македонија

Undefined

Чекам вести

Tags: 

Следам неколку канали за вести на Интернет: Slashdot, Digg, Newsforge, LinuxToday, LinuxJournal... плус од неколку други места ми стигаат информации во различни сандачиња.

Од сите тие места, скоро секој ден, стигнуваат вести дека: француското собрание одбрало линукс, Бразил одбрал ODF, Италија и Малезија исто така... итн.

Еден од каналите за вести кои ги следам е и Макфакс. А таму никако да се појави некоја вест дека Македонија одбрала ODF или дека Владата одлучила да се префрли на GNU/Linux.

RSS свет. Тоа ти е.

Ретко добар текст во mainstream медиумите кај нас

Tags: 

Дијалог е реципрочен разговор помеѓу две или повеќе лица.

Ивица Боцевски веќе изблогирал за неговиот најнов текст во Утринскски весник.

Компјутерска неписменост или (само) неписменост

Tags: 

Имаше време кога не знаев точно кое e со цртичка е македонското e со цртичка. Значи ги мешав è и é и има луѓе кои ќе го потврдат тоа (иако сега нема да ги кажам нивните имиња (или URL-а)) ;-).

Јас на страна и моето учење на страна, денес патот ме однесе во едно скопско основно училиште. Доба на компјутери е и сите оние работи кои во раните деведесети на минатиот век се пишуваа со убав ракопис на големи хамери (за да можат учениците да ги читаат - нешто како огласни табли или строго наменски пораки), сега се прават на компјутер па се печатат со печатач. Одлично.

Само што сите e со цртичка беа é, значи не онакви какви што Блаже (или кој таму?) рекол дека треба да бидат. И ова е тоа што сите деца го гледаат во пораки од типот: „Знаењето е сè!“

Мислам дека со сигурност можеме да претпоставиме дека овие текстови се пишуваат во MS Windows. Останува да се открие дали таму го има соодветното e, дали професорите, учителите и наставниците знаат дека го има, дали истите знаат како да го искористат ако го има и конечно, дали ја знаат разликата меѓу едното и другото е, т.е. знаат кое е нашето.

Хм, а можеби е подобро овие проверки да се спроведат од последната кон првата..? Или сепак училиштата имаат премногу други проблеми, па време да се занимаваат со вакви нијанси можеби и не останува.

Мал придонес во дебатата за Creative Commons на македонски

Tags: 

„Во последно време, растечката популарност на Creative Commons лиценците е проследена со растечко критикување. Приговорите можат да се сведат на следниве поенти: Creative Commons лиценците се фрагментирани, не дефинираат минимален заеднички стандард на слободи и права кои им се даваат на корисниците и дури не успеваат да ги исполнат критериумите за слободни лиценци и за разлика од движењата за слободен софтвер и софтвер со отворен код, тие следат филозофија на зачувување на правата на сопствениците на авторските права наместо тие да и се доделат на публиката. Сепак, ќе биде премногу едноставно само да се обвини организацијата Creative Commons за овие прашања. Со тоа што не успеале да ја постават својата агенда и компетентно да се произнесат што сакаат, артистите, критичарите и активистите имаат свој удел во нередот.“, започнува Флориан Крамер во својот (долг) текст на nettime-l кој говори за недоразбирањата околу Creative Commons лиценците.

Оваа последната реченица е можеби најзначајна за нас овде во Македонија иако артистите, критичарите и сличните многу-многу не ги засега ова прашање.

Во ситуација (реалност) кога многу малку се знае за авторските права и нивната суштина, опасноста за Creative Commons лиценците во Македонија лежи во можноста тие да станат само една лепенка на различна содржина која се појавува на интернет, или моден тренд на шизичките блогови, или бренд кој може да се користи за мачкање очи.

Текстот на Флориан е долг и има долга дискусија под него и има многу фусноти... веројатно нема многу луѓе да читаат, но за оние кои барем малку се заинтересирани го препорачувам минимум текстот на Бенџамин Мако Хил - „Кон стандард за слобода“.

Мотив за овој запис на блогов:

Метаморфозис почнале да работат
на македонските верзии на Creative Commons лиценците и се здружиле со Темплум и Контрапункт во промовирањето на истите.

Референци за Интернет содржина на македонски јазик, a во врска со темава:

Блогови каде што се споменува Creative Commons или Криејтив Комонс.

Блогови лиценцирани под некоја CC лиценца, на сервисот blog.com.mk и цел .mk простор каде што се споменува истата реченица.

Чекајќи ја новата Влада

Tags: 

Ние сме прдеж држава - ми вели. Чмаеме во утробата на еден голем и сложен систем. Понекогаш предизвикуваме тегоби, понекогаш не. На излегување, пред смртта, ќе привлечеме внимание. Сигурно ќе смрди, а можеби ќе има и бука. Но, само кратко - завршува, неколку минути потоа ќе исчезнеме во заборав.

Но, добриот ручек можебо ќе се памети - одговарам.

Избори '06

Tags: 

Кога бев мал баба ми ми раскажуваше приказни за да ме заспие. Сеуште се сеќавам на некои од прикзните, додуше во груби црти.

Една од нив е онаа за овчарот кој (не знам од кои причини) неколку пати по ред крева лажна узбуна дека волк го нападнал стадото овци. Добрите соселани неколку пати пристигнуваат да помогнат и констатираат дека момаков лаже, дека џабе трчале во ноќта до трлото, дека рогозинските ритуали им се прекинати без потреба. Така тие донесуваат колективна одлука од типот: кој го е*е овчарот. И како што обично бива (во народните приказни), следниот ден (ноќ) стадото навистина е нападнато од волк. Овчарот вика, писка, урла, бара помош тра-ла-ла... а соселаните ги нема нигде.

Кои се можните поврзаности на нашите избори со оваа приказна?

1. Овчарот се партиите. Селаните се гласачите. Овците се Р. Македонија. Партиите, секои 2, 3, 4 години, викаат да се гласа заради икс (важни) причини, и:
а) лажна узбуна е, гласачите ќе го проѕрат тоа и ќе останат да си гледаат фудбал;
б) гласачите ќе улетаат на уште една лажна узбуна;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама гласачите поучени од претходните лажни узбуни одлучуваат да го игнорираат овчарот.

2. Овчарот е ЕУ, НАТО, Меѓународната заедница. Овците се граѓаните на Р. Македонија (затворени во котар). Селаните се партиите кои дотрчуваат на секој повик на овчарот, и:
а) лажна узбуна е, изборите немаат никаква врска со иднината на овците, селаните веќе го сконтале тоа;
б) лажна узбуна е, ама селаните (партиите) не го сконтале тоа;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама партиите имаат попаметна работа.

3. Овчарот се граѓаните, овците во котарот се Р. Македонија. Волкот се партиите и другите елити, вакви или онакви кои мама ебаваат наоколу, селаните се меѓународната заедница и:
а) лажна узбуна е, ѓраѓаните само викаат помош ама немаат вистинска намера да си ја спасат татковината, имотот, достоинството... или што и да е тоа што им значи во трлото, селаните доаѓаат џабе;
б) лажна узбуна е, меѓународната заедница го знае тоа и не аби чевли по брбушки;
в) волкот е во трлото, меѓународната заедница (цел свет!) е во Минхен.

Ех, веројатно може да се смислат уште две-три сценарија - можеби и некое пооптимистичко: сите стејкхолдери ја знаат прикзнава и пораката која од неа треба да се извлече, пркнува работава и така натаму... но, можеби и волкот одамна го измезил ова трло, а приказната ја раскажуваат мршите и разрушените куќарки. Никој не знае што се случило со овчарот и неговите соселани.

Законодавниот дом промовира пиратерија?

Tags: 

Од денешните новости:

Јордановски на пратениците им подари ди-ви-ди

Пратениците пријатно беа изненадени од ваквиот гест на спикерот. И неговите политички противници не се сомневаат во вкусот на Јордановски и велат, сигурно ќе го вртат ЦД-то.

A1 вести со целата приказна.

Писмо до министерот

Tags: 

Го објавив на Багра на 29 март 2006 година, а сега еве го и овде. Повод: „Скомрахи“.

Отворено писмо до Министерот за култура на Р. Македонија

Почитуван Господине Министре,

Прво да Ви се извинам што Ви пишувам во ова предизборно време. Второ, да се претставам без многу перипетии: јас сум граѓанин кој редовно плаќа даноци.

Сега, зошто Ви пишувам? Пред се, сакам да Ви изразам поддршка за одлуката за кратење на буџетот на Скопскиот филмски фестивал. Фестивалот можеби нема да се одржи заради тоа и тоа е добро. Како граѓанин кој редовно плаќа даноци, мислам дека моите пари кои Вие ги прибирате по сила на Закон треба да се користат за некои покорисни работи.

Да не се разбереме погрешно, јас сакам од време на време да погледнам добар филм или театарска претстава, за што набрзо и ќе пишам, но најчесто не можам да дојдам до карти, па дури и кога ќе се наредам во ред од раните утрински часови. Тогаш ако билетарата отвара во 10 часот, веќе во 10 часот и 5 минути сите карти чудесно се продадени.

Со други зборови, добивам силен впечаток дека овие културни збиднувања, поддржани од моите пари, стануваат приватни забави.

На ваква приватна забава, Господине Министре, јас и моите пријатели бевме сведоци денес (29.03.2006) пред МНТ Центар. Како што веројатно знаете во тек е фестивалот „Скомрахи“, кој, барем според информациите на рекламниот материјал, е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија, а и од други нивоа на власта, и денес во 21 часот во театар Центар имаше гостување од Хрватска.

И таму, пред театарот, организаторите (или одговорните лица - навистина не знам точно кој) дојдоа и ги поделија картите на некакви свои луѓе. Три пати побаравме карти од луѓето со пликоа и три пати добивме одговор: „не може“, бидејќи картите биле: 1. за гости, 2. за студенти (а бев и студент порано, и и тогаш не успевав да добијам карти за овој настан, а сега веќе не се сеќавам на тогашните изговори) и 3. едноставно картите не биле за давање.

Не знам дали Вие го знаете одговорот на ова прашање, но живо ме интересира: зошто има огромна рекламна кампања, меѓу другото со лого на Министерството за култура, за „Скомрахи“ кога настаните од фестивалот не се отворени за пошироката јавност? Зошто да се фрлаат пари на информирање на граѓаните за нешто на кое тие не можат да присуствуваат? Впрочем, кога јас правам приватна забава, не го објавувам тоа јавно, туку праќам неколку СМС пораки и вртам неколку телефонски броеви - и тоа е тоа.

Затоа, Господине Министре, сакам да Ви предложам од другата година да го укинете буџетот за „Скомрахи“. Навистина нема никаква логика јавноста да финансира приватни забави. И додека сте таму, разгледајте ја можноста за укинување на буџетите и на другите слични манифестации - како МОТ на пример, доколку го финансирате, бидејќи и овој е се само не отворен.

Се надевам дека нема да помислите дека со ова обраќање се потсмевам или шегувам. Навистина мислам дека е надвор од памет јавноста да финансира приватни забави. Кога би се прашувал јас, сите театри и слични згради и институции во Р. Македонија би ги заменил со трговски центри, бидејќи првите вакви какви што се не ја вршат својата функција и го срамат името што го носат, а и едно е сигурно - во трговските центри ќе влегуваат само оние што ќе можат да платат и тешко дека ќе може да се протнат „некакви свои луѓе“.

Толку имав да речам Господине Министре и се надевам дека не одземав премногу од Вашето време.

Искрено Ваш,

Даночниот обврзник Новица

Btw, и GoodBytes ме цитирал. :)

Благодарам мт.ком и он.нет

Tags: 

Ова време минатата година се откажав од дајл-ап интернет. Се вратив, очигледно, заради некои е-обврски, ама еве сега пак размислувам за вадење на модемот. Цела година ништо позначајно не се смени во врска со прашањето за Интернет, цени, можности за поврзување и сл.

Ова време минатата година исто така пишував еден текст за Интернет во државава. Лајт мотивот ми беше една мисла од Тимоти Лири:

Дали не е точно дека слободата во било која земја префектно се мери со процентот на персонални компјутери во рацете на поединците?

Оваа реченица е од стар текст, од 1986 година. Сигурен сум дека ако Лири беше жив денеска ќе го речеше истото само наместо персонални компјутери ќе речеше Интернет.

Поентата која сакав да ја направам тогаш е многу едноставна: На моќниците во нашата држава (владата, големите компании, политичките партии...) им одговара низок процент на пенетрација на Интернет, (а земајќи ги предвид високите давачки за хардвер, и (релативно) низок процент на персонални компјутери во земјава) од едноставна причина што тоа значи помалку слобода за граѓаните.

Интернет е свет на краеви. И во ситуација кога средствата за комуникација внатре во земјава (не можете да отидете никаде со воз, јавниот превоз не чини, бензинот е скап), а и на релација дома-странство се никакви (визи за сегде, а често забранети влез и во земји за кои не треба виза (види Хрватска)), Интернет може да биде нашата дупка за влез во чудесниот свет на... сè. Исто така, мрежата можеме да ја користиме за соработка. Ако веќе не можам да патувам низ земјава, едно WikiWiki на Интернет може да биде одлу(и)чен дом за сеќавање на нови луѓе и мислења и остварување на соработка, соработка која (и сега ќе бидам малку оптимист) можеби ќе вроди со нешто што ќе ја турне земјава кон подобро, притоа земајќи дел од моќта на пашите. И овде не мислам на некаква политичка револуција бла бла бла, туку баш на избегнување на тие работи и креирање вредност која ќе донесе дополнителен квалитет во нашето секојдневие. Нешто во смисла на она што еднаш го имам прочитано од Линус Торвалдс, дека тој (со развојот на Линукс) нема намера да го уништи Мајкрософт - тоа би бил само ненамерен спореден ефект (цело интервју, NYT).

Значи уверен сум дека тоа што немаме доволно Интернет е свесна одлука.

И сега назад на Тимоти Лири. Човеков има пишувано многу за слободата, авторитарните режими, мислење со своја глава итн. Цитат, 1990 година:

Горбачов беше вчудоневиден кога дозна дека голем дел од советската младина, по добивањето на слобода на печатот, повеќе беше заинтересирана за НЛО-и, панк-рок, астрологија и хашиш одошто за политички прашања.

Не знам што се случило подоцна со советската (сега руска, украинска... итн.) младина, ама прилично сум сигурен дека употребата на Интернет во земјава е отприлика на ова ниво. Дури и моментално жешките места изобилуваат со работи кои се sidestepping од политичките прашања. Општиот квалитет можеби не е нешто посебно висок, но може да се најдат и некои корисни дискусии, како и иницијативи за остварување на некои повисоки цели (кои не ми се допаѓаат многу-многу). Но, сè на сè, мислам дека добри работи се случуваат на македонскиот Интернет, земајќи ги предвид ограничувањата.

Прашањето што останува е кога ќе имаме малку повеќе слобода? Викендов е викенд на бесплатен дајл-ап Интернет и заради тоа им благодарам на мт.ком и он.нет. (Секако јасно ми е дека тие ова го прават од чисти бизнис побуди.) После долго време успеав на раат да искликам повеќе хипер-врски од вообичаено, да направам catch-up, да видам што се случува - и богами има што да се види, полно работи се случуваат. Но, ова завршува денес на полноќ и се враќа стандардната шема на мала/ограничена слобода. Така, до крајот на месецов најверојатно ќе го извадам модемот, а за да останам во тек, ќе нарачам некои книги, ќе читам така офлајн и ќе чекам некој да даде одговор на горното прашање.

На крај оставам уште една мисла за македонската блогерска заедница (која сака да порасне и да се надрасне) и другите чинители на нашиов Интернет. Повторно веќе цитираниот чичко:

If you write stoned, edit straight. If you write straigth, edit stoned.

Страници