Зошто да закажувам кога и така чекам 1 час?

Tags: 

Октомври е месец кога одам на редовна годишна контрола за видот. Ординацијата каде одам работи на закажување. Пред две седмици ми закажаа за 14.10.2008 во 13:30 часот.

Вчера стигнав во ординацијата во 13:28 и видов 4-5 луѓе како исто така чекаат. Се пријавив дека јас сум тој од еден и пол и дека сум дојден. Ми рекоа да почекам. Веднаш ќе било.

Не беше. Дојдов на ред околу 14:20, завршив во 14:35. Добив извинување за тоа што сум почекал малку.

Во меѓувреме успеав да чујам пар приказни за гужвата. На пример, дојдена беше една мајка на мало бебе. Дошла и сакаше да се прегледа веднаш (за да не доаѓа пак, да не го остава малото). Иако ова е релативно разумна причина, жената сепак потроши многу повеќе време одошто ќе потрошеше доколку си закажеше, и истовремено потроши време на други луѓе, меѓу кои и јас.

Доколку си закажела и дошла на време, ќе ѝ требале 15-тина минути да заврши, а вака чекаше речиси 1 час.

Претпоставувам дека и другите непланирани чекачи имаат некоја ваква за нив доволна причина да прават турканица, но сакајќи да завршат работа на брзина, сепак чекаа повеќе одошто би чекале доколку играле според правилата.

Дали стоите на тротоар пред амбасади?

Tags: 

Вечерва требаше да се сретнам со девојка ми кај Aрапска куќа. Поминувајќи по тоа уличето, покрај Капитал банка, видов шпанско знаме како виси и табла покрај вратата на зградата на ќошот и си реков да видам што е тоа, бидејќи не знаев дека Шпанците имале дипломатско претставништво тука.

И бидејќи не читам од далеку, морав ептен да се доближам за да прочитам кога работат тие со странки. Во тој момент од внатре излезе некој чувар.

Тој: Повелете господине.

Јас: Ништо, си чекам.

Тој: Не можете овде да чекате.

Јас: Зошто?

Тој: Забрането е.

Јас: Не гледам никаде да пишува.

Тој: Не мора да пишува. Јас така викам.

Јас: Хех...

И му свртев грб. Стоев така неколку минути и потоа си седнав на клупите кај Шведската амбасада. Не знам што точно правеше типот додека му бев свртен со грб.

Сакав да ги гњавам Шпанците на мејл дека нивните службеници малтретираат граѓани кои поминуваат и застануваат на тротоарот кај амбасадата, ама брзото гугл пребарување вика дека амбасадата за Македонија им е во Софијa (ова кај нас е конзулат ли?), а и не можам да најдам контакт, па еве вака да си пишам на Интернет.

Овој 11 Октомври

Tags: 

Денес имам посебна радост поради тоа што конечно имам парно дома. Но тоа не е сѐ.

Денес на плоштадот во Скопје имаше мал настан за прашањата за приватност во времево во кое живееме.

Постерот за кампањата „Слобода или страв“

Додека бев присутен голем број на минувачи застанаа да видат што е работата, па можеби тоа е добар чекор во запознавање на јавноста со овие проблематични и осетливи теми.

Потоа, следеше дебата во Точка на тема „Зошто востанието го кренале комунисти?“

Револуционерно знаме

Претпоставувам дека на други места ќе се појават подолги текстови за дебатава. Јас сакам само да речам секоја чест за академикот Коле Чашуле и едно благодарам за приказната што ја раскажа на почетокот за тоа како се готвело востанието.

На крај, Спин монстер е повторно во акција (на некој начин :-)).

Везилка

Tags: 

Бев во Глишиќ (Кавадарци) викендов...

Гранка од близу

...и налетеав на свирка на Фолтин:

А таа твоја дива и несмасна љубов
те галам дури предиш стуткана во скутов
се проѕеваш, се тегнеш, наспана и гладна
бараш да те пуштам, ме гребеш и ме касаш

Везилке, везилке, каж како да се роди
проста и строга македонска песна
откако Ленка остави кошула тенка
ленена недовезена на разбој

:)

RE: Битолски фестивал во Скопје

Tags: 

Без да се трудам да кажам нешто паметно (или ново) во врска со преместувањето на дел од програмата на фестивалот Манаки од Битола во Скопје, само да пренесам дека претставите во Скопје (на кои бев или за кои знам) имаа по дваесетина посетители.

Ако причина за преселба била публиката односно нејзината малубројност во Битола, тогаш нема што повеќе да се каже за тоа.

Идејата за Интернет на Пол Отлеј

Tags: 

Вчера на on.net се појави кратко видео за некој визионер кој до сега не сме го сретнале по македонските медиуми.

Станува збор за Пол Отлеј, белгиец кој живеел во раните години на 20-тиот век.

Видеото веќе е во архивите на on.net (а јас не знам како да го пронајдам таму), па затоа еве го од liveleak:

Бидејќи ми се виде интересно, побарав да видам што друго може да се најде од и за овој човек. Еден од првите резултати на Google беше текстот „Визуелизирање на организацијата и распространувањето на знаењето“, каде што ја најдов и оваа илустрација за web2.0 иднината која ја замислувал Отлеј:

Понатамошното барање ме однесе до Alle Kennis van de Wereld (Сето знаење на светот?!) - холандски документарен филм за овој човек. Ми се чини дека ова е одличен кандидат за некоја вечер на СподелиКино.

На крај дознав уште еден наслов: The man who wanted to classify the world - француски документарец за истиот човек од 2002 година. Но, овој не успеав да го најдам на Интернет.

Економија на чекањето на семафор за државни колони

Tags: 

Денес бил ден без автомобили. За ова дознав прилично доцна во текот на денот, но тоа не ја смени мојата рутина, бидејќи и немам автомобил. Тоа, исто така, не ја смени рутината на еден државен функционер кој брзаше по Иво Лола Рибар кон ценарот на градот, во црното службено возило.

Поминувањето на овој автомобил исто така е дел од мојата дневна рутина. Дали на пешачки премин или на семафор во автобус, секој ден треба да чекам по невообичаено долго време за да помине некоја ваква брза кола. (Во ред, кога станува збор за ист правец, возачите на автобусите се необично вешти да го искористат за побрзо возење од што корист имаат повеќето патници.)

Сепак, бидејќи речиси секоја крстосница има четири правци, очигледно е дека додека едните брзаат, останатите чекаат. Колку чини тоа годишно?

Математиката е проста. Претпоставувам дека во просек се чека 5 дополнителни (непредвидени) минути на крстосница и дека од секоја страна има по 10 возила со 2 патници. Значи, 60 патници трошат по пет (работни) минути, а тоа се 300 минути по крстосница.

Сега да речеме дека брзиот службеник треба да помине 4 крстосници (Тафталиџе - Центар), тоа се веќе 1.200 минути (или 20 часа) дневно.

Колку е тоа годишно?

52 недели во годината по пет работни дена е еднакво на 260 дена. Ако секој ден поминува барем една таква кола, тогаш тоа се 5.200 часа (поделено со 8, тоа се 650 дена).

Ако дневницата во државава е 700 денари (15.000 денари поделено на 21 ден), тогаш тоа се вкупно 455.000 денари.

А ако поминат две коли..?

Голема работа на подкаст

Tags: 

Деновиве промовирам нови интернет места.

Бидејќи веќе предложив на Багра, емисијата „Голема работа“ да оди на подкаст, еве и да кажам дека емисијата има подкаст.

Попладнево го потрошив на тоа и со помош на Игор, подкастерскиот блог е на интернет (но некаде во 2011 е предаден на оригиналните автори и затворен).

Уживајте. :)

Некои идеи за тоа како да бидете добри кон вашите корисници

Tags: 

Денес бев во Он.нет да си ја платам сметката за Интернет и имав возбудливо доживување.

Вработената во Он.нет, внесувајќи податоци за фактурата, виде дека договорот набрзо ми истекува. Ми рече дека имаат нови пакети кои вклучуваат интернет и телефонија, но само ако сакам да го мигрирам бројот од Македонски Телеком. За жал, ми рече таа, оваа можност сѐ уште не е достапна во мојата населба, бидејќи централата сѐ уште не била монтирана.

Сепак, бидејќи договорот ми истекува и истата опција без проблеми ми е достапна во Телеком, а јас сум нивен долгогодишен корисник, тие се спремни да ми понудат попуст од 15% на новиот Соло 30 пакет што ќе можам да го користам до денот на пристигнувањето на пакетот Дуо, со цел компензирање на очигледните разлики во цените на поединечните пакети. Сето ова ќе ми биде достапно само ако денес се сложам да станам корисник на нивната „две во едно“ понуда.

Откако добро ја разгледав понудата и уште еднаш продискутирав за деталите, се сложив со оваа понуда од Он.нет и сега среќно си сурфам.

Се разбира, ова не е тоа што денес се случи во продажниот салон на вториот фиксен оператор.

Всушност приказната започнува пред околу еден месец.

На 18 август бев во Он.нет за да ја платам сметката, но и да проверам кои ми се опциите бидејќи уште тогаш се зборуваше за новите понуди што треба да дојдат во септември. Тогаш, меѓу другото, специјално прашував до кога ми е рокот за да поднесување на барање за договорот што го имам со Он.нет да не се продолжи автоматски.

Ова го прашував со посебен интерес бидејќи печатот на договорот е од 20 септември, но интернет добив на 13 октомври, па прашував од кога точно почнува да се смета тоа „една година интернет“. Суштествено беше да го знам тоа бидејќи барањето се поднесува еден месец пред истекувањето на договорот. Така, ако времето тече од 20 септември лани, тогаш 18 август оваа година беше точно датумот на кој што треба да го откажам продолжувањето на договорот.

Тогаш вработениот во Он.нет ми рече дека времето се смета од денот кога сум добил интернет. Јас си заминав од салонот со мисла дека имам уште околу еден месец од стариот договор и деќа ќе можам да видам какви ќе бидат новите понуди и комотно во септември да разгледам чии услуги за сурфање ќе ги користам следните дванаесет месеци.

Денес бев во салонот исто така за да ја платам сметката и да се информирам кои ми се опциите, сега кога договорот ми истекува. Вработената во Он.нет ми рече дека има пакет Дуо, но тој сѐ уште не е достапен во мојата населба. Исто така ми рече дека веќе не можам да го откажам автоматското продолжување на договорот бидејќи датумот кој од кој се смета едната година е 20 септември.

Не сакав да навлегувам во расправии, па само се насмеав и прокоментирав како може да добивам различни информации од различни вработени во врска со договорот и набрзо потоа си отидов.

Сега суфрам на старо-новиот интернет и блогирам за овој весел настан.

Страници