Пак поскапување..?

Tags: 

Денешниот Утрински вели дека од 1ви август ќе има ново поскапување на цените на телефонските услуги. Претплатата ќе се зголеми за 44 ден., а бакшиш ќе има 100 импулси. Нешто подолу во текстот има и информација за тоа дека еден импулс (20 сек.) од 0,33 денари ќе чини 1 денар (иако ова не е баш најјасно напишано).

Но, информациите што ме мотивираа да куцам на блогов денеска не се овие, туку спомнатата бројка од 200.000 глуви телефони од вкупно 700.000. Ако ова е точно, покрај тоа што лесно ќе констатирам дека помалку се зборува на телефон, ќе константирам и дека оваа појава го намалува економскиот раст на нашата земја! Зошто?

Леонард Вејвермен од Лондон Бизнис Скул, го споредувал влијанието кое на БДП го имаат порастот на теле-густина (број на телефони на 100 луѓе) и стапката на завршување на основното образование. Овој доктор заклучил дека зголемувањето на теле-густината за два пати повеќе го зголемува БДП одошто исто толкаво зголемување на стапката на завршување на основното образование. Некако логично, штом зголемувањето на теле-густината влијае позитивно на БДП, нејзиното намалување влијае негативно. Ете, затоа.

Од друга страна, според некои истражувања кои за жал не успеав да ги пронајдам во целост, мобилните телефони се технологија која има најголемо влијание врз развојот. Според ова истражување, мобилните телефони имаат два пати поголемо влијание во земјите во развој одошто во развиените земји. Значи мобилниве телефони ги подигнуваат долгорочните стапки на раст. Во типична земја во развој дополнителни 10 телефони на 100 луѓе го зголемуваат растот на БДП за 0.6 процентни поени.

Најдобар начин да се жнеат ефектите што можат да настанат од телефониве се разбира е државна акција кон рушење на монополите и поттикнување на конкуренцијата.

Сите овие работи на долго може да се прочитаат во лондонскиот Економист од 12 март 2005, а телефонот, кај и да е до 1ви, планирам да го исклучам.