надзор

Нејаснотии за следењето на комуникациите

Tags: 

оја е поентата да се има специјализирана агенција која ќе се грижи за законско спроведување на мерката следење на комуникации, која е регулирана со разни мерки и проверки ако Законот за следење на комуникации дозволува спроведување на мерката на следење на комуникации без посредство на ОТА и операторите?

Ова прашање произлегува директно од највозбудливиот член во новиот Закон за следење на комуникациите – членот 17, којшто зборува за постоењето и начинот на употреба на посебни технички уреди и опрема.

Оние коишто ја следат темата за следење на комуникации веројатно претпоставуваат за какви посебни технички уреди и опрема станува збор: на овој медиум веќе се пишуваше (уште во 2013) за истражувањето кое што откри FinFisher во Македонија, а на крајот на минатата година ComputerWeekly пишуваше и за StingRay опрема која на Македонија ѝ е продадена од Велика Британија. Ова се само два од многуте можни посебни технички уреди и опрема коишто постојат, а за кои има некакви информации дека се наоѓаат во Македонија. Членот 17 е уште една дискретна потврда дека ваквата технологија е тука.

Три поенти вреди да се истакнат во врска со овие технологии. Прво, популарно наречените StingRay технологии се во матни законски води од аспект на човековите права и постојат основани очекувања дека Европскиот суд за човекови права ќе донесе одлука којашто ќе ја забрани нивната употреба. За ваква одлука веќе има судска пракса во случајот Захаров против Русија, во врска со технологии коишто не гарантираат таргетирано и поединечно следење на комуникациите. А StingRay е токму таква технологија: таа имитира мобилна телефонска кула и го презема сообраќајот од сите телефони што се во околината – значи и од оној за којшто има судски налог за следење, но и од сите други кои се наоѓаат во нејзиниот радиус случајно. Понатаму, FinFisher е технологија којашто, иако се употребува таргетирано, се шири преку инфицирање на уредите слично на она кое настанува со компјутерски вирус и друг измамнички софтвер. Така, дури и во случај службите за следење да пратат е-пошта до нивната цел за следење, доколку тој/таа ја отвори таа пошта на компјутер што не е нејзин (како што е чест случај со употребата на сервисите како GMail или Yahoo) сосема е возможно предмет на надзор да станат туѓи компјутерски или телефонски уреди. Воопшто земено, двете технологии се однесуваат непријателски кон телекомуникациските мрежи и ја поткопуваат нивната безбедност, од што на крај штета трпи целото општество.

Второ, членот 17 не нуди детали за тоа во кои случаи ќе може да се користат овие технологии. Ако системот се поставува така што ОТА е централниот и главен начин како ќе се следат комуникациите, тогаш дополнителни технички уреди и опрема би требало да бидат некаков исклучок од тоа правило, нешто што, како што нивниот опис вели, се прави дополнително. Но, дали се навистина дополнителни и кога се, и за кои дела, случаи и околности ќе се користат наспроти случаите во кои ќе се користат услугите на ОТА, не може да се прочита во законот. Според извештајот од Јавното обвинителство, мерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон во 2016 година се употребила во 29 случаи против вкупно 192 лица. Месечната или друга временска дистрибуција на овие случаи не е позната, но ако значајно зголемениот број пријавен во овој извештај од 2016 го земеме за нормален во годините што следат, не е тешко да се замисли дека овие технологии можат да се користат буквално во секој случај (Македонија има купено шест StingRay уреди, FinFisher секако овозможува следење на повеќе од еден уред истовремено, а можеби постојат и дополнителни уреди за кои не знаеме).

Трето, и интересно за адвокатите кои што работеле во кривичните предмети каде имало следење на комуникации досега, е дека овие технологии пред овој нов закон за следење комуникациите не постоеја во македонскиот правен поредок. Па оттука прашањето е дали оние што во изминативе години (од 2012 наваму) биле следени со StingRay или FinFisher се осудени правично, т.е. дали доказите прибрани со овие технологии биле дозволени и законски прибавени.

Со среќа нека ни се реформите.

Првично објавено на РСЕ, 12.5.2018: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29222433.html.

Вакуум-175: Член 175 го нема повеќе во ЗЕК

Tags: 

На блогов не сум пишувал за темата прислушување од 9 декември 2017, па морам уште на почеток да се извинам за затајувањето на моето внимание кон оваа тема.

Но, во оној период кога не се знаеше дали собранието работи или не работи, или пак можеби во зафатениот даночен период, сеедно, собранието ги изгласало промените на Законот за електронски комуникации со кои членот 175 се брише (Службен весник на РМ бр 21/2018 од 02.02.2018 г.).

Сега, има неколку поенти поради кои ова е важно.

Прво, бришењето на член 175 ја разотркива целокупната зезанција на Владата со Уставниот суд кога (во октомври 2017 г.) кога тврдеа дека без 175 не може законски да се следат комуникации.

Ако е ова точно, тогаш укинувањето на 175 во февруари и носењето на Законот за оперативно-техничка агенција и Законот за следење на комуникациите во април (објавени во Службен весник бр. 71/2018 од 12.04.2018 - кои што сѐ уште не се на сила(?)) создал вакуум-ситуација, во која целосно била ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите што би било во рамките на заштита на уставниот поредок на Македонија и борбата против организираниот криминал и корупција.

Прашањето што дополнително се поставува во врска со ова е што е со кривичните предмети што се водени во овој два-три месечен период (меѓу кои имаше и некои високо-профилни апсења): дали се користени посебни истражни мерки што вклучувале следење на електронски комуникации и ако да, како со оглед на тоа дека го нема 175?

Ако пак, вакуумот постоел само во ПР одделот на Владата, тогаш останува прашањето зошто Владата го наметна тоа мислење во јавноста, и му се замеша во работа на Уставниот суд кога тој се чинеше на чекор до укинување на 175 (патем, сега постапката пред Уставен во врска со 175 е беспредметна).

Второ, прашањето што останува исто така неодговорено е што се случува со опремата во телекомуникациските оператори во овие два месеца. За потсетување член 175 е оној што наредуваше дека „Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови.... електронски комуникациски водови до овластениот орган....“. Без член 175 оваа опрема не е законска, водовите не се законски. Дали ги демонтираа? Дали е опремата пратена на уништување? Мојата кладба е дека - не.

Сѐ на сѐ ми се чини дека произволното однесување во врска со законите што треба да го регулираат следењето на електроонските комуникации од страна на тековната власт е вредно за потсмев. Дали е неспособност или намерно заплеткување на конците на ионака комлицираната (и прилично неуставна) ситуација, останува да нагаѓаме.

Дополнето (22.04.2018): Навистина во членот 6 од измените (видно од последната страница од PDF документот погоре) стои дека промените на ЗЕК (а со тоа и бришењето) ќе почне да се применуваат од започнувањето на примената на Законот за следење на комуникациите. Доколку постои слободен израз во пишувањето на закони би можело да се заклучи дека од владата мислеле на идниот (хипотетички) закон за следење на комуникациите (кој што во февруари 2018 не постои).

Но, начинот на кој што е напишан членот, и воопшто потребата за доследни и логични закони, значи (според мене) дека ЗЕК се применува веднаш по истекот на вообичаените (и пропишани во членот 6) осум дена, бидејќи примена на закон за следење на комуникации (веќе) има преку стариот закон за следење на комуникациите (Службен весник на РМ 121/06 и др.).

Сѐ на сѐ каша-попара.

Прибе #2 за следењето на комуникации по промената на власта

Tags: 

Вториот извештај на експертската група за системски прашања за владеење на правото или општо познат како извештајот на Прибе [PDF врска] беше објавен на 15 септември 2015.

Тука треба да се прибележи дека извештајот сѐ уште препорачува дека УБК не треба да има директен пристап до опремата за следење на комуникации.

Но, генералниот тон на текстот мене ми звучи како да има малку надеж во успешни реформи и покрај забелешката дека владата покажала посветеност во реформите. Посебно загрижува тоа што е нотирано дека за амандмани на некои закони потребно е 2/3 мнозинство во парламентот, кога за промената на Законот за електронски комуникации (за кој истата експрертска група најде дека го дозволува директниот пристап во членовите 175 и 176) потребно е просто мнозинство, додека оној за следење на комуникациите (кој што бара 2/3 мнозинство) генерално не е спорен.

Останува да видиме што ќе биде, додека и можноста да не чујат без ограничување останува отворена.

Претходно (опширно) за истата тема: Како власта ни ги следеше комуникациите.

Како власта ни ги следеше комуникациите

Tags: 

Влијателната книга „Код и други закони на киберпросторот“ на Лоренс Лесиг во предговорот на првото издание започнува со приказна од конференција од 1996 година насловена „Компјутери, слобода и приватност“. На конференцијата имало двајца писатели на научна фантастика кои биле поканети да зборуваат за нивната визија за иднината. Вернон Винџи раскажал приказна за сеприсутна полиција која има контрола над технологијата што ја користиме. Том Медокс раскажал слична приказна во која улога на соработник, заради неговите интереси, има и бизнис секторот (Лесиг, 1999).

Дваесетина години подоцна дистописките предвидувања на писателите се чини се остварија. Откритијата на Едвард Сноуден ни кажуваат дека светските разузнавачки агенции можат да имаат директен пристап до нашите електронски комуникации на социјалните мрежи сопственост на корпорации каде што поминуваме голем дел од времето, но и до нашите мобилни телефони за чие функционирање се грижат телекомуникациските гиганти. После овие откритија, Ебен Моглен, уште еден истакнат правник од Соединетите Американски Држави (САД), понуди објаснување за како треба да се разбере приватноста и што значи тоа кога ќе ја изгубиме: приватноста се состои од тајност, анонимност и автономија, таа со овие нејзини делови е нужна за да постои демократско владеење (Моглен, 2013). Ќе се вратиме на Моглен кон крајот на овој текст.

Во позадина на овие настани, во Македонија во 2010 година собранието донесе закон (Службен весник на Р. Македонија, 83/2010) кој што дозволуваше полицијата директно, самостојно и непречено да ги следи комуникациите на граѓаните, без разлика дали е издаден судски налог или не (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010). Овој закон е јавен вовед во последната политичка криза што ја живееме во Македонија. Подолу ќе се обидам да ги прибележам сите настани од правото, технологијата и нивната интеракција што ја одбележаа оваа криза. Иако логично би било да се очекува дека на каква било набавка на технологија ќе претходи донесување на законско овластување за тоа, постои основ да се мисли дека тоа во Македонија не е така. Затоа, приказната, сепак, започнува во 2008 или 2009 година.

Почетоците на следењето

На прес-конференцијата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) на 30.03.2016 година беше објавено дека во текот на 2008 и 2009 година во Министерството за внатрешни работи во употреба има два системи за следење на комуникациите. Уништувањето на еден од овие системи е предмет на истрага на СЈО (СЈО, 2016a). Но, никаде до сега не е објавено ништо за тоа што овие системи можат да прават, а пред сѐ што може да прави системот што бил во употреба од 2008-2009 до моментот на неговото уништување. Односно, не знаеме дали со тој систем можело директно, самостојно и непречено да се следат комуникациите на граѓаните, без разлика дали е издаден судски налог или не. Сепак, знаеме дека незаконско следење на комуникациите имало, ако ништо друго од признанието на македонските пратеници кои во Законот за заштита на приватноста (Службен весник на Р. Македонија, 99/2016) во член 1 став 1 велат „Со овој закон се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година“ (нагласувањето е мое) (Закон за заштита на приватноста, 2016).

Со други зборови, и од страна на СЈО и од страна на Собранието на Р. Македонија имаме изјава дека незаконско следење на комуникации имало во 2008 и 2009 година. Но, не знаеме како тоа било спроведено. Ова е важно прашање, бидејќи одговорот може да го опише заговорот помеѓу државата и приватниот телекомуникациски сектор.

Пред да продолжиме, класичното сценарио во кое што се дозволува следење на комуникации е барање од обвинител за точно одредено лице во врска со некое дело, дозвола од судија, спроведување од полиција и горе-долу тоа е постапката опишана и во македонскиот закон за следење на комуникациите (за тоа подолу). Ова е постапката која веројатно и сите сме ја виделе на која било криминалистичка серија. Вака одобреното следење на комуникации е документирано во извештаите на Јавното обвинителство кои што се испраќаат до Собранието на Р. Македонија. Со оглед на тоа дека има истрага за незаконско следење на комуникациите, можеме да заклучиме дека истрагата на СЈО не се однесува на нешто што Јавното обвинителство побарало, судот дозволил и се спровело, а за тоа било известено и Собранието.

Оттука две сценарија се можни за периодот 2008-2009 година. Едното е дека системот за следење на комуникациите кој што тогаш бил ставен во функција овозможувал директно, самостојно и непречено следење. Тој бил инсталиран со премолчена согласност на операторите за телекомуникациски услуги, но без законска дозвола, и бил ставен во употреба. Второто е дека новиот ситем бил ист како и стариот и не дозволувал директно, самостојно и непречено следење. Сепак, операторите ги спроведувале налозите за следење исто така давајќи премолчена согласност, бидејќи за тоа не им била доставувана судска наредба. Кое и сценарио да се остварило, во двата случаи станува збор за заговор помеѓу полицијата и бизнисот, а на штета на граѓаните на Република Македонија. Патем двете сценарија продолжуваат да важат и за периодот што следи.

Измените на законот за електронските комуникации од 2010 г., Уставниот суд и Зоран Заев

Во јуни 2010, доаѓа ослободувањето од одговорност на телекомуникациските оператори. Со измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации изменети и дополнети се и членовите 112, 114, 115, 115-а и 155-б кои што ги обврзуваат операторите да набават и инсталираат опрема што овозможува директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите и да му овозможат пристап на надлежниот орган (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010). Законот стапил на сила на 1 јули 2010. Но, веќе во октомври истата година Уставниот суд го запира извршувањето на овие членови од законот за електронските комуникации (Уставен суд, 2010а), а два месеци подоцна оспорените делови кои дозволуваат директно, самостојно и непречено следење се поништени од страна на уставниот суд (Уставен суд, 2010б).

Треба да се направат две поенти во врска со овие собраниско-уставни настани од 2010 година. Прво, директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите било дозволено само во еден краток период од јули до октомври 2010 година. Прашањето што дополнително треба да се постави е: дали тоа било возможно? Во овој краток период операторите биле должни прво „од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010) за воопшто да можат да ја исполнат нивната законска обврска за обезбедување на опремата.

Оттука, во овој период од 3-4 месеци, во сред лето и одмори, овластениот орган би требало прво да ја изготви техничката спецификација, операторите да ја побараат и добијат, потоа да спроведат постапка за набавка на опремата, да ја инсталираат, да ја пуштат во употреба и да му обезбедат пристап на надлежниот орган. Ова е единственото сценарио во кое операторите во врска со следењето на комуникации можеле да постапат согласно закон. Дали е ова навистина направено во тој краток временски период веројатно ќе биде откриено од страна на СЈО, но можеби не и за јавноста. Сите други варијатни би значеле дека операторите во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) однапред знаеле какво ќе биде законското решение и техничката спецификација, па оттука и каква опрема ќе треба да набават, па сѐ што ќе им преостанело е на 1 јули да го вклучат копчето на „On“, откако претходно ги завршиле сите други активности. Вакво сценарио повторно укажува на заговор помеѓу полицијата и бизнисот, а веројатно и на силно влијание на полицијата врз законодавството – бидејќи дури и МВР и операторите да соработувале, тие по правило не би можеле да знаат дека Собранието ќе донесе баш таков закон каков што Владата побарала.

Со цел да се разјаснат некои од овие дилеми до МВР испратив барање за слободен пристап до информации со прашање кога е техничката спецификација е испратена до операторите, односно за одговор го барав само датумот. За жал одговорот што го добив е дека тоа е класифицирана информација од степен „строго доверливо“.

Се разбира, незаконско следење на комуникациите можело да се случува, дури и операторите да биле експедитивни во овие 4 месеци: МВР можело да следи преку новите брзо инсталирани системи без никој да знае за тоа. Со други зборови, законското (и експедитивно) инсталирање на опремата не го исклучува незаконското следење на комуникации од страна на полицијата. Но, за сите други снимки што ги чувме во „бомбите“ на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) или што ги има во архивата на СЈО, а кои што се од период пред 1 јули 2010 година и после 20 октомври 2010 година, сѐ до новиот закон за електронски комуникации од 2014 (за тоа подолу), операторите се виновни најмалку за нарушување на доверливоста на комуникациите што е прекршок казнив според истиот закон, и веројатно би требало да бидат казнети (тогаш, бидејќи сега е застарено) од надзорниот орган за комуникации – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Дали непостапувањето на АЕК може да ги однесе нејзините претставници во некакви проблеми е прашање за друга прилика. Сето ова создава мрачна слика за заговор помеѓу полицијата и телекомуникацискискиот бизнис.

Второ, со решението и одлуката на Уставниот суд од 2010 година директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено во Република Македонија. Прашањето во врска со ова е дали одлуката на судот е спроведена, и не само поради тоа што неспроведување на судска одлука е казниво според македонскиот кривичен законик. Дали одлуката е спроведена или не, всушност, ни кажува дали нелегалното следење на комуникациите по декември 2010 продолжило по првото или второто сценарио опишани погоре за периодот од 2008-2009 година. Понатаму, тоа што никаде нема информација дека МВР набавувало уште една опрема кога биле измените законот за електронски комуникации во 2010, може да значи дека опремата набавена 2008-2009 година можела да прави сѐ што законот ќе предвиди во 2010 година, што би значело дека цело време (додека траат промени на закони од Собрание и Уставен суд) технологијата е една и иста. За целосна слика сепак ќе треба да ги погледаме и набавките на операторите во периодот од 2008 до 2010 година.

Ова можеби е добро место да се потсетиме на силната промена на ставот на (сега премиерот) Зоран Заев. Првичните негови изјави се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите (Вистиномер, 2015), но веќе по две недели Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите (Прес конференција на СДСМ, 2015). Увидот во набавките можеби треба да се надополни со објаснување за тоа како и каде исчезнала одговорноста на операторите.

За оние кои што ќе се запрашаат како со одлуката на Уставниот суд директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено, одговорот е во членот 111 на законот. Таму прво се вели дека комуникациите се доверливи, па потоа се редат исклучоци од таа доверливост. Со одлуката на Уставниот суд, на пример, исклучокот од членот 114(6) кој што вели „На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно одредување на моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, односно корисници независно од нивната телекомуникациска активност“повеќе не постои. Затоа после декември 2010 година директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено.

Сите опреми за следење

После декември 2010, Македонија влегува во тивок период во однос на законските решенија за електронски комуникации. Но следењето на комуникации, видно од сѐ што чувме во аудио формат, не е застанато. Исто така не е застанато ни набавувањето на нова опрема. Помеѓу 2010 и 2014 купени се најверојатноо уште четири опреми за следење на комуникации: во 2010 опрема од Велика Британија (СЈО, 2016b), во 2011 опрема што беше тема на прес конференција на СДСМ во 2015 (Призма, 2015), FinFisher кој што беше прв пат откриен во Македонија во 2013 (CitizenLab, 2013) и опрема која што некаде во 2014 е купена за да ја замени опремата од 2008-2009 (СЈО, 2016a).

Во меѓувреме опремата од 2008-2009 (која што е предмет на истрага на СЈО) е уништена во март 2015 (СЈО, 2016a). Опремата што потоа се користела и веројатно сѐ уште се користи е опрема на Ериксон (НоваТВ, 2016). Дали тоа е нова набавка или е само именување на брендот на некоја од претходните набавки не се знае. Во секој случај станува збор за многу опрема. Конечно, во некој момент (веројатно) во 2011 година Македонија потпишала таен договор за следење на комункациите со САД (The Intercept, 2014). Обемот и опфатот на оваа соработка е непознат.

Додека сето ова се случува законска дозвола за следење на комуникациите директно, самостојно и непречено не постои. Значи, следењето се случува или на поединечни барања на полицијата до операторите кои што се спроведуваат без судска наредба (бидејќи знаеме дека бројот на оние што се следени со судска наредба е далеку помал од бројот на оние што се следени во незаконското следење на комуникациите од 2008 до 2015), или одлуката на Уставниот суд во врска со Законот за електронските комуникации не е спроведена и полицијата ги следи комуникациите директно, самостојно и непречено.

Новиот закон за електронски комуникации, ситните разлики во тексот и извештајот на Прибе

Но, во февруари 2014 година Собранието на Р. Македонија носи нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на Р. Македонија, 39/2014) во кој што може да се прочитаат малку поинакви одредби во врска со следењето на комуникациите (Закон за електронските комуникации, 2014). Во законот од 2010 година има пет членови што го регулираат следењето на комуникациите: 112, 114, 115, 115-а и 155-б; во законот од 2014 година има само два: 175 и 176.

Како што видовме, во членот 114(8) од законот од 2010 година, меѓу другото, дозволен бил директен и постојан пристап до мрежите на телекомуникациските оператори. Меѓутоа, слична одредба не постои во новиот закон од 2014 (или барем јас не можам да ја најдам). Тоа што може да се прочита во новиот закон во членот 175(1) е дека „Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, согласно со Законот за следење на комуникациите“(Закон за електронските комуникации, 2014). Сличната одредба во членот 115(1) во законот од 2010 гласи: „Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на свој трошок да обезбедат соодветна опрема и интерфејс за спроведување на мерката следење на комуникациите која ќе се врши под услови и на начин утврдени со закон“ (нагласувањето е мое) (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010).

Од нагласените делови се гледа, според мене, главната разлика помеѓу двата законски текста во врска со следењето на комуникаците. Стариот закон зборува за опрема и интерфејс во 115, а за тоа што таа опрема треба да овозможи зборува, на пример, во 112(8): „На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“; или во 114(6) како што е цитирано погоре. Новиот закон зборува само за неопходни технички услови. Нема никаде објаснување за тоа што се тие технички услови или како се определува неопходноста.

Пред да продолжиме понатаму само кратко појаснување за тие што го читаат членот 175 во делот што се наоѓа после запирката: „согласно законот за следење на комуникациите“. Ова се однесува на условите и постапката за следење на комуникациите од правна гледна точка: за кои дела може да се следи, кој издава наредба за следење, кој може да побара следење итн. На пример членот 2 од законот од 2006 година почнува со: „Никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите“. Со други зборови „согласно законот за следење на комуникациите“ не се однесува на претходниот дел од одредбата каде што се спомнуваат неопходните технички услови. Законот за следење на комуникациите воопшто не се занимава со технички услови. Формулацијата „директен и постојан“ не се појавува во тој закон. Законот за следење на комуникациите може да се прочита во Службен весник на Р. Македонија бр. 121/2006, 110/2008, 4/2009, и 116/2012.

Значи, новиот Закон за електронски комуникации создава обврска за операторите да обезбедат неопходни технички услови, но тие услови никаде не се опишани. Во членот 175(3) сепак операторите се должни да побараат техничка спецификација за опремата и интерфејсот кои што треба да ги обезбедат на нивен трошок како што е пропишано во членот 175(2). Оттука возможно е нужните технички услови да се вметнати во техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, а таа техничка спецификација веројатно е класифицирана. Исто така возможно е нужните технички услови да се истите од 2010: директен и постојан пристап.

Постојат ли некакви аргументи да се поткрепи оваа претпоставка? Да. Во извештајот на работната група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе се вели: „Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите.“ (нагласувањето е мое) (Извештај на Прибе, 2015).

Повеќе прашања се отвараат од констатацијата на работната група на Европската комисја. Прво, врз основа на кои точно делови од членовите 175 и 176 УБК директно ги копира целите оперативни центри на телекомуникациските оператори? Да, согласно членовите 175 и 176 операторите треба да обезбедат опрема, интерфејс и технички услови, но тие не треба нужно да бидат такви што ќе овозможат директно, самостојно и непречено следење на комуникациите.

Можеби ова може делумно да се разјасни со увид во документацијата на операторите. Ако операторите постапувале законски тогаш во 2014 година требало да побараат техничка спецификација и согласно неа да обезбедат опрема, интерфејс и технички услови. Ако набавка нема, тогаш може со значајна сигурност да се тврди дека опремата набавена порано – во 2010 година или пред тоа – сега повторно е ставена во функција (ако воопшто била претходно исклучена соглсано одлуката на Уставниот суд) бидејќи техничката спецификација е еднаква. Ова може да оди во прилог на потврдување на претпоставката дека неопходните технички услови се вметнати во техничката спецификација, но во суштина, ништо не е сменето од она што Уставниот суд го прогласил за неуставно во 2010 година.

Доколку оваа претпоставка е барем и малку издржана тогаш треба да се постават уште неколку прашања: смее ли нешто како неопходни технички услови за следење на комуникации да се регулираат со нешто што е некаков подзаконски акт за техничка спецификација. Вообичаено подзаконски акти се објавуваат во службен весник, додека техничката спецификација е приватна комуникација помеѓу МВР и операторите. Како можеме да видиме дали неопходните технички мерки се во согласност со Уставот на Републиката и посебно во согласност со одлуката на Уставниот суд во врска со следењето на комуникации од 2010 година? Што можеле операторите да направат ако добиле техничка спецификација со услови кои што се забранети на ниво на закон од страна на Уставниот суд? Дали смееле да се противат? Дали повторно се решиле на премолчена согласност, патем ќарувајќи заштеди во не-набавка на опрема? Овие прашања можеби ќе бидат одговорени во истрагите на СЈО.

Знаевме дека нѐ следат и се плашевме

Во 2014 година граѓаните во анкета ги искажале нивните стравови од следењето на комуникациите (Македонски центар за европско образование, 2014). Според резултатите од анкетата дури 53% од испитаниците мислат дека македонските граѓани се плашат јавно да го искажат своето мислење, а 83% од испитаниците што мислат така, мислат и дека тоа е затоа што граѓаните се плашат од последици по нив и нивното семејство. Понатаму, речиси 64% од испитаниците сметаат дека тајните служби ги прислушуваат комуникациите на луѓето што ги сметаат за противници. И точно една година по новиот закон за електронски комуникации дознавме дека овие мислења и стравови не биле неосновани. Директниот и постојан пристап за следење на комуникации не само што постоел, туку и се користел. Во февруари 2015 (тогаш опозициската партија) СДСМ почна да објавува аудио снимки од прислушувани разговори.

Во меѓувреме, во март 2015, Уставниот суд прими иницијатива за утврдување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации. Постапката по оваа иницијатива Уставниот суд ја поведе две години подоцна (Радио Слободна Европа, 2017). Околностите сакаа Европскиот суд за човекови права можеби да им ја олесни работата на македонските судии наоѓајќи, во случајот Роман Захаров против Русија, во декември 2015 дека руските закони што дозволуваат „директен пристап до мрежата без специфични барања до провајдерите“ се во спротивност на Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и Р. Македонија (Радио Слободна Европа, 2017). Но, на конечната одлука од Уставниот суд сѐ уште чекаме.

Од сето погоре може да се заклучи дека во седумгодишниот период од 2008 до 2015 што е предмет на Законот за заштита на приватноста, и веројатно предмет на истрагите на СЈО, законска дозвола за директно, самостојно и непречено следење на комуникациите имало едвај нешто повеќе од 12 месеци (јули-октомври 2010 година и февруари – декември 2014 година). Сиот останат период станува збор за некаков вид на заговор помеѓу полицијата и бизнисот. Ако тоа нѐ потсетува на дистопијата опишана во воведните слики од Лесиг, тогаш можеби можеме да бараме утеха дека, ако ништо друго, што се однесува до следењето на комуникациите Македонија е во чекор со времето. (Друга аргументација од Лоренс Лесиг за корупцијата на републиката може да се понуди за сето ова, како и за одолговлекувањето на Уставниот суд, улогата на АЕК, и сегашното непостапување на Собранието. Но за тоа, можеби, во друга прилика.)

Во 2017 Македонија има нова Влада, нов Министер за внатрешни работи и нов директор на УБК, сите дојдени на нивните позиции со цел надминување на кризата произведена од следењето на комуникации. Но, условите за директно, самостојно и непречено следење на комуникациите сѐ уште постојат. Законот за електронски комуникации може да се промени со просто мнозинство, но тој, до сега – август 2017 година, не е ни на агендата на Собранието. Техничката спецификација што ја пропишува надлежниот орган може да се промени од страна на министерот, но секако тоа и да се случи нема да знаеме бидејќи е класифицирано. Веројатно од нас се очекува да веруваме дека опремата за следење на комуникациите сега нема да се злоупотребува. Можеби сега е вистинкиот момент за повторување на анкетата на Македонскиот центар за европско образование. Можеби граѓаните мислат дека сега тајните служби не ги слушаат разговорите на оние што ги сметаат за противници. Овие прашања остануваат да бидат одговорени од општествените истражувачи.

Но, ако ја прифатиме аргументацијата на Моглен, тогаш кризата во Македонија не е навистина завршена. Според Моглен без тајност демократско владеење не е возможно бидејќи луѓето не можат да разговараат за јавните работи со оние кои што сакаат и да ги исклучат оние со кои не сакаат да разговараат; без анонимност, која што е и централна на правото на слобода на говор, не може да се спроведува демократска политика; без автономија нема слободно носење одлуки, а автономијата не може да постои без тајноста и анонимност (Моглен, 2013). И сѐ додека констатацијата од извештајот на Прибе е точна, нема тајност и анонимност во Македонија, колку и од нас да се очекува да мислиме дека овој пат опремата не работи против нас. И сѐ додека констатацијата од извештајот на Прибе е точна, во Македонија нема демократско владеење.

Оригинално објавено на ОКНО.мк на 4.8.2017: https://okno.mk/node/65779

Дополнето: Во оригиналниот текст објавен на ОКНО.мк недостасува тоа дека во планот 3-6-9 на Владата на Р. Македонија на стр. 6 се наоѓа ветување за реформа на разузнавачките служби и тоа преку: „Започнување со инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите“ (План на Владата, 2017), но нејасно е кога таа дебата требало да започне, т.е. дали веќе треба да е започната или не. Заради целосна слика со оваа информација требаше го дополнам претпоследниот параграф на овој текст. Овој превид е мој. Му благодарам на Миша Поповиќ на укажувањето.

Препораките на Прибе за следењето на комуникациите ги нема во предлог-програмата на владата на Заев

Tags: 

Во извештајот на работната група на Прибе од 8 јуни 2015 година, веднаш по воведните напомени, како прва точка на извештајот е следењето на комуникациите.

Извештајот нашол дека:

„Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат УБК со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите.“ (Потенцирање мое.)

А понатаму препорачал:

„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува копирање на комуникацискиот сигнал. Сопственичките преклопници (свичови) треба да се преместат во просториите на провајдерите на телекомуникациски услуги. Провајдерите треба да ги активираат и пренасочат сигналите кон надлежните агенции за спроведување на законот (Полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или безбедносните агенции (Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Агенцијата за разузнавање и Службата за воена безбедност и разузнавање во рамките на Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантен судски налог и само за целите на законско следење на комуникациите. Во никакви околности УБК не треба да има практична способност за директно следење на комуникациите.“ (Потенцирање мое.)

Сепак, измени на Законот за електронски комуникации не се наведени* во предлог-програмата на Владата на Зоран Заев објавена на 10.03.2017 година. (*Пребарување во документот не е возможно, па ова тврдење е врз основа на читање на деловите на документот што се однеусваат на човекови права.)

Овој исход во програмата доаѓа наспроти изјавите на Заев дека реформите на Прибе се прироритет на новата влада. На пример:

Предлог-програмата ветува барање на поширока поддршка за измена на Законот за следење на комуникациите. Иако промена на Законот за следење на комуникациите е потребна и е во врска со препораките на Прибе, промената на овој Закон согласно досегашната пракса бара 2/3 мнозинство. Во сегашниот состав на парламентот се чини дека тоа е невозможно, па веројатно и логично е владата на Заев да бара поширока поддршка, без експлицитно да ветува и негова измена.

Но, за измени на Законот за електронски комуникации, такво мнозинство не е потребно. На пример за измените од јуни 2010, вкупно гласале 65 пратеници (55 за, 1 воздржан, 9 против). Па, освен ако недогледувам во ситниот текст на СДСМ issuu сметка, каде се измените на Законот за електронските комуникации во предлог-програмата на владата што треба да ја укинат способноста за директно следење на комуникациите од страна на УБК?

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/859
http://novica.discindo.org/mk/node/854
http://novica.discindo.org/mk/node/848
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Кулминација на заговорот против Републиката

Tags: 

Пишувам за незаконското следење на комуникации од страна на УБК уште од февруари 2015, кога опозицијата почна да ги објавува т.н. бомби. Во раните денови на оваа тековна политичка, општествена и морална криза нотирав дека СДСМ, поточно нејзиниот претседател, прво ги имплицираше операторите како активни чинители во прислушувањето, а потоа ја повлече таа изјава.

Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите. -- од Молкот на операторите, 4 јуни 2015.

Операторите исто така во нивните изјави стоеја на тоа дека работеле и работат согласно закон.

Сите овие изјави паднаа во вода денес, 18.11.2016, кога на конференцијата за печат на Специјалното јавно обвинителство беше објавено дека:

„Со незаконското следење на комуникациите на повеќе илјади лица кои живееле во Република Македонија во периодот од 2008 до 2015 година, ниту им се почитувани приватноста на личниот и семејниот живот, ниту пак била гарантирана тајност на комуникациите.“

Опремата која што е поставана во операторите и која што служи за следење на комуникации на начин што УБК има „директен, автономен и непречен“ пристап е дозволена согласно закон само во дел од овој 2008-2015 период, и тоа 1. од донесувањето на Законот за електронски комуникации во јуни 2010 до укинувањето на таквите одредби во декември 2010, и со донесувањето на новиот ЗЕК во февруари 2014 во кој што ги содржи истите укинати одредби и, за кои патем, Уставниот суд на РМ молчи веќе една година.

Всушност, во осумгодишниот период од 2008 до 2015 година, директен, автономен и непречен пристап бил дозволен согласно важечки Закон само 2.5 години. Ова значи дека или операторите обезбедувале пристап на конвенционален начин (т.е. начин што подразбира дека УБК не пристапува директно по своја желба во секој момент), притоа знаејќи дека нема судски наредби, или дека опремата за директен, автономен и непречен пристап функцинорала цело време и додека немало законски одредби за неа -- во овој случај би била во функција 2 години пред воопшто таков закон да се разгледува во Собранието на РМ.

Денешните изјави од СЈО ги фрлаат во вода изјавите на операторите дека работеле согласно закон. Законот им наложува на операторите мора да соработуваат со СЈО. Но, моралот бара најмалку оставки од нивните директори.

Објавено на:
http://www.slobodnaevropa.mk/a/28127647.html
http://www.radiomof.mk/stav-kulminacija-na-zagovorot-protiv-republikata/

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/854
http://novica.discindo.org/mk/node/848
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Незаконско следење на комуникациите во Македонија

Tags: 

Сѐ уште нема ништо конечно во истрагите на Специјалното јавно обвинителство, но внимателно читање на прес-конференциите открива дека во Македонија на располагање на УБК во различни биле (најмалку?) четири системи за надзор на комуникации. Најмалку затоа што сѐ уште нема информација дали меѓу нив се вбројува израелската купопродажба што беше откриена во „бомбите“ на СДСМ.

Тековен преглед на информациите во врска со надзорот на комуникации има овде.

Ова можеби е едно од клучните реформски прашања на идната влада. Ќе има или република што не е во сенката на тајните служби?

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/848
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Опремата за следењена комуникации во истрагата на Специјалното јавно обвинителство и законските можности за нејзина употреба

Tags: 

Помилувањата на претседателот Иванов го поместија фокусот на јавниот интерес подалеку од прашањата за неовластеното следење на комуникациите. Сепак, тоа е тема на овој блог веќе некое време, и со мало задоцнување, еве што ново и важно треба да се прибележи.

На прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) од 30.03.2016 година беше објавено дека истрагата на СЈО е во врска со нелегалното следење на комуникациите. Прес-конференцијата содржи повеќе настани кои се собрани во таблерен преглед овде. Целта на овој текст е да ги поврзе тие настани со законските измени што се случуваа во Македонија, за кои досега често сум пишувал (линкови на дното).

Претставниците на СЈО изјавија дека некаде во 2008-2009 од страна на ДБК е купена нова опрема за следење на комуникации. Новата опрема определен период работела паралелно со старата (што е вообичаена пракса). Потоа, оваа нова опрема останува во функција сѐ до нејзиното уништување во март 2015 година. Со оглед на тоа дека истрагата на СЈО е во врска со нелегалното следење на комуникациите, кое пак е евидентно од снимките објавени од г. Зоран Заев, може да се заклучи дека има сомнение дека оваа била користена за таа намена.

Законските основи за масовоно следење на комуникации стапуваат на сила на 1.7.2010. Значи, опремата што имала техничка можност масовно да следи комуникации, требало да почне да функционира на тој датум. Прашањето што произлегува од овде е дали опремата во периодот од нејзиното купување до 1.7.2010 функционирала со ограничен капацитет или не? Ова е важно затоа што масовното следење на комуникации мора да се оствари со соработка на телеком операторите, и токму тоа го пропишува законот за електронски комуникации што стапува на сила на 1.7.2010. Како што веќе забележавме операторите би можеле да побараат од МВР спецификација за таа опрема само откако законот стапил на сила. Претходно не би можеле да знаат какви би биле нивните обврски во иднина.

Оттука прашањето за истрагата е дали опремата функционирала ограничено до 1.7.2010, па целосно согласно законот до 15.12.2010, па потоа повторно ограничено согласно одлуката на Уставниот суд сѐ до новиот закон од февруари 2014. Дека оваа опрема користена по одлуката на Уставниот суд на начин што не е дозволен говори тоа што меѓу снимките веќе беа идентификувани разговори кои што се случиле во 2011 (на пример, од рушењето на „Космос“).

Но, г. Заев на прес-конференциите во февруари 2015 изјави дека има „снимки дека било прилслушувано и во 2007, 2008 и во 2009 година“. Ако сите прислушувани материјали со кои располагал СДСМ се сега кај СЈО тогаш обвинителите можат веднаш да проверат и да утврдат дали навистина има снимки, што би било индикација дека опремата била во употреба веднаш по набавката и законот воопшто не се чекал.

Ваков расплет во истрагата уште повеќе ќе натежне на МВР и ДБК, но и на операторите чии директори се појавија во списокот на помилувани на еделен период работела паралелно со старата (што е вообичаена пракса). Потоа, оваа нова опрема останува во функција сѐ до нејзиното уништување вопретседателот Иванов.

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Доверливи, освен ако...

Tags: 

Тековната дебата во (дел од) македонската јавност е каде, ако воопшто ја има, е одговорноста на телекомуникациските оператори во врска со масовното прислушкување на телефонски разговори што го објави претседателот на СДСМ Зоран Заев, а потоа во нивниот извештај го констатираше работната група на Рајнхарт Прибе.

Ова прашање се поставува затоа што период од 2011 - 2014 година на сила е Закон за електронските комуникации кој што е делумно поништен од Уставниот суд на Република Македонија.

Во тој контекст, важно е да се види што било дозволено со законот од моментот кога одлуката на судот стапила на сила. Краток преглед на промените и поништувањата има овде.

Законот следи логика на правило и исклучоци. Согласно член 111 комуникациите се доверливи, освен во исклучоци пропишани со Законот. Со други зборови, ако нешто не е во законот како исклучок од доверливоста, тогаш тоа не е дозволено.

Член 111 став 2 од Законот вели дека секое следење, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците мора да биде во согласност со Законот. Со други зборови, активности што ги прават комуникациите недоверливи се забратени, ако тие не се во согласност со Законот.

Уставниот суд го „скратува“ член 112 во ставовите 7 и 8. Ставот 8 предивидувал операторите за надлежноит орган да „овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“. Оттука согласно членот 111 секое снимање, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците не смее да се случува преку постојани директен пристап што МВР го има до операторите, затоа што таков пристап не е во согласност со Законот.

Оттука, кредибилна истрага би требала да утврди дали навистина, како што вели извештајот на Рајнхарт Прибе, „УБК може[ла] да пресретнува комуникации директно, автономно и непречено“. Ако тоа се утврди во истрага на, на пример, Специјалното јавно обвинителство, тогаш ќе биде јасно дека операторите помогнале во следење, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникации што не било согласно Законот за електронските комуникации што важел од 2011 до 2014 година.

Но, дали таква истрага ќе се поведе е сосема друго прашање.

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Строго доверлив датум за среќни празници

Tags: 

2015 ја завршувам со одговор од новото (пост-пржинско) Министерство за внатрешни работи. За мене останува нејасно како може датум да биде класифицирана информација со степен на класификација „строго доверливо“.


Но, поважно, зошто е тој датум важен?

Да се потсетиме:
Со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010) опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од рушењето на „Космос“)?

Но, ова е само дел од приказната.

Со член 74/(4) од истиот закон „операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ за следење на комуникациите.

Значи имаме закон кој што стапил на сила на 1.7.2010 година и чии одредби за следење на комуникации се поништени на 15.12.2010 година. Тоа значи дека во рок помал од пет месеци операторите побарале, а МВР ја составило техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, и потоа операторите успеале да набават таква опрема преку прибирање на понуди на меѓунардониот пазар, ја инсталирале и обезедиле пристап за МВР.

Барањето погоре прашува колку поточно е тој рок од помалку од 5 месеци.

Ако МВР им ја доставило спецификацијата во септември, тогаш рокот е помал. Се разбира возможно е спецификацијата МВР да ја имало спремно од претходно и да ја доставило веднаш по стапувањето на сила на законот односно по примањето на барањето од операторите. Меѓутоа тоа може отвори прашања за замаглување на границата помеѓу извршната и законодавната власт (т.е. како би можело да знае МВР кои ќе бидат намерите на законодавецот?). Понатаму, прашање е колку време е потребно за инсталирање на таква опрема. На пример, ако за тоа се потребни работи врз мрежата на операторот што траат неколку месеци, тогаш кога е завршена монтажата? Но, и со оглед на тоа дека сите оператори во Македонија се меѓународни корпорации што следат ISO стандарди и имаат правила за набавки, можат ли воопшто да набават нешто „по скратена постапка“ и ако да како? Се разбира, постои можност и оваа спецификација да била доставена уште порано, на пример во 2009 и законот само да го „покрил“ ова поврзување помеѓу операторите и МВР. И ова се само дел од прашањата.

Сите овие сценарија отвараат прашања за, во најмала рака, неетичка врска помеѓу операторите и МВР. Оваа врска треба да се истражи. И токму, ми се чини, тоа беше една од поентите на договорот од Пржино. Тоа што пост-пржинско МВР не сака да го обелодени датумот на доставување на техничката спецификација до операторите е уште еден клинец во ковчегот во кој ја пренесуваме надежта за подобро утре.

Среќни празници.

Окамовиот меч за прислушувањето

Tags: 

Има еден пасус во извештајот на експертската група превдодена од Рајнхарт Прибе кој што посредно ја лоцира одговорноста на телекомуникациските оператори во Македонија. Тоа, се разбира не е ништо ново, бидејќи за таа одговорност пишувам подолго време, но кога тоа ќе го напише европски експерт, како по обичај, тоа посилно одекнува во јавноста:

На основа на членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери на телекомуникации ја обезбедува УБК со потребниот технички апарат, што ѝ овозможува да ги преслика директно нивните целосни операцски центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може да пресретнува комуникации директно, автономно и непречено, без разлика на тоа дали има или не судска наредба согласно Законот за следење на комуникациите. (стр. 5-6 од извештајот од 8 јуни 2015 на експертскат гупа на Европската комисија.)

Извештајот на експертската група за нас потврдува две работи: дека опрема постои во операторите и дека таа опрема е во употреба.

Сепак, прашањето на кое постојано бараме одговор е од кога таа опрема функционира? Сѐ помалку има сомнеж дека ДБК работејќи без налог ги прекршувала законите и Уставот на Република Македонија, но дали тоа го сториле и операторите?

Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации се на сила од февруари 2014 година кога е изгласан цитираниот Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014). Но, како што чувме од снимките и научивме од новинарските анализи разговорите се водени во различни периоди, и постојат снимки уште од 2011 година. Како се направени овие снимки ако тогаш на ДБК не и било овозможено „директно да ги преслика нивните целосни операциски центри“?

Всушност со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010) опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од рушењето на „Космос“)?

Операторите стојат на ставот дека работеле согласно закон, но постојат стотици снимки кои покажуваат чад од нивните дирекции. Поговорката е: каде што има чад, таму има и оган. И додека тие не се ни трудат да ја вратат довербата на јавноста во нивното работење со податоците на корисниците, Агенцијата за електронски комуникации и Дирекцијата за заштита на личните податоци, кои се задолжени за надзор на телекомуникациите и правата на приватност корисниците, остануваат мирни и рамнодушни кон масовната злоупотреба што ја сведочиме.

Окамовиот меч е принцип што вели дека од можните хипотези треба да ја одбереме таа што содржи најмалку претпоставки. Еве ја: Операторите не ја исклучиле опремата инсталирана во 2010 и со тоа ја прекршиле одлуката на Уставниот суд и овозможиле непречено прислушување и кога законот тоа не го барал од нив.

На операторите им е доделена важна и одговорна улога во општеството и според законите мора да се грижат за приватноста и доверливоста на податоците на нивните корисници до кои имаат пристап. Во време кога дигиталните комуникации играат сѐ поважна улога во општествените и политичките случувања нивната одговорност само се зголемува. Ако сакаат да ни покажат дека тие одговараат на предизвикот и дека горната хипотеза не е точна, тогаш можат да ги објават актите со кои нивните директори наредуваат исклучување и демонтирање на опремата што овозможувала директен пристап до комуникациите согласно одлуката на Уставниот суд. Ако тие акти содржат класифицирани информации, ќе се задоволиме и со документи прошарани со црни полиња како од филмовите. До тогаш: каде што има чад, таму има и оган.

Објавено на Радио Слободна Европа.
Делумно пренесено на Либертас.
Објавено на ОКНО.
Објавено на IT.com.mk.

Молкот на операторите

Tags: 

Од февруари 2015 опозицијата предводена од Зоран Заев објавува т.н. бомби кои што ја откриваат „вистината за Македонија“. Тие тврдат дека снимките содржат наводни скандали, корупција, злоупотреби од страна на водечките луѓе во Владата и владејачките прартии. Но, исто така тврдат дека овие снимки не се само некои или неколку снимки кои што случајно се направени, туку дека се дел од милиони записи од следење на комуникации на повеќе од 20.000 граѓани. И додека оваа приказна воглавно останува непроменета, еден нејзин дел се менува: тоа делот за улогата на телекомуникациските оператори во оваа афера. Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите.

Бидејќи ваквите изјави покренуваа сомнеж за тоа што навистина се случило во врска со наводното масовно прислушување на 20.000 граѓани, уште во февруари започнав со истражување на законите. Тогашната анализа ме доведе до следните сознанија:

1. Член 115 став 2 од Законот за електронски комуникации овозможил користење на технологија за масовно прислушување во јуни 2010;
2. Оваа законска можност, сепак (за среќа?) траела само 6 месеци затоа што Уставниот суд на Република Македонија ги поништил одредбите со одлука во декември 2010;
3. Истиот тип на прислушување повторно е законски овозможен во февруари 2014 со новиот Закон за електронски комуникации.

Според повеќе извори (опозицијата, новинарите, аналитичарите) голем дел од снимките потекнуваат од период 2011-2014 година, па логичното прашање, ако тврдењето за 20.000 луѓе и милиони разговори е неоспорено, е што се случило со технологијата (кратко) дозволена во 2010 во периодот 2011-2014?

Логично, барем за мене, беше ова прашање да го поставам до операторите (Т-Мобиле, Македонски телеком, ВИП и ОНЕ) и до регулаторот (АЕК) во форма:

1. Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

2. Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Понатаму, бидејќи бројот на случаи за кои судовите дозволиле посебни истражни мерки, што меѓу другото вклучува и следење на комуникации, е јавно достапна информација, логично е и да ги прашам операторите колку барања стигнуваат кај нив поедниечно, посебно во однос на задржаните податоци од нивните корисници. Ова е комплетно статистичка информација: ако знаеме дека во 2013 имало 226 одобрени следења на комуникации тогаш информацијата по оператор ќе ни каже кој оператор со колку барања придонесол во истрагата.

Сите овие барања беа одбиени најчесто по основ „класифицирана информација“, освен АЕК која воопшто не одговори. За сите е поведена постапка пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и сега го чекам нивниот одговор. Се надевам дека Комисијата ќе најде дека одговори на прашања за спроведување на судска одлука и прашање поврзано со анонимна статистика не може да останат непознати за јавноста.

До нивинот одговор, во оваа галерија се одговорите на операторите.

Објавено на ОКНО 5.6.2015: http://okno.mk/node/47618

Мало дополнување со нови информации за операторите и прислушувањето

Tags: 

Откако започна објавувањето на прислушуваните разговори, едно од прашањата што останува да лебди: дали и колку била вклученоста на телекомите во прислушувањето на 20 илјади граѓани во изминатите години?

Операторите излегоа со изјави за медиуми дека тие постапувале по законот. Сепак и само површна анализа на законите кажува дека тоа не е целата приказна. На пример, Т-Мобиле го цитираше новиот Закон за електронски комуникации, притоа намерно или случајно заборавајќи, дека тој се применува од февруари 2014. Медиумите утврдија дека дел снимките се однесуваат на настани кои се случиле во период 2011 -2013. Тогаш на сила бил стариот закон.

Дополнитено истражување на законскисте пропис нѐ донесе до знаењето дека спорните членови од стариот Закон за електронски комуникации, меѓу нив и членот кој што пропишуваше постојана врска меѓу операторите и МВР и со тоа овозможуваше масовно следење на комуникации, се поништени со одлука на Уставниот суд во декември 2010. Прашањето што се постави, оттука беше:

Дали телекомуникациските водови востпоставени кога Законот бил донесен (во јуни 2010) се прекинати кога тие одредби се поништени со одлука на Уставниот суд на РМ (декември 2010)?

За таа цел испратив барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до операторите и до АЕК со прашањето:

Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

Односно:

Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Барањата ги испратив во март и деновиве конечно ги добив сите одговори од операторите, додека АЕК не одговори ништо.

Во одговорите Македонски телеком, Т-Мобиле и Оне ги одбиваат барањата повикувајќи се на одредби од законот кои предвидуваат класифицирање на информации поврзани со прашањата за следење на комуникациите. Вип нуди поопширен текст без да се повика на класифицирани информации, но сепак не го одговара прашањето што е поставено во барањето.

Затоа сите овие барања ги обжалувам кај Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ќе објавувам нови детали така како што ќе стануваат достапни. Добиените одговори на ова URL или подолу во slideshow.

ПС. Ако некој има совет која организација би можела да помогне во подмирување судски трошоци во случај ова да продолжи кон Управен суд, молам пишете e-mail.

Црвениот телефон и статус-квото во Готам

Tags: 

Што всушност сака да ни каже Телма?

Пред повеќе од две години пишував за суперхероите и новинарството:

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Денес дознав дека трескањето на црвениот телефон било кампања.

Имала ли поп-култура повторно влијание во тоа како е смислена оваа кампања?

Најпознатиот црвен телефон е телефонот на кој одговара Бетмен кога му е потребен на Готам.

Што ни кажува црвениот телефон?

1. Во контекст на вообичаеното читање дека Бетмен е супер-херој кој што треба да го спасува градот од криминалците, некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот одбива да одговори на повикот за помош што му е потребна на градот и неговите жители.

Ако новинарите се супер-херои што треба да зборуваат на место на немоќните, тогаш одбивањето на кревањето на слушалката е знак дека новинарите ја одбиваат улогата за луѓе кои ја зборуваат вистината во лицето на моќта.

Во контекст на македонскиот пејсаж на неслободни медиуми (117 место според индексот на Репортери без граници за 2015 година), со некревањето на телефонот нашите присакувани супер-херои всушност кажуваат дека сѐ уште не се спремни да ја заземат оваа општествена улога.

2. Во контекст на читањето што го нудат Падник и Жижек каде Бетмен е плутократот кој го поседува Готам и оттука само си ги штити своите интереси кога се бори против тие што сакаат нешто поинаку (нешто против статус-квото), некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот сменил страни.

Ако Бетмен не истрчува (како и секогаш до сега) да им помогне на богатите кои по секоја цена сакаат да го одбранат својот статус и привилегија, тогаш нешто поинаку се случува.

Во контекст на случувањата во земјава, тоа би значело дека Телма понатаму одбива да одговара на повиците на власта. Ако е така, тогаш конечно браво, но останува горчината дека до сега црвениот телефон функционирал за власта.

На крај, можеби нема ништо толку елаборирано во кампањата со црвениот телефон, па и кој да ја смислувал сакал само да направи лесна поента.

Сепак, не штети да прашаме што всушност сака да ни каже Телма?

Корупцијата на Републиката е огромна

Tags: 

Злосторничкото здружување за кое зборува опозицијата е само дел од комплетната корупција на Републиката

Вчерашната (бомба #5) прес-конференција на Зоран Заев ми го привлече вниманието кога тој на новинарско прашање одговори дека операторите не се одговорни за ова што се случува со неовластеното прислушување.

Нормално, се заинтересирав за ова прашање и еве што открив.

Продолжената рака за неконтролирано следење на следење на комуникациите е пуштена во јуни 2010 година. За тоа предупредувале пратеници на СДСМ и известувале странски медиуми, Ваквите одредби (конкретно член 115 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008 и 83/2010, 13/2012, 59/2012, 123/2012, 23/2013), одете на pravo.org.mk за детали) се поништени со одлука на Уставен суд во декември 2010 година.

Прашањето што се поставува е што се случило со спроведениот вод до МВР што операторите морале да го постават кога стапил на сила тој член 115?


Опремата што оперторите морале да ја имаат во период од јуни 2010 до декември 2010 според одредбите на Законот за електронски комуникации што тогаш бил на сила.

Ако тоа што го вели до сега Зоран Заев е вистина, односно неовластено прислушувани се преку 20.000 граѓани, во долги периоди, а тоа не може да се прави со комбиња или подвижни базни станици, како што вели Петар Поповски, а сето тоа е во период што е од 2011 до 2014 година, тогаш може да се заклучи дека овој вод не е прекинат.

Не успеав да најдам дали неспроведување на одлука на Уставен суд е некаков прекршок што е казнив. Сепак, согласно истиот Закон за електронски комуникации, операторите што што овозможуваат незаконско пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците (член 111/став 2) и со тоа ја нарушуваат доверливоста на комуникациите (член 111/став 3) прават прекршок казнив според член 138/став 16 и член 139/став 30. Казните се во проценти од нивните приходи.

Идеално, надзорниот орган за телекомуникациски прашања требало да ги казни операторите кога би утврдил дека ова прекршување постои. Сега тоа повеќе не може да се стори, за најголемиот дел од периодот 2011–2014, затоа што друг закон, Законот за прекршоците јасно вели дека „Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако помине една година од денот кога е сторен прекршокот.“ (член 42/став 1 — Службен весник на РМ бр 62/06).

Затоа велам дека корупцијата на Републиката е поголема од она што веројатно можеме да замислиме. Погледнато наназад изгледа дека за сите овие активности постоел широк консензус, ако не за поддржување, тогаш секако за непостапување тие активности да се спречат. Одговорност, прво морална, треба да понесат сите директори на операторите, директорите на АЕК, надлежните инспектори итн. За инспекторите и други што не спровеле надзор можеби може да има и нешто во врска со злоупотреба на службена должност.

Понатаму, одговорност мора да понесат и судиите на Уставен суд. Со одлука на Уставен суд во 2010 година е поништен членот 115 од Законот за електронски комуникации. Но, во февруари 2014 година изгласан е нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014) кој што во неговиот член 175 има идентични одредби за комуникациски водови.


Член 175 од Законот за електронски комуникации од 2014 година.

Прашањето, логично, е: Ако тие водови не биле уставни во 2010, како се уставни во 2014? Уставниот суд молчи во врска со овој Закон цела една година, иако по неговиот деловодник (член 9 и 14) има обврска да поведува иницијативи за проверка на уставност и законитост на законите. (Јас ќе го потсетам Уставниот суд за ова обврска со поднесок во понеделник.)

На крај, последниот воз за прекршочна постапка за операторите е во понеделник 2 март 2015. Новиот Закон за електронски комуникации е на сила од 3.3.2014 година. Значи, водовите до МВР се законски од тој датум. Но, водовите не биле законски на 2.3.2014, а во понеделник истекува едната година за поведување на прекршочна постапка. Дали и за ова ќе го видиме комплетното лице на корумпираната Република или пак ќе видиме поведување прекршочна постапка? Одговорот останува да лебди во нашите кошмари.

Корупцијата, не Републиката.

Дополнето: Согласно член 377 став 2, 3 и 6 од кривичниот законик, правните лица оператори и одговорните лица во операторите може да одговараат за неизвршување на судската одлука на Уставниот суд

Оттука, може да се поднесе кривична пријава против операторите и нивните директори за основано сомневање дека не постапиле според погоре наведената одлука на Уставниот суд.

2.3.2015 — Објавено на ОКНО.мк: http://okno.mk/node/45050

Дружината на јавниот интерес

Tags: 

One Ring to rule them all, One Ring to find them,
One Ring to bring them all and in the darkness bind them

Денес, во дигиталното доба, неовластениот надзор е прстенот на Саурон.

Тој што го контролира ќе владее и навистина е така — ВМРО-ДПМНЕ владее веќе 9 години.

Но сега овој дигитален прстен се дотркала во рацете на СДСМ на Зоран Заев. Разговорите, наводно 1.6 милиони датотеки аудио снимки, се кај него. Тие можат да бидат искористени за контрола на луѓето. Оттука прашањето е дали Заев ќе биде силен како Фродо или слаб како Смигол.

А затоа што навиваме за Фродо, може да се даде само еден предлог: Да се формира дружина на прстенот, т.е. на јавниот интерес. Фродо не го носеше тој товар сам.

Од што би се состоела таа дружина?

1. Датабаза со следените телефонски броеви достапна на интернет: Софтверот да овозможи безбедна проверка на телефонски број на граѓанинот, увид во снимените материјали, можност за внесување на лични податоци за да се генерира тужба за неовластено следење која што се испраќа на негов e-mail во PDF.

2. Датабаза со снимките што се од јавен интерес: Повеќејазична база со сите транскрипти што се дистрибуираат до медиумите што ќе може да се пребарува по клучен збор.

3. Апликација што ќе ги презентира и објаснува релациите меѓу лицата што се на снимките и за кои се зборува во снимките.

Овие снимки мора да останат во колективната меморија како една гаранција плус дека вакво нешто повеќе нема да се повтори.

Кој е последниот изговор?

Tags: 

Се разбира — „Само да не се врати СДСМ“ е најголемата идеолошка победа на ВМРО-ДПМНЕ. Постојат повеќе објаснувања зошто е ова тотална катастрофа за граѓанството, но наместо тоа да се задржиме на еден мал поглед кон иднината:

Дури и да се случи утре како резулат на бомбите владата да поднесе оставка (а нема да се случи утре), потребни ќе бидат барем шест месеци да се организираат избори. Тоа ќе биде оној период за попис, избирачки список, изборен законик, техничка/експертска влада итн.

Шест месеци е доволен период за луѓе да се приклучат во СДСМ за да го подобрат нивниот капацитет, или да се приклучат кај некоја друга политичка партија (ЛДП, ЛП, ГРОМ, па дури ВМРО-ДПМНЕ — и нив ќе им треба подобри, попаметни и поспособни за демократија луѓе), ако баш СДСМ се целосно одвратни за граѓанството. Или пак, конечно да се формира долгопосакуваната трета опција.

Јасно е. Изборите се празник за демократијата затоа што тоа е денот кога се заокружува ливче и како и на секој празник не се работи.

А граѓаните, според Уставот, имаат обврски и останатите 1459 дена.

Нема други изговори.

Политичката партија, јавниот интерес и корупцијата на Републиката

Tags: 

Кој може да каже колку корупција е потребна за една нормална држава?

Да започнам со рекапитулар на очигледното: неовластено масовно прислушкување е прекршување на законите, Уставот, меѓунардните декларации за човекови права и за тоа виновниците мора да бидат казнети. Тоа е атомска бомба за приватноста и демократијата, која подразбира тајност и на нашите одлуку и не може да функционира кога ваков надзор постои. Ова не е ништо ново, барем за оние што редовно читаат што доаѓа од малиот камп за дигитални слободи што воглавно гравитира околу 2с.мк и КИКА. Но, мислам дека е згодно да се повтори за сите оние кои не се во тек: 1, 2, 3, 4, 5, 6

Но, дебатата не завршува тука. Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и неовластено се прислушувани 20.000 луѓе од страна на домашнте служби, тогаш тоа е македонската елита, како што утврдивме македонскиот 1%, прислушувана од неа самата, се разбира не буквално, туку посредно — овозможувајќи ги мерките на еден или друг начин во подолг временски период. Секако, вината за тоа најмногу лежи во главната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ која што ги контролира клучните институции, но соработници се сите институции и нивни претставници не сакале да спроведат мерки и проверки или пак ако не можеле, тогаш не си заминале од функциите, односно останале да ги уживааат плодовите на привилегијата власт. Ако нешто во поп-културата или секојднвеното сфаќање на нештата стигнало од мислите на Хана Арент тогаш тоа е идејата за баналноста на злото. Ми се чини дека молкот на целокупниот институционален апарат е токму тоа.

Оттука објавите на СДСМ на Заев всушност, покрај откривање на постоењето на неовластеното масовно прислушување, се и војна помеѓу едниот процент. Остатокот сме повикани да дадеме поддршка. Но, дилемата, иако можеби тешко може да се артикулира, лесно може да се препознае: дали даваме поддршка од принцип — затоа што корупцијата на Републиката мора да заврши, или од нужност — затоа што катастрофалното деветгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ мора да заврши? Ова не е наивна разлика. Ако секој што е некој во оваа земја е прислушуван, а кога веќе сме сложни дека тоа е масивно нарушување на уставниот поредок, тогаш прашањето за времето што доаѓа единствено е колку проценти од нив се корумпирани?

Македонското „протекување“ на тајните снимки не е налик на ниеден пример од популарната меморија. Ова што го доживуваме не е ни Елсберг со документите за Пентагон, нити Никсон со Вотергејт, нити Викиликс со телеграмите, нити Сноуден со НСА. Не е дури ни филмскиот расплет од новата Борнова трилогија кога Мет Дејмон во улога на Џејмс Борн по факс ги праќа документите за злоупотреба на неговата организација до NYT. Не е — едноставно затоа што СДСМ не е новинарска организација како NYT или Гардијан, нити пак како Викиликс има желба да стане тоа. Aко монополот врз овие информации ги има политичка партија, може ли да се потпреме на тоа дека политичка партија ќе ги спроведе обврските на медиумите за служење на јавниот интерес? Може ли таа да биде четвртиот столб на власта, кога, очигледно и логично, претендира да биде првиот столб?

Овие прашања ставаат специфичен товар на СДСМ на Заев. Ако решат навистина да му служат на јавниот интерес, радикално како Викиликс или умерено како Гардијан, тогаш треба да ги обелоденат и снимките што ќе ги разоткријат и луѓето што се блиски до нив. Статистиката вели дека сигурно има такви луѓе. Будалесто би било да веруваме дека само елитата што е асоцирана со ВМРО-ДПМНЕ е корумпирана. Дури и односот да е 90% наспроти 10%, би требало во служба на јавниот интерес да знаеме сѐ. Така сите објави ќе го доведат во прашање не само постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ и другите политички партии онакви какви што ги знаеме. Ова е тој специфичен товар што го носи СДСМ на Заев, и што нѐ враќа назад на прашањето принцип или нужност. Впрочем од нив зависи каков вид на поддршка ќе добијат, од нивната одлука дали ќе бидат џелат само на ВМРО-ДПМНЕ или на сите оние што 25 години ја буткале Републиката во бездна, па така и самите на нив. Со други зборови, треба да видиме дали ќе ги видиме само големите злоупотреби како што се наводите за местенки во Врховниот суд или и малите кои што веројатно постојат од страна на локалните моќници во локалните судови. Ова е тешка одлука.

Секако ваквиот специфичен товар на СДСМ на Заев делумно произлегува од состојбата во која со години наназад се наоѓа македонското новинарство, а пред сѐ поради неговите спреги токму со истата елита. Доколку имавме весник со барем половина од капацитетот на Гардијан, можеби СДСМ ќе можеше да ги предаде документите таму и да се посвети на тоа што вообичаено го прават партиите — програма и избори бидејќи така се менува власта во демократските држави и во оние кои барем претендираат да станат такви. Последново само ја комплетира сликата за тоа каква комплицирана и обемна работа нѐ чека во обновата на општеството и Републиката што треба да следи. Но, одговорноста за тоа да стигнеме во точка во која што обнова ќе биде возможна во моментов целосно е во рацете на СДСМ на Заев.

Луѓето не се плашат наивно од изреката „сите се исти“. Сите го препознаваме прашањето за вредностите, прашање кое што е многу важно. Гаранцијата за тоа дека некој локален моќник веќе во 2017 нема да ги клика копчињата во ДБК треба да биде двојна: таквите што сега кликаат некои копчиња во општинска соба да бидат исчистени сега и Уставот и законите да бидат променети заради поголема заштита на граѓаните.

Под претпоставка дека сѐ што беше до сега кажанао од страна на СДСМ е точно, ваков расплет е можен во едно „Черчилијанско сценарио“. СДСМ на Заев да ја обелодени комплетната „Вистина за Македонија“ и штом оваа „војна за вистината“ заврши, тој да си замине и да имаме можност да избереме „цивилен премиер“, а елитата што ќе ги пополнува клучните места по институциите да биде целосно испразнета од луѓе што имале врска со корупцијата изминатите 25 години.

Клопчето што сега го одмотува Заев може да биде преседан за решавање на сите политички битки во иднината. Којзнае дали СДСМ се спремни на тоа.

Објавено на ОКНО 19.2.2015: http://okno.mk/node/44741

Три поенти за прислушувањето

Tags: 

Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста.

Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и прислушувани се 20.000 луѓе, како е тоа спроведено?

Ми се чини забуната потекнува од идеите што ги имаме за прислушување. Тие потекнуваат од стари Бонд филмови и сцени како онаа од „Sneakers“ со Роберт Редфорд. Тоа е романтично минато.

Со денешната технологија може се снима сѐ што протекува низ каналите на комуникација. Замислете цевка со вода и вентил што ја отвора од страна. Но, наместо да истекува водата и да имате намален проток во главната цевка дел од протокот се „копира“ во вентилот. Тоа е возможно бидејќи станува збор за дигитална технологија Никој рачно не стиска „record“, туку целиот канал се снима на харддиск. Потоа тој е достапен неограничено и се преслушува назад по потреба. Тоа е и целиот проблем на bulk дигиталното прислушување. Тоа е и суштината на многу дебати од Викиликс/Сноуден наваму.

Понатаму нема никакви технички ограничувања. Белки не мислите дека МВР си рекле во некој момент: „еј, не снимаме зашто ни е полн харддискот“? Оваа дебата хипстерски беше разрешена уште пред 5–6 години, мислам кога уредникот на Wired се смееше на тоа дека шиткаат телефонски секретарки што снимаат максимум 100 пораки или така нешто… само додај поголем storage и тоа е тоа. А хардисковите се денес сѐ поевтини и поевтини.

Така што, баталете муабет дали некој дал конкретен налог за тоа баш тој ден, тој и тој разговор да се снима. Ако тоа што го тврди Зоран Заев е вистина, налогот за 20.000 лица и нивните телефони бил даден еднаш некогаш и потоа се снимало сѐ. Технологијата тоа го дозволува. Не сме во 1970 па да мора некој дома да ти мести уред на фиксниот телефон и да пази да не го извадиш или откриеш.

И овде е и вториот проблем со bulk дигиталното прислушување: кога има „протекување“ тие што снимале не знаат ни што точно е снимено, ниту што точно од снименото е изнесено надвор од серверите. Ако навистина станува збор за whistleblowers од МВР, тогаш тие што ги истражуваат протекувањата имаат тешка задача да видат што е изнесено од службените харддискови. (За потсетување, ни НСА не знае што сѐ и што точно изнесол Сноуден.)

Но, што е со бројката од 20.000? Брза математика: Во Македонија живеат околу 2 милиони луѓе. Околу 550 илјади се пензионери, околу 350 илјади се ученици во основни и средни училишта и студенти. Уште околу 120 илјади се деца во претшколска возраст. (Бројкиве се извадени од новински написи од google.) Значи остануваат 1 милион пост-студенти — пред-пензионери. ДЗС вели дека од нив околу 690 илјади се вработени. Сигурниот облог е дека 20.000 се дел од овие 690 илјади, но таа група може и понатаму да се намалува, ако ги извадиме земјоделците, градежните работници, занаетчиите, и воглавно сите професии кои што немаат некакво поголемо општествено влијание. Наједноставно овие 20.000 е македонскиот 1% — најбогатите и највлијателните граѓани.

***

Која е користа да бидат бидат прислушувани македонските 1%? Мене ми текнува само тоа дека разговорите што тие ги воделе се чувани како гаранција. Треба да одам на состанок со тебе и знам што си зборувал. Тоа е огромна предност.

Но, ако може да им се верува нешто на филмовите, тоа е дека незаконски прибраните докази не можат да се користат на суд. Така што какви и криминали да содржат сите овие снимки, за секое од тие дела ќе треба да се прибираат нови докази. Оттука објавувањето на снимките најпрво може биде корисно за една голема катарза на општеството во која голем број на луѓе ќе си заминат од јавниот живот. Долго време живееме во општество во кое поткупот, но и многу други „услуги“ се земаат како вообичаена работа од страна на мнозинството граѓани. Ако снимките послужат за вакво прочистување, тогаш тоа ќе биде голем плус за нас.

Се разбира, ова не значи дека сите 20.000 луѓе што биле прислушувани направиле нешто незаконско.

***

Настрана од ова, неспорно кривично дело останува неовластеното прислушување. За една држава што долго време се бави со проблемот на неовластено прислушување од времето на комунизмот, целосно е поразително два пати по ред да влегува во нова епизода од неовластено прислушување од една партија. Останува на граѓаните да оценат на избори дали е тоа дозволиво.

Но, пред тоа потребна ни е суштинска дебата за законските реформи што мора да се направат. Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста, а проблемот со атомските бомби не го решаваме со уништување на атомската технологија. Напротив, го решаваме со закони што ја контролираат употребата на атомската бомба.

Неовластеното дигитално прислушување во Македонија е свесно и плански организирано и одобрено од истиот 1% — од нашата елита: од владата со предлозите за законите што овозможуваат прислушување без мерки и проверки, преку собранието што ги изгласало тие промени, преку уставниот суд што не презел ништо против нив, преку телеком операторите кои не им наложиле на нивните правни тимови да се борат против овие решенија… и така натаму. Со други зборови, ова не се случува затоа што неколку луѓе сковале заговор против Македонија, како што веројатно едноставно се прикажува во јавноста. Ова е заговор од многу поголема група на луѓе, од кои секој одработувал по еден дел за да се овозможи системот да функционира онака како што сега гледаме дека функционира. Сите тие во идеален свет би поднеле оставки и никогаш не би требало да добијат јавна функција.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на законодавството, би требал да вклучува посилна уставна заштита на приватноста на комуникациите, контроли на дигиталното следење што ќе ги спроведуваат операторите, вклучување на народниот правобранител во секоја постапка на следење на комуникации заради обезбедување на почитување на човековите права. А можеби, по примерот на Аргентина и нивните тајни служби (чија разврска исто така се случува деновиве), треба да разговараме и за распуштање на македонските тајни служби и нивно градење одново на здрави темели.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на граѓаните би требал да вклучува обуки за масовно користење на алатки за енкрипција на дигиталните комуникации.

Не смееме да дозволиме сапуницата неовластено прислушување да има четврта епизода.

16.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44646

Објавување во време на медиумски мрак

Tags: 

Да замислиме, само за момент, дека тоа што го вели Зоран Заев е вистина: дека СДСМ има материјали што докажуваат сѐ најлошо за владата на ВМРО-ДПМНЕ, дека тие материјали ќе се објават без разлика на личните судбини на неколкумина од опозицијата, и дека тоа ќе се случи после следната недела. Прашањето што следи е: каде ќе објавуваат?

За среќа скорашната историја ни нуди примери за тоа како се објавувуваат документи кои што потекнуваат од активност на whistleblowing. Случаите со Wikileaks и Едвард Сноуден се само-објаснувачки. Потребни се традиционални мејнстрим медиуми кои што ќе можат да ги пренесат информациите до крајниот читател, соџвакани и презентирани така што ќе постигнат најголемо влијание. Се разбира ова не е и ништо ново. Стратегијата да се објавува на интернет, на фејсбук страници, на јутуб канали и слично, без водство или барем поддршка од традиционалните канали, едноставно нема да функционира. Кога ќе го споредиме тоа искуство со сликата не медиумите во Македонија исходот изгледа мрачен. Водечите весници, како што видовме минатата недела, не можат да објават насловна со наводна тепачка на градоначалник, а не пак нешто што би можело да го руши целокупниот политички естаблишмент.

Во македонски контекст посебно важен е и случајот со Кежароски. Новинарот е осуден за објавување на документи. Од денешна гледна точка, и во најоптимистичко надевање на тактиката на СДСМ, и под горните претпоставки, одложувањето на објавувањето се чини како купување време во кое судските власти во земјава треба да ја укинат пресудата за новинарот со што би се создал чист простор за новинарите да можат слободно да пишуваат. Но, тоа не е сѐ.

Тактиката би требало да вклучува уште неколку договори или виткање на раце кои што е логично да се случуваат. Така доколку доказите тоа го содржат може да се очекува дека некои луѓе ќе добијат „исчезнување на тие документи“ во замена за поддршка при објавувањето. Тука пред сѐ би можеле да се вбројуваат луѓето од Јавното Обвинителство (кои нема да поведуваат кривични постапки за објавувањето), но и бизнисмените што се издавачи на весници, имаат телевизии и/или портали со поголем тираж и достапност до публика од Фокус, Либертас и Слободен печат.

Не верувам дека може да се замисли поинаква тактика за дисеменација на овие најавени документи во ситуација кога имаме де-факто медиумски мрак. Од она што може деновиве да се види и прочита се чини дека стисокот на ВМРО-ДПМНЕ на медиумскиот простор сѐ уште е силен.

Останува да видиме дали некој во опозицијата има одговор на прашањето: „Дали ако дрво падне во шума и никој не го види, дрвото навистина паднало? “— во услови кога Македонија се наоѓа на најниското место на листите на слобода на медиуми и слобода на изразување во последните десетина години.

Одбрана од неовластен надзор

Tags: 

Приказната за опозициските бомби кои што ќе ја срушат владата полека се хомогенизира околу масовен неовластен надзор на комуникации. Дали тоа е навистина така, останува да видиме.

Но, во меѓувреме добро би било да се потсетиме на алатките со чија помош можеме да се ослободиме од надзорот.

Првиот очигледен совет е дека ако сакате приватност кога одите некаде треба да го оставите мобилниот телефон дома. Мобилните телефони сами по себе се уреди за надзор. Вашата положба може да се добие преку базните станици со кои се врзува телефонот.

Вториот очигледен совет е дека треба да стоите понастрана од производи што се изградени на затворени платформи (Apple е пример за тоа). Ако не можете да видите што прави уредот, тогаш не може да знаете дали прави нешто против вас.

Третиот совет е — седете понастрана и од социјалните мрежи како Facebook.

Четвртиот совет е да користите енкрипција. Енкрипцијата на електронска пошта е стара алатка но (релативно) комплицирана за употреба и често поради тоа непопуларна. Но додека се чека на елегантно решение за пошта (се вика mailpile), можете да ги опремите вашите телефони со алатки за тајност. Инсталирајте textsecure и redphone за да имате пораки налик на viber и voip кои што ќе бидат енкриптирани. Исто така можете да ги опремите вашите компјутери и телефони со алатки за анонимност — инсталирајте tor.

Тајноста и анонимноста се клучни својства на приватноста. А без приватност не можеме да носиме автономни одлуки — одлуки кои се нужни во демократското општество. Не би требало да има потреба за други аргументи за употреба овие алатки.

Ова е втор пат влада на ВМРО-ДПМНЕ да добие обвинување за масовен неовластен надзор на комуникации. Поговорката вели: „Fool me once, shame on you; fool me twice, shame on me“. Треба да ги заштитиме нашите комуникации со алатките што ни ги нуди дигиталното доба, но треба да ги заштитиме и нашите права со алатките на демократијата и да се погрижиме оваа партија никогаш повеќе да не ја добие довербата на граѓаните за формирање влада.

6.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44384

Надзорот на сите е статистика

Tags: 

Тоа што го поврзува времето од раните извештаи за тоа дека во Македонија има инсталација на FinFisher, до последните информации од документите објавени од Глен Гринвалд дека Македонија е една од партнер-земјите на американската разузнавачка служба, е молкот во врска со надзорот во Македонија.

Не е само дека медиумите или институциите молчат, молчиме и ние, авторите на изреката: „Ајде, за ова не по телефон“.

Бројките кои исто така бегаат од фокусот на јавноста, која што рака на срце покрај без број глупости е оптеретена и со други сериозни проблеми, се следниве:

Повеќе од половина од испитаниците на анкетата на Македонски центар за европско образование (МЦЕО) (pdf) направена во март 2014 година сметаат дека граѓаните во македонија не го искажуваат слободо своето мислење. Речиси две третини од испитаниците сметаат дека тајните служби ги прислушуваат комуникациите на оние што ги сметаат за противници.

Тоа што го покажаа извештаите на светските медиуми за масовниот надзор на комуникациите е дека дигиталните технологии лесно и ефтино овозможуваат недискриминаторско следење и снимање. Ако се прашуваат тајните служби, сите сме противници.

Со оглед на тоа дека самата идеја за надзор ја попречува нашата способност да мислиме, можеби колективниот молк за надзорот и не е толку изненадувачки. Кога не мислиме ништо, нема што да биде предмет на надзор.

Сепак, тоа што ја прави нашата приказна, овде во Македонија интересна, е фактот што истовремено со ширењето на дигиталниот надзор, ние се занимаваме со расчистување на аналогниот надзор од минатото (лустрација). И додека нашата јавност е бомбардирана со, на пример, приказната на Ристо Шишков кој бил предмет на надзор во комунизмот, нашата приказна останува да чека подобри времиња.

Затоа, можеби нема подобар момент да завршиме со ремикс на цитатот кој што можеби е, а можеби и не е на Јосиф Сталин: „Надзорот на еден е трагедија, надзорот на сите е статистика“.

Прво објавено на: http://it.com.mk/nadzorot-na-site-e-statistika/

Објавено на НоваТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=18334

Објавено на ОКНО: okno.mk/node/42622

Кога е тишина најлесно се слуша: За нашиот постојан молк за надзорот под кој живееме

Tags: 

Пред точно една година Арангел Ангов пишуваше за тогаш новооктриениот ФинФишер во Македонија. Сепак, темата не привлече поголем интерес. Со исклучок на IT.com.mk и НоваТВ никој друг не известуваше за откритијата од Универзитетот во Торонто.

2013 продолжи да тече со нови и нови известувања за надзорот на комунациите благодарение на работата на Глен Гринвалд и Гардијан, на основ на материјалите кои ги предал Едвард Сноуден, но ние овде речиси и да не се заинтересиравме тие за детали.

Сега конечно, можеби има нешто кон што може повнимателно да го свртиме нашето внимание. Новата книга на Гринвалд (штотуку издадена) содржи информации кои досега беа непознати. Од интерес за македонската јавност се овие две сликички:


Партнери во програмата за надзор — извор: http://en.wikipedia.org/wiki/No_Place_to_Hide_%28book%29


Фондови за партнерите — извор: Но http://en.wikipedia.org/wiki/No_Place_to_Hide_%28book%29

Погоре може да се прочита името на Македонија меѓу партнерите вклучени во програмата за надзор, како и тоа дека државава добила околу 100.000,00 долари (колку што може да се интерпретира графиконот) за своето учество во неа.

Не се надевам дека некој овде ќе постави тешки прашања до надлежните институции за тоа што значат овие откритија, кои се последиците, што, кога и колку се надзира итн. Собранието не функционира ни кога во него има 123 пратеници. А за медиумите, не се ни сеќавам дали некогаш биле, макар и малку по теорија, кучиња чувари.

Ова кратка белешка нека стои колку некогаш во иднина да видиме каде сме биле и зошто, колективно, како општество, сме решиле да молчиме.

За надзорот како еколошки проблем и кратко за економските алатки за решенија во екологијата

Tags: 

Ќе користи ли некој gmail ако за него треба да плати данок?

Минатата година Ебен Моглен одржа серија предавања за откритијата на Едвард Сноуден и последиците што тие ги предизвикуваа(т).

Една од клучните поенти во овие предавања е во третиот дел каде Моглен почнува да зборува за приватноста и нејзината загуба како еколошки проблем:

I would ask you also—in thinking analytically about this substance “privacy” whose continuation I am asserting is essential to democracy’s survival—I would urge you also to consider that privacy is an ecological rather than a transactional substance. This is a crucial distinction from what you are taught to believe by the people whose job it is to earn off you.

The reason that we have to think about privacy the way we think about the other ecological crises created by industrial overreaching is that it is one. It’s that we can’t avoid thinking about it that way, no matter how much other people may try to categorize it wrongly for us.

Од економска гледна точка на еколошките проблеми се гледа со помош на т.н. екстерни ефекти. Екстерен ефект во оваа смила е било која корисност или трошок која што ја добива / трпи некоја страна која тоа немала намера да го прави. Екстерните ефекти можат да бидат позитивни или негативни. Но генерално кога зборуваме за екстерни ефекти, најчесто мислиме на негативните. Загадувањето на воздухот е очигледен пример.

Негативните екстерни ефекти во смисла на кризата со надзорот на интернет се тоа дека дури и да не користите електронска пошта од на пр. gmail сепак праќате пораки до некој што користи и со тоа ја изложувате вашата комуникација на надзор. Во суштина, колку и да изгледа контраинтуитивно, еколошката криза ја создаваат корисниците на сервисите како gmail (и самиот gmail се разбира) бидејќи ве изложуваат на трошоци (ерозија на приватноста) што вие не сте ги посакувале (очигледно — бидејќи ете си користите сопствен сервер за електронска пошта). Слично како кога возите точак и ги дишете издувните гасови на автомобилите што ги возат вашите комшии, пријатели и сограѓани, кога сурфате ги трпите негативните ефекти од мрежата во која учествувате.

Економијата се обидува да се справи со овие проблеми (на загадувањето) прекуалатки како што е „принципот загадувачот плаќа“. Поентата на ова е дека страната што е одговорна за загадувањето треба да ги сноси сите трошоци, вклучувајќи ги и оние кои се екстерни — т.е. влијаат на пошироката средина.

Оттука, ако го растегнеме принципот до ИКТ средината, државата, како на пример Бразил, може да го регулира надзорот од страна на странските агенции над своите граѓани со тоа што ќе го примени принципот загадувачот плаќа на оние граѓани што користат сервис за електронска пошта за кој се знае дека до него простип има НСА. Во основа ова би бил даночен товар за тие корисници. Приходите од тоа понатаму би можеле да одат за подобрување на домашната ИКТ инфраструктура.

Година на надзорот

Tags: 

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји.

Кога на крајот на 2012 година Нова Македонија побара од мене да ги кажам моите очекувања за (животот на) Интернет во 2013 година, напишав дека не очекувам ништо различно од досегашните случувања:

„Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите (ACTA, SOPA, PIPA) по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или пак ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет.“

Но, не требаше да помине многу време за моите очекувања да зазвучат на посакуван оптимистички исход. Веќе во март, Citizen Lab од универзитетот во Торонто ги откри новите инсталации на FinFisher меѓу кои сега се наоѓаше и Македонија. Во мај Едвард Сноуден и Глен Гринвалд со Гардијан открија дека живееме во свет на сеприсутен и постојан надзор.Трговските договори наеднаш заличија на ситни проблеми.

Нема што многу да се напише за надзорот на Интернет, а веќе да не сте го прочитале на друго место. Но, да повториме: Американската агенција НСА заедно со агенциите на некои американски сојузници и во соработка (некаде присилна, некаде доброволна) со компаниите од Силиконската долина правела масивен и масовен надзор на комуникациите не Интернет: собирала мета-податоци, имала пристап до сервисите за електронска пошта, до мобилните телекомонукации, се обидувала да ги ослабне системите за енкрипција... Ова било возможно поради законите што во САД се стапени на сила по 9/11. Исто така, било возможно и поради ефтините технологии за надзор, ефтиниот достап до терабајти и терабајти и терабајти дискови за складирање на податоци. Можеби треба да напишеме збор повеќе за FinFisher, софтверот за кој Владата на РМ ниту потврди ни демантираше дека го има купено, но не постојат никакви официјални информации за инсталацијата на овој софтвер. На крајот на краиштата – ако тој софтвер не го купило МВР, тогаш тие треба да истражат кој тоа го сторил на нашата територија.

Но, сега веќе си мислите: „Не ме засега ова мене. Јас ништо не сум згрешил“. Вообичаениот тест на овој коментар е: „Да, секако, може да ми ја дадеш твојата лозинка за Facebook?“. Се разбира, никој не го положува овој тест.

Да се вратиме на надзорот. Што значи тоа кога ќе кажеме сеприсутен и постојан надзор? Во своите предавања за авторските права Лоренс Лесиг често го истакнува развојот на законот за авторски права од закон кој регулирал една индустрија во закон кој нѐ регулира сите нас. На неговите почетоци законот имал за цел да го регулира копирањето, умножувањето на книгите. Но, на Интернет секој клик е копирање, потенцира Лесиг. Додека го читате овој текст копија него се прави во кешот на прелистувачот што го користите. Законот и технологијата се мешаат на таков начин што секоја наша интеракција со авторското дело на интернет претставува кршење на некоја законска одредба. Истото се случува со надзорот. Пред дигиталната технологија надозорот на луѓето бил строго регулиран од физичките можности дури и онаму каде законите биле суспендирани. Најстрашната држава на надзор на 20-тиот век, Источна Германија, не можела да ги следи сите свои граѓани дури и да сакала тоа да го прави. Едноставно немало толку агенти за следење или немало толку службеници што можеле да ги читаат сите писма или немало технички можности да се прислушкуваат повеќе телефони одеднаш. Тогаш, законите за надзор, дури и онаму каде што биле злоупотребувани, биле таргетирани. Едноставно тоа бил надзор што не бил сеприсутен и не бил постојан.

Денес тоа повеќе не е така. Надзорот е насочен кон серверите на големите компании кои ги чуваат нашите податоци. Полесно е да се ископира сѐ отколку да се копа за деталите. Спакувани така на некои дискови во хангарите на агенциите нашите податоци ќе го дочекаат моментот кога доволно брз компјутер ќе може да ги обработи, ако претходно, се разбира, некој клучен збор не ги бутне понапред во редот. Во годините што следат ќе мораме да направиме многу за да излеземе од оваа ситуација. Но, прво мора да се сложиме дека оваа ситуација е погрешна, опасна и штетна. Потоа, техничките детали се лесни.

Сара Кендзиор во својата колумна на Ал-Џезира слика интересна слика за тоа што споделуваме на Интернет. Ниту еден наш профил не е целосна слика на нашата личност. Колку што споделуваме, толку и криеме, испуштаме или претеруваме. Најголемата опасност, вели таа, не е прибирањето туку интерпретирањето на податоците. Нашето одбрано, само-цензурирано и комплицирано изразување не е комплетната слика за нашата личност. Сепак, тоа е единствената слика што може да се изведе од податоците што се собрани:

„Најголемта опасност од надзорот на Интернет не е дека тие нѐ знаат, туку дека тие мислат дека нѐ знаат, и дека ние сме заложници на нивната интерпретација. Тие ќе шпионираат сѐ додека „нешто“ не се случи и тоа што ние наивно си го нарекуваме „живот“ ќе биде фрлено назад како докази.“

Вообичаената дискусија нѐ тера да заклучиме дека поради овие причини потребна е заштита на податоците. Но, Џејкоб Апелбаум објаснува дека дискусијата за заштита на податоците е погрешна. Тоа за што треба да зборуваме е заштита на луѓето, затоа што луѓето – ние, а не податоците, сме загрозени од надзорот. Губењето на приватноста, вели Апелбаум, всушност е губење на слободата, затоа што слободата подразбира ние да можеме да носиме одлуки во нашиот личен и приватен свет, свет кој што не треба да биде отворен на надворешни актери.

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји. Сѐ додека не се договориме дека основните човекови права повеќе не се важни за нас, ние мораме да сториме сѐ за да ги заштитиме. Мора да се погрижиме дека на Интернет ќе можеме да имаме приватниот и личен простор во кој се развива нашата личност, нашите способности и мисли, и кој ќе ни служи за да ги одржуваме врските со нашите блиски без страв од надзор од држави или корпорации. Ова е нешто за кое што мораме да се согласиме.

Потоа, само останува лесниот дел. Мораме да им помогнеме на инжинерите и правнците да го направат она што треба да се направи за надзорот да ги изгуби епитетите сеприсутен и постојан. Се надевам сме чекор поблизу до согласност.

Среќни празници.

Оригинално објавено на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/25212002.html

Дигиталниот надзор и писателот

Tags: 

Да се зборува денес, во 2013 година, за дигиталната слобода е речиси исто толку иронично колку и фотографијата од плоштадот „Џорџ Орвел“ во Барселона каде што на знакот кој што го носи неговото име стојат монтирани неколку камери за надзор.

Денес сум овде да зборувам за надозорот, но вие веќе знаете сѐ за тоа. Всушност знаете толку многу што мислите дека тоа не ве засега бидејќи немате што да скриете. Сепак, ниту еден од вас нема да ми ја даде нејзината или неговата лозинка од Фејсбук. Исто така ниту еден нема да сака да се откаже од удобноста што ја има со тековната употреба на технологии.

Затоа да зборуваме за секс. Колкумина овде користат кондом?

Во 1980-тите кога СИДА била сѐ уште нова болест постоеле различни верувања како таа се шири. Всушност, незнаењето се користело да се жигосуваат некои групи на луѓе. Знаете - „педерите“ и „наркоманите“. 30 години подоцна и сѐ уште на некои места, дури и кај нас, се користи ова жигосување и покрај сите научни откритија за тоа како болеста се шири. 30 години подоцна и сѐ уште не можеме да ги убедиме сите луѓе да користат кондоми.

Приказната со надзорот наликува на оваа. Денес центрите за моќ сакаат да нѐ убедат дека предмет на надзор се терористите и криминалците и во овие групи ги туркаат хакерите и активистите. Но, благодарение на откритијата на Едвард Сноуден и Гардијан, денес ние знаеме дека тоа не е така. Вие сте предмет на надзор. Јас сум предмет на надзор. Сите што користиме било каков дигитален уред сме предмет на надзор. Ова не е убава слика, но таа ги вклучува и писателите.

Ако внимателно ја слушавте Адријана, тогаш се сеќавате на цитатот од Вирџинија Вулф – дека на секоја жена писател ѝ е потребна сопствена соба со клуч. Не можам да знам како им било на жените писатели на почетокот на 20-тиот век, но сопствената соба со клуч ја замислувам како алатка за обезбедување приватност во работата – во читањето и пишувањето. Приватност од надзорот на машкиот поглед за да може да се твори во слобода.

Сите ние кои денес пишуваме на нашите компјутери, кои ја имаме библиотеката на нашите електронски читачи имаме дигитална работна соба. Но таа соба најчесто најмалку може да се опише како „сопствена соба со клуч“. Но, таа соба е на дофат. Потребно е само да почнете да користите слободен софтвер и енкрпиција. Знам дека ова се технички поими кои не можам да ги објаснам во краткото време што го имам, но подоцна можам да ви одговорам на сите прашања што ги имате.

Ми се допадна тоа што Живко го зборуваше за ангажираното и уметничкото пишување. Сите писатели не се исти. Сепак, таа дистинкција на содржината не е толку важна, бидејќи сите писатели сакаат да творат во слобода, а отпорот против надзорот може да се пружи со чинот и процесот на пишување, со пишувачката активност макар и нејзин производ да се нежни љубовни стихови.

Мислам дека творењето мора да биде во слобода и не верувам дека има некој што не се согласува со ова. Надзорот му прави на умот, тоа што сидата му прави на телото. Ако сепак не сакате да се откажете од удобноста на технологиите што ги користите тогаш можеби ќе беше подобро овој настан да се вика „Дигиталниот надзор и писателот“.

Првично објавено на http://diversity.org.mk

Facebook како логор: „Гејмификацијата“ на надзорот и неплатената работа.

Tags: 

По што се разликува Facebook од затвор или логор? Ако не го сметаме peer-pressure како доволно јака присила, тогаш само по тоа што никој на сила не нѐ тера да бидеме таму. Но остантатото, се додека можеме (сѐ уште?) да ја премостиме разликата меѓу физичкото и дигиталното, е исто.

Прво, претворени сме во commodity на компанијата (од корисник во потрошувач до потрошувачка стока). Продавани сме (нашиот social graph) и разменувани по потреба. Исто така и работиме за компанијата без надоместок. Нашиот дигитален труд се монетизира кај нив. Нашите кликови и „лајкови“ се стабилен проток на приход за тамошните нарачатели на реклами.

Второ, дури и најналудничавите претпоставки за надзор и следење се покажаа како точни. [Кој да верува на предвидувачките текстови на луѓето како Џулијан Асанж од 2008-9 година?] Facebook навистина е „шпионски шалтер“ (додуша не на ЦИА, туку на НСА). Кога кон ова ќе се додаде и тоа дека и вработените таму имаат пристап до сечии профили (за разлика од Google каде пристап имаа(т?) само алгоритми и скрипти), го прави тоа интернет место совршено за постојано набљудување на корисниците.

Зошто тогаш уште сме таму? Можеби затоа што не знаеме дека е тоа затвор сѐ додека личи на игра?

Во „Животот е убав“ Роберто Бенињи раскажува токму една таква приказна. Џошуа,синот на Гвидо, го проживува животот во концентрациониот логор верувајќи дека е тоа игра во која се собираат поени и за чиј победник првата награда е вистински тенк. Детето е премногу малечко да ја разбере вкупната монструозност низ која поминува. Игнорантноста повторно е благослов. Ние не сме ниту деца, ниту неинформирани за надзорот под кој сме ставени. Треба да си признаеме дека вистински тенк (ниту бар вистински iPad) нема на крајот на играта. Треба да си признаеме, всушност, дека ова е и игра која што нема крај.

Тоа што го прави „Животот е убав“ пријатен за гледање е драмската иронија дека ние како гледачи знаме повеќе од ликовите во филмот и однапред знаеме за нивната судбина. Тоа што го прави оптимистичен филм е славењето на непоразливоста на човекот дури и во најтешките услови. Но ние не живееме во филм, и расплетот за нашите дигитални логори останува сами да го напишеме.