Чуму (и) интернет?

Tags: 

Малку доцнам, ама сепак да си напишам тоа што си мислев за онаа емисијата од пред една недела. Чуму едноставно не е добра емисија. Добра тема за разговор автоматски не прави добра емисија. Дефинитивно потребни се дополнителни работи, како истражување и сценарио, за да се добие добар ТВ производ (или барем приближно добар на хрватската Латиница), која Чуму (сака да) ја копира. Сега, во конкретнава емисија две работи ми фатија око: бројните прилози и дискусијата за цените и Оннет vs. МтНет.

Прилозите беа живо срање. Прилог за детска порнографија?!? Зошто немаше прилози во кои и така нешто недобро информираната јавност ќе можеше да дознае за какви се добри и корисни работи може да се користи интернет? Зошто на пример немаше прилог за Википедија? Прилог за веб места каде, на пример, можат да се најдат информации за стипендии за студенти? Зошто не прилог за проектот Гутенберг? Нема истражување, и секој знае дека има порно на интернет.

Сега главната тема. Прашањето зошто Македонија нема поефтин и побрз интернет? Луѓето кои треба да го дадат одговорот на ова прашање не се директорите на МтНет и Оннет. Овие две (а и другите преостанати) се приватни фирми. Нивна единствена цел е си бркаат работа и да си направат профит. Ако за Оннет немало доволна маргина за АДСЛ, немало и тоа е тоа. Приватните фирми играат на пазарот по правилата кои ги поставува државата. Во нашата држава, сега за сега, нема правила кои велат дека цела Македонија треба да има интернет, слично како што цела Македонија треба да има струја.

Значи одговорот на прашањето зошто Македонија има ваков интернет и кога ќе има подобар го имаат само државните органи, и директорот на Оннет беше целосно во право кога рече дека решението треба да се бара во Владата.

Мора да признаам дека и не ја гледав целата емисија, особено од почетокот, кога Чомовски рече „голема мега афера“ (каква е таа ем голема ем мега?!?) или така нешто, па можеби и сум пропуштил некој добар дел. Но, ја гледав онаа претходната кога Макрадули беше во студиото. И и таа беше прилично глупава емисија. Се повеќе сум загрижен дека Националната стратегија нема да биде ништо повеќе од smoke screen.

Сеуште не ми е јасно како до 2007 (до тогаш трае стратегијата) ќе се направат толку многу промени во нашето тромо и бавно општество, за тоа да стане „информатичко“. Впрочем стратегијата не го третира ова прашање. Дури тука гледам и проблем со зборот „информатичко“ кој на некој начин треба да е превод на "information". Information Society е општество базирано на информации, а не сум баш сигурен дека фразата „информатичко општество“ го има тоа значење во себе. Можеби ќе треба да ја сфатиме така пошироко.

Било како било, се сомневам дека една стратегија, еден Закон и една агенција за информатичко општество ќе донесат некакви посебно возбудливи резултати. Имаме и Закони и агенции за конкуренција и приватизација, па тоа до сега не ни донесе особено добар пазар и конкуренција во нашите обиди да станеме капиталистичка пазарно ориентирана земја.

Затоа и мислам дека стратегија може да биде само еден smoke screen, за голем број на компании од нашиот ИТ сектор, кои не можат нешто особено успешно да работат на странските пазари (а нашиот и го нема) и кои веројатно имаат соодветни контакти во државните служби, да добијат пар тендери за проекти кои се предвидени во стратегијата, со што би се направил трансфер на пари и во тој сектор, и и тие би заработиле нешто од буџетот како и нивните колеги од светот на фатливите предмети.

Затоа и толку многу се изнасмеав кога постариот господин, гостин во Чуму, професор на ЕТФ чие име го заборавив, како одговор на нечиј коментар дека во ЕУ се повеќе се користи Линукс во јавната администрација, рече дека исто така за базите Оракл е стандард. А само неколку минути пред тоа, дискусијата откри дека истиот е сопственик на фирма која е застапник (или нешто слично) на Оракл.