January 2011

УКИМ: Зошто не им верувам?

Tags: 

Дневник: Професорите незадоволни, се думаат дали да протестираат.

Можеби сум со погрешен впечаток, но еве го: Универзитетските професори го креваат гласот само кога „автономија“ ќе се изедначи со „плата“.

Последната епизода, според Дневник, вклучува измени за реизбор на редовните професори. Кој не би се бунел, ако знае дека може да остане без работа. Но, колку ова има врска со автономијата на универзитетот?

Се разбира не сакам да генералзирам бидејќи има секакви (и добри и лоши и одлични) професори.

Но, каде беа професорите кога есента 2010 на првиот час ги спроведоа надвор студентите што дојдоа да кажат нешто за образованието? Или каде беа на 28.03?

Или можеби е подобро да се запрашам, како на професорите не им смета политиката додека работното место им е во мирување, а тие министеруваат?

Или ако, да го цитирам Утрински: Во причините заради кои ќе излезат на протест е и наметнувањето на скапи, лоши и нестручни преводи на странска литература, тогаш што го спречува автономниот универзитет да направи ефтини, добри и стручни преводи на странска литература?

Поради овие работи, и многу други, сето ова ми личи на пазарање. Да потрае изборот уште малку, да продадеме уште некоја книга, да тераме уште некое време. Ќе им треба многу за да докажат дека не е така, барем во моите очи.

Лична забелешка: Од ноември 2010 повторно сум студент на УКИМ на постдипломски студии. Баш би сакал да има автономен универзитет. Но, борбата за него не започнува од фотељите.

Утрински со свој камен по глава

Tags: 

Во бројот на Утрински весник од 14.1.2011 во текстот „Култура“ го промовира првиот роман на Фросина Наумовска уредниците и новинарите употребиле моја фотографија достапна на http://picasaweb.google.com/lh/photo/-HrtTJBVmbgepDzlrIBpLw без да го цитираат изворот и да се погрижат за почитување на авторските права.

Со ова ги прекршуваат правилата за интернет содржини што сами си ги зададоа и нормално, Законот за авторското право и сродните права. Сите веројатно се сеќаваат на несреќната епизода со иницијативата Македонските медиуми ги заштитуваат содржините на интернет, каде во точка г) се вели: секој од потписниците на иницијативата се согласува кога ќе пренесе туѓа информација од веб страна, согласно тука наведените услови, коректно да го пренесе и линкот кој што води до изворот на информацијата, а истото ќе го бара и од оние што ги пренесуваат нашите содржини.

За ова пишав две пораки до Утрински, на контакт адресите за електронска комуникација што се оставени на нивната страница. Одговор назад не добив.

Го пишувам ова овде едноставно за да се види со кого си имаме работа. Сѐ уште не сум одлучил дали да преминам на поформална, правничка комуникација.

Ширење на хакерскиот дух: говор по повод 10 години Википедија

Tags: 

Подолу е приложен целиот текст од говорот што го спремив за 10 годишнината на Википедија на 15.1.2011 г.

Големо благодарам до луѓето што ми помогнаа да го потсредам и уште поголемо извинувањање за воглавно очајното читање на текстот и недостатокот на слајдови и слично.

Добровечер,

Денес сум овде, како претставник на Слободен софтвер Македонија, да зборувам на темата „Ширење на хакерскиот дух“. Само имам мал проблем. Јас не верувам во духови. Но, мошне наивно, верувам во луѓе.

Кога барав инспирација за овој говор не очекував дека таа ќе дојде од офлајн светот. Сепак пред неколку денови Уставниот суд на Р. Македонија го стави вон сила правилникот на УКИМ за регистрирање домејни и со тоа за прв пат го сврте вниманието на македонските интернетџии кон еден хакер од пишаната ера.

Господинот Стамен Филипов, кого патем треба да го поканиме на TEDx оваа година, во духот на најелегантната дефиниција за хакерството, проучува системи кои другите, сите ние или барем повеќето од нас, ги земаат здраво за готово. А правниот систем на една држава важно прашање, па макар и таа држава била Р. Македонија.

Се разбира, хакер е збор што најчесто се поврзува со компјутерскиот свет. Ако сте дел од медиумите, тогаш во него ќе ја препознаете мрачната страна на општеството: луѓе кои крадат пари од банкомати или деца кои поставуваат вируси на интернет. Но, ако, како некои од нас овде, го користите тој збор за да се идентификувате себе си или да ја опишете својата работа, тогаш мора да смислите паметен начин како да го објасните тоа.

Хакирањето е нешто што во модерната култура доаѓа преку компјутерската сцена, но не е нужно поврзано со компјутерите. Хакирањето не е прашање за тоа што правите - значи можете да работите на компјутер, а сепак да не хакирате, туку е прашање на тоа како и зошто правите - значи може да бидете хакер со компјутер, пенкало или нож - ако готвењето е вашиот фах.

Денес хакирањето го наоѓа својот пат назад на универзитетите како академски предмет длабоко поврзан со компјутерската наука. А токму на универзитетите, оние во Соединетите држави, сѐ започна пред околу половина век.

Еден од хаковите што е тесно поврзан со Википедија, а е од пресудно значење за организацијата од која јас доаѓам, потекнува од универзитетска средина. Ричард Сталман, човекот кој имавме прилика да го видиме во Скопје летоска, во времето кога бил истражувач на MIT го хакнал американскиот Закон за авторски права и ја создал Општата јавна лиценца. Со тоа тој отвори простор за развивање на слободен софтвер и негова трајна заштита.

Ова е еден од најумните хакови. Сталман го искористил Законот за авторски права на начин на кој никому не му текнало до тогаш, го свртел наопаку, како што ни велат постарите „со свој камен по глава“. Ова е хак што не вклучува технологија или компјутери, но сепак има незаменливо значење за развојот на речиси сите алатки што денес ги користиме, а на прво место светската мрежа - интернет.

Најголем дел од сервисите, страниците и апликациите на интернет денес, дури и они најпроблематичните како Facebook, работат со или на слободен софтвер. Останува можеби засекогаш неодговорено прашањето каква ќе беше мрежата без слободниот софтвер.

Веројатно сите веќе знаат што е слободен софтвер. Тоа е софтверот што нема огранучувања на употребата, што може да се копира, менува и редистрибуира. Доаѓа во пакување на повеќе познати брендови, како Mozilla Firefox или Ubuntu, кои можеби се полесни за препознавање. Знаете дека на секој софтвер му е потребна и документација, а на слободниот му треба слободна документација. Со оваа мисла се водел Сталман кога ја напишал Лиценцата за слободна документација - FDL која заедно со wiki софтверот што е слободен имаше и сѐ уште има пресудна улога во создавањето на денешната најголема енциклопедија Википедија.

Википедија денес е дел од широкото поле на дела со назнака слободна култура. Помогнати со уште некои правни инструменти, како лиценците од Creative Commons, денес луѓето на интернет создаваат, творат, ремиксуваат, со други зборови, го прават она што вообичаено го прават и им овозможуваат на другите да се придружат.

Во воведната реченица на својот говор на TED, Џими Велс го цитира уредникот на Британика кој во далечната 1962 година изјавил дека модерната енциклопедија треба да биде радикална. Википедија очигледно е таква. Таа е енциклопедија ставена наглавечки. Таа е резултат на неземањето на пишувањето енциклопедија здраво за готово. Таа е врвен хак.

Како што свртевме цел круг низ историјата на слободниот софтвер и слободната култура, еден заклучок се наметнува, барем за мене. Хакерите прават важни работи за општествата во кои живеат. Ова не значи дека никој друг не прави. Но како што веќе реков, хакирањето е повеќе прашање на „како или зошто“ отколку на „што“.

За ова ќе се свртам кон Законот на Линус. Линус е Линус Торвалдс, оргиналниот автор на кернелот Linux, уште едно парче слободен софтвер што го врти светот. Ќе бидам краток во раскажувањето на овој закон, но за сите што можеби ќе бидат заинтересирани, книгата е достапна во библиотеката во нашиот хаклаб КИКА. Носи наслов „Хакерска етика“. Авторот е Пека Химанен.

Книгата е осврт на тоа како хакерската етика се разликува од доминантната работна етика денес - протестантската етика. Под протестантска овде не се мисли на нешто поврзано со религија, иако можеби било така на почетокот, туку на економскиот и социолошки концепт за третирање на работата, онака како што ја дефинирал Макс Вебер, но да не должам, има страница на Википедија за тоа.

Значи, да избегнеме секакви забуни, сосема е можно да бидете православен, муслиман, будист или џедај, а сепак да имате протестантска етика. Наспроти неа стои хакерската етика срочена кратко и јасно во Законот на Линус.

Овој закон вели три едноставни работи. Сите човечки мотивации се групираат во три основни категории: преживување, социјален живот или друштво и забава. Претпоставувам дека сите ќе се согласат дека преживувањето е една навистина силна мотивација. Другите две се поврзани со прашањето „за што сте спремни да умрете?“

Значи, некои луѓе се спремни да умрат за своите социјални врски - да се умре за религијата или државата се некои очигледни примери. Иако е тешко дека некој би умрел за својот плејстејшн, сепак во говорот ја имаме фразата „умирам од досада“. Така луѓето би направиле нешто за да не умрат од досада.

Парите исто така се некаква мотивација, но само до определена точка. Парите не купуваат здравје, другари или забава со големо „З“ - тоа што навистина нѐ исполнува или нѐ прави среќни.

Законот на Линус зборува за тоа дека напредокот е всушност движење низ овие фази. Наједноставен пример за ова е сексот. Почнал како нужен за преживување, се проширил како дел од општествениот живот и завршил некаде во порно индустријата.

Но, зборуваме за хакери. Вообичаениот хакер, компјутерскиот хакер, не хакира за да преживее. Ако имате компјутер на масата, тогаш речиси сигурно имате и леб и ајвар. Исто така, проверено, хакерите можат да живеат само на Клуб Мате и переци. Така, ако само работите на компјутер за да донесете леб на маса не сте хакер. Станувате хакер кога тоа што го работите ќе се поврзе со социјалниот живот и забавата. Едноставно, кога компјутерот сам по себе е забава.

Вака е настанат Linux. Вака се настанати многу од работите за кои претходно зборував, без кои денешниот интернет не би бил можен. Вака всушност и јас сум денес тука за да го раскажувам ова.

Книгата на Пека има околу 250 страници и објаснува како ова не е релевантно само за компјутерџиите. Хакирањето е игриво проучување на системите што другите луѓе ги земаат здраво за готово. Значи тоа е нешто што се прави за забава, без разлика на професијата, кога другите луѓе гледаат само една црна кутија. И понекогаш, всушност често, добри и корисни работи произлегуваат од тоа.

Можеме ли да најдеме примери за ова од нашето секојдневие? Го почнав кажувањето со човекот кој го урна .mk домејнот - колку хакерски ли звучи тоа?

Можеме ли да ја тестираме неговата работа низ Законот на Линус?

Господинот Филипов секако не пишува претставки до Уставниот суд заради преживување. Како што известија повеќе медиуми, станува збор за пензионер. Значи, мора да биде некое од другите две, но ако морам да се обложам тогаш би ги ставил сите пари на ултимативна забава.

Ако Уставот на Републиката е кернелот, тогаш Стамен е човекот што за сите нас овде ги проверува сите печови што програмерите сакаат да ги протнат. Мислам дека му должиме големо благодарам, не само за работата, туку и за примерот што го дава.

Тоа е тоа што е потребно за да се биде хакер. Ако некој ви кажал дека не можете да бидете тоа со завршен Правен факултет, сега знаете дека ве лажел.

На почетокот на овој месец, уште мамурен од 27-мата конференција на компјутерскиот клуб од Германија, напишав „Отворен повик за хакери“. Овој говор нека биде дополнување. Време е нашата заедница да порасне и време е да почнеме да правиме работи кои ќе ја докажат нашата репутација и ќе ни помогнат на сите нас овде.

Се надевам дека до крајот на денов ќе пораснеме барем за еден.

Благодарам.

Предавања и презентации

Tags: 

Низ годиниве се насобраа многу презентации и предавања што сум ги одржал во разни прилики. Повеќето слајдови се достапни на интернет.

Еве го (речиси) целиот список:

25 април 2013
Предавање на тема „Социјалните медиуми и новинарството“ на Високата школа за новинарство при МИМ.

Економија од обем со македонските дени

Tags: 

Денес, по игра на случајноста, бев сведок на плаќање на фактура на Топлификаиција во банка.

Не знам што ме поттикна да го пресметам данокот.

Имено, фактура беше на износ од 446 денари + ДДВ 18%. Математички тоа е 526,26 денари.

Но, Топлификација тоа го заокружува на 526,50 денари, а банката на 527,00 денари.

Тоа е разлика 0,72 денари по фактура месечно.

Ако претпоставиме дека месецов 5000 корисници на парно греење добиле иста фактура тоа се 3600 денари. По 12 месеци тоа се 43.200,00 денари. По икс години... ја сфаќате веројатно математиката.

А тука се и ЕВН, ЈП Водовод и слично.

Каде одат сите овие пари?

Абортус - уште видувања

Tags: 

Ме мрзи некако да преведувам и објаснувам со свои зборови, па еве ги на англиски:

The Impact of Legalized Abortion on Crime (http://en.wikipedia.org/wiki/The_Impact_of_Legalized_Abortion_on_Crime)

"The Impact of Legalized Abortion on Crime" is a controversial paper by John Donohue of Yale University and Steven Levitt of University of Chicago that argues that the legalization of abortion in the 1970s contributed significantly to reductions in crime rates experienced in the 1990s. The paper, published in the Quarterly Journal of Economics in 2001, offers evidence that the falling United States crime rates of the 1990s were mostly caused by the legalization of abortion due to the Roe v. Wade court decision of 1973.

Повеќе:
http://en.wikipedia.org/wiki/Freakonomics
http://en.wikipedia.org/wiki/Legalized_abortion_and_crime_effect

Делот за забраната на абортус во Романија е со мала контроверза, но внимателниот читател нема да биде излажан:

Compared to Romanian children born just a year earlier, the cohort of children born after the abortion ban would do worse in every measurable way: they would test lower in school, they would have less success in the labor market, and they would also prove much more likely to become criminals. (p. 118)".

This finding is consistent with the view that children who were unwanted during pregnancy had worse socio-economic outcomes once they became adults.

Отворен повик за хакери

Tags: 

Хакерската заедница направи многу, но предизвиците се сѐ поголеми. Потребно е поголемо и пошироко ангажирање.

Ова се зборовите што би ги искористил ако морам да го парафразирам Роп Гронгеп - хакер-ветеран, еден од основачите на легендарниот XS4ALL - во еден твит, а како сиже на неговиот говор на отворањето на овогодинешниот, дваесет и седми по ред, Chaos Communication Congress. Се разбира, ваква реченица до буква нема да најдете во текстот на говорот, но барем јас така го разбрав.

Има одредена почит кога ќе кажете „хакер“ во Холандија и Германија на ваквите големи конференции. Зборот го нема она медиумско-сензационалистичко значење, какво што сме навикнати да го читаме или слушаме дома. Ова се луѓе кои се добри со компјутери, но ова се исто така луѓе кои значајно придонеле во многу аспекти во средината каде што живеат и работат: слободата на говорот или печатот, приватноста, правата на корисниците на интернет, во физичкиот свет кој сѐ повеќе е изложен на дигиталните технологии и така натаму - од што корист имале цели градови, држави, општества.

Ракета

Нема подобро објаснување на хакирањето од „игриво проучување на системи што другите луѓе ги земаат здраво за готово“, а под „системи“ не се подразбираат само компјутерските системи. Последен пример за ова се серијата предавања на теми општество, култура и заедница што се одржаа на 27c3.

Но, овој текст не е за странските хакери.

Дигиталниот пејсаж на дешеницата ќе биде (веќе е?) исполнет со државни решенија што ги водат, чуваат и архивираат нашите лични и трансакциски податоци, како и историјата на предметите, споровите и услугите кои сме ги побарале или добиле и компании кои прибираат податоци од нашето секојдневно сурфање, кои ги продаваат, разменуваат, користат за да испорачаат подобрено потрошувачко искуство. Ова ги засега сите. Како што вели Брус Стерлинг во Wired, пред речиси 5 години: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека го имате луксузот да бидете на страна, бидејќи другата страна е мошне, мошне заинтересирана за вас.“

Останува да видиме колкумина од нас ќе се зафатат со проучување на овие системи и нивно менување така што тие ќе станат поблиски на вреднсотите за слободата, транспарентноста, отвореноста. Во Скопје веќе имаме хаклаб каде што чат-пат проучуваме по нешто, но „ние“ можеме да се изброиме на прсти. Тоа што можеби сме незапознаени со постоењето на други луѓе или групи не значи дека нив ги нема, иако тешко е да се задржи оптимизмот по едногодишното постоење на КИКА.

Предавањата на конференциите како 27c3 одеднаш и на широко отвараат премногу прашања веројатно за сите што не се во центарот во случувањата. Во следните денови, а можеби, со малку среќа, и сѐ до 28c3 ќе се обидеме да пренесеме доволно од тие искуства дома.

Придружете се.

Во Берлин, 3.1.2011

Благодарност до @gdamjan и @igor_stama за коментари и забелешки.

(Прв пат објавено на: http://it.com.mk/otvoren-povik-za-hakeri/)