македонија

Undefined

Брод за кукли

Tags: 

По пофалбите што ги прочитав за претставата „Брод за кукли“, бев да ја гледам пред некој ден.

Мојо коментар е: речиси добра.

Два дена размислувам која компонента на квалитет прави некое дело да биде едноставно „добро“, но некако без успех. Во претставата нешто ми фали за да кажам дека е едноставно добра.

Идејата да се користат приказни за деца за да се истражуваат женски прашања е одлична. Во играта беше видлив напорот да се направи добра претстава. Од друга страна, викањето секој пат кога треба да се направи поента е напорно и досадно, а да се каже кур на сцена не е некое табу.

Дефинитивно нешто ми фалеше во претставата - или - сите курови беа вишок.

TEDxSkopje и НПСС: битката за внимание на акронимите на интернет

Tags: 

Оваа година отприлика во исто време почнав да „работам“ на два проекти. Едниот е TEDxSkopje. Тој ќе кулминира, со настанот во МКЦ, утре. Другиот е Националната политика за слободен софтвер (за) која треба да (се) изоди уште пат.

TEDxSkopje и НПСС не можат да бидат поразлични.

Првиот е приватна иницијатива. Воглавно е поддржан од приватни ентитети (освен МКЦ). Не е екслузивен - може да има и други како него. И малку е релевантен во поширокиот контекст на македонското општество - освен замислената идеја дека презентации во стилот TED можат да го подигнат нивото на дебата, нема нешто посебно друго. Сепак, TEDxSkopje речиси целосно и скоро постојано е под будното око на (интернет) јавноста за сите фалинки. Речиси и да немам сомнеж дека утре уште по првиот говор ќе биде пекол на Twitter и слично.

Вториот е јавна иницијатива. Вклучено е Министерството за информатичко општество, фондацијата Метаморфозис и Слободен софтвер Македонија, како носители, а покрај нив и заинтересирани страни од универзитети и бизнис секторот. Текстот се прави еднаш. Нема да има втора верзија до година. Ако биде усвоен ќе биде важен во градењето на информациското општество, а посебно во делот на транспарентноста на ИКТ политиките на државните органи, како и во комуникацијата што тие ја имаат со сите нас. Таа може да биде документ што ќе го обликува идниот развој на ИКТ во државава и сигурно ако успее ќе биде одлична тема за некој TEDx. Сепак, НПСС (и покрај бројните повици за тоа) не е на радарот на интернетската јавност.

Додајте кон ова дека луѓето што на интернет го ловат TEDxSkopje за грешки во чекори се доволно стручни да дадат свој придонес во НПСС и причината за овој тескт ќе ви биде јасна.

Но, бидејќи сум економист, ќе потсетам на тоа дека луѓето се себични. „Својата корист пред сѐ“ - и изгледа дека многумина својата корист ја гледаат токму во TEDxSkopje.

Како некој што го организира TEDxSkopje можам да кажам дека на крај, и покрај сѐ, се чувстувам поласкано. Но, како некој што утре треба да поднесува завршна сметка во ЦРМ, чуствувам должност да потсетам дека шансата за буткање на стандарди и отвореност во е-тинтири-минитри со државата е пред сите вас.

One денар

Tags: 

Изгледа дека со One цело време си должиме по еден денар.

Во континуитет веќе подолго време салдото по секоја платена фактура, видно од состојбата што ја нуди One на интернет, ми е 1 денар. Исто така, барем два пати (на сликата има само еднаш, мал ми е мониторот) One ми наплатил по еден денар дополнително од некои фактури како заостанат долг.

Моменталната фактура е на износ 1.986,00, салдото е 1.985,00, но фактурата исто вели дека должам 1 денар...

Што треба да направам за да се порамниме? Еве не ги барам назад тие 2-3 денари плус што сум ги платил.

Одење во салон е општ неуспех. Луѓето што работат таму ако имаат среќа системот да им работи, не можат да ме најдат во него. Телефонска поддршка хмм.... http://xkcd.com/806/

Еве на крај и една пофалба: морам да истакнам дека конечно овој месец фактурата на One стигна во сандачето пред рокот за плаќање што е навден на неа. Благодарност за ова до надлежните.

RE: Децата беспомошни без помошно седиште

Tags: 

Па да продолжам по „Медиумите во земјата на (ИТ) чудата... и повеќе“. Денес во „Дневник“ фатив статија за седишта за деца во автомобили.

Меѓу книгите што ги исчитав летово е и Freakonomics и кога ја видов статијата ми текна дека ова е тема која сум ја читал и на друго место т.е. во фрикономијата.

Според Левит и Дабнер, односно, според податоците со кои тие располагаат, седиштата за деца не ја подобруваат безбедноста на децата во автомобилите споредено со обичните вградени автомобилски појаси.

Тоа не го вели текстот на Дневник.

А еве и пар референци:
http://pricetheory.uchicago.edu/levitt/Papers/SeatBeltSolution.pdf
http://www.ted.com/talks/steven_levitt_on_child_carseats.html

Медиумите во земјата на (ИТ) чудата... и повеќе

Tags: 

Денес низ ИТ.мк светот одекна списокот на Глобус за највлијателните личности во ИТ секторот во Македонија. Имаше некои контроверзи во врска со текстот, но не сакам да пишувам сега за тоа. Сепак тоа што вреди да се спомне е дека ова не е прв текст на хм... „старите“ медиуми што го привлекува вниманието на „младината“. Слично беше и со Македонски програми ќе oткриваат грешки во мобилните? Или можеби не! и не, нема пишувам и за прашањата за авторски права и правилата на медиумите.

Туку, за нешто многу поедноставно и поважно. Ако на еден македонски новинар не може да му се верува дека информација што е лесно достапна на интернет, пронајдлива со Google и на друг начин проверлива (а тоа се овие информации како: кој е производител на Ubuntu, или што е функцијата на www.popravi.mk) ќе ја пренесе онака како што треба, тогаш што правиме со другите информации?

Мислам, на крајот на краиштата, и не е посебно важно за јавноста дали навистина, навистина ќе бараме грешки во работата на мобилните, иако ние ќе ја уловиме таа грешка. Но, што правиме со тоа кога еден медиум кој сака да се презентира како медиум со кредибилитет по овакви глупирања ќе напише статија за лекови или храна? Ја следи ли некој работата во овие теми? Има ли блог или што и да е што ќе напише кога утре-задутре весникот ќе излезе од печат со, на пример, некој нонсенс за млекото за бебиња?

Кога ја гледам непрофесионалноста во ИТ текстовите, се плашам за другото.

Стапица на лошо управување во мала земја

Tags: 

Па полека доаѓам до крајот на мојот преглед на книгава на Колиер. Ова поглавје, (конечно) последното, покрива две прашања: управувањето (владеењето) и применетите економски политики.

Правилното управување и добрите политики можат да доведат до раст од 10%, но погрешните можат многу побрзо и повеќе да уништат една економија - наведениот пример е за Зимбабве.

Исто така, можно е една држава да има добро управување и лоши политики (или) обратно и исходот на крај да зависи од шансите што државата ги има пред себе - но ни едното ниту другото не можат да создадат шанси и можности.

На пример во 2005 најкорумпираните држави биле Бангладеш и Чад. Синдромот типичен за лошо управување - корупцијата кај јавната администрација - не го спречил Бангладеш да има солидни економски политики и да расте. Но, Бангладеш е крајбрежна држава, без ресурси и ориентирана кон извоз на трудово интензивни производи. Ваквата ситуација не бара некоја посебна улога од државата - таа воглавно треба да се труди да избегнува да прави штета. Чад пак е континентален, има нафта и добива помош. Не може да извезува многу работи и владата мора да биде ефективна во употребата на парите. Избегнувањето не е решние, напротив треба да се труди да направи добри и корисни работи.

Не сакам да ја споредувам Македонија со Чад и Бангладеш, но две работи брзо ми паѓаат на памет: Македонија нема море и наводно има нафта во Овче поле.

Сепак и Колиер е оптимист кога вели дека лошото управување и политики не мора да бидат стапици. Општествата можат да учат, како Кина по Мао, но, предупредува тој, сите не се губитници онаму каде што лошото управување опстојува. Политичарите во овие земји се богати, некои од нив се и меѓу најбогатите луѓе на светот, и нив им се исплати да го чуваат своето население неинформирано и необразувано.

Реформите не се само прашање на политичка волја. Да, потребна е храброст, но потребно е и знаење што можеби го нема во земјата. Исто така потребна е внимателност кон празните ветувања -- многу влади само ветуваат реформи, што често е доволно за меѓународните институции, но тие никогаш не ги исполнуваат.

Со сето ова на ум, што е потребно за успешна реформа на лошите политики? Истражувањата на Колиер велат дека само од три фактори зависи успешноста на реформите: бројноста на популацијата, процентот на популација со средно образование и дали земјата скоро излегла од граѓанска војна. Наспроти овие, политичките права и демократијата речиси и да немаат никакво влијание. Значи за успешна промена потребен е поттик одвнатре - потребна е критична маса на образовани луѓе што ќе ја смислат и спроведат реформата. Истовремено шансите било која реформа да опстане се многу мали, околу 1,6% годишно.

***

Сега што може да се направи за подобро управување и политики?

Демократијата воглавно гледана како изборен натпревар е половина од прашањето. Мерките и проверките (checks and balances) се исто така важни (ако не и поважни). Изборите утврдуваат кој ќе владее, но не и како ќе владее. Изборната трка секогаш полесно успева од контролата. За неа треба време. Но вистинското прашање е дали оваа фаза е надминлива или станува трајна особина на политиката. Дали земјите живеат во пародија на демократија? Очигледно, Колиер смета дека мерките и проверките се многу важни. Медиумите исто така имаат значајна улога, барем оние слободните и независните. И тука некаде е финансирањето на изборите. Руските избори чинат отприлика 40 пати повеќе од американските кога ќе се земе предвид директното трошење и разликата во доходите меѓу двете земји.

А што имаме во Македонија? Новинарско востание, антикорупциска комисија притисната до (буџетски) ѕид, изборни кампањи за кои ретко се знае како и колку се финансирани.

Исто така, транспарентноста на буџетот е една од важните мерки. Како владите ги трошат парите е важно за нивното функционирање. Македонската комисија за буџет е убав пример во врска со ова прашање.

***

Мојот преглед завршува овде, иако во книгата има уште многу работи за кои што може да се пишува и дискутира. Веројатно би било убаво некој издавач (или владата) да ја преведе. Во меѓувреме Google наоѓа фино pdf за читање. Уживајте.

Види и:
Стапица на континентална држава;
Стапица на конфликт;
Стапиците и Македонија.

Пазарот на тоалетна хартија и македонските јавни добра

Tags: 

Еве едно прашање кое би било добро за разгледување во истражувањата на Стивен Левит: Колку ролни тоалетна хартија месечно троши едно 2 годишно дете?

Според македонските градинки бројката што ја барате е 10. Да, десет.

Значи кога сакате Вашето дете да го однесете во државна градинка, покрај месечната партиципација, пелените, влажните марамчиња, боичките, блокчињата... и што и друго да треба, на негувателките треба да им се достават 10 ролни тоалетна хартија.

Сега, јас не знам многу детали за фрекфенцијата на големата нужда кај малите деца, но да речеме дека за тие 8 часа детето ќе се искака 2 пати. Во 20 работни дена месечно, тоа се 40 големи нужди. А со 10 ролни, тоа се 1/4 ролна на едно какање. Ако ова ви изгледа многу, тоа е веројатно така бидејќи е многу.

Тоа што би било згодно е да се пребројат некако големите нужди барем кај стотина деца за да имаме некакви податоци и тогаш можеби јас ќе испаднам само циничен серко штом мислам дека малите деца какаат едвај еднаш на четири часа.

Но, за момент да речеме дека сум во право. Резултатот е вишок хартија кој веројатно го трошат вработените во градинката. Со оглед на големиот број деца и нивната диверзифицирана социјална структура во градинката има изобилство на брендови. Ако е ова вака, тогаш вработените во градинките се најинформираните корисници на тоалетна хартија. А тоа е одлична шанса за пазарно истражување.

Стапица на континентална држава

Tags: 

Ако има некоја стапица што е блиску до македонската изрека „да му умре козата на комшијата“, тогаш тоа е стапицата условена од географијата на една земја - кога таа нема излез на море и е опкружена со лоши соседи.

Истражувањата на Џеф Сахс велат дека ваквата ситуација кине по пола процентен поен од растот. По подолг период ова ги става засегнатите земји во бавната лента на патот на развојот. Но, тука се примерите на Швајцарија и Австрија. Зошто Швајцарија е богата, а Уганда е сиромашна?

Континенталните земји зависат од своите соседи. Транспортните трошоци за земјата зависат од тоа колку соседите вложиле во инфраструктура, а оддалеченоста нема никакво влијание. Така Швајцарија зависи од германската и италјанската инфраструктура, а Уганда од кенијската. Но соседите не се само транспортни коридори. Тие се и пазари. А некои соседи се подобри пазари од други. Некои се пазари, додека други се пречка на патот до пазарите.

Приказната за континенталните земји секако се разликува ако земјата е богата со природни ресурси. Тој дел ќе го скокнеме - Македонија не е таква земја.

Значи, што се добрите можности (или можните добрости) за континенталните земји? Позитивните екстерни ефекти од добрите соседи се еден пример. Ако на соседите им оди добро, тогаш и на земјата ќе ѝ оди добро. Прелевањата во растот за секој еден процент е 0,7 проценти. Така, земјите со излез на море му служат на светот, а оние без им служат на соседите.

Анализата на Колиер укажува на тоа дека проблемот со континенталните земји всушност е типично африкански. Во ЗВР надвор од Африка само 1% од населението живее во земја со вакви карактеристики. Или со други зборови, освен во Африка териториите што имаат малку ресурси и немаат излез на море никогаш не стануваат држави.

Но бидејќи статистиката нема да го прекине постоењето на овие држави, еве некои од можните решенија за нивен развој: зголемување на прелавањата од соседите, подобрување на економските политики на соседите, подобрување на пристапот до брегот, претворање на земјата во „рај на регионот“, подобрување на воздушната и интернет/телекомуникациската инфраструктура, менаџирање на емигрантите, создавање на транспарентни услови за истражувања за нови природни ресурси, рурален развој и привлекување на странска помош.

Тоа е позадината, а сега да видиме дали Македонија е поблиска до Швајцарија или до Уганда?

Веројатно не треба да копаме по податоци за да утврдиме дека единствениот релативно добар пат е оној Е-75 што оди од Србија кон Грција. Приказните за пругата кон Бугарија се станати толку бајати што веќе не вреди да се споменуваат, а и целата железничка мрежа е некако хм... за никаде. Не знам дали нашите соседи ја прават инфраструктура на својата страна, ама Македонија е толку назад што не може да се рече дури и дека сме го направиле нашиот дел од работата до граничниот премин и сега чекаме на другите.

Но, можеби трговската размена со соседите влева надеж дека тие не се пречка кон пазарите, туку се пазарите. Србија, Грција и Бугарија се меѓу првите пет увозни и извозни партнери на Македонија. Овие три и Албанија имале прилично плодни десет години од 2000 наваму со раст на БДП од околу 4%. Дали и во тој период на Македонија ѝ одеше подобро, наспроти 2009 кога сите (освен Албанија) имаа негативна стапка?

Што и да бил случајот, ми се чини дека ургентно се размислува дека може и подобро. Па што може Македонија да направи од горните предлози?

Зголемување на прелавањата од соседите - подобра сообраќајна инфраструктура и без трговски бариери со соседите. Подобрување на економските политики на соседите - тешко да се влијае на ова. Подобрување на пристапот до брегот - создавање на повеќе регионални јавни добра можеби единствено преку заеднички проекти? Претворање на земјата во „рај на регионот“ - можеби преку создавње на финансиски центар. Подобрување на воздушната и интернет/телекомуникациската инфраструктура - уште аеродроми, поефтини летови. Менаџирање на емигрантите - ако веќе луѓето мора да се селат за подобар живот, нека се селат со помош на државата и на работни места кои се добро платени. Повеќе пари за нив значи повеќе пари што можеби ќе им останат за да ги пратат дома. Создавање на транспарентни услови за истражувања за нови природни ресурси - што е некако самообјаснувачко. Рурален развој - што не е многу корисно за Македонија бидејќи и нема многу рурално население. Привлекување на странска помош - или можеби подобро користење на истата - наместо за тековна потрошувачка, за сообраќајници.

Види и:
Стапица на конфликт;
Стапиците и Македонија.

Стапица на конфликт

Tags: 

Стапица на конфликт е веројатно најконтроверзната за Македонија. Во Македонија имаше конфликт, но не знам која е неговата конечна класификација. Книгата ја третира граѓанската војна и воениот удар, па можеби ќе биде најтешко тука да се повлечат паралели.

Но сите конфликти имаат нешто заедничко - оружјето. Наследството што го оставаат, покрај изгубените човечки животи и разрушената економија, е голема количина на оружје. Истражувањата на Колиер велат дека политичкиот мир не го купува општествениот мир. Крајот на политичката битка предизвикува убиства и друг насилен криминал. Дали е тоа така за Македонија?

Според податоците на Википедија, во Македонија е забележан пораст на убиствата во периодот 2001 - 2004. Потоа следи опаѓање и за неколку години нема податоци, но во 2010 има 2.01 убиства на 100.000 жители што е помалку од 2001 година. Типичната постконфликтна земја има 50-50 шанса да ја преживее првата декада во мир, наместо да се врати во конфликт. На Македонија ѝ останува уште една година. Можеби статистичките податоци за убиствата се добар показател дека државата оди во мирни води.

Пред да продолжам понатаму, истражувањата велат дека склоноста кон конфликт зависи од три фактори: низок доход, бавен раст и зависност од природни ресурси. Еден податок кој сосема добро ја илустрира Македонија е дека сѐ уште го нема достигнато БДП од 1990 г. Од југословенските републики тоа го имаат направено само Словенија и Хрватска конечно во 2003 г.

Не сум сигурен до која мера во контекст на конфликтот да ги разгледувам инстументите кои можат да помогнат да се излезе од секоја стапица. Такви се четири: финансиска помош, воена интервенција, закони и организации и трговска политика. Македонија речиси една деценија живее мирно. Ако првата деценија е таа што се брои за избегнување на стапицата на конфликт, тогаш можеби можеме да се насочиме кон другите прашања. Но ако нешто тргне на лошо, тогаш на кратко финансиската помош може малку да помогне веднаш по конфликтот, воената интервенција може многу да помогне ако е добро изведена (види Сиера Леоне vs. Сомалија), организации за постконфликтни ситуации можат да бидат од помош за координирање на меѓународната заедница на пример за донаторите, и трговија... тешко трговија после сериозен конфликт.

Последната работа што не можам да ја најдам е воениот буџет на Македонија. Википедија има податок дека тој моментално е 204 милиони долари. Колиер вели дека истражувањата укажуваат на потреба за намалување на воениот буџет по конфликтот. Каков бил македонскиот воен буџет во 2000 или 2001 г. не можам да најдам.

Види и: Стапиците и Македонија

Стапиците и Македонија

Tags: 

„Милијардата на дното“ (The Bottom Billion) е последната книга што ја прочитав летово.

Книгата е поедноставено резиме на истражувањата на Пол Колиер и неговите студенти и соработници на универзитетот Оксфорд. Во неа се образложуваат причините за заглавувањето во сиромаштија и стагнација на голем број на држави и општества од Африка и Азија во кои живеат околу една милијарда луѓе, но и се нудат некои решенија за тоа како да се излезе од таа состојба и да започе развој. Книгата црпи информации од истражувања базирани на голем број статистички податоци што, освен ако не се водиме од „лаги, проклети лаги и статистика“, мене ми звучи поздраво од некои други наслови што исто така нудат лекови за овие држави.

Што е за право, во книгата не се споменуваат држави од Европа, освен две кратки референци за Босна и Косово. Сепак, ми се виде корисно да ги споделам стапиците што мислам дека се важни за Македонија. Стапиците се четири на број и објаснуваат во какви незгоди влегуваат овие општества: стапица на конфликт, стапица на природни богатства, стапица на континентална држава (landlocked), стапица на лошо управување во мали земји.

Мислам дека лесно може да се види кои од овие ѝ прилегаат на Македонија. Среќа немаме многу природни ресурси инаку ќе имавме совршен резултат - 4 од 4.

Ако ми дозволи времето во следите неколку записи на блогов планирам да се занимавам со секоја стапица поединечно. Не знам колку тоа ќе биде успешно бидејќи и не знам дали некаде има јавно објавено статистички податоци за Македонија.

Pages