Кратки мисли за SOPA и PIPA по извојуваната победа (барем за сега)

Tags: 

Една од поинтересните работи во врска со пресметката за SOPA и PIPA беше одобрувањето и радувањето кај интернетџиите на координираниот настап на корпорациите како Google против законите и всушност против лобито на забавната индустрија (Wikipedia овде не се вбројува).

Се создаваше перцепција значи како ние сурферите да имаме ист интерес со овие компании.

Нема да кажам како е ова погрешно на некое етичко ниво, или не знам анти-капиталистички фазон или нешто трето. Само изразувам чудење како корпоративиот пејсаж го перцепиравме како зададен, фиксен и непроменлив во своето спротиставување.

А деновиве еве го IPO-от на Facebook, и веќе за некој месец можеби ќе читаме како тој го купува WarnerBros, а Google го купува Universal. Тогаш сликата ќе се промени и SOPA и PIPA ќе имаат многу повеќе смисла за овие компании кои денес (или вчера) подржаа акција против овие закони.

Тогаш ќе започне вистинската битка.

Скопје не дише, но дали технологијта омоќува?

Tags: 

Пред неколку дена некој на интернет побара фаул поради тоа што соодветно одговорните лица решиле да го изгасат интернет изданието на мерењето на загаденоста на воздухот во Скопје. It.com.mk имаше своја вест за случката.

Се разбира, немам никаква намера да го оправдам потегот на градот или на Фармахем. Она што мене ми привлече внимание е речиси рефлексната реакција на луѓето на интернет - веќе вообичаените коментари; „срамота, како може, вака ли ќе кријат“ или слично.

Мислам дека ова е важно затоа што постојано. овде и другде, зборувам(е) за омоќувањето кое технолологијата што технологијата го прави возможно за обичните луѓе. Го имаш својот паметен телефон и гледаш нешто страшно, но ете правиш неколку фотографии кои не мора да се со најдобар квалитет, ги праќаш на Twitter, луѓето дознаваат, се случува револуција. Нели, исто како во Тунис лани.

Сепак, кога навистина ќе се соочиме со некаков проблем, првата помисла ретко е што може да направи мојот паметен телефон. Кога јас помислив на тоа, првиот резултат што го добив од Google беше Crowdsourcing Air Quality Mapping. Не знам дали ова веќе е и направено, но барем сега сме сигурни дека и други луѓе помислиле на истото, кога биле соочени со ист [или сличен] проблем.

Понатамошно Google истражување нѐ носи до тркалото на Копенхаген, кое не е панорамско тркало, ами велосипедско тркало што прибира разни урбани податоци (сообраќај, загаденост, врева, бучност итн.) и ги испраќа на интернет каде се достапни за обично информирање и, ако сакате, стручна анализа. Тркалото е со висока цена. Ако информациите се точни и непроменети, тоа чини околу $600, но којзнае, можеби MIT во соработка разни фондаии и донатори може да испорача тркала по бенефицирани цени за еден од најзагадените градови во светот.

Јас не сум премногу технолошки поткован, па мојов текст е на ниво на спекулација дека, да, можно користејќи нови технологии да се направи сервис на интернет кој ќе биде подобар, покорисен, поинформативен и поубав од досегашната „Скопје дише“ страница. Знам и барем едно место во градов каде ваков потфат би се прифатил ако заради ништо друго, тогаш заради предизвикот.

Целава работа може да биде „секое чудо за три дена“, и можеби никогаш нема да видиме „Скопје дише 2.0“. Сепак, тоа останува многу, многу блиска можност. Јас останувам да се надевам дека ќе ја користам мојата претплата за 3G за нешто повеќе од Twitter.

Текстот е објавен на it.com.mk: Скопје не дише, но дали технологијта омоќува?

Право да читаш

Tags: 

Се чини сите деновиве пишуваат на тема ACTA, па за овој текст да не биде повторување, се вртиме кон Ричард Сталман и неговиот пророчки есеј / расказ насловен „Право да читаш“.

Текстот е спекулативен увид во државно-корпоративната контрола над употребата на компјутерите. Напишан е во далечната 1997 година и до скоро беше сметан за „само уште едно парче научна фантастика“. Но, како што вели Вилијам Гибсон, реалноста е често пати почудна од она што и најлудата научна фантастика пробува да го предвиди.

Текстот е пренесен во целост подолу.

Право да читаш

(Од „Патот кон Тајхо“, колекција на текстови за предвесниците на Лунарната револуција, објавени во Луна Сити во 2096.)

За Ден Халберт, патот кон Тајхо започна на факултет - кога Лиза Ленц го замоли да ѝ го позајми неговиот компјутер. Нејзиниот беше расипан, и доколку не успееше да позајми друг, ќе паднеше на семестралните испити. Не се осмелуваше да праша никого освен Ден.

Ова му наметна дилема на Ден. Мораше да ѝ помогне - но доколку ѝ го позајмеше компјутерот, таа ќе можеше да ги прочита неговите книги. Покрај фактот што можеше да оди долги години во затвор доколку му дозволи на некој друг да ги прочита неговите книги, идејата сама по себе го шокираше. Како секој, уште од основно училиште беше научил дека позајмувањето на книги е валкано и погрешно - нешто што само пиратите би го направиле.

И немаше многу шанси да се спаси од СПА - службата за заштита на софтвер. На часот по софтвер, Ден научи дека секоја книга има надгледувач за авторски права кој ја известува службата за Централно лиценцирање за тоа кога, каде и од кој ја чита секоја книга. (Тие ги користеа овие информации за да ги фатат пиратските читатели, но исто така и за да ги продаваат информациите за личниот интерес на читателите на продавачите.) Следниот пат кога неговиот компјутер ќе биде вмрежен, Централно лиценцирање ќе дознае. Тој, како сопственик на компјутерот, ќе добие најстрога казна бидејќи не презел чекори за спречување на криминалното дело.

Секако, Лиза најверојатно немаше намера да ги чита неговите книги. Можеби компјутерот ѝ требаше само за да ја напише семинарската работа. Но, Ден знаеше дека таа доаѓа од семејство од средната класа и дека едвај ги покриваше трошоците за школувањето, а камо ли и оние за читањето книги. Можеби ќе успее да дипломира само доколку ги прочита неговите книги. Тој ја разбираше оваа ситуација: и тој самиот мораше да позајмува пари за да ги плати сите трудови на истражувачите кои ги читаше. (10% од тие плаќања беа наменети за авторите на тие трудови и бидејќи Ден целеше на академска кариера, се надеваше дека неговите трудови, доколку бидат доволно цитирани, ќе му донесат доволно пари за да го врати заемот.)

Подоцна Ден ќе научи дека постоеше време кога секој можеше да оди во библиотека и да чита весници, па дури и книги без да мора да плати. Постоеја независни учени луѓе кои читаа илјадници страници без да добијат владини грантови за користење на библиотека. Но во 1990-тите и комерцијалните и непрофитните издавачи почнаа да наплаќаат за пристап до содржината. До 2047 година библиотеките кои нудеа бесплатен јавен пристап до литература беа само далечно сеќавање.

Секако, постоеја начини да се заобиколи СПА и Централно лиценцирање и секако тие беа нелегални. Ден имаше соученик на часот за софтвер, Френк Мартучи, кој беше дошол до нелегална алатка за дебагирање, која ја користеше за да го излаже кодот на надгледувачот за авторски права кога читаше книги. Но, тој им кажа на многу пријатели за тоа и некој од нив го предаде на СПА за награда (студентите кои имаа долгови лесно беа намамувани во предавство). Во 2047, Френк беше во затвор, не за пиратско читање, туку за користење на дебагер.

Подоцна Ден ќе научи дека постоеше време кога секој можеше да има алатки за дебагирање. Дури постоеја бесплатни алатки кои можеа да се добијат од CD или преку Интернет. Но обичните корисници почнаа да ги користат за да ја заобиколат заштита за копирање и еден судија пресуди дека тоа станало основна употреба на тие алатки во праксата. Ова значеше дека тие се нелегални. Програмерите на тие дебагери беа испратени во затвор.

Секако, на програмерите сè уште им требаа алатки за дебагирање. Производителите на вакви алатки во 2047 дистрибуираа ограничен број на копии и тоа само на официјално лиценцирани програмери. Дебагерот кој Ден го користеше на часот по софтвер беше зад посебен огнен ѕид за да може да се користи само за време на часот.

Исто така беше возможно заштита да се заобиколи доколу се инсталира модифициран системски кернел. Ден подоцна ќе дознае за слободните кернели, дури и целосни слободни оперативни системи, кои постоеја околу крајот на векот. Но, овие не само што беа нелегални, како и дебагерите, туку и кога човек би имал таков оперативен систем не би можел да го инсталира без да ја знае администраторската лозинка на неговиот комјутер. А таа информација не ја кажуват ни ФБИ ни корисничката поддршка на Мајкрософт.

Ден заклучи дека просто не може да ѝ го позајми копјутерот на Лиза. Но, бидејќи ја сакаше, не можеше да одбие да ѝ помогне. Секоја можност да разговара со неа го исполнуваше со блаженство. И тоа што таа одбра да го праша него за помош, можеби значеше дека и таа го сака него.

Ден ја разреши дилемата правејќи нешто уште помалку замисливо. Ѝ го позајми компјутерот и ѝ ја кажа својата лозинка. Вака, ако Лиза ги чита неговите книги, Централно лиценцирање ќе мисли дека тој ги чита. Ова сè уште беше криминал, но СПА не може автоматски да дознае за тоа. Може да дознае само доколку Лиза го издаде.

Секако, доколку училиштето дозне дека тој ѝ ја кажал лозинката на Лиза, тоа ќе биде крај за нивното образование, без разлика на тоа за што точно Лиза ја користела лозинката. Политиката на училиштето беше дека секое пореметување на надгледувањето на употребата на компјутери од страна на студентите е основа за дисциплинарни мерки. Не беше важно дали си направил нешто лошо. Прекршокот ја оневозможуваше администрацијата да те проверува. Тие претпоставуваат дека правиш нешто забрането и не им треба да знаат што е тоа.

Вообичаено студентите не беа бркани заради ова, барем не директно. Наместо тоа им беше забрануван пристапот до училишниот компјутерски систем, што значеше дека на крај нема да положат ниту еден од нивните испити.

Подоцна Ден ќе научи дека ваквата политика на универзитетите започна 1980-тите, кога студентите во голем број почнаа да користат компјутери. Претходно, универзитетите имаа поинаков пристап кон дисциплината: ги казнуваа активностите кои беа штетни, а не оние кои само покренуваа сомнеж.

Лиза не го пријави Ден во СПА. Неговата одлука да ѝ помогне водеше до нивниот брак и исто така ги натера да се запрашаат за тоа што беа учени за пиратството како деца. Парот почна да чита за историјата на авторските права, за Советскиот Сојуз и неговите ограничување за копирање и дури и оригиналниот устав на САД. Се преселија во Луна, каде најдоа други, кои исто како нив избегале далеку од долгата рака на СПА. Кога востанието Тајхо започна во 2062, универзалното право да се чита набрзо стана една од неговите основни цели.

Текстот е објавен на it.com.mk: Право да читаш.

#10години 2С.мк

Tags: 

Оваа 2012 година Слободен софтвер Македонија прославува 10 години постоење. Се чини дека оваа година ќе биде возбудлива за сите што некако се наоѓаат на фронтот на дигиталните слободи. Опасностите кои надвисуваат над нас пред сѐ во форма на законските решенија како SOPA и ACTA уште еднаш ќе ја тестираат истрајноста и посветеноста на ширката заедна луѓе што работи на прашањата поврзани со слободен софтвер во [и од] Македонија.

Но, пред да се вратиме на работите што нужно го бараат нашето внимание денес, може и треба да се потсетиме на некои поважни датуми од изминативе десет години. Еве ги со ред:

1. 28 октомври 2002 година
Се одржа основачкото собрание на Слободен софтвер Македонија. Собранието се одржа во тогашниот „Пингвин Паб“ карши автобуската станица „Рекорд“ во Скопје. Присутни беа 15 основачи. Беше изгласан првиот статут на организацијата и првото раководство. За претседател беше избран Иван Стојмиров. Во управниот одбор членуваа уште и: Александар Ников, Арангел Ангов, Васко Митанов, Дамјан Георгиевски, Дарко Стојчев и Игор Петрески.

2. 4 септември 2003 година
На апелот за помош во врска со можниот договор со Мајкрософт испратен до меѓународната заедница за слободен софтвер се одзва Џон Хол, претседателот на Linux international. Писмото од Џон Хол стигна во Македонија на овој ден и истото беше испратено до Претседателот на Републиката, до Претседателот на Собранието, до пратеничките групи, и до Владата на Република Македонија.

3. 3 јуни 2004 година
Слободен софтвер Македонја ја поплави со слободен софтвер втората конференција на Мајкрософт - „Визија“.

4. 16 јуни 2005 година
На седница на Владата на Република Македонија беше усвоена Националната стратегија за развој на информатичко општество. Лобирањето на Слободен софтвер Македонија овој пат вроди со плод. Во обемниот документ има место за слободниот софтвер, платформската неутралност и отворените стандарди.

5. 25 јули 2006 година
Слободен софтвер Македонија доби покана да учествува на проектот на UNDP Македонија насловен „Support to e-Governance initiatives based on Free/Open Source Software at the local level in FYR Macedonia“. Организацијата испрати работни препораки до UNDP Македонија.

6. 16 јануари 2007 година
Слободен софтвер Македонија и фондацијата Метаморфозис со заедничко соопштение до јавноста го критикуваа тендерот за комјутерска писменост кој го распиша Владата на Р. Македонија. Неколку дена подоцна Владата ја исправи тендерската документација во која претходно се бараше само обука за Мајкрософт офис.

7. 26 мај 2008 година
Слободен софтвер Македонија во јавноста излезе со свој став во врска со кампањското локализирање на софтвер потребен за училиштата во Македонија што го спроведуваа Влада на Р. Македонија и USAID во соработка со приватни компании. Како резултат на нивните краткорочни решенија за локализација беше зададен голем удар на заедницата на преведувачи. По нивната конечна одлука за кампањскиот модел повеќе локализациски проекти престанаа со својата активност. http://slobodensoftver.org.mk/vesti/reakcija_za_tender_za_lokalizacija_e...

8. 17 октомври 2009 година
Отворен првиот хаклаб во Скопје: КИКА.

9. 03 јуни 2010 година
Во Скопје предавање одржа Ричард Сталман.

10. 13 јули 2011
Во скопскиот хаклаб КИКА се одржа прва само за жени хакерска вечер.

Подолга листа со настани се одржува на викито за слободен софтвер. Но, и ова е чинам доволно за да го видиме резимето на Слободен софтвер Македонија. Со ова темпо, и оваа година ќе биде забавна и плодна.

Текстот е објавен на it.com.mk: #10години 2С.мк.

Цени

Tags: 

Овие неколку забелешки супер би дошле како некој цртеж, графикон или слично, но кога веќе не можам да шкртнам така, да шкртнам вака:

1. Цената на струјата расте, меѓу другото и поради зголемената потрошувачка.

2. Потрошувачката е зголемена поради зголемената употреба на струја за затоплување.

3. Тоа пак е резултат на намалената употреба на топлинска енергија од Топлификација (да, ова пред сѐ е за Скопје).

4. Намалената употреба на топлиснка енергија е поради нејзината зголемена цена.

5. И нејзината зголемена цена е поради намалената употреба, т.е. луѓето плаќаат повеќе меѓу другото и поради тоа што плаќаат за оние станари што се исклучиле.

Сумирано, луѓето што се исклучиле, меѓу другите фактори, имаат влијание на качувањето на цената и на парното и на струјата.

Со други зборови, огромен општествен трошок се прераспределува кон одредена група на граѓани - т.е. тие што плаќаат и парно и струја.

Со трети зборови, срање.

Законите и интернет

Tags: 

Веќе сите знаат дека на 18 јануари 2012 „интернет штрајкуваше против SOPA“. Дури и очајните македонски медиуми на некој начин ја пренесоа веста. Мајка ми беше загрижена дека нема да може да се чуе со брат ми на Skype дека нема да сме имале интернет од пет наутро до пет попладне...

Накратко, повеќе водечки веб страници беа недостапни еден ден: Википедија на англиски јазик, BoingBoing, reddit, imgur и слично. Тоа се страници кои се длабоко поставени во техно-либертаријанството на Силиконската долина, анти-авторитативноста, анти-цензурата и повразни граѓански вредности, што ми се чини дека за чудење ќе беше овие страници да не затвореа тој 18 јануари [или некој друг ден]. Ним, до некаде, им се приклучи и еден од најголемите иноватори на интернет - порно индустријата, и можеби овие две заедно е сѐ што многумина од нас подразбираат под „интернет“: википедија и порно. Да се рече дека интернет е многу повеќе од тоа е истакнување на очигледното, но несомнено улогата на овие е значајна.

Има [барем] две клучни точки во врска со SOPA (и PIPA) што одат преку тесното „википедија не ми работи“ гледиште во врска со овие закони. Првата произлегува од честото мислење или убедување - „па јас не сум пират, не даунлоадирам од интернет, немам филмови на харддиск...“ и на неа кратко може да се одговори со коментарот на pssvr на reddit: „Ниедна тиранска, мизерна влада не доаѓа на власт ветувајќи им на луѓето тиранија и мизерија“. Коментарот е одговор на друг малку подолг коментар за тоа како Данска ја живее својата епизода со цензурата на интернет; за тоа како добрите намери и ограниченоит опфат и опсег се губат штом ќе биде поставена инфраструктурата. Сигурен сум дека имало „добри намери“ и кога пред петнаесетина години се донсувале договорите во WIPO што подоцна се искористени за носење на DMCA. Секој што е на интернет од 2000-тата знае дека оттогаш има постојана кампања за елимирање на DRM, но успехот најблаго речено е ограничен. Последиците од ова поместување на законските регулативи можеби најсликовито ги објаснува Кори Доктороу во својот говор на 28c3 - „Надоаѓачката војна на компјутерите за општа употреба“.

Втората пак произлегува токму од искуството со DMCA и се однесува на мислење или убедување дека сето ова нас, овде, во Македонија не нѐ засега. Впрочем ова е битка во Соединетите држави, за нивни закони кои воглавно се однесуваат нивни компании, во изборна година, и секако надвор од сите главни грижи што ние тука ги имаме. Поупатени луѓе од мене веќе го адресираа ова прашање. На пример, тука е текстот на Мајкл Гајст, „Зошто Канаѓаните треба да учестуваат во протестот против SOPA/PIPA“ кој беше рециклиран и на BoingBoing. Но, ете да не останам покусо со мој коментар, ќе упатам на Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ, бр. 115 од 31.08.2010 година), Оддел 1: Заштита на технолошки мерки, каде започнува нашата „DMCA во мало“. Тоа се одредби кои се внесени во законот без многу врева, јавна дебата или земање предвид на истражувања или анализи во врска со DRM кои постојат со оглед на тоа дека законот во САД е донесен во 1998, а кај нас 12 години подоцна, и оттука поминато е доволно време да се направи проценка. Јасно, на увозот на законски мерки нема царина или други бариери, но позагрижувачки е тоа што одредбите може да дремат на хартија сѐ додека во еден момент не се искористат против нешто што само во фуснота ја има идејата за авторските права.

Но, ете сме назад на нормално функцинирање на мрежата. Затемнувањето против SOPA и PIPA имаше мерлив успех. До крај останува да видиме дали на Википедија ќе треба да ѝ се заблагодаруваме за нешто повеќе од обезбедување на лесно разрешување на кафански расправии.

Текстот е објавен на it.com.mk: Законите и интернет.

Улис и зомбија

Tags: 

Ова е првиот наслов на кој помислив кога прочитав дека од 1 јануари 2012 делата на Џејмс Џојс влегуваат во јавниот домен во ЕУ. За оние кои не знаат Џојс се смета за „родоначелник и втемелувач на модерниот прозен и експериментален пристап“ [според Википедија на Македонски]. Насловот не е случаен. Една исто така голема авторка Џејн Остин, чии дела од поодамна се наоѓаат во јавниот домен, има добиено проширувања и преработки со зомбијата како централна тема. Книгата се вика „Гордост и предрасуди и зомбија“ и настрана од поволните критики што ги има добиено, ова дело претставува еден од светлечките примери за тоа што може да се прави кога културата е слободна. Уште еднаш, по кој знае кој пат, познатиот рефрен на Лоренс Лесиг: „Креативноста секогаш се надоградува на минатото“ - совршено го сумира овој уметнички потфат, како и можностите што стојат пред нас.

Но, љубителите на проза со зомбија не се единствените што се радуваат на оваа вест. Според текст од American University единствениот наследник на имотот на Џојс, неговиот внук Стефен Џојс, будно и жестоко ги бранел правата од делата на Џојс, дејствувајќи против јавноста што сакала да го слави големиот писател и против академската заедница за која делата на Џојс се од големо значење.

Така оваа година за прв пат на 16 јуни, на Блумсдеј – денот кога се случува „Улис“ и денот кога светот го слави Џејмс Џојс, тие прослави нема да бидат модерирани од страна на режимот на авторски права.

Радоста сепак ја нема во целиот свет. На многу од книгите на Џојс авторските права остануваат да важат во САД уште најмалку десетина години. Делата на Џејмс Џојс не се единствената жртва на проширувањето на режимот на авторски права во САД. Како што објави Центарот за проучување на јавниот домен, ако законот за авторски права останеше во формата од 1976 година на 1 јануари 2012 на јавниот домен ќе му се приклучеа: „Враќањето на кралот“ од Толкин, „Крадци на тела“ од Џек Фини, два од трите главни филмови на Џејмс Дин - „Источно од рајот“ и „Бунтовник без причина“ и уште дузина други култни дела.

Додека ја чекаме „Улис и зомбија“ преземањето од интернет на „Улис“ и другите дела на Џејмс Џојс е слободно – периодот од живот + 70 важи и во Македонија. Повелете на проектот Гутенберг.

Текстот е објавен на it.com.mk: Улис и зомбија.

Хакер(к)ите на филм

Tags: 

Сѐ уште трае празничната сезона, па тоа нека биде изговор да не се впуштаме во сериозни теми. Наместо тоа, еве краток осврт на една од презентациите што се одржаа на 28c3 – Behind Enemy Lines насловена „Хакот нема да биде прикажан на телевизија“.

Презентацијта всушност е некој вид на препорака за филмови кои ја третираат темата на хакирањето, хакер(к)ите и културата, и навистина не станува збор за некој, барем за мене, список со непознати филмови.

Каспар Клемен Миро наведува дваесетина филмови во кои хакерите имаат некаква улога. Некои од тие наслови се и дел од филмовите што јас со задоволство ги гледам во голем број репризи: „Џони Мнемоник“, „Душкала“, „Воени игри“...

Но, предавањето не е само набројување на филмовите. Миро презентира и десет тези за тоа како се претставуваат хакерите во филмовите. Помеѓу поинтересните ми се чинат тоа дека чест мотив во филмовите е хакерите да носат очила на кои се рефлектира екранот во кој гледаат, потоа дека компјутери на Епл често се дел од хакерските сцени и тоа дека жените имаат споредна улога и често се прикажани како помалку способни.

Се разбира може да се најдат и спротивни примери за овие тези и токму тоа ја прави целата работа интересна за дискусија. Миро одржува и подолг список на филмови за хакери, па погледајте нешто по желба додека ни трае новогодишната дремка.

Јас планирам да го гледам „Девојката со тетоважа на змеј“.

Текстот е објавен на it.com.mk: Хакер(к)ите на филм.

Хакерската заедница во 2011

Tags: 

На 3-ти јануари 2011 го напишав отворениот повик за хакери. Една година подоцна има неколку работи од нашево опкружување на кои вреди да се потсетиме, што луѓето кои игриво ги проучуваат системите што другите ги земаат здраво за готово ги направија:

1. Во 2011 во Македонија се одржаа четири НСНД настани – во Куманово, Штип, Охрид и Струмица. НСНД е името на локалните и регионални хакерски средби на кои ништо не се случува, но се разменува знаење и вештини за разни технологии и понекогаш за општествени прашања. Настаниве не се спектакуларни, но нивната цел е пред се да ги зближуваат луѓето со слични интереси. Мене ми се чини дека во тоа успеваат целосно.

2. Скопскиот хаклаб КИКА успеа да преживее уште една година и едно селење. Барем за сега хаклабот осанува главното сврталиште на луѓето кои сакаат да се идентификуваат со горниот опис.

3. Посебно ми е мило што во и околу хаклабот свое место си најдоа и повеќе девојки. Програмата GNOME Women Outreach фати здрав корен во нашата заедница и веќе има две девојки кои учестувале или учестуваат во проектот. Ова може да биде темел за уште поголеми хакерски активности и женско вклучување во што инаку често се смета за „машки работи“.

4. Започнавме емисија на Канал 103 што се бави со прашањата за авторски права, дигитални слободи, интернет, цензура, граѓански права и што не, прашања со кои се занимаваат и хакерите што ги познаваме и со кои соработуваме и се дружиме во регионот, но и пошироко.

5. Ја направивме и претставивме 3D led коцката. Нема што да се пишува. Погледајте го видеото. :-)

6. Последно на списокот, но никако најмалку важно ја напишавме и предадовме на Владата на Р. Македонија, Националната политика за слободен софтвер, документ кој ако биде прифатен, усвоен и применет може да има големо влијание на тоа како државата комуницира со граѓаните и компаниите во дигитална форма и да обезбеди поголема транспарентност во нејзиното работење.

Овој список никако не е комплетен. Ова се само неколку работи кои се највидливи, но уште многу работи се случија изминатава година што ми даваат надеж да мислам дека хакерската заедница во Македонија расте и си го наоѓа своето место. Бројката сѐ уште не е толку голема, можеби дваесет или триесет луѓе, но хакерскиот дух се шири и сите сме заслужни за тоа.

Happy Hacking!

Текстот е објавен на it.com.mk: Хакерската заедница во 2011.

airborne во 2011

Tags: 

Во 2011 на блогов оживеале 116 (сто и шестнаесет) написи - вклучувајќи го и овој. Во просек тоа е еден напис секои три дена.

Најмногу во месец јуни - шестанесет. Тоа беше месецот во кој се случуваше протестот против полициска бруталност. Текстовите од тој период се со лепенка протестирам. Мене најопишувачки, иако со доза на цинизам, на сета работа околу случајот и понатаму ми останува текстот, т.е. цитатот од Неколку добри луѓе, објавен кога сѐ уште многу малку се знаеше за целиот случај: Неколку добри луѓе vs. #daniel.

Но, најистакнат на темава помеѓу сите е текстот што го пишувавме заедно јас и Миша Поповиќ: Полициската бруталност и општествената класа - текст што се појави во август.

Јануари беше одбележан со два текста што ми се многу драги и кон кои често се навраќам:
Отворен повик за хакери и Ширење на хакерскиот дух: говор по повод 10 години Википедија.

Во февруари дебата и интерес предизвика текстот Правните прашања зад дебатата за андроид апликацијата за Златна книга.

Март е шарен со неколку текстови што ми се чини се доволно интересни да бидат споменати: Суперхероите и новинарството, Неколку белешки за филмовите на Билјана Гарванлиева, TEDxSkopje - една година потоа.

Април и мај испаднаа некако окупирани со теми за изборите: За изборот и изборите, Репринт: Маестралната уметност на владеење на Груевски, Избори 2011 (уште еден репринт), Колиер, па Рузвелт, Буџетски белешки за изборите.

Јуни експлодираше со текстови за протестите, полициската бруталност и идеи поврзани со тоа. Веројатно најзначаен до сите е За Мартин Нешковски, кој преработен, дополнет, дообјаснет, беше и платформа за многу од активностите што се случија. Секако, ги препорачувам сите написи од тој период.

Јули ја имаше малата анализа на текстовите од огласите за Законот за амнестија и хашките случаи.

Август, покрај тоа погоре наведениот Полициската бруталност и општествената класа, освртот кон Седмата република ми е мил и поради книгата и темата што ја обработува.

Септември ми изгледа штуро, но да го издвојам Идеологијата и градот.

Октомври е враќање на некои вообичаени теми: Поглед кон „Патенталија и Тентелина“ од Матеј Богдановски, од фронтот на војната за авторски права и Behind enemy lines: Белешки од webit '11

Во ноември блогот доби и нова важна лепенка it.com.mk, заради текстовите што почнав да ја пишувам за тој сајт. Од тој месец би го издвоил Ретвитај за музика, иако сѐ што е под таа лепенка е интересно за читање. Настрана од тоа тука е (Не)познато (не)знаење.

Декември го отворив со Објаснување за системот на електронска здравствена картичка од гледна точка на зависност од еден понудувач, а во него се и Кон „Изгубената република“ од Лоренс Лесиг и некои идеи поврзани со неа по настанот „Стратегии на отпорот - од културен активизам до нови модели на општествено дејствување“ и Јавната дебата и слободата на говор.

На крај, најзабавна и најпрониклива ми беше колекцијата „македонскиот народен мудрец“ која почна овде, но продолжи на mudrec.tumblr.com.

Годината најверојатно ја затворам со овој преглед, освен ако нешто многу интересно не ме предизвика од 28c3.

СНГ и Happy Hacking.

Страници