Стапица на континентална држава

Tags: 

Ако има некоја стапица што е блиску до македонската изрека „да му умре козата на комшијата“, тогаш тоа е стапицата условена од географијата на една земја - кога таа нема излез на море и е опкружена со лоши соседи.

Истражувањата на Џеф Сахс велат дека ваквата ситуација кине по пола процентен поен од растот. По подолг период ова ги става засегнатите земји во бавната лента на патот на развојот. Но, тука се примерите на Швајцарија и Австрија. Зошто Швајцарија е богата, а Уганда е сиромашна?

Континенталните земји зависат од своите соседи. Транспортните трошоци за земјата зависат од тоа колку соседите вложиле во инфраструктура, а оддалеченоста нема никакво влијание. Така Швајцарија зависи од германската и италјанската инфраструктура, а Уганда од кенијската. Но соседите не се само транспортни коридори. Тие се и пазари. А некои соседи се подобри пазари од други. Некои се пазари, додека други се пречка на патот до пазарите.

Приказната за континенталните земји секако се разликува ако земјата е богата со природни ресурси. Тој дел ќе го скокнеме - Македонија не е таква земја.

Значи, што се добрите можности (или можните добрости) за континенталните земји? Позитивните екстерни ефекти од добрите соседи се еден пример. Ако на соседите им оди добро, тогаш и на земјата ќе ѝ оди добро. Прелевањата во растот за секој еден процент е 0,7 проценти. Така, земјите со излез на море му служат на светот, а оние без им служат на соседите.

Анализата на Колиер укажува на тоа дека проблемот со континенталните земји всушност е типично африкански. Во ЗВР надвор од Африка само 1% од населението живее во земја со вакви карактеристики. Или со други зборови, освен во Африка териториите што имаат малку ресурси и немаат излез на море никогаш не стануваат држави.

Но бидејќи статистиката нема да го прекине постоењето на овие држави, еве некои од можните решенија за нивен развој: зголемување на прелавањата од соседите, подобрување на економските политики на соседите, подобрување на пристапот до брегот, претворање на земјата во „рај на регионот“, подобрување на воздушната и интернет/телекомуникациската инфраструктура, менаџирање на емигрантите, создавање на транспарентни услови за истражувања за нови природни ресурси, рурален развој и привлекување на странска помош.

Тоа е позадината, а сега да видиме дали Македонија е поблиска до Швајцарија или до Уганда?

Веројатно не треба да копаме по податоци за да утврдиме дека единствениот релативно добар пат е оној Е-75 што оди од Србија кон Грција. Приказните за пругата кон Бугарија се станати толку бајати што веќе не вреди да се споменуваат, а и целата железничка мрежа е некако хм... за никаде. Не знам дали нашите соседи ја прават инфраструктура на својата страна, ама Македонија е толку назад што не може да се рече дури и дека сме го направиле нашиот дел од работата до граничниот премин и сега чекаме на другите.

Но, можеби трговската размена со соседите влева надеж дека тие не се пречка кон пазарите, туку се пазарите. Србија, Грција и Бугарија се меѓу првите пет увозни и извозни партнери на Македонија. Овие три и Албанија имале прилично плодни десет години од 2000 наваму со раст на БДП од околу 4%. Дали и во тој период на Македонија ѝ одеше подобро, наспроти 2009 кога сите (освен Албанија) имаа негативна стапка?

Што и да бил случајот, ми се чини дека ургентно се размислува дека може и подобро. Па што може Македонија да направи од горните предлози?

Зголемување на прелавањата од соседите - подобра сообраќајна инфраструктура и без трговски бариери со соседите. Подобрување на економските политики на соседите - тешко да се влијае на ова. Подобрување на пристапот до брегот - создавање на повеќе регионални јавни добра можеби единствено преку заеднички проекти? Претворање на земјата во „рај на регионот“ - можеби преку создавње на финансиски центар. Подобрување на воздушната и интернет/телекомуникациската инфраструктура - уште аеродроми, поефтини летови. Менаџирање на емигрантите - ако веќе луѓето мора да се селат за подобар живот, нека се селат со помош на државата и на работни места кои се добро платени. Повеќе пари за нив значи повеќе пари што можеби ќе им останат за да ги пратат дома. Создавање на транспарентни услови за истражувања за нови природни ресурси - што е некако самообјаснувачко. Рурален развој - што не е многу корисно за Македонија бидејќи и нема многу рурално население. Привлекување на странска помош - или можеби подобро користење на истата - наместо за тековна потрошувачка, за сообраќајници.

Види и:
Стапица на конфликт;
Стапиците и Македонија.

2 Comments

Нејзините жители и стратези

Нејзините жители и стратези ја сметаат Македонија за земја богата со природни ресурси, затоа и земјоделството и туризмот се стратешки гранки (клима и почва, пасишта, планини, езера, шуми ~ природни убавини) - а имаме и рударство врз кое е изградена металургија. Ова мислам не би требало да се скокне, дури и ако е само наша самобендисана перцепција.

Поимот рурален развој не ти е разработен, како и уделот на руралното население, особено во гласачкото тело. Што мислиш зошто се трупаат субвенции во земјоделството. Тоа секако не е за урбаното население.

Па воглавно не мислам ништо

Па воглавно не мислам ништо посебно... се водев по статистиките, конкретно од википедија:
GDP by sector agriculture: 11.9%; industry: 29.9%; services: 58.2% (2009 est.)
http://en.wikipedia.org/wiki/Economy_of_the_Republic_of_Macedonia

Можеби делот за субвенции во сектор кој не е реално важен има во последната стапица за лошо управување - не знам, ќе видиме.

Не знам дали „сметање на нешто“ и „фактичка состојба на нешто“ може да се споредува.