opendata

Undefined

OpenData bandwagon во Македонија и што мислам јас за тоа

Tags: 

Disclaimer: Малку знам за настанот што се одржа на 21.03.2012 г. на тема OpenData. Не ја знам целата содржина, ни тема. Читав малку на интернет и сигурно имам парцијален увид во вкупноста. Сепак, и тоа малку што го читав ме поттикна на размислување и еве што запишав патувајќи.

OpenData е hype-от на годината. [Не знам кој е најсоодветен македонски збор за hype]. Македонската влада скока на овој воз, и ми се чини дека поарно да скокне, отколку да не скокне. Ако не се приклучи сега во овие иницијативи, годината ќе ја трошиме пишувајќи за тоа како ете државата не се вклучила во водечките трендови или што знам што.

Не ја знам целата приказна зад OpenData во САД/ЕУ, иако веќе некое време ги следам граѓанските активности [ако може така да се рече, наспроти владините] поврзани со ова. Но, пред да продолжиме со OpenData, можеме да се потсетиме на друга тема што се прелеа во Македонија од западниот свет, пред сѐ заради контекст.

Пред воопшто некој да почне да зборува за Creative Commons во САД, светот, а со тоа и во Македонија, имаше неколку настани кои ги предизвикаа луѓето од САД да мислат во врска со авторските права (кон чија реформа е насочена иницијативата околу Creative Commons). Проблемот е мошне специфичен: законот за продолжување на траењето на авторските права, процесот Елдред в. Ешкрофт пред Врховниот суд на САД, книгите на Лоренс Лесиг кои надолго и нашироко ја истражуваат и дебатираат темата и неговите неуморни предавања, за конечно тука некаде пред пресудата за Елдред да биде објавена, да се лансира јавно проектот со своите лиценци.

Ова е специфичниот контекст во кој што Creative Commons се зачнаа. Целта била да се третира определено прашање од американското законодавство и начинот на кое тоа се испреплетува со културата и општеството. Македонија потоа се приклучи, горе-долу со остатокот од светот, со локализирање на лиценците и некои пропратни активности. Но, иако придонесот на Creative Commons е важен и значителен, мислам дека кај нас тој не допира некои клучни политички/правни/општествени прашања.

Моето генерално чувство за Open Data во земјава, во моментов, е исто како ова погоре. Иницијативи, акциски планови и други документи имаат малку значање, кога досегашното поведение на македонските институции не оди во прилог на тоа дека тие се подготвени суштински да се бават со прашањето за отвореноста на државните институции кон граѓаните.

На пример, буџетот на Р. Македонија е документ кој не може да се најде во никаков отворен употреблив формат. Македонската влада едно време правеше шоу со предавање на буџетот во книга со тврд повез во Собранието, но никогаш не направи напор тој да го објави во оригиналниот excel документ во кој е напишан. Excel не е отворен формат, и секако не ги задоволува строгите критериуми на отвореност, но очигледниот недостаток на напор во оваа насока не ми дава верба дека нешто реално корисно можеме да очекуваме.

Поведението на ЈП Службен весник исто така е одличен пример за отвореноста на државата кон граѓаните. Монополското јавно претпријатие е единствениот важечки извор на законски и други прописи, сепак истите никогаш не се на достап на граѓаните во моментот на објавување, макар и во вообичаениот грд и неупотреблив формат во кој се објавуваат една година подоцна.

Останатите примери кои повеќе имаат врска со слободен софтвер и отворени стандарди веќе ми е досадно да ги пишувам, бидејќи за нив е зборувано без број пати (УЈП, МПИН, Централен регистар, а сега и здравствена картичка).

Но, bandwagon како bandwagon, е убава прилика за фотографирање, понекогаш добра храна, и секако политички поени.

Затоа мислам дека нашата, на граѓаните, работа треба да биде да откриеме и притиснеме за кој тоа точно дел од отвореноста на државата, OpenData или не, ќе се прекршат важни копја и таму да биде насочен притисокот во однос на тоа што, зошто и како ќе третираат документите што треба МИОА да ги носи и потоа имплементира во однос на отворените податоци.