македонија

Undefined

Некои прашања за кои ќе блогирав да немав епизоди од Футурама за гледање

Tags: 

Зошто никој не се солидаризира со штрајкувачите од образованието, науката и културата?

Зошто Владата ќе предлага нови измени на Законот за работни односи кои што ќе ги поништат последните измени на Законот што ги предложи истата Влада?

Колку време да се прилагодат на новиот платен промет им треба на фирмите со блокирани сметки, и како одложувањето на овој закон помага во надминувањето на економската криза?

Зошто никој не го регулира однесувањето на Топлификација, која очигледно ја злоупотребува својата позиција на пазарот?

Патрони

Tags: 

Моето основно образование го завршив во ОУ „Јосип Брзо Тито“. Тоа училиште денес го носи името „Димо Хаџи Димов“. Вчера бев во ретка и случајна посета на ова место.

Чекав внатре за да не стојам на дождот и гледав што има залепено на ѕидовите. Ја најдов таблата со песни и цртежи за училиштето и неговиот патрон. Таму прочитав песни од дечиња кои велат дека „во срце го носат Димо“, „се горди што училиштето го носи неговото име“, „со радост учат за неговата борба“ и слично.

Да бидам искрен не се сеќавам какви стихови се пишувале кога јас бев во осмолетка. Сепак, ми се чини дека една од критиките на стариот систем за кои ма речиси консензус е дека тогаш главите на децата беспотребно и неоправдано се полнелсе со работи за Тито и другите околу него.

Па, се прашувам што е разликата помеѓу „во срце го носам Димо“ и „во срце го носам Тито“, ставени на огласната табла во основно училиште?

Дали е можно идеологијата никогаш да не ги напуштила нашите училишта? Само имињата да се сменети, а се друго да е останато исто? Или пак нормално е песните за патронот да бидат такви, и такви се секогаш и секаде?

„Аце Слеш“ на Фросина Наумовска

Tags: 

Многу ми е мило кога луѓето што ги познавам успеаваат да се пробијат во тоа што го работат.

Затоа сакам вака јавно да ѝ честитам на Фросина за успесите што ги бележи нејзиниот документарен филм „Аце Слеш“: награда на фестивалот Манаки и на фестивалот на независен филм во Њу Јорк.

Филмот е за кумановецот Аце Слеш, кој ја раскажува својата (неуспешна) приказна. Краток трејлер од филмот има на East Silver. (Патем таму има некоја грешка во објавените информации за филмот.)

Со Фросина се запознав за време на мојот краток престој на ФДУ, а потоа почавме да работиме на еден заеднички проект (кому му е потребна финансиска помош за да се комплетира).

Покрај тоа што режира документарни филмови, Фросина режира во кумановскиот театар и пишува поезија. Ако сакате да прочитате нешто повеќе за неа, земете го неделникот „Глобус“ што ќе излезе на 28 октомври (во вторник).

Везилка

Tags: 

Бев во Глишиќ (Кавадарци) викендов...

Гранка од близу

...и налетеав на свирка на Фолтин:

А таа твоја дива и несмасна љубов
те галам дури предиш стуткана во скутов
се проѕеваш, се тегнеш, наспана и гладна
бараш да те пуштам, ме гребеш и ме касаш

Везилке, везилке, каж како да се роди
проста и строга македонска песна
откако Ленка остави кошула тенка
ленена недовезена на разбој

:)

RE: Битолски фестивал во Скопје

Tags: 

Без да се трудам да кажам нешто паметно (или ново) во врска со преместувањето на дел од програмата на фестивалот Манаки од Битола во Скопје, само да пренесам дека претставите во Скопје (на кои бев или за кои знам) имаа по дваесетина посетители.

Ако причина за преселба била публиката односно нејзината малубројност во Битола, тогаш нема што повеќе да се каже за тоа.

Некои идеи за тоа како да бидете добри кон вашите корисници

Tags: 

Денес бев во Он.нет да си ја платам сметката за Интернет и имав возбудливо доживување.

Вработената во Он.нет, внесувајќи податоци за фактурата, виде дека договорот набрзо ми истекува. Ми рече дека имаат нови пакети кои вклучуваат интернет и телефонија, но само ако сакам да го мигрирам бројот од Македонски Телеком. За жал, ми рече таа, оваа можност сѐ уште не е достапна во мојата населба, бидејќи централата сѐ уште не била монтирана.

Сепак, бидејќи договорот ми истекува и истата опција без проблеми ми е достапна во Телеком, а јас сум нивен долгогодишен корисник, тие се спремни да ми понудат попуст од 15% на новиот Соло 30 пакет што ќе можам да го користам до денот на пристигнувањето на пакетот Дуо, со цел компензирање на очигледните разлики во цените на поединечните пакети. Сето ова ќе ми биде достапно само ако денес се сложам да станам корисник на нивната „две во едно“ понуда.

Откако добро ја разгледав понудата и уште еднаш продискутирав за деталите, се сложив со оваа понуда од Он.нет и сега среќно си сурфам.

Се разбира, ова не е тоа што денес се случи во продажниот салон на вториот фиксен оператор.

Всушност приказната започнува пред околу еден месец.

На 18 август бев во Он.нет за да ја платам сметката, но и да проверам кои ми се опциите бидејќи уште тогаш се зборуваше за новите понуди што треба да дојдат во септември. Тогаш, меѓу другото, специјално прашував до кога ми е рокот за да поднесување на барање за договорот што го имам со Он.нет да не се продолжи автоматски.

Ова го прашував со посебен интерес бидејќи печатот на договорот е од 20 септември, но интернет добив на 13 октомври, па прашував од кога точно почнува да се смета тоа „една година интернет“. Суштествено беше да го знам тоа бидејќи барањето се поднесува еден месец пред истекувањето на договорот. Така, ако времето тече од 20 септември лани, тогаш 18 август оваа година беше точно датумот на кој што треба да го откажам продолжувањето на договорот.

Тогаш вработениот во Он.нет ми рече дека времето се смета од денот кога сум добил интернет. Јас си заминав од салонот со мисла дека имам уште околу еден месец од стариот договор и деќа ќе можам да видам какви ќе бидат новите понуди и комотно во септември да разгледам чии услуги за сурфање ќе ги користам следните дванаесет месеци.

Денес бев во салонот исто така за да ја платам сметката и да се информирам кои ми се опциите, сега кога договорот ми истекува. Вработената во Он.нет ми рече дека има пакет Дуо, но тој сѐ уште не е достапен во мојата населба. Исто така ми рече дека веќе не можам да го откажам автоматското продолжување на договорот бидејќи датумот кој од кој се смета едната година е 20 септември.

Не сакав да навлегувам во расправии, па само се насмеав и прокоментирав како може да добивам различни информации од различни вработени во врска со договорот и набрзо потоа си отидов.

Сега суфрам на старо-новиот интернет и блогирам за овој весел настан.

Мртви врски

Tags: 

Еве почнав сериозно да ја рагледувам можноста за миграција на блогов на некоја посовремена (да не речам web2.0) платформа. Меѓу другото сега проверувам што сѐ имам закачено овде, преместувам слики на фликр, поправам врски и сл.

Една година до целта (стигнав до јуни 2007) и го гледам записот за, по многу нешта, контроверзниот избор за Наградите за светскиот самит.

Па еве, еден од тогашните победници Портал: Дигитизација на националното наследство, веќе не постои на Интернет. Тогаш, во 2007, коментирав дека овој портал воопшто не ни треба да учествува на изборот.

Тешката задача на медиумите

Tags: 

Колку интересно. Токму во моментите кога Груевски промрче против медиумите и тие се собраа да му возвратат, самите се изгореа од својата непрофесионалност во случајот со нивниот колега кој беше осомничен за убиство.

За потсетување ова се истите тие медиуми кои до пред некое време коментираа за тоа дека спектакуларните апсења кои ги прави МВР за уапсените лица се судење пред воопшто да стапнат во судница.

Би рекол - сите гомна исто смрдат.

Pages