Што кажува огласот на Владата на РМ за бесплатните обуки за MS Office

Tags: 

Основниот аргумент против одлуката на Владата на РМ бесплатната компјутерска обука која е дел од кампањата „Македонија - земја на информатичари“ е тоа дека Владата не може за една ваква обука да одбере софтверски пакет од еден производител и да одлучи со него да ја спроведе обуката. Нема да навлегувам во објаснувања зошто е тоа проблематично. Наместо тоа ќе се занимавам со еден пример.

Да речеме дека (слично како што вели огласот) денталната хигиена во земјава не е на завидно ниво. Затоа Владата одлучила да направи кампања за луѓето почесто да си ги мијат забите, но и да научат како се прави тоа правилно. За таа цел Владата одлучила да спроведе обуки на кои луѓето ќе се обучат да користат Colgate пасти и четкици за заби.

Ако вакво нешто да се појави во новини, ќе скокнат сите можни субјекти во Македонија кои имаат нешто да кажат за било што. Зошто се одбрал Colgate, па што ако е најпопуларен, чива тетка била увозник на големо за пастите, кој е главен дистрибутер и со која марка комбиња вози низ град...

И видете, тоа се сосема легитимни прашања бидејќи Владата не може едноставно да одлучи дека со парите на граѓаните ќе промовира некаков и нечив производ. Така огласот за кампањата за денталната хигиена веројатно би изгледал скоро исто како замислениот текст погоре, само тоа Colgate би се избришало.

Проблематичниот избор на канцелариски пакет на страна (сите ќе пишуваме уште за тоа), до сега Владата беше критикувана од премногу луѓе дека пука ќорци. Во делот за ИКТ GoodBytes веќе пишуваше за бесплатниот dial-up. Последниов чекор, овој за бесплатните обуки, исто така ми се чини ќе биде утка.

Зошто?

1. Кампањата е со наслов „Македонија - земја на информатичари“.

Ми се чини под информатичари се подразбираат некакви стручни лица. На стручни лица во основа не им требаат основни курсеви за канцелариско работење. Ако треба да станеме земја на информатичари, веројатно потребни се други курсеви.

2. Компјутерската писменост е на ниско ниво.

Јас не знам ниту еден човек кој што нема основни познавања од Word и Excel (како да напише текст, па Bold, Italic, па Enter, Enter, нов ред и сл. а кој што има компјутер. Па дури и самиот оглас констатира дека „неписменоста“ се должи на неможноста да се купат компјутери. Сепак Владата одлучила да дава обуки. Каде е логиката тука? Ако човек нема компјутер дома брзите обуки од Владата ќе му траат не повеќе од 5 дена. Ако има компјутер дома, вакви обуки веројатно и не му требаат.

3. Ќе се делат дипломи!

И тие веројатно нема да имаат никакво значење ако се зема за точно тврдењето на голем број IT фирми дека факултетските дипломи не им значат многу кога вработуваат нови вработени, туку прво ги ценат нивните вештини. Така сигурно смешна ќе биде ситуацијата кога некој посетител на курсот после 6 месеци доаѓа на интервју, го примаат на работа и седнува да работи, а тој веќе не ни знае кај се вклучува Word-от.

Ете тоа може да се прочита од огласот на Владата, се разбира ако човек ги игнорира печатните грешки.

Слични текстови:
Мора ли обука за Microsoft Office? на GoodBytes,
Знај да направиш разлика на Игор Стаматовски.

Интернет не е дел од MS Office

Tags: 

Пред да почнеме да ја напаѓаме Владата на РМ (а ќе почнеме сигурно) за нејзиниот непромислен потег да нуди бесплатни курсеви за MS Office, морам да ја закачам сликата од огласот:

Ако добро забележувате во набројувањето за тоа што вклучува пакетот MS Office стои и Интернет. Можеби некој прво треба да им објасни на луѓето во Владата дека Интернет не е дел од MS Office.

Web 2.0 continued...

Tags: 

Значи, од вчера блогов (softver.org.mk/novica) ми е OpenID. Со OpenID се пријавувам на Ma.gnolia и имам и таму сметка. (Видете сликиче лево на блогов :))

И така викам да зачувам некоја врска таму, па инсталирав екстензија во Фајрфокс, па ова, па она, па нешто рикна и од 30 јазичиња што ги имав отворено ми останаа само 10, и спасив само пар врски за да ги прибележам.

Инаку, екстензијава за Магнолија во Фајрфокс не е нешто нај-нај, па прашањето е сега дали човек да избира (менува?) сервис според квалитетот на екстензиите кои се достапни?

П.С. Магнолија е сервис сличен на Делишс.

За тие што можат да го врзат мобилниот со интернет и сакаат тишина :)

Tags: 

JANUARY 5, 2007 - Since the beginning of time, pure silence has been available only in the vacuum of space. Now conceptual artist Jonathon Keats has digitally generated a span of silence, four minutes and thirty-three seconds in length, portable enough to be carried on a cellphone.

Целата приказна тука.

Тишината тука (мртва врска).

Кратка историја на идеалното женско тело

Tags: 

Врската до записот за женското тело ми се чини ја собрав од BoingBoing. Не е толку интересен оригиналниот запис колку што се забавни коментарите.

Авторот, меѓу другите, закачил и две слики со голи жени од Рубенс и Реноа и сака да направи поента (или барем споредба) за тоа како се изменил идеалот за женското тело.

(Ај да не ги врзувам сликите за блогов.)

И некој лик одлучил да искоментира:

First of all, you have no proof on whether the Rubens and Renoir represent “ideal” female form of the time, or if they were merely the only women they were able to get to pose nude

Владата замеси леб, опозицијата бара погача. Системот функционира.

Tags: 

Кибер котле известува за кршењето леб на Илинденска ББ (мртва врска):

Вечерва Владата традиционално ја кршеше Бадниковата погача. Но, како што дознаваме, оваа година паричето се паднало кај опозицијата, што внесе немир во редовите на Владата.

Повеќе институции веднаш побрзаа со свои изјави (што се покажа како целосно непријатно за новинарите кои едвај земаа здив и се надеваа дека на раат ќе ја варат сармата попладнево).

Од Антикорупциската комисија велат дека постојат сериозни сомневања дека тестото го месела вујна на еден од министрите. Не сакајќи да именуваат никого, тие рекоа дека ќе го тераат случајот до крај и дека нема да замижат пред уште еден пример за непотизам.

На заедничка прес-конфренција од Царината и МВР пак беа покажани фотографии од бело брашно тип 400 кое единиците на овие служби го фатиле веднаш по влезот во Македонија од соседна Бугарија. Тие се сомневаат дека брашното е дел од поголемите количини од кои бугарските власти сакаат да се ослободат, бидејќи во ЕУ не се јаде (толку многу) леб.

Портпаролот на главната опозициска партија и оваа прилика ја искористи да ја критукува Владата дека тера само по свое бидејќи не се консултирала со нив за изборот на паричката, иако таа паднала во нивното парче. Тој најави дека ако и за Василица биде исто, партијата нема да учествува повеќе на никакви прослави, па дури ни на 2 мај.

Вести од други места: Коледе пендрек на Вуна (мртва врска).

Нееднавкоста во заедниците на Интернет

Tags: 

На кратко: во најголемиот број заедници на Интернет 90% од корисниците се набљудувачи (lurkers), 9% се соработници (contributors) кои придонесуваат од време на време и 1% од сите корисници се оние кои креираат најмногу од содржината: врска.

Правилото за учество на корисниците најчесто е 90-9-1.

Раните истражувања на оваа тема (во времето пред Интернет, кога на сцена биле поштенски листи, дискусиони групи и сл.) излегле со податоци дека 25% од пораките биле испратени од најактивните 3% корисници, а 27% од пораките биле од луѓе кои испратиле само една порака. Со овие податоци пред вид, прашањата за тоа кој и како претставува некоја заедница на Интернет јасно стануваат мошне интересни, особено ако се знае дека секогаш постои и тивко мнозинство кое никогаш ништо не напишало.

На Интернет ситуацијата е уште подрастична, т.е. правилото станува по сурово:

Најактивните 1000 луѓе на Википедија што е 0.003% од сите корисници учествуваат со околу 2/3 од сите уредувања/измени на најголемата слободна енциклопедија. (НоТ: некаде прочитав дека статијата на Википедија до која има најмногу врски од надвор е Web 2.0.)

Правилото на Википедија е: 99.8-0.2-0.003. Блоговите се со правило: 95-5-0.1.

За Amazon.com е уште позачудувачка информацијата дека:

Furthermore, at the time I wrote this, 167,113 of Amazon’s book reviews were contributed by just a few "top-100" reviewers; the most prolific reviewer had written 12,423 reviews. How anybody can write that many reviews -- let alone read that many books -- is beyond me, but it's a classic example of participation inequality. - Од погоре поврзаниот текст на Jakob Nielsen.

А еве го и коментарот на Брус Стерлинг.

Брза статистика за Македонија

Единствената заедница во која имам скоро целосен увид во Македонија е заедницата на корисници на слободен софтвер, која во најголема мера егзистира на поштенската листа ossm-members. Оваа листа е логично продолжение на листата LUG која згасна некаде есента 2003 заради проблеми со серверот (ако добро се сеќавам). Во континуитет тоа е периодот од јули 2002 до денес.

На листата (т.е. во мојата папка со пошта од листата) има 7910 пораки и вкупно 274 претплатници (денес 06.01.2007 година во 15:30h).

Грубата статистика оди отприлика вака:

1% од сите претплатници се 3 претплатници: првите 3 претплатници испратиле вкупно 2503 пораки (отприлика 31% од сите пораки). 7 луѓе (2,5%) испратиле 4070 пораки (51% од вкупниот број на пораки).

Би било згодно да се види и колку од овие 274 луѓе не испратиле ниту една порака, ама KMail не може тоа да го пронајде, па доста е.

П.С. Top-poster на листата се разбира е Уфо со 11% од сите пораки. :)

Вирус, грип, епидемија...

Tags: 

Макфакс ги има вестите дека 1. Куманово паднало болно од грип, 2. Во Македонија има грип, ама не и епидемија.

Вирусот кој одлучил да напаѓа ова зима е Инфлуенца вирус А. Брзо препребарување на Википедија открива дека во оваа група (тип?) припаѓа и опасниот/оспоруваниот H5N1 (Птичји грип) како и некои други типично човечки верзии.

Она зошто почнав да го пишувам ова беше следново. Не се сеќавам ниту еднаш во Македонија (Скопје) да се прогласи епидемија (во зима) или елементарна непогода (во лето), а секоја година според извештаите стигнуваме прилично блиску до границата. Или имаме премногу среќа па во последен момент вирусите/жешките бранови си одат, или информациите кои се пласираат за овие теми не се точни, или надлежните служби од разни причини одлучуваат да не прогласуваат ништо.

Било како било, ми се чини дека општиот пад на квалитетот на животот (пример: HDI од 2005 до 2006 сме паднале 7 места, поточно само 0,001 поен, но тоа веројатно е добар одраз и на стагнацијата) во РМ допрва ќе почне да се гледа токму на вакви некои појави со типичен предзнак на 19 век.

Страници