интернет

Undefined

Мала мрежа во голем свет

Tags: 

После блогерскиот собир, а во очекување на гасењето (се надевам кратко и привремено) на македонската ГНУ/Линукс планета и без можност да видам колку тоа луѓе го читаат блогов (заради едноставноста на софтверот на кој работи), ве упатувам на еден одличен текст, додуше малку стар (од 96-та е), но сеедно добра лектира.

A Small Net in a Big World, или Зошто е важно да се биде медиум од Geert Lovink (парцијален превод на Багра).

„Дали го замислувате интернетот како гностички заговор против трулиот, матријален свет кој сакаме да го оставиме зад нас? Да бидам искрен, јас не мислам така. Гледано од анти-капиталистичка, активистичка, автономна/анархо гледна точка, медиумите пред се се прагматични алатки, не метафизички ентитети.“

(...)

„Слободата на изразување и медиумите ќе бидат остварени само тогаш кога можноста „нешто да се пренесува“ ќе биде целосно инкорпорирана во дневниот живот на „милионите“. Според мене, секое движење за либерализација може да придонесе за уништувањето на медиумските монополи со тоа што ќе објави графит, памфлети, фанзини, слики итн. Жалењето за мултинационалните медуимски џинови не е доволно. Конечната цел би била „демократизација на медиумите“ и на крај „исчезнувањето на медиумите“. Ова оди подалелку од само учествување во форуми на други луѓе. Потребна е целосна дисперзија на опрема и знаење во општеството. Смешниот спореден ефект што ќе произлезе од ова е тоа што медиумите ќе бидат се помалку и помалку важни.“

Приказни за мали деца

Tags: 

Еве да го завршам блогерскиот пост. Ме немало на Интернет од лани. Нити пожелив СНГ овде на блог, нити го напишав тој рекапитуларот што мислев да го напишам. Некако посакав да не им давам повеќе пари на МТНет + нема ни на кој друг да му давам пари и така, едноставно не немаше на Интернет. Јован цитирал некој тип што рекол дека проблемот не биле високите цени на Интернет услугите, ами ниските плати. Во економската теорија постои нешто што се вика willingness to pay. Ова накратко значи дека не е толку важно колку плата земам, т.е. колку пари имам, колку што е важна мојата подготвеност да платам одредена сума. Во пракса ова лесно се пронаоѓа во однесувањето на „сиромашните македонски потрошувачи“. Hint: мобилни телефони, од оние скапите.

Ова прашањево за Интернетот во државава се тегне како пуцвал. Моето силно убедување е дека единствен виновник за ситуацијата со Интернет е Владата на РМ. Ова не го кажувам дека ете сум ја фатил Владата на пик. Така е со сите добра кои се дефинирани со некакво „човеково право“ или нешто слично според ОН и други организации кај што РМ е членка. Ако Интернет навистина го третираат (третираме?) на нивото на водата, воздухот, струјата, основното образование, одбраната на државата или не знам што, тогаш апсурдно е да бараме виновници во било кој ентитет освен во Владата или друга надлежна државна институција. Јас додуше не сум на чисто дали треба или не треба Интернет да биде во ист кош со овие другите, ама мене и така нити некој ме прашал, нити сум правел стратегија за информатичко општество нити имам задача во краток рок да ја зголемам пенетрацијата на Интернет во државава.

Па зошто Интернет воопшто? Вчера Валентин Пепељуговски на некоја емисија на МТВ рече дека брзиот Интернет е виновен за ширењето на „пиратството“ (под пиратство се мисли на кршење на авторски права). АДСЛ линиите правеле некои центри за „пиратство“, а „пиратството“ да ти било еден од спонзорите на терористичките групи!

Да, авторските права се чини дека се уште еден buzz word во државава која патува кон ЕУ. Се наредиле Валентин и уште две госпоѓи од кои едната од царина и зборуваат за тоа дека буџетот губел до 20 милиони евра од „пиратството“.

Кога бев уште средно бев на некои предавања кои имаа врска со уметност. Таму меѓу другото научив дека бројките се моќна работа. Кога некој нешто ќе ти каже во бројки, те закопува и нема кај да одиш. Тоа е тоа. Сепак, секогаш ми сметало тоа што ваквите бројки никогаш не биле некако поткрепени. Некоја анализичка, табеличка, па да видиме дека навистина станува збор за такви цифри.

Ама она што мене особено ме интересира е следново: дали тие тројца луѓе кои ревносно зборуваа против злоупотебите на авторските права (и можеби уште нешто друго - не знам бидејќи после она со терористите отидов на FashionTV), се почитувачи на авторските права? Значи имаат ли дома тие луѓе „пиратско“ CD со музика или софтвер? Дали нивните деца својот „џепарац“ го трошат на оригинални дискови од нивните омилени поп икони?

Разбирам кога Бил Гејтс или некој друг од негов калибар ќе зборува против злоупотреба на авторски права, ама кога ќе ми текне на случката што ми ја раскажа еден пријател (дека го видел министерот за финансии Никола Поповски во CD-теката во подрум во ГТЦ како си купува дискови), едноставно изјавите на нашиве фаци ми се чинат смешни.

Денес се сретнав со една девојка која работи во АПЕММ. И со неа зборував за авторските права. Таа ми вели дека тие биле тие што ја скинале ХТВ2 од кабелска. Јас велам браво, и ја прашувам дали таа почитува авторски права, софтвер, музика, филмови... Таа одговара дека буџетот не и дозволувал, ама појаснува големите пари и така не се во „пиратските“ дискови, туку во телевизиите, филмовите и сл. Тоа ви е. Заштитниците на едни, кршат други права.

Сабота

Tags: 

Значи, сабота е. Ладно е надвор. Фудбал нема. Не ми се работи ништо... Сурфајќи така наидов на сторија на Slashdot за некој тип кој што одлучил да ги гледа сите 6 Star Wars филмови симултано, па забележал некои патерни, совпаѓања, и не знам што. Нема потреба да спомнувам дека коментарите се журка. :) Сакав само да си прибележам каде се ме прошета сторијава.

Прво што ме изнасмеа беше муабетот за патетичните /.-ери:
Buying books on PHP: $30

Buying robot kits online: $100

Visting robotics confrence: $750

Building a webpage: $75

Realizing there are people more pathetic than you are on Slashdot: Priceless

А второ беа коментарите на тема Can Men Multitask:
"Is a threesome with Natalie Portman and Princess Leia considered multi-tasking?"

I don't see how, you're still only using one hand.

На сериозната страна, се зборува и за квалитетот на сториите на /., што ме потсети на честите вакви дискусии и на нашите места како Опасна багра. Коментарот кој ми го фати погледот:

Remember, it's not the just editors that put articles up. Users have to submit the articles. If you're just whining about the articles here and never go looking for any news that might be cool to have on /., you're part of the problem.

И бидејќи /. станал лош, едно од новите места што го привлекува вниманието на публиката на /. да ти било Digg.

Потоа се зачитав за Волшебникот од Оз и Темната страна на месечината од Пинк Флојд. Наводно, ако се гледаат/слушаат заедно овие две, се се спојувало не некој заебан начин. Википедија за ова, ама не стигнав да го прочитам.

А за љубителите на Star Wars, можеби интересна ќе биде и Парадигмата за Скајвокер (мртва врска). Накратко, муабетот е дека Лук е лошиот. Ова е изведено од сите филмови, дијалози, ликови... лудило.

На крај, прашањето за гиковите и убергиковите. Некој искоментирал дека ова е најгиковската работа што ја видел на /., и веднаш се најде некој друг да го поправи:

Лего роботче што може да склопи рубикова коцка.

Клингонски програмски јазик. И тука ве упатувам на коментарот што вика:

Klingon Programmer

Top 20 things likely to be overheard if you had a Klingon Programmer

Chef, програмски јазик во кој програмите изгледаат како рецепти.

Ај доста е.

Леб и игри!

Tags: 

Си сурфам јас така прееска по каналите, благо нервозен заради информацијата од мојот кабелски оператор дека баш до мојата улица не стигнал уште Интернет, и ми тенува дека никогаш не одам повеќе од 38 канал.

На 38 ми е Eurosport, а пред него ми се сите други битни ствари, вклучувајќи го тука и Пинк. Така скоро никогаш не стигнувам до 51 каде што се наоѓа Собранискиот канал. Еве, утре да им текне да го скинат, ич нема да ми биде криво - живи и здрави нека се Mythbusters. Значи телевизијата (пред сѐ!) е за забава. Каква поента.

За сите оние кои мислат дека пар Владини услуги достапни на Интернет ќе ги зголемат корисниците на Интернет во земјава им ја пренесувам пораката дека Интернет исто така (пред се) е за забава. Каква новост.

АДСЛ ово-оно...

Tags: 

По ѓаволите. Сите почнале да плачат за АДСЛ-от. Јас не плачам... немам АДСЛ, тоа е тоа. Јас бачковци си сурфам на дајл-ап, помал од 56к, нешто околу 33... ваљда. :)

Супер ми е. :)

Дека слободниот софтвер не е бесплатен

Tags: 

Денеска е 8 септември, и kppp веќе ми регистрирал преку 300 денари на дајл-ап-мт-нет. Постојаните промени во датотеките за локализација (еве, десетина датотеки се променети во последниве десетина часа) на ФФ и ТБ постојано ми ја зголемуваат сметката.

Отприлика со преводите за новите верзии започнав да се занимавам крајот на јули. Август цел со 1500+ денари за интернет. Септември, ако продолжи со исто темпо, како и октомври до конечните 1.5, собрано заедно со данокот, ќе имам цех од 5-6 илјади денари.

Баш толку ми требаат за да си ги купам патиките Адидас што ги сакам.

Пак поскапување..?

Tags: 

Денешниот Утрински вели дека од 1ви август ќе има ново поскапување на цените на телефонските услуги. Претплатата ќе се зголеми за 44 ден., а бакшиш ќе има 100 импулси. Нешто подолу во текстот има и информација за тоа дека еден импулс (20 сек.) од 0,33 денари ќе чини 1 денар (иако ова не е баш најјасно напишано).

Но, информациите што ме мотивираа да куцам на блогов денеска не се овие, туку спомнатата бројка од 200.000 глуви телефони од вкупно 700.000. Ако ова е точно, покрај тоа што лесно ќе констатирам дека помалку се зборува на телефон, ќе константирам и дека оваа појава го намалува економскиот раст на нашата земја! Зошто?

Леонард Вејвермен од Лондон Бизнис Скул, го споредувал влијанието кое на БДП го имаат порастот на теле-густина (број на телефони на 100 луѓе) и стапката на завршување на основното образование. Овој доктор заклучил дека зголемувањето на теле-густината за два пати повеќе го зголемува БДП одошто исто толкаво зголемување на стапката на завршување на основното образование. Некако логично, штом зголемувањето на теле-густината влијае позитивно на БДП, нејзиното намалување влијае негативно. Ете, затоа.

Од друга страна, според некои истражувања кои за жал не успеав да ги пронајдам во целост, мобилните телефони се технологија која има најголемо влијание врз развојот. Според ова истражување, мобилните телефони имаат два пати поголемо влијание во земјите во развој одошто во развиените земји. Значи мобилниве телефони ги подигнуваат долгорочните стапки на раст. Во типична земја во развој дополнителни 10 телефони на 100 луѓе го зголемуваат растот на БДП за 0.6 процентни поени.

Најдобар начин да се жнеат ефектите што можат да настанат од телефониве се разбира е државна акција кон рушење на монополите и поттикнување на конкуренцијата.

Сите овие работи на долго може да се прочитаат во лондонскиот Економист од 12 март 2005, а телефонот, кај и да е до 1ви, планирам да го исклучам.

Чуму (и) интернет?

Tags: 

Малку доцнам, ама сепак да си напишам тоа што си мислев за онаа емисијата од пред една недела. Чуму едноставно не е добра емисија. Добра тема за разговор автоматски не прави добра емисија. Дефинитивно потребни се дополнителни работи, како истражување и сценарио, за да се добие добар ТВ производ (или барем приближно добар на хрватската Латиница), која Чуму (сака да) ја копира. Сега, во конкретнава емисија две работи ми фатија око: бројните прилози и дискусијата за цените и Оннет vs. МтНет.

Прилозите беа живо срање. Прилог за детска порнографија?!? Зошто немаше прилози во кои и така нешто недобро информираната јавност ќе можеше да дознае за какви се добри и корисни работи може да се користи интернет? Зошто на пример немаше прилог за Википедија? Прилог за веб места каде, на пример, можат да се најдат информации за стипендии за студенти? Зошто не прилог за проектот Гутенберг? Нема истражување, и секој знае дека има порно на интернет.

Сега главната тема. Прашањето зошто Македонија нема поефтин и побрз интернет? Луѓето кои треба да го дадат одговорот на ова прашање не се директорите на МтНет и Оннет. Овие две (а и другите преостанати) се приватни фирми. Нивна единствена цел е си бркаат работа и да си направат профит. Ако за Оннет немало доволна маргина за АДСЛ, немало и тоа е тоа. Приватните фирми играат на пазарот по правилата кои ги поставува државата. Во нашата држава, сега за сега, нема правила кои велат дека цела Македонија треба да има интернет, слично како што цела Македонија треба да има струја.

Значи одговорот на прашањето зошто Македонија има ваков интернет и кога ќе има подобар го имаат само државните органи, и директорот на Оннет беше целосно во право кога рече дека решението треба да се бара во Владата.

Мора да признаам дека и не ја гледав целата емисија, особено од почетокот, кога Чомовски рече „голема мега афера“ (каква е таа ем голема ем мега?!?) или така нешто, па можеби и сум пропуштил некој добар дел. Но, ја гледав онаа претходната кога Макрадули беше во студиото. И и таа беше прилично глупава емисија. Се повеќе сум загрижен дека Националната стратегија нема да биде ништо повеќе од smoke screen.

Сеуште не ми е јасно како до 2007 (до тогаш трае стратегијата) ќе се направат толку многу промени во нашето тромо и бавно општество, за тоа да стане „информатичко“. Впрочем стратегијата не го третира ова прашање. Дури тука гледам и проблем со зборот „информатичко“ кој на некој начин треба да е превод на "information". Information Society е општество базирано на информации, а не сум баш сигурен дека фразата „информатичко општество“ го има тоа значење во себе. Можеби ќе треба да ја сфатиме така пошироко.

Било како било, се сомневам дека една стратегија, еден Закон и една агенција за информатичко општество ќе донесат некакви посебно возбудливи резултати. Имаме и Закони и агенции за конкуренција и приватизација, па тоа до сега не ни донесе особено добар пазар и конкуренција во нашите обиди да станеме капиталистичка пазарно ориентирана земја.

Затоа и мислам дека стратегија може да биде само еден smoke screen, за голем број на компании од нашиот ИТ сектор, кои не можат нешто особено успешно да работат на странските пазари (а нашиот и го нема) и кои веројатно имаат соодветни контакти во државните служби, да добијат пар тендери за проекти кои се предвидени во стратегијата, со што би се направил трансфер на пари и во тој сектор, и и тие би заработиле нешто од буџетот како и нивните колеги од светот на фатливите предмети.

Затоа и толку многу се изнасмеав кога постариот господин, гостин во Чуму, професор на ЕТФ чие име го заборавив, како одговор на нечиј коментар дека во ЕУ се повеќе се користи Линукс во јавната администрација, рече дека исто така за базите Оракл е стандард. А само неколку минути пред тоа, дискусијата откри дека истиот е сопственик на фирма која е застапник (или нешто слично) на Оракл.

0 денари интернет

Tags: 

Епа, тоа е тоа. Денес, сега, го вадам модемот од компјутер и dial-up авантурите завршуваат. 1000 - 1500 денари месечно за помалку до 56к интернет едноставно не е одржливо решение. Пошта ќе читам ретко ако негде начекам интернет, па ако има нешто важно најверојатно ќе го пропуштам.

П.С. Известете ме кога Фарјфокс 1.1 ќе стигне во string freeze фаза. :)

Pages