авторски права

Undefined

Пиратска партија на Македонија

Tags: 

Само што бевме (преку Слободен софтвер Македонија) вклучени во давање мислење за Предлог - Националната стратегија за унапредување на остварувањето на авторското право и сродните права: врска (.doc).

Мислењето на Слободен софтвер Македонија наскоро ќе биде на Интернет. Проверете тука, ако ве интересира. Патем, претпоставувам дека малку од она што го кажуваме ќе се прифати.

Така утрово нешто сурфав за слични стратегии низ другите земји и Гугл ме однесе до Шведската пиратска партија. Всушност, не е само таа. Такви партии има во повеќе земји во ЕУ и надвор од неа: врска.

Па си помислив можеби е време за таква партија и во Македонија. Сигурно потребна е политичка опција која ќе ги застапува интересите на сите граѓани кои со еден клик на глушецот можат да станат криминалци. Сега за сега (за почеток) кренав една вики страница (тука) кај што ќе се обидам да соберам ресурси за тоа како се формира партија во нашата држава. Ако знаете, не бидете скржави, напишете на страницата. Исто така ќе пробам да ги разгледам статутите на партиите од странство за да направам драфт за нашата.

За други идеи, викито стои на располагање.

Лери Лесиг на Wizard of OS4

Tags: 

Последниве 2 часа гледам едно предавање од Лесиг и можам да кажам дека (скоро) секоја секунда вреди.

Не знам дали е мудро да го пуштаме на Сподели кино бидејќи трае 110 минути.

Почетокот заличува на презентацијата на TED што е можеби подобра опција. Во секој случај, Предавањето (и Q&A продолжението) вреди. Па погледајте.

p2p == гледаност и популарност

Tags: 

Сакав да пишувам за некои вознемирувачки настани од нашето секојдневие, но се премислив кога го видов ова:

I am sending you this email after realizing that our website has had nearly 23,000 hits in the last 12 days, much of it coming from your website. In addition, our trailer, both on the www.manfromearth.com site and other sites like YouTube, MySpace and AOL has been watched nearly 20,000 times AND what’s most impressive is our ranking on IMDb went from being the 11,235th most popular movie, to the 5th most popular movie in 2 weeks (we are also the #1 independent film on IMDb & the #1 science fiction film on IMDb). How did this all happen? Two words: Torrent / File Sharing sites (well, four words and a slash)

http://www.rlslog.net/piracy-isnt-that-bad-and-they-know-it/

Пиратски поздрав!

Што е ново со „Вечер“ и мојата слика од Flickr

Tags: 

„Вечер“ не ми одговорија. Но, добив различни мислења за тоа дали мојата фотка од CD-то што е објавена е прекршување на авторското право, иако ниту едно од правник.

Уште мислам дека тужба е добра идеја. Таман ќе видиме дали една CC лиценца ќе го издржи македонското судство.

Јупииии „Вечер“ ме краде!

Tags: 

Денешниот (8.11.2007) број на „Вечер“ има текст за „Зајди, зајди“ на Сариевски: Зајди, зајди е украдена.

И ми се виде фотографијата од албумот на Сариевски позната. Тоа да ти биде мојата фотка од Фликр:

Предна страна на CD

Моите слики на Фликр се под CC лиценца: http://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.0/deed.en. Ова значи дека „Вечер“ во случајов треба да го напишат моето име до сликата и на сите посетители да им ги стават до знаење условите под кои таа се дистрибуира. Не знам за печатената, но во дигиталната верзија тоа не е направено. (Разбрав дека нема копии од „Вечер“, се распродал одма, поради некоја статија за Тоше).

Како и да е, им пишувам пошта со информации за ова и ако не добијам одговор си мислам да ги тужам. Некој адвокат да ми помогне во пишување на тужба?

Ново: Уф... контакт формата на страницата на „Вечер“ не работи. Цело време вика: Се случи грешка при испраќањето на информациите. Ве молиме обидете се повторно.

Ќе мора писмово да го праќам со snail mail.

Почитувани,

Не можев да не забележам дека во вашата статија „Зајди, зајди е украдена“ од Дејан Трајкоски објавена во „Вечер“ од 8.11.2007 (http://www.vecer.com.mk/?ItemID=EA241335742B60418A11FE7251B09A06) сте искористиле моја фотографија достапна на: http://www.flickr.com/photos/novica/444850096/.

Ве молам, согласно Законот за авторското право и сродните права и лиценцата под која е достапна фотографијата да го наведете моето име како автор на фотографијата, како и видливо да ги поставите условите под кои истата смее да се дристрибуира.

Очекувам ова да биде поправено на веб страницата, а дополнување и објаснување да биде објавено во некој од наредните печатени изданија на „Вечер“, и за тоа сакам да ме известите.

Доколку не постапите вака, тогаш немате никакви права да ја користите оваа фотографија и јас ќе бидам принуден, против своја желба, да си ги барам правата по судски пат.

Срдечно,

Новица Наков

Ново2 (16:25): Им ги најдов адресите: врска. Пишав до Анета Пауновска одговорна за култура и забава и CC до Главниот уредник и неговиот помошник и заменик.

Приватизација на македонското културно наследство

Tags: 

Награда на Светскиот самит за информатичко општество - Македонија 2007 се приближува кон крајот и тоа ме поттикна да сурфнам јас да видам кој се пријавените: врска.

Случајно око ми фати Порталот за дигитизација на националното наследство (мртва врска). На дното на порталот стои страшниот копирај знак и:

Овој материјал не смее да се издава, емитува, препишува и повторно дистрибуира во било која форма освен со претходна дозвола

Баш сакам да ги прашам луѓето од Центарот за дигитизација на националното наследство од каде побараа и добија дозвола за да го дигитализираат нашето наследство. (...ми доаѓа да употребувам погрдни зборови, се воздржувам...)

Ако јас се прашувам овој портал токму поради ова (а и други ако исто направиле) треба да бидат шкртнати од изборот на WSA.

Web 2.0, податоците и новите (неслободни) технологии

Tags: 

Пред некое време го читав Тим О'Рајли како во интервју за Wired.com објаснува дека Web 2.0 всушност е за тоа кој ќе ги контролира податоците: врска.

Сега неговиот муабет повеќе ми држи вода. Погледајте.

Врската меѓу О'Рајли и Blaise Aguera y Arcas (како ли се чита ова) од Мајкрософт е следнава:
О'рајли вели дека Веб 2.0 е за тоа кој ги контролира подаотоците. Луѓето ќе качат милиони слики на фликр и после фликр може да прави што сака со нив. А Мајкрософт ги користат сликите за технологијата што ја прават. Таа нема да биде слободна.

Нешто слично со нашето културно наследство, само што содржините на Интернет не се толку стари.

Како да го прекршите Законот за авторскoто право и сродните права во 5 чекори

Tags: 

Кратко упатсво за кршење на Членот 184 aka DMCA член

Значи испадна дека Републикава наша е DMCA земја. DMCA&Co. надолго и нашироко се критикувани низ целиот свет, па еве да се надеваме дека ова ќе придонесе кон подигнување на свеста за овие прашања и кај нас. Инаку, во презентацијава користам целосно легален софтвер за да остранам глупа заштита за копирање на нешто што и така не би требало да ја има (совет: кој не ја гледал презентацијата на Лери Лесиг за слободна култура - да ја гледа, а на тие што ја гледале веројатно ќе им текне за моментот со книгата од Аристотел која е во јавен домен, а сепак благодарение на DMCA не може да се копира). Одиме.

1. Во KPDF (на KDE на GNU/Linux) отворете го Законот за авторскoто право и сродните права

Слика 1 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

Ако го немате, можете да го преземете од pravo.org.mk.

2. Одберете ја опцијата за копирање текст/слика...

Слика 2а за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

...одберете го текстот што сакате да го копирате...

Слика 2б за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

...и ќе видите дека копирањето на PDF документот е оневозможено. Опцијата е засивена.

3. Одете во менито „Поставувања“ и потоа во „Конфигурирај KPDF...“. Таму, во „Општо“ изгасете ја заштитата за DRM.

Слика 3 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

4. Повторете ја акцијата за копирање...

[html Слика 4 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија]

...сега опцијата за копирање е активна. Копирајте го текстот со лев клик на глушецот.

5. Вметнете го текстот во друга апликација по ваш избор...

Слика 5 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

...и voila имате копија од текстот и го прекршивте Член 184 од Законот за авторското право и сродните права.

Добредојдовте, Р3пу6лик4 М4к390ниј4 е DMCA земја

Tags: 

Изминативе години, откако почнавме на разни места да држиме предавања за слободен софтвер/слободна култура/слободно општество, постојано нагласуваме дека во САД има едно лошо нешто чие име е DMCA и дека слично такво има во ЕУ - EUCD и дека тоа кај и да е ќе не снајде и нас. Потоа раскажуваме дека поради овие причини луѓето треба да бидат свесни за прашањата поврзани со авторските права, софтверските патенти, копирањето музика и филмови и сл.

Сето ова зборување за тоа што им се случува на обичните сурфери во развиените земји и потпишувањето на разни петииции за ЕУ и САД ни го одвлекло вниманието од нашата ситуација. Сигурно, немаше да го пишувам ни ова, ако случајно не одлучев да давам пример за тоа дека Законите издадени во Република Македонија треба да бидат достапни во Отворениот формат за документи.

Така, средувајќи го Законот за авторското право и сродните права налетав на Член 116 кој вели:

Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите права според овој закон, кога знаело или можело да знае дека дистрибуира или поседува за комерцијални цели која било технологија, средства или нивни составни делови чијашто цел е неовластено отстранување или менување на технолошки мерки од член 184 став 3 на овој закон, користени да ја заштитат компјутерската програма.

Потоа лизгав надолу до споменатиот Член 184:

Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите права утврдени со овој закон кога знаело или можело да знае дека врши дејствија за изигрување на технолошките мерки кои служат за заштита на тие права од овој закон.

Како повреда на исклучивите права утврдени со овој закон, се смета и кога некое лице произведува, увезува, дистрибуира, продава, изнајмува, рекламира за продажба или изнајмување или посредува во комерцијални цели средства, производи и нивни составни делови или врши (нуди) услуги, на кои било делотворни технолошки мерки, кои:

- се промовирани, рекламирани или се во продажба заради изигрување;

- имаат само ограничено комерцијално значајна цел или користење, освен заради изигрување;

- првенствено се креирани, произведени, прилагодени или функционираат за да се овозможи или олесни изигрување.

Технолошките мерки, во смисла на овој закон, е која било технологија, средства или нивни составни делови, кои во текот на своето редовно работење, се наменети за спречување или за ограничување на повреда на правата, утврдени со овој закон. Овие мерки се сметаат за делотворни, доколку користењето на авторските дела или на предметите на сродните права или на базите на податоци со "суи генерис" заштита е контролирано од носителите на правата заради остварување на заштита преку примена на контрола на пристап, преку процесот на заштита (како што е нивно кодирање, преметнување или друг вид на промена на делата или предметите на сродните права), како и преку механизмите за контрола на копирање.

Членот 185 кој следи дава некои олеснувања во смисла на тоа кога и како оној што ги поставил овие технолошки мерки е должен да интервенира за да овозможи остварување на некои права за оние лица кои имаат законски пристап до делото. Сепак, не можам да речам дека сум оптимистички расположен во врска со тоа.

Овие членови се додадени во Законот со измените од 2005 година. Ги има во Службениот весник бр. 04/2005 од 17 јануари 2005. Во сила се значи повеќе од две години. Добро е што никој не ги применил до сега, но не знам до кога ќе биде така бидејќи во последно време очигледни се зголемените активности околу „интелектуалната сопственост“ кај нас. Последно нешто што го видов е дека Владата на Република Македонија донела одлука за Координативно тело за интелектуална сопственост (Службен весник на Република Македонија бр. 56/2007 од 7 мај 2007) кое се формира за воспоставување на координација во спроведување на заштита на правата од индустриска сопственост и на авторското и сродните права.

Минатата недела на листа се зезавме нешто за оној бројот и имаше и дискусија дали во Република Македонија е дозволено или не тој да се објавува и сега го знаеме одговорот - не е дозволено. Република Македонија е DMCA земја.

Како треба да се прави: Закон во ODF

AttachmentSize
File zapsp.odt57.5 KB

Tags: 

Еве мој мал придонес кон приказните за интероперабилност, слободен пристап до информации од јавен карактер и сл.

Откако од http://www.copyright.gov.mk го преземав Законот за авторското право и сродните права кој во .doc формат изгледаше очајно лошо кога е отворен во OpenOffice.org, одлучив да го уредам и форматирам целиот текст и еве го овде за преземање како ODF документ.

Ми се чини ова е покорисно до сите дрдорења по конференции и трибини и од сите проекти во кои парите се трошат за печатење на летоци и слични материјали кои промовираат било која од гореспоменатите активности.

Pages