March 2007

Мостот на Дрина

Tags: 

Да завршам некако со фото-приказните од патот до Сараево и назад (и така ја пополнив месечната квота на Flickr), ова подолу е еден мост.

Мостот на Дрина

Што со тоа? Миша на враќање од Сараево ме разбуди од дремката за да ми раскаже дека мостот покрај кој застанавме (овој од сликава) бил истиот мост од книгата „Мостот на Дрина“ на Иво Андриќ. Јас брзо-брзо направив пар невешти фотографии од кои оваа колку-толку личи на нешто. Барем се гледа мост на неа. :)

Во СССР листата се претплатува на тебе

Tags: 

Размислував долго за тоа дали да напишам уште еден follow-up а случајот
„поштенски листи“ - и очигледно одлучив да напишам. Пред тоа сепак неколку
пати ги прочитав претходните записи: мојот и тој на Филип.

Мене ми се чини дека прашањето што е пред нас е: небарана/несакана пошта или спам (ако грешам, поправете ме). Накратко, Филип во порака на листа чија архива веќе не е достапна за оние кои не се претплатници спорел за тоа дали некој смее да го претплатува на листа без негово знаење. Јас го искористив тоа за да потенцирам дека истото мене ми се случило со претплата на поштенска листа на организацијата каде што работи Филип. Тој потоа одговори со запис кој многу малку го третира ова прашање, туку повеќе се занимава со некои други работи (што може да биде тема за некое друго пишување).

Сепак, она што сепак може да се прочита од записот на Филип, а што е релевантно за дискусијата е дека постоела листа:

На таа мејлинг листа „на времето“ (далечната 2005 година)...

- за што нема ништо спорно (и јас ја чувам архивата).

Потоа дека листата била неактивна:

Мејлинг-листата во меѓувреме беше неактивна и никој од Метаморфозис не ја употребувал.

- за што исто нема ништо спорно (не сум добил нова порака од 10.01.2006 година).

Дека провајдерот правел надградба на софтверот:

Интернет-провајдерот каде што е хостирана мејлинг-листата баш денес инсталира/реконфигурира нови системи за е-пошта, што е веројатно причината за реактивација на листата - со автоматска порака.

Тезата на Филип е дека пораките кои што стигнаа во моето сандаче (важно бидејќи претходно никаде не пишувам дека стигнале на било кое друго место, како што тврди Филип во својот запис), се од истата таа поштенска листа, која постоеше 2005/2006 година, а која тој суден ден била надоградена од интернет провајдерот каде е хостирана.

Ова е тоа со кое што јас не се сложувам. Пораката што ја добив на 27.03.2007 год. е од друга поштенска листа (која можеби само во дел го преземала името од претходната). Како знам? Филтрите за е-пошта што ги имам ми кажаа - не ја ставија новата порака во иста папка со претходните (оние на кои се повикува Филип). Хедерите на пораките не се исти: пораките не доаѓаат од ист сервер (старите се од wsmg.sonet.com.mk [212.120.1.60], а новите од hamurabid.sonet.com.mk [212.120.16.70]. Софтверот на кој работи листата не е ист: стариот не ми е познат, а новиот е Mailman (X-Mailman-Version: 2.1.5), и колку што знам не е возможна некаква автоматска миграција од еден на друг ваков софтвер.

Значи, човечка рака веројатно била вклучена: некој ги земал адресите од едната листа и ги ставил во другата листа и некаде кликнал на „YES“ или „OK“ за да биде испратена автоматската порака. Ако тоа биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да го цитирам пак Филип од неговата порака на НМП листата:

5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог или на официјалниот ми веб-сајт , не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?

Се надевам овде може да се додаде и тоа дека тоа што адресата е на една листа, не значи дека автоматски може да биде на друга листа.

Ако не биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да не зборувам за тоа што јас адресата сум ја дал тогаш (во 2005) на Метаморфозис, а не на интернет провајдер кој ги хостира нивните листи (ама, признавам не знам дали и како ова е решено со Закон или што).

На крај, дури и да го прифатам тоа што Филип го вели - дека тоа е една иста листа само надградена, сепак мислам дека во рамките на некаков бон-тон е да се известат претплатниците во врска со тоа. Така направивме ние (Слободен софтвер Македонија, заедницата на корисници на слободен софтвер) на времето (во 2003 година) кога старата LUG листа (која веќе не е на Интернет - но и тие архиви ги чувам, па еве можам да проверам), поради технички причини ја заменивме со новата ossm-members листа.

Се друго е шум.

П.С. Можеби му должам извинување на Филип поради тоа што ја употребив неговата порака на НМП листата за да ги критикувам активностите организацијата каде што тој работи, но мислам дека тоа (заедно со насловот на мојот претходен запис кој може да предизвика мала забуна) беше важно за да им се даде контекст на работите. Се разбира, јасно ми е дека личните ставови на еден човек може да не бидат во согласност со ставовите на организацијата каде што истиот тој работи, иако веројатно може да се спори колку тоа е дел од приказната на непрофитниот сектор... но, сето тоа е надвор од темата (и можеби ќе биде згодно за некој друг запис). Впрочем јас никаде не велам дека Филип земал учество во оваа приказна со поштенските листи, така што - тоа е тоа.

Среќа што сум во Белград кога ќе штрајкуваат овие од ЈСП

Tags: 

Повеќе медиуми известија за планот на ЈСП за штрајк на 4-ти април, како и нивните барања откако им е блокирана сметката заради долг: врска (Утрински).

Јас мислам:

1. Кретени;

2. Градот/Владата (кој и да е) да го продаде ЈСП, макар и да ги загуби парите;

3. Градот да определи минимални услови кои возилата треба да ги исполнуваат за да возат на улица (да, и „приватниците“ ќе мора да си купат нови автобуси);

4. Градот да определи возен ред за сите линии: годишно време, месец, ден, час, минута...;

5. Градот да пресмета колку автобуси се потребни за да се почитува тој возен ред;

6. Градот да издаде точно толку лиценци (и ниту една повеќе) и да ги продаде на било кој што сака да ги купи (парите од лиценци да ги искористи за правење на тоа автоматско/електронско следење на автобусите;

7. Градот да определи максимална цена за билет;

8. Градот да определи единствен изглед на сите автобуски билети - сите да можат секаде да се користат;

9. Градот да обезбеди механички поништувачи на билети (види Белград).

Јас знам: нема шанси ништо од ова да се случи. Ако е убаво времето, спремете си го велосипедот за да стигнете на време кај и да одите на 4-ти април.

Моите 2 ноти за Сариевски и 300

Tags: 

Читам на планета и на Он.нет за ова приказнава со „Зајди зајди...“ и мислам дека како прочуени пирати, како големи сркачи на музика, филмови и друг материјал кој подлежи на авторски права од Интернет, луѓето од Македонија (вклучително и носителите на авторските права за „Зајди, зајди...“), треба да му простат на Холивуд. Вака да си подадеме рака, па може и да се нагодиме да бидеме пата-пата со нив во врска со пиратирањето.

ПС. Тоа 300 да ти било филм за Спарта нешто? Јас го гледав постерот пред некое време и ми заличе на ЗОО - како зоолошка градина. Си реков нема што да гледам филм на таква тема. :)

Eat your own dogfood

Tags: 

Насловот на записов е чест во светот на софтверот. Во основа значи дека програмерите на некој софтвер и самите го користат софтверот што го развиваат.

И Википедија вели: „To say that a company "eats its own dog food" means that it uses the products that it makes.“ (Врска.)

Во нашата традиција веројатно попозната е една поговорка што ми се чини воглавно се однесува на поповите: „Не гледај што правам, слушај што зборувам.“, и што очигледно е со спротивно значење од оваа англискава.

Така, пред некое време Филип му зборувал на Дамјан за некој инцидент со некоја поштенска листа. Приказната, да не ја раскажувам, ја има на Интеренет (врска - update: 28.03.2007 - архивата на НМП листата веќе не е достапна јавно, т.е. достапна е само за претплатници на листата.), прочитајте ја. Станува збор за листата на link НМП на која Филип бил претплатен без да сака/знае. Цитат:

(...)

2. Мејлинг листи со опт-аут функција каква што сакаш да воведеш, не се препорачани од ЕУ. ЕУ препорачува опт-ин листи: членовите сами да изберат да влезат, а не некој да го направи тој избор за нив, па потоа да молат да излезат. Неследењето на препораките преточени во национални закони повлекува парични и затворски казни. Корисен линк <http://www.spamlaws.com>.

(...)

5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог <http://razvigormk.blogspot.com> или на официјалниот ми веб-сајт <http://filip.stir.org>, не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?

Дури ни на мајлинг листи од сајтови за кои сум се изразил пофално јавно, на пример во рецензија на „Сајт на денот" и слично.

Благодарам на вниманието,
Филип Стојановски
(своерачно)

Овие ми се двете поинтересни точки. :)

И, да се вратам во денешно време... палам компјутер денес и гледам сум добил порака од некоја нова поштенска листа:

Welcome to the Lokalizacija_metamorphosis@metamorphosis.org.mk mailing list!

To post to this list, send your email to:

lokalizacija_metamorphosis@metamorphosis.org.mk

General information about the mailing list is at:
http://mail.metamorphosis.org.mk/cgi-bin/mailman/listinfo/lokalizacija_m...

...итн.

Јас не сум се претплатил сам на листава која ја води Метаморфозис, организацијата каде што работи Филип. Претплата ми траеше неколку часа. Набрзо откако ја видов пораката ја откажав претплатата.

Сега размислувам за тужба против Метаморфозис, но си мислам и да им дадам неколку дена да одговорат со понуда за вонсудска спогодба. А за Филип, не знам зошто тој како свесен и одговорен граѓанин, но и како еден од поглавните луѓе во Метаморфозис, не обратил поголемо внимание на активностите на неговата организација и/или неговите колеги. Се надевам само дека тој лично не е вмешан во овие активности на Метаморфозис.

Update: одговорот на Филип.

Шах на отворено

Tags: 

Баталете мал фудбал, баскет 3 на 3, ролање по кеј и слични заебанции. Вистинскиот спорт е шах. Еве како тоа го прават луѓето во Сараево:

Шах на отворено

И ова не некој шах а-ла Боби Фишер или Гари Каспаров. Овде се вика, се пцуе, се делат гласни совети, му се мрчи на противникот, и се мрчи на публиката, публиката возвраќа, потези се враќаат, па не се враќаат, па се враќаат, па се вика, па се пцуе... и пак од почеток.

Можеби повеќе на боксерски меч заличува. :)

Што читам на Интернет?

Tags: 

Од пред некој ден ставив една страница (хм, која што не е баш валидна според W3C) со оние вести кои ми стигаат на rss и кои ги сметам за поинтересни. Па може некому ќе му се види тоа корисно.

Убунту или ЗОИ '84

Tags: 

Имам некое бледо сеќавање на ЗОИ кои во 1984 г. се одржаа во Сараево. Се сеќавам дека на паузите имаше цртани со Балтазар. Некако се израдував кога го видов логот на олимпијадата на разни места низ Сараево:

Логото на зимската олимпијада '84

Не знам за другите, ама мене ми се чини дека логото на Убунту ептен личи на логото на ЗОИ '84.

Хм, би можеле да го искористиме за лого за Сподели знаење... само некој цртач кога би направил убава svg варијанта. :)

Размена: ништо не се случи.

Tags: 

Гик-хак собирот во Сараево низ слики: http://www.flickr.com/photos/novica/tags/размена/

(Flickr работи и со кирилични лепенки (tag-ови). Супер.)

А еве и луд доказ дека хакирањето не е само со компјутери:

Во Скопје времето беше топло и суво, па јас лежерно си ги земав старите патики за пат. Но, Сараево беше друга приказна - ладно и дожд.

Старите патики, се разбира попуштени во својата градба, не се снаоѓаат најдобро на дожд, па веќе во првите неколку часа беа жива вода. Соочен со опасноста водените обувки да влијаат лошо по моето здравје, веднаш по враќањето во станот каде што бевме сместени ги исушив патиките со фен. Потоа, за да се обезбедам од иден упад на водата до моите нозе во патиките ставив влошки (онакви женски, за месечен циклус). :)

Вистински хак

Се покажаа како посебно ефективни. Ја собраа водата што навлегуваше низ дупките на ѓонот, а други проблеми не предизвикаа.

On the Road

Tags: 

„On the Road“ или „На пат“ е една од моите омилени книги. Најлесното читање на книгата е тоа дека некои луѓе од САД одлучуваат да се качат во автомобил и да возат coast-to-coast и нагоре-надолу низ САД (и Мексико) и да се забавуаат.

Сега, замислете книгата да се случува на територијата на Балканот. Таман тргнаа ликовите и оп - граница! Не можат ни да нагазат на гасот, да го исцедат моторот. Тоа е Балканот. Отприлика така изгледаше и нашето патување до Сараево (и назад).

Патот кој во некои нормални и разумни услови би требало да се вози е долг 500 км и би требало да се помине за 8 часа. Слика од viamichelin.com:

Сепак, ние патувавме околу 18 часа, застанувајќи на многу места низ Србија и БиХ, за на крај да стигнеме во Источно Сараево.

Добрата работа од ова е тоа што имам слики од автобуските станици во Србија (до Ниш, бидејќи до таму беше колку-толку ден и бевме будни), па можам слободно да речам дека на нашата нова станица (во Скопје) сериозно и конкурира таа во Лесковац за најдобра станица во Јужен Западен Балкан.

Лесковац

Македонија не сака во ЕУ

Tags: 

Секогаш кога патувам кон Србија* гледам дека имаме се подобар и подобар граничен премин. Нови зградички, огради, куќарки... се инвестира на големо. И така, по последново патување ми дојде да се запрашам зошто толку инвестирање во нешто што „кај и да е“ нема да ни треба, бидејќи нели „сите одиме кон ЕУ“.

Чуму толку модерни премини кои ќе зјаат празни за пар години? Па, си мислам... веројатно нема да бидат во прашање пар години. :)

Балканов и така не е некое популарно место. А сега, кога уште ние од „западен балкан“ не сме во ЕУ, колку и да биде пократко од кај нас, србите и хрватите, сите патишта ќе одат низ безграничниот простор. Никој нормален не би се шлаел со џандари и цариници на 3 држави, па макар тоа му заштедило 500 км.

Гњаважата што треба да се претрпи на нашите граници зачудува особено кога се знае дека вистинскиот шверц и слични срања не се случуваат баш на официјалните гранични премини, исто како што се знае дека разни крими линии главниот тек го имаат низ „нашиве млади демократии“.

И се прашувам како тоа кога со маки стекнатите надлежности и права конечно и славно ќе ги предадаме во Брисел, сите сомнежи во врска со патувањата на обичните луѓе ќе исчезнат, па нема да се проверуваат ни пасоши ни бутур...

И пак заради тоа ми се чини дека Македонија (и некои нејзини соседи) не сака баш да оди во ЕУ. Инаку зошто толку би си ги малтретирале граѓаните?

*Опасно добра финта е тоа што иако најчесто патувам до нашиот северен сосед, излегува дека во последниве години всушност сум посетил 3 држави: СР Југославија, Србија и Црна Гора, и сега Република Србија. Топ! :)

Луѓето, медиумите и новите технологии. А во Македонија?

Tags: 

Деновиве во Скопје се одржува конференција каде медиумите се главна тема: врска. За жал, не стигнав да учествувам, а нема да стигнам ни да присуствувам, ама да не биде без ич, ќе прибележам нешто на блогов.

Вчера и завчера офлајн времето го поминав во читање на извештајот на KPMG „Влијанието на дигитализацијата...“: врска PDF. Клучните зборови во текстов, кој се надевам ќе ви биде доволно интересен да го прочитате, се: интернет, (стари и нови) медиуми, општествено вмрежување, генерации - baby-boomers, X, Y.

Извештајот говори за тоа какво влијание имаат новите технологии на различните генерации (и обратно), како тие ги доживуваат и користат медиумите, каква содржина е важна за потрошувачите/корисниците, што ќе се случи кога нашата генерација (Generation Y) ќе стигне до менаџерските функции (пример, дали ќе се случи некое големо поместување кога на влијателните позиции ќе дојдат луѓе на кои не им било многу гајле за авторските права) и сл. Се разбира сето ова е од перспектива на една корпорација, но во случајов тоа не влече многу негативни поени.

Она што мене ми е интересно е пренесување на приказната локално, овде во Македонија и идентификување на споменатите генерации и нивните минати, сегашни и идни улоги. Потоа, дали новите технологии можат да донесат некакви општествени промени во Македонија и дали тие некако (можат да) влијаат на воспоставената медиумска хиерархија, но и дали е тоа воопшто важно во севкупната светска размена на информации и креирање на содржина на Интернет.

Одговор на овие прашања немам, а претпоставките ми се мрачни. Сепак ми се чини дека ова е интересна тема за истражување. Ете, ова нека биде мојот придонес кон дебатите на конференцијата. :)

peer-2-peer банкарство

Tags: 

Статија на The International Herald Tribune, вели дека:

It is a little like Internet dating, but the objective is money.

A Web site based in Britain, Zopa.com, and another in the United States, Prosper.com, have started businesses that connect individuals eager to borrow money to other people willing to lend, offering both sides better interest rates than banks.

А, во Македонија, сеуште има банки чии клиенти не можат да си ги проверат сметките на Интернет.

Следните 5 минути

Tags: 

До крајот на мај има вкупно 12 работни вторници. 6 од нив дефинитивно припаѓаат на „Сподели знаење“. Останатите може ќе припаѓаат на „Сподели кино“ доколку успееме да се договориме за распоред во Точка.

Она што сум спремен да го направам и во што се надевам на помош од Дамјан, Игор и Миша е овие 12 датуми да имаат сигурно обезбедено 1 час содржина на теми поврзани со слободен софтвер, интернет, веб2.0, авторски права и сл. Ако падне договор со Точка распоредот би бил ФЕИТ: демонстрација на некои работи што можат да се прават со слободен софтвер; Точка: проекции на филмови, анимации или предавања на некои релевантни ликови од странство на горните теми (и потоа ако има време и желба - дискусија). Ако не се договориме со Точка, тогаш кино секој сам од дома ќе си споделува. :)

Другиот еден час што веројатно ќе останува на ФЕИТ е слободен/празен за секој оној кој сака да даде некаков свој придонес. Јас моите идеи ќе ги бележам на викито на Лугола.

Размислував нешто повеќе за сите активности во врска со слободен софтвер и заедницата во Македонија и ми се чини дека овие 3 месеци што остануваат до почетокот на летото се добар рок за полно работи. Веќе подолго време мислам дека клучна работа е да ја доведеме веб инфраструктурата на Слободен софтвер Македонија во модерно доба. Се надевам дека овие некои мали придвижувања што почнаа да се случуваат благодарение на Глиша и Игор ќе бидат поттик конечно да се собере критична маса на луѓе за да се направи нешто солидно. Ако се појави интерес кај студентите на ФЕИТ кои мора да одработат пракса, тогаш пракса под капата на Слободен софтвер Македонија, токму на вакви некои веб проекти може да се покаже како одлична варијанта. Исто така во наредниве месеци, веројатно после Велигден ќе треба да го одржиме и веќе традиционалниот инсталационен фестивал. За овој настан се уште немаме солидна локација, но ајде да речеме дека има уште време за потрага.

Оние што беа во Точка на нашиот последен официјален собир знаат дека Дамјан рече дека размислува за повлекување. Јас исто имам слични мисли на ум и иако се уште ништо не е одлучено, постои можност за целосен log out од лето па натаму.

Мислев дека е ОК ова да се знае за да не излезе после нож на грло во случај прославеното место „претседател на Слободен софтвер Македонија“ да остане празно. Вака сите заинтересирани страни можат да се подготвуваат за иднината.

Ете тоа. Ајде да сработиме нешто до 31 мај.