и редовна плата ќе научат да администрираат мрежа од нула, а камоли да куцаат во некој си таму канцелариски пакет.
На 27-ми ноември 2003-тата година, во сандачето на ОССМ стигна уште една покана. Агенцијата Publicis36 во име на својот клиент Microsoft Corporation, покани неколку претставници на ОССМ на средба која беше планирана да се одржи на 3-ти декември 2003-тата, во 13:45 во хотелот Александар Палас. Она што ОССМ го дозна од оваа покана беше тоа дека состанокот ќе биде со г-динот Горан Радман и дека ќе има и претставници од други невладини организации.
Преписката исто откри дека во Македонија покрај Горан Радман, доаѓа и Жан Филип Куртоа. 2 и 2 се 4 – договорот ќе биде потпишан на 3-ти, заклучија во ОССМ, и ја прифатија поканата.
Средбата беше вообичаена размена на мислења37, без никакво посебно значење. За повеќето прашања кои беа од интерес за претсавниците на ОССМ, одговорот беше: прашајте ја вашата Влада. На крај домаќините им подарија на гостите тефтерчиња и пенкалца со логото на Мајкрософт. Набрзо потоа високите претсавници на Мајкрософт си заминаа од земјава. Ќе се вратат за 4 години.
Уште едно прашање постојано се појавува во јавноста. Прашањето дали Мајкрософт е монопол. Вреди ли вооптшо да се дебатира на оваа тема? Јасно е дека Мајкрософт е монопол во некои сегменти на софтверскиот пазар (пр. десктоп оперативни системи), во некои не е (пр. апликации за мултимедија). Сега, секој што барем малку читал основи на економијата знае дека да се биде монопол не е лошо. Никој не го обвинува Мајкрософт заради тоа што е монопол. Го обвинуваат заради тоа што тој се обидува да ја искористи својата монополска позиција на еден пазар да за ја задуши конкуренцијата на друг пазар, и, и таму да стане монопол. Го обвинуваат (впрочем и го најдоа виновен) дека ја злоупотребува својата монополска позиција. Тоа е токму и поентата на одлуката38 на Европската Комисија која деновиве го казни Мајкрософт со 613 милиони долари и му даде рокови од 90 и 120 дена за да ги спроведе дополнителните одлуки за отстранување на Windows Media player-от од оперативните системи и за откривање на документацијата за интефејсите за работа на Windows серверите, за не-Windows серверите да можат да постигнат полна интероперабилност со нив, соодветно.
Кога Владата вели дека договорот39 што го склучила со Мајкрософт не е монополски, таа е во право. Знаете зошто? На Мајкрософт не му треба договор за да оствари монополска позиција на пазарот. Всушност Мајкрософт веќе има остварено монополска позиција на пазарот на десктоп оперативни системи кај нас, исто како и во поголемиот дел на светот. Скоро сите компјутерски корисници во Македонија со својата нова кутија добиваат инсталиран Windows. Договорот кој Владата го склучила со Мајкрософт сепак е многу полош, одошто што може да биде еден монополски договор. Тој договор му вели на Мајкрософт дека во Македонија е океј да се биде монопол кој ја злоупотребува својата моќ на сметка на корисниците.
Мора да биде недвосмислено јасно дека ваквото однесување на Влада на земја која аспирира да стане членка на Европската Унија е недораснато. Зар ние ќе им простиме на оние кои ЕУ ги казнува? Сега македонската Влада треба да го побара од Мајкрософт истото она што од Мајкрософт го бара Европската Унија. Не за да се искупи за претходните грешки, туку заради тоа што тоа ѝ е работа.
Тука преостанува уште да го разгледаме прашањето како Мајкрософт се здобил со монополска позиција на пазарот на десктоп оперативните системи во Македонија. Ова прашање треба да биде од особен интерес на монополската управа во Македонија. Мајкрософт од одамна има некакви свои претставници, соработници, или партнери во Македонија. Тоа пред сѐ е фирмата Логин Системи40, чиј статус во семејството на Мајкрософт еволуира низ времето. Бидејќи немам точни податоци од кога Логин Системи соработуваат со Мајкрософт и каква точно била нивната соработка, сега ќе се занимаваме со еден замислен пример.
Да претпоставиме дека во 1998-мата година Логин Системи биле дистрибутери на Мајкрософт во Македонија. Тогаш тие во името на своите бизнис интереси, а во согласност со Законот за авторски права и Кривичниот Закон41 на Република Македонија можеле да побараат сите компјутери да одат со лиценцирани верзии на оперативниот систем Windows 98. Исто така, можеле да се погрижат во компјутерските продавници корисниците да можат да купат MS Office заедно со лиценца. Можеле, но не го направиле тоа. Прашањето кое треба да ја заинтересира монопоската управа е: зошто не го направиле тоа што би им било од очигледен интерес? Одговорот кој сам се наметнува е следниов: за да остварат уште поголеми користи во иднината.
Дали вакво нешто навистина било планирано? Дајте им на луѓето софтвер по dumping цени, навлечете ги да го користат, натерајте ги да го базираат целиот свој бизнис на ваши платформи. Потоа, неколку години подоцна речете дека сето тоа е пиратерија и барајте си го вашиот данок, и минат, но и иден. Дали ова е возможно? Па кога станува збор за Мајкрософт, што е тоа што не е возможно? Ова прашање бара многу повеќе внимание. Монополската управа треба да ги засука ракавите.
ВМРО-ДПМНЕ42, како најголема опозициска партија се вклучи во оваа софтверска сага со извесно задоцнување. Иако неговата пратеничка Силвана Бонева прашањата до Владата за Мајкрософт ги упатуваше уште од септември 2003-тата, ВМРО-ДПМНЕ почна со полна пара да труби многу подоцна.
На Владата не ѝ требаше долго да одговори на обвинувањата. Одговорот беше брз и исто така со обвинување. Македонската јавност дозна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ потпишала договор43 за купување на лиценци од Логин Системи по цена за лиценца поголема од онаа која сега ја плати оваа Влада.
Дали Владата мислеше дека оваа изјава, ова откритие, чудесно ќе ги поправи работите? Секако дека нема. Не се станува добар само со тоа што ќе посочиш дека има некој кој е полош од тебе. Затоа овие пресконферециски спектакли треба да останат само тоа – спектакли. Тие немаат врска со реалноста. И двата договора се лоши. И двете Влади тргнале по ореви на пазар, ама (намерно или ненамерно) не се снашле, и таму трговците им тутнале желади место ореви. Сега вторава бара аплаузи бидејќи подобро се испазарила -- ги земала поефтино. Не може така. Доста е!
Понатаму, скоро сум уверен дека и ВМРО-ДПМНЕ доколку беше на власт ќе склучеше ваков договор со Мајкрософт. СДСМ44 од опозицја ќе викаше дека е штетен и дека роднината на некој таму има акции во таа и таа фирма. Работите не се сменети. Политичките играчи сеуште се мали деца кои не можат да се соочат со одговорноста која ја презеле и кои не сакаат да ги сносат последиците од своите акции.
Изјавите дека анти-корупциската комисија се вклучува во предизборната кампања само заради тоа што таа си ја работи својата работа, се исто дел од ваквите спектакли. Анти-корупциската комисија одамна го најави45 испитувањето на договорот и нивиот извештај се очекуваше. Ех, штета што сега во сред кампања ќе треба да се одговара прашање повеќе, но како што вели поговорката – што си дробел, тоа ќе си сркаш.
Конечно, и изјавите на членовите на семејството на Мајкрософт за тоа дека политизирањето на договорот го кочи легализирањето на софтверот помеѓу фирмите кориснички, се дел од ваквите спектакли. Легализирањето на софтверот го кочи македонската пропадната економија во која нема долар повеќе за лиценци, уште повеќе во услови кога тие што треба да го дадат тој долар тешко разбираат за што тоа станува збор т.е. што е тоа што треба да се плати. Патем, она што дава дополнителни примеси на шоу во овие изјави е тоа што истите немаат никаква врска со предочената тема – зборуваме за користењето на софтвер во јавниот сектор, а не во приватниот.
Товарот кој на себе го носи оваа 15 септемвриска Влада, Владата која го потпиша договорот со Мајкрософт, е голем. Оваа Влада вети дека ќе биде поинаку. Затоа таа треба да ги засука ракавите и сериозно да почне да работи.
Во последниве денови се појавија изјави за тоа дека Мајкрософт не е монопол истоврмено со вестите дека ЕУ го казнува за злоупотреба на својата монополска позиција, изјави за тоа дека во слободниот софтвер нема авторски права кои се предмет на заштита. Претходно, пред потпишувањето на договорот имаше тони слични изјави. Владата не може, не смее, да си дозволи вакви несериозни испади на своите високи функционери.
Навистина е смешно да се прочитаат вакви изјави од луѓето кои имаат толку важни задачи. Не може вицепремиерката задолжена за европски интеграции да им каже на новинарите дека Мајкрософт не е монопол, кога токму ЕУ го казнува. Или вицепремиерката не знаела за таа одлука на ЕУ, или пак ја игнорирала за да даде изјава каква што дала. Во двата случаја тоа е лошо. Истото важи и за претседателот на КИТ. Не може креаторот на македонската информатичка иднина да даде изјава во која ќе ги спори авторските права на слободниот софтвер. Ова во најмала рака го прави неиформиран за областа во која работи.
Конечно, и изјавите дека договорот е транспарентен се несериозни. Ништо не е транспарентно околу овој договор. Недостасуваат одговори на полно прашања, особено на оние споменати погоре, а и самиот договор има членови кои забрануват објавување на делови од договорот. Како тогаш може да биде транспарентен?
Барањата46 за поништување на договорот кои стигнаа од ВМРО-ДПМНЕ се уште еден несериозен потег. Кредибилитетот на нашата земја е на коцка. Ако тој е разнишан со потпишувањето на договорот таков каков што е, раскинувањето на истиот ќе го сруши како кула од карти.
Наместо да се расфрлаат со изјави, одговорните треба да застанат и да се запрашаат што е тоа што треба да се направи за информатичка иднина на нашата земја. И треба да мислат наместо да бројат. Одговорите не се премногу далеку. Секако, треба и да ги признаат грешките кои ги направија овие неколку месеци, и потоа да се фрлат на работа.
Првото нешто што треба да се направи не е поништување на договорот, ами негово проширување. Владата треба да се заангажира и да додаде нов анекс кон договорот. Тој анекс треба да го регулира името на нашата земја кое Мајкрософт ќе го користи во своите производи. Така наместо FYRO Macedonia, кога ќе инсталираме Windows, при изборот на локација, треба да прочитаме Republic of Macedonia.
Второто нешто што треба да се направи е следење на одлуките на Европската Унија. Владата, водејќи ја Македонија кон ЕУ, веднаш треба од Мајкрософт да побара верзиите од Windows кои ќе ги нуди на македонскиот пазар да бидат исти со оние кои ги нуди на европскиот. Владата треба да му каже на Мајкрософт дека во Македонија важат истите правила на пазарна игра како во ЕУ, дека корисниците во Македонија имаат исти права како оние во ЕУ.
Кога ќе завршат ваквите формалности треба да се направат вистинските чекори. Владата треба да донесе стратегија за користење на FLOSS во јавниот сектор, исто следејќи го примерот и искуствата на ЕУ.
Набрзо потоа треба да започнат пилот проекти во целиот јавен сектор: во институциите на централната и локалната власт, во училиштата и на факултетите, во судството и библиотеките. Владата треба да го промовира и користи слободниот софтвер, и треба да ги поддржи проектите за слободен софтвер кој се од интерес на сите македонски граѓани.
Понатаму, Владата треба да користи отворени формати за чување на своите документи, како и за документите кои ги става на располагање на јавноста. Слободниот пристап до информациите е загарантиран со Уставот на Републиката47, a информациите не се баш слободни кога се чуваат во затворени формати. Владата не мора да чека на донесување на најавениот Закон кој ќе го регулира ова прашање. Може пријатно да не изненади уште сега. За почеток може да го стави договорот со Мајкрософт достапен во формат на OpenOffice.org, потоа може да продолжи со сите други документи.
За крај размислете за ова. И покрај големата активност на ОССМ, јавноста сеуште многу малку знае за слободниот софтвер48. Јавноста многу малку знае за софтверот воопшто. Може ли некој да претпостави што ќе пишуваше по весниците ако ОССМ не ја кренеше оваа буна?
Сигурен сум дека Владата ќе добиеше аплаузи за одлична зделка. Медиумите немаше да чепкаат многу-многу. Кој ќе ги чита сите тие работи? ВМРО-ДПМНЕ ќе се побунеше за некој изборен поен, но со стандардните а-ла Семос критики. Потоа работата ќе се заборавеше.
Навистина не може да се каже дека ваквиот исход на настаните е некој успех за ОССМ. Но, вака, со ОССМ која го одржува вниманието, другите одговорни организации можат да преземат чекори. ОССМ успеа да ја одржи топката во игра. И тоа вреди нешто.
3. http://microsoft.com.mk/vizija
4. http://www.slobodensoftver.org.mk
5. http://www.slobodensoftver.org.mk/maraton
7. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1208&stiD=5721&pR=6
8. http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?pBroj=2230&stiD=21774
9. http://www.linux.net.mk/modules.php?name=News&file=article&sid=768
10. http://www.kapital.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=65&articleiD=6122&EditioniD=367
12. http://sakamdaznam.slobodensoftver.org.mk/pisma/maddog.html – целото писмо на англиски јазик
http://sakamdaznam.slobodensoftver.org.mk/pisma/prevod-maddog.html – превод на некои поважни делови од писмото
13. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1284&stiD=6439&pR=2
14. http://www.realitymacedonia.org.mk/web/news_page.asp?nid=2767
15. http://linuxtoday.com/infrastructure/2003100601226NWMSpB
16. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1285&stiD=6549&pR=2
17. За жал линк до овој текст нема. Во архивите на Зум на http://www.zum.com.mk, го нема споменатиот број, или барем јас не можам да го најдам.
18. http://www.agora.org.mk/napis.asp?lang=mac&rubrika=3&id=245
21. http://mkde.sourceforge.net
23. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1321&stiD=9877&pR=3
24. http://www.slobodensoftver.org.mk/whitepaper/index.php/whitepaper
25. http://www.slobodensoftver.org.mk/OktomvriskiDokumenti/pisma/ossm/pismo_01-12-2003.pdf
26. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1337&stiD=11481&pR=6
27 http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?pBroj=2319&stiD=26084
29. http://www.a1.com.mk/vesti/vest.asp?VestiD=28992
30. http://www.a1.com.mk/vesti/vest.asp?VestiD=29038
31. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1405&stiD=8649
32. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1430&stiD=10946&pR=3
33. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1431&stiD=11029&pR=3
34. http://www.vest.com.mk/default.asp?id=70010&rubrika=Revija&idg=4&idb=1016
35. http://www.slobodensoftver.org.mk/OktomvriskiDokumenti
36. http://www.publicis.com.mk
37. http://www.metamorphosis.org.mk/eng_vesti_detal.asp?id=37
38. http://europa.eu.int/rapid/start/cgi/guesten.ksh?p_action.gettxt=gt&doc=IP/04/382|0|RAPID&lg=en&display=
39. http://kit.gov.mk/WBStorage/Files/Microsoft_Dogovor_MK.doc – текст на македонски јазик
http://kit.gov.mk/WBStorage/Files/Microsoft_Dogovor_EN.doc – текст на англиски јазик
40. http://www.loginsys.com.mk
41. http://www.jorm.org.mk/zakon-krivicen.shtml
42. http://www.vmro-dpmne.org.mk
43. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1397&stiD=7763
45. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1400&stiD=8061
46. http://www.a1.com.mk/vesti/vest.asp?VestiD=30411
47. http://www.sobranie.mk/mk/default.asp?vidi=ustav – види член 16 став 3
© Авторско право 2004, Новица Наков <acivon_AT_mail.com.mk>.
Сите трговски марки и авторски права на оваа страна им припаѓаат на нивните сопственици.
Овој документ е лиценциран под лиценца на Creative Commons
Именување-Некомерцијално-Дели под исти услови.
Овој документ е креиран со слободен софтвер OpenOffice.org и Quanta plus.
Првпат е објавен на 30 март 2004 година.
На 31 март 2004 година на документов му е додадена содржина за полесна навигација.
Неговиот интернет дом е http://www.softver.org.mk/novica-files/tekstovi/softverska_nevinost.html и http://novica.softver.org.mk/sites/default/files/softverska_nevinost.html
Овој текст претставува мислење на авторот.
Тој не ги претставува мислењата и ставовите на НВО Слободен Софтвер Македонија.
За нејзините мислења и ставови посетете ја страницата
http://www.slobodensoftver.org.mk.