култура

Undefined

Аудио-видео тура низ Берлин - јули 2009

Tags: 

Ветив некој текст за Берлин. Излезе аудио-видео микс. Кој има време може да погледа (~50 минути).

Дополнето 21.11.2014: беше достапно на: blip.tv/file/2415930/ но за жал сервисот го избришал видеото во некој момент на промена на условите без да ме извести да го снимам.

Пуста патека на културата

Tags: 

Се сеќавате на ова:

Суперхикс на концерт

Не мислам на концертот, туку на многу извиканиот настан „Реоткривање на патеката културата“, што се одржа во Старата чаршија мината сабота (и каде посетеноста била осум илјади луѓе).

Затоа денес, една недела по тој настан, решив да поминам и да видам што се случи со патекава на културата. Еве ја празна:

Чаршијата - празна

Со мал исклучок веднаш под Св. Спас каде се случува некоја летна скопска шема.

Строго контролирани проекции

Tags: 

Мислев да пишувам нешто повеќе за тоа како е срање тоа што денес во Кинотека проекцијата на „Строго контролирани возови“ беше само за оние со покана, дека доаѓал Јиржи Менцел, па ете ти разно-разни фаци, кои инаку не ни погледнуваат во зградата, се довлечкаа и ја наполнија салата, а обичните гледачи кои инаку се борат да стигнат до бројка 5 за да гледаат филм во сите други можни термини во Кинотека фино бација врата.

Но, си реков, заеби тоа. Да живее пајретбеј:
http://thepiratebay.org/torrent/3407718/%5BCiN%5D_Closely.Observed.Train...

RE: Култура онлајн/офлајн - пример за ползување на web2.0 светот

Tags: 

Вчера бев на работилницата/дебатата за блогирање на ONLINE/OFFLINE фестивал за интернет и култура во Македонија. (Ќе закачев фотографија, но не најдов ниту една објавена.)

Дебора Хустиќ имаше предавање кое може да им биде од корист на оние што уште не се качиле на web2.0 возот. (Дамјан вели дека веќе е дојдено време да се симнуваме од тој воз, но тоа е друга приказна.)

Една од поентите на Дебора е дека сите културно-уметнички институции или поединци (мој впечаток е дека на настанов кога ќе се кажеше култура и уметност тоа го имаше традиоцналното школско значење на овие...) можат многу лесно да го промовираат она што го работат со помош на блогови, твитер, фејсбук, гугл и сл.

Таква традицонална културна институција е Кинотеката на Македонија. Таа информациите за филмовите ги објавува на форум (http://www.maccinema.com/forum/) што е прилично непрегледен, нема rss, па дури од некоја гледна точка на згодност, мора човек да памети да го посети за да види што таму се прикажува.

Бидејќи јас сакам да гледам филмови на платно, но не памтев секогаш да го посетувам форумот, претпоставив дека има и други како мене, па го започнав блогот Кинотека, каде ја бележев програмата на Кинотеката и други некои филмски настани кои немаат соодветна интернет презентација.

Блогот користеше содржини до Википедија на англиски за презентаирање на филмовите и за секој филм преведената содржина одеше и на Википедија на македонски. По ова вестите за филмовите се прошируваа и преку Твитер, Фејсбук, Календарот на Гугл и испораката по е-пошта на Фидбрнер, а имавме и мали експерименти со Апкаминг и др.

Во текот на 12-те месеци во кои беше активен блогот тимот порасна од 1 на 4 луѓе, a бројот на луѓе кои ги следеа сервисите постојано се зголемуваше. Немам некои посебни статистички податоци освен оние од Google Analytics за блогот... но, не сум баш некој експерт во толкување на тие податоци. Како и да е, целиот беше добро разработен и освен некои мали проблеми со автоматските ажурирања работеше како подмачкан.

Но бидејќи времето е толку, од пред некое време блогот и сите други ресурси со кориснички имиња и лозинки ги предадовме на луѓе кои работат во Кинотеката. Се надевам тие ќе продолжат во ист стил.

Исто така се надевам дека приказнава беше доволно поучна за сите кои сакаат да експериментираат со web2.0 за својата културно уметничка работа.

Титл на јазик што го разбирате, законот и влијанието врз културата

Tags: 

Тие што гледаат телевизија знаат, а јас начув од муабети дека на каналите на кабелска кои се на англиски јазик им се укинати титловите на српски, хрватски и бугарски јазик, по барање на Советот за радиодифузија, а поради одредбите од Законот кој се однесува на јазикот на кои се преведуваат програмите.

Почитувањето на Законот би требало да биде за поздрав, но ми се чини дека има еден интересен момент во целава работа.

Луѓето кои не разбираат англиски (а такви ги има многу) повеќе не можат да ги гледаат тие канали. Во таква ситуација се свртуваат кон она што го разбираат, а тоа се каналите на кои се зборува српски, хрватски и бугарски. Не сакам да ги кудам програмите на овие телевизии, но ми се чини дека секој ќе се сложи дека не можат да се носат со оние на Discovery, Travel или Fox (кој што од скоро го имало?).

Така применувањето на Законот има мал, дури можеби и незначаен ефект, во заштитата на македонскиот јазик (претпоставувам дека тоа му е целта). Луѓето си гледаат програми на кои се зборуваат истите јазици од кои е укинат титлот. Истовремено гледаат помалку квалитетна програма (со чесни исклучоци), што има негативно влијание на културата во нашето општество.

Ако се земе предвид значењето на телевизијата како медиум, тогаш сето ова излегува како лош есап.

П.С. Не знам каде се македонските телевизии во приказнава. :-)

Приватизација на македонското културно наследство

Tags: 

Награда на Светскиот самит за информатичко општество - Македонија 2007 се приближува кон крајот и тоа ме поттикна да сурфнам јас да видам кој се пријавените: врска.

Случајно око ми фати Порталот за дигитизација на националното наследство (мртва врска). На дното на порталот стои страшниот копирај знак и:

Овој материјал не смее да се издава, емитува, препишува и повторно дистрибуира во било која форма освен со претходна дозвола

Баш сакам да ги прашам луѓето од Центарот за дигитизација на националното наследство од каде побараа и добија дозвола за да го дигитализираат нашето наследство. (...ми доаѓа да употребувам погрдни зборови, се воздржувам...)

Ако јас се прашувам овој портал токму поради ова (а и други ако исто направиле) треба да бидат шкртнати од изборот на WSA.

Цепенков на саем

Tags: 

Како и секогаш до сега и оваа година направив посета на саемот на книгата (и патем бев изненаден што овој пат не беа заедно и компјутерите) и прошетав натаму-наваму по штандовите. Купив една книга и така дадов мал придонес во развојот на македонското издаваштво.

И стигнувам така пред еден штанд, чие име не го приметив од прва. Наличени на штандот 4 тома од Марко Цепенков, книги со тврд повез, 330 денари една. Си реков - вау, збирка од Цепенков за 20 евра, тоа и не е така лоша зделка. Посегнувам по новчаникот и дури тогаш приметувам дека книгите се на бугарски јазик, дека штандот е на некоја издавачка куќа од Бугарија.

Нема да пишувам нешто во смисла бугарите ни го украдоа народното творештво бла бла бла бла... ќе го оставам тоа на бранителите на македонската гордост (или што веќе).

Саем на книга е, луѓето си изложиле, си продаваат, некој кој можеби чита бугарски подобро од мене може и си купил. Она што мене ме интересира е каде да си купам книги на македоснки јазик од Цепенков? Еве не мора да бидат со тврд повез и нека не бидат толку евтини. Баш дадов ветување на луѓето што беа со мене дека ако најдаме македоски Цепенков на саемот ќе го купам без разлика на цена и сл.

Се разбира - не најдовме.

Како СМС пораките го менуваат светот?

Tags: 

William Gibson, писател со рокерска слава. Човекот кој го скова термнинот „cyberspace“. За него Timothy Leary, можеби највлијателниот филозоф на 20-тиот век, и cyberpunk гуру, ќе рече: „Гибсон пишува како сајбер-реге музичар, преведувајќи неуверливи, нелични, непопуларни, неразбирливи равенки во модерни човечки изрази. Тој ја претвора квантната физика во Electric Ladyland“.

Некои белешки за William Gibson

William Gibson не е компјутерски стручњак. До скоро не ни користеше комјутер. Ако мислевте дека Bobby Newmark е лик кој треба да личи на средношколецот Гибсон сигурно сте се излажале.

Автор на „Neuromancer“ (1984) - роман кој ги освои сите можни СФ награди, и на уште една дузина други дела (кои сметам дека нема потреба овде да се набројуваат) за летово (јули) го припрема издавањето на „Pattern Recognition“ - неговиот нов роман.

Накратко, Гибсон е можеби еден од најверните фанови на Velvet Underground, на почетокот со проблеми да го оттргне влијанието на William S. Burroughs од своето пишување, за подоцна да изјави дека посакува влијанието кое на него го имал „Гол ручек“, да се повтори кај некое дете кога тоа за прв пат ќе го земе „Neuromancer“ во своите раце.

Гибсон би ги препорачал: „Schismatrix“ од Bruce Sterling, и „Gravity's Rainbow“ од Thomas Pynchon. А за своето првенче вели: „Повеќе ми се допаѓа Count Zero. Neuromancer за мене е адолесцентска книга. Тоа е моја тинејџерска книга, онаа што не можев да ја напишам кога бев тинејџер“.

„Технологијата не е само комјутери и мобилни телефони. Таа е и крек исто така.“ ~ William Gibson.

William Gibson за почетници

Гибсон е еден од основоположниците на киберпанкот (во литературата/уметноста), заедно со режисерот Ridley Scott кој стои зад легендарниот „Blade Runner“ (1982). Му се припишува „измилувањето“ на зборот „cyberspace“, и тоа дека ги замислил интернетот и виртуелната реалност многу пред било кој да чуе за нив. Неговата „дефиниција“ (најверојатно една од многуте :-)) за cyberspace гласи: „Тоа е консензуална халуцинација која ја создаваат луѓето. Со дадената опрема, можете да се договорите да ги делите истите халуцинации. Така се создава свет. Не место, не простор. Тоа е апстрактен простор“.

Источна сегашност

„The future has arrived. It's just not evenly distributed.“ - ќе рече Гибсон во едно од неговите многубројни интервјуа. Оваа реченица можеби најјасно ја отцртува основната линија по која се движи неговото творештво, уметничко и филозофско. Технологија од Гибсоновите дела е обивка, која пред се ја шмика приказната, а дури потоа ни кажува да погледнеме подлабоко. Што има таму? Слики на дигитализирани мегалополиси, скриени во нашето време. Токму преку таа маска над сегашноста, претставена како визијата за иднината, Гибсон го разобличува модерниот стил на живеење. Опкружено со технологија, софистицирани средства за комуникација, модерното човештво се повеќе заличува на она опишано од Гибсон, а сместено во блиската (или подалечната) иднина. Иднината е тука. А Тоа „тука“ пред се се однесува на Јапонија, која е инспирација за Гибсон скоро 20-тина години. Таа основната парадигма, општество со свој посебен код. Технолошки напредна, софистицирана, интелегентна, секси. Јапонија го живее својот духовен (интимен) живот во специфична и на моменти бизарна симбиоза со модерната технологија. Гибсон приметува: „...Насекаде низ Токио (и најверојатно насекаде низ цела Јапонија), една слика се повторува: тинејџерки постојано испраќаат пораки преку својот мобилен телефон (и многу ретко го користат истиот за гласовна комуникација). Зар навистина тие имаат толку важна комуникација која мора да ја остварат? Содржината еквивалентна на шепотење на час (нешто од типот „Кога ќе ѕвони?“) и не е толку важна. Брзината е. И фактот што тие девојки од второстепена функција (СМС пораки) на мобилен телефон, скоро преку ноќ изградија микро-култура...“

Гледано отстрана се чини како да Гибсон и Јапонците се копираат меѓусебно. Она што го читам(е) во Идору - вештачки острови и артифициелни - ВР поп ѕвезди - се всушност факти за Јапонија.

Dial-up cyberspace

Јапонската (Гибсоновата?) сегашност рапидно се шири низ dial-up конекциите на домашните компјутери. Cyberspace е просторот на нашиот (човечкиот) цивилизациски дострел во последниве 50-тина години. Cyberspace е просторот каде што се чуваат парите, каде што се вршат трансакциите. Луѓето влегуваат во овој простор преку телефонски разговор, управуваат низ него преку Интернет. Тоа простор каде географијата повеќе не постои, простор без граници, простор во кој ликовите на Гибсон не се двоумат за да се загубат па дури и да умрат. Човековото постоење добива ново значење или пак нова форма со сите свои добри, но и лоши страни. Ќе заборавиме на нашето тело, или пак ќе чувствуваме повеќе уживање во телесните искуства? Самиот Гибсон ќе рече: „Ова (заборавењето на телесноста) е нешто со што си играм во своите книги, каде луѓето мразат да се потсетат дека имаат тело, кое е бавно или досадно. Но, ова нигогаш не сум го презентирал како пожелна состојба, секогаш како нешто патолошко што произлегува од оваа технологија“.

Ова што денес го имаме се разликува од Гибсоновите слики само по графичкиот интерфејс. И да, немаме комјутери кои личат на стелт-авиони, сеуште не. Во основа се е исто. Интернетот (сајберспејсот) е (сеуште) нов и свеж како во првите свои денови. Тој станува битен дел од нашиот живот: се поголемо количество од личната комуникација се остварува on-line. Ова несомнено го става нашиот свет неколку чекори повеќе во иднината. Но прикзаната не завршува тука. Интернетот постојано се развива, иако сеуште никој не наишол на вуду-богови, или на вештачка интелегенција. Постојат корпорации (групи, влади, центри на моќ) кои се обидуваат да го контролираат. Обидите за комерцијализација (пр. американскиот „Information Highway“), обидите од user friendly да се направи consumer friendly, барем засега се дефинитивно неуспешни, иако многу малку луѓе го користат истиот на вистински начин. Секако корпорациите и понатаму ќе се трудат од Интернет да направат еден голем шопинг центар. Кој не би сакал да си има по едно такво интернетче кое ќе му носи профит?

Борбата е таа - индивидуи против корпорации. Компјутер со интернет пристап мора да биде уставно загарантиран. Во училиштата, во домовите, во гетата и во богатите предградија... Секаде!

„Мислам дека технологите од аспект на моралот се неутрални се додека не ги употребиме. Само кога ги користиме за добро или лошо, тие стануваат добри или лоши.“ - William Gibson.

Политички ентитети и корпорации vs. нас, малите

Центрите на моќ се менуваат. Балканизација. Така се чувствуваат САД во Sprawl трилогијата. West-coast сепаратизам. Свет расцепкан на мали делови - една од омилените идеи на Гибсон. Нема повеќе централна власт. Нема повеќе ни центар (или барем не како Битие). Го нема повеќе Големиот Брат.

Заедно со смртта на политичките ентитети умира и идејата за глобална (светска) култура. Тука е мостот. Дрвеното здание на културните отпадници. Симбол на последната Гибсонова трилогија. Микро свет? Секако. Само еден од многуте кои можат да се препознаат низ Гибсоновите книги. Сега се говори наместо за светска - за светски култури. Мали, распрскани, насекаде, од чаршијата до облакодерите и под нив картонскиот град. Секако ќе се сложите множинскта форма звучи многу поубаво. Затоа кога велам микро, мислам утре. Или поскоро?

Но, приказната не завршува тука. Во сета распрсканост сеуште има место за моќници кои ќе се обидуваат да ги влечат конците. Корпорациите тука влегуваат на голема врата. Гибсон запрашан за тоа дали корпорациите ќе го контролираат Интернет ќе рече: „Се надевам не. Појавата и растот на Интернетот е едно од најголемите човечки достигнувања на векот. Можеби исто толку значаен колку појавата на градовите. Тоа е нов вид цивилизација. Транснационален е, непрофитен и никој не го поседува“.

Сепак, трката по профит во ниеден момент не застанува. Тоа јасно се гледа преку описот на африканските национални војни, за чии причини - борба за државност, Гибсон пишува со потсмев.

Ок, се сложувам, Бил Гејтс ни од далеку не потсеќа на Јозеф Вирек, но што мислите, можно ли е IE да има навистина толку многу bug-ови?

За технологијата, индивидуалноста и обичниот човек

Покрај очигледната разлика (во однос на други легендарни СФ наслови) во сетингот на книгите - дејството не се случува во вселенски царства, и нема империјални армии кои се борат да го спасат универзумот - Гибсон прави и уште еден значаен одчекор. Јунаците (ако веќе мора така да се наречат) се обични луѓе, фрлени во калта на секојдневниот живот на модерното техно-дрога општество.

Слободни агенти, киберпанкери? Скоро секој лик во Гибсоновите книги ги носи тие карактеристики. Она што Timothy Leary го нарекува спосбност да се мисли самостојно (познатото Question Authority Think For Your Self мото).

Секако, денес, само мал број од професиите со кои се занимаваат луѓето овозможуваат ваков пристап. Меѓутоа, ако нешто е сигурно, тоа е дека тенологијата индивидуализира. Таа форсира самостојно мислење, ја поттикнува индивидуалноста како нова религија, како нов систем на верување...

PC стои за Personal Computer, нели?

Рекапитуларење

Навистина, дали е потребна огромна имагинација за да се напишат книгите на Гибсон, или потребна е само силна моќ на забележување на модерните општествени движења?

Можеби само како чиста случајност новата книга на Гибсон се вика „Pattern Recognition“ - препознавање на движењата?

Без никаков сомнеж зад обичните „крими“ приказни сепак се крие патот по кој се движиме, пат кој го трасира технологијата. Не верувате? Пробајте, наше е за да си играме...

Забелешка: Овој текст го објавив на Багра на 9 јуни 2002 год. Текстов е мој осврт на Вилијам Гибсон, неговото творештво и импликациите околу тоа. Овој текст беше наменет за „Дрнч“ - списание кое никогаш не излезе од печат.

Како подарив 150 денари

Tags: 

Петокот навечер си го спремав за 103 журката. И ќе одев на журка (добра ли беше?) ако во Милениум играше нешто друго. Арно ама, играше „Како убив светец“ на Теона Митевска. Решив да го гледам филмот бидејќи е македонски филм. Читав негде добил награда за главната машка улога, па бил за нашава ситуација... па си реков не може да биде многу лош. Додуше и некој да ми кажеше дека е лош, ќе одев да го гледам, па и не ми е многу жал што ги подарив 150-те денари на така лош филм.

А да, оние од вас кои сакаат да го гледаат филмот, а го пропуштија во петокот, нека не го читаат текстов надолу. Исто извинете ако нешто е конфузно подолу -- таков беше и филмот. :)

Па да почнеме од почеток. Прво Теона и Лабина дадоа неимпресивна најава на филмот -- добија аплауз. Потоа газдите на Милениум не давеа 15 минути со реклами. Потоа претпремиерата на филмот почна. Чисто информативно, премиерата ќе биде на 1 ноември.

Она што го знам за филмовите е дека филмот мора да го држи вниманието на гледачот 90 минути, да го води за раче, и да не дозволува овој да си поставува премногу прашања (море ич!) од типот зошто ова?, како она? додека трае претставата. Работите кои се случуваат на платното мора да функционираат совршено, да има логика, да биде така како што треба. Ова важи за сите филмови: од големата холивудска продукција, до малата инди продукција. Ако филмот го нема ова, тој нема ништо.

Сега назад на „Како убив светец“. Вниманието ми го држеше мојата одлучност да видам што направиле македонските филм-мејкери. Мојот заклучок - не направиле многу. Ако сакам да ви ја раскажам приказната на филмот - онака на кратко - богами ќе треба да се помачам.

Приказната беше за една девојка - македонка која се враќа од САД во екот на воениот конфликт 2001-та. Зошто се враќа? Добро прашање. Претпоставувам се враќа за да си ја види/земе ќерката... (Претпоставувам додуше, дека Виола (Лабина) е главниот лик, па приказната е за неа.) Приказната може да биде и за младото момче Кокан - братот на Виола и неговиот гнев кон работите што се случуваат наоколу. Во филмот, тој е тој кој ќе го фрли оној каменот кој уби еден НАТО војник. Момакот е гневен нешто, па ќе одлучи и да го убие аташето на Американската амбасада. По играта на судбината, Виола била преведувачка на аташево, и види американецот да ти бил татко на нејзинотот дете. Нема сомнеж дека од ваква материја може да се извади добар филм. Холивуд вадел добри филмови и со помалку од ова. Но можеби Теона требала да поработи уште некоја година на сценариото и филмот. Негде прочитав дека 2-3 години и требале да го направи ова како што сега е.

Океј, можеби филмот и не е за судбината на овие два (и другите) неколку лика. Можеби е за ситуацијата во Македонија -- онака општо, најоптшо: дека е срање и тоа. Ама пак е фаличен, расштркан, нелогичен. Камерата не е ништо посебно. Фотографијата и режијата исто. Сценариото едноставно не чини.

Трета опција: Може филмот има некој мета-текст кој е недофатлив за моето гледачко око. Во ова сериозно се сомневам, ама ќе си повлечам се што реков ако е така. :)

Почнува филмот. Излегува Виола од авион. Си одат дома. Го запознаваме семејството. Нивниот роднина ги вози дома со службената кола - тој е шофер на оној аташето ако ви текнува. Стигаат дома. Кокан нешто се исфурува и си оди. Виола врти кај негде и зборува на англиски (подоцна дознаваме дека сака да прави муабет со својата ќерка). Оди кај својот дедо. Тој спие. Таа вика да го разбуди. Влегува татко и.

Реплика:

Таткото на Виола (тивко)

Шшшшшш, не слуша. .... .... (или нешто така)

Тука се насмеав прв пат. Добро, ако не слуша, зарем може да го разбуди со викање? Рез. Кокан со својот другар албанец кај некои криминалци. Треба да бркаат работа, да шверцаат нешто од Србија. Рез. Нешто подоцна, тие двајца се скаруваат. Рез. Журка во градот. Во диското Шоферот и вели на Виола дека „знае зошто е тука“ - и толку. Караница во тоалетот. Кокан се кара со девојката која е некоја водителка на ток-шоу. Ги крши огледалата во бес(?!?). Рез. Спијат кај албанецот и потоа налутено си одат(?!?). Рез. Одат за Србија. Вечарта додека се таму-ваму, мајката и таткото на Кокан и Виола имаат гости. Од за мене непознати причини постојано ги гледаме нив, меѓу сцени. Се веселат, играат оро. Каква поента имаше ова стварно не ми е јасно.

Значи одат во Србија, зема Кокан тоа што треба да земе. Таму, додека чекаат Виола му се исповеда на Кокан. Ахам, дознаваме што била финтата со зборењето англиски -- не вртела во Америка. И тука сеуште постои шанса филмот да тргне на добро. Ама не. Нема да биде така.

Сега се враќаат назад. Кокан свесен дека полицијава ќе го бара ја менува својата торба со онаа на сестра му. На граница, во автобусот полицијата ги гледа пасошите, го препознава и го носи Кокан на претрес. Во ташната му наоѓаат кармин, чешел, прслук (добро која девојка носи прслук во ташна?), и полицајциве мислат дека овој е педер или транвестит или нешто така. И додека цајканов му се курчи на угул-гол соблечениот Кокан, автобусот се спрема да си оди. Сестра му тропа на прозор и вика дека го бара брата си, дека не оди без него, тие ја качуваат во автобус. Е океј. Значи за полицајциве Кокан е осомничен за нешто. Имаат причина гол да го соблечат. Па добро, ако веќе е толку критично, зарем нема да им текне и сестра му да ја претресат? Ако ја пропуштија при читањето на пасошите (имаат исти презимиња и адреси на живеење), зошто ја пропуштија пак кога таа тропаше по прозорите? Ебати наивната полиција.

Автобусот си оди. Кокан трча пешки преку граница. Во автобусот Виола се расправа со возачот. Врати се назад, брат ми е таму - вели таа. Возачот вели не. Ама брат ми е таму, го држат на граница. Возачов - не. Се чувствува мал климакс. Сега ќе се случи нешто т.е. би требало да се случи нешто. Вилоа вели - значи не се враќаш назад? Возачов не. И таа си седнува на место. What the fuck? Камо акција. Крени ручна, сврти го воланот, почни да плачеш, скокни низ врата. Ништо. Си седнува на место, гледа дека брат и имал нешто „спорно“ во торбата. Ги става стварите во јакна, торбата е празна. Додека патуваат почнува да и се пушта еден Ром. Верните гледачи на Циркотека на БТР ќе го препознаат водителот. И ова беше тотално глупо. Некакво клише. Подоцна УЧК ќе го испразни автобусот. Ќе одат пешки до Скопје. И тука уште еден пропуст. Филмот јасно на почеток вика „Македонија 2001“, а крстот свети ли свети над градот ноќта кога ќе стигнат.

Во меѓувреме Кокан иде пешки преку граница. Наидува на, пазете сега, означено минско поле. Ги соблекува патиките и пешки го преминува целот поле, чекор по чекор, цела ноќ, и останува жив. One lucky motherfucker. Како да поверувам дека овој копиљ го помина минското поле? Аман. Океј е кога Џејмс Бонд ќе премине минско поле, али знаеме дека тој го може тоа. Тој е Бонд, Џејмс Бонд. Кој е овој Кокан?

Скопје. Шоферот-роднина го зема Кокан на негов повик. Го носи дома. Овој се дотерува. Спрема бомба. C4. Нема лабаво. Оди со својот роднина кај аташето да го земат и да го носат на некаков состанок. Пауза. Како побогу, шофер има овластување да качи трето лице во колата и да оди со него до резиденција на атеше? Зарем аташето нема телохранители или нешто така? Океј бидна. Стигаат таму. Кокан ја гледа ќерката на аташето. Му ја зема актовката и ја става во багажник. Таму за 30-тина секунди ја обива, го става -- пазете -- го става експлозивот внатре, магично го подесува да експлодира. Не знам како дали на отварање или на време. Попат во муабет собира два и два и дознава дека американецот е татко на детето на сестра му... Како до сега да требаше да прифатиме малку работи чисто „како такви“, сега треба да прифатиме и дека Кокан бачко, е некаков си експерт за правење бомби. Па по ѓаволте, од каде знае тој да прави бомби? Си одат од таму. Бомбата ќе експлодира во живо на телевизија.

Утрото, оној криминалецот од почетокот на филмот оди кај Кокан дома да си ги бара парите. Прави некој глуп филм со родителите. Кокан се враќа дома, па татко му му прави нему некој глуп филм... бла бла бла. И тука не ми е јасно зошто типов одлучи да го малтретира само Кокан. Мислам ајде, криминалец, должни му се пари и тој одлучува да малтретира еден од должниците? Албанецот другар на Кокан, лагано се шета низ градот и ја наоѓа Виола во парк. Таа токму таму одлучи да бара такси за да ја носи до граница. Ја носи во кафана и ја бара за жена. Хм, ова да беше на почетокот на филмот, па тука да се вртеше приказната, може и ќе бидеше нешто од филмот.

Виола одбива и си оди. Оди до резиденцијата. Не знае што се случило. Се шета околу оградата. Наоѓа буре. Го исправа, се прекачува. Ѕвони, се тегне со жената, го зема девојчето и си оди. Хм, хм, хм... од каде буре покрај оградата на резиденцијата? Зарем обезбедувањето на американецот не ги отстранило сите потенцијално опасни предмети околу резиденцијата? Нејсе. Само што извршија атентат на типов. Зарем нема обезбедување во куќата. Полицајци, војници, тепачи кои ќе ја заштитат женава? Аларм нешто? Си прошета момата како низ турски гробишта и си го зема детето. Да одиме сите утре да се прекачиме во америчка амбасада.

Во меѓувреме Кокан ја губи присебноста. Човекот кој ладнокрвно направи бомба, ладнокрно за пола минута ја смести во актовка... откачи и улета во студио во живата емисија на девојка му и кажа дека ја подметнал бомбата. Откачи, ух, можда бил луд. Јеби га... Али како го пуштија во студио? Како уопште влезе во зградата во телевизијата? Другар е со сите па се прошета низ просториите...

Потоа си отиде од таму и појде кај криминалецов. Таму се скара нешто со него и овој го уби. Не знам зошто не и се јави на сестра си, и не и ги зема тие работите што ги шверцаше. Јес да нејзе и паднаа (или барем торбата и падна) кога се прекачуваше преку оградата, али од кај па он го знае тоа?

Филмот заврши со сцена со уплашените мајка и татко, несвесни за патешествијата на своите деца, како седат во темна соба и ги слушаат бомбите во далечина. Надвор пред куќата седи Виола со својата ќерка (која спие?!?!). Доаѓа дедото. Вика дека утакмицата е одложена. Крај.

Крај. Стварно крај.

Е тоа е филмот. Ако дочитавте до овде, што да ви кажам, одете - гледајте го. ;-)

После ова можам само да си се запрашам кој беше шупакот од Министерство за култура кој оцени дека сценариото (а со тоа и филмот) вреди да биде финансирано. За филм-мејкерските способности на Митевски&Cо не вреди да се арчи бендвит. Искрено се надевам дека ќе прават бољи филмови во иднина, пошто се чини дека и така и вака ќе добиваат пари да ги прават.

П.С. Малку оф-топик, али патот патот ме одведе во ГТЦ, па да си се изнасмеам до крај. Во подрумот во ГТЦ има две продавнички за пиратска музика и софтвер. И тоа не е се! Продавничкиве имаат фискални каси и имаат залепено она „ве молиме земајте фискална сметка“. Значи луѓето од Министерството од економија дошле во ГТЦ и фискализирале две продавници што продаваат нелегални производи. Одлично. :)

Забелешка: Овој текст го објавив на Багра на 3 октомври 2004 год.

Купче врски за омилената тема на мк-блоговите...

Tags: 

Гледам во сандачето, сум ги испратил информациите до овие текстови до неколку луѓе, па си велам зошто да не ги ставам и на блог. Одлични текстови, дел од проектот DIVE... ме мрзи сега да објаснувам што бил проектот - прочитајте!

Значи:
Пиратологија: што е тоа пиратство и како настанало?
p2p: power to the people
Бродови со робови и пиратски галии
Не е само уметност!
Студиото на артистот
И кратко резиме кон три други текстови:
Кон „армија од идеи“
Culture Without Commodities
Правото да копирате

Ете... ај може некогаш ако имам повеќе време, ќе пишам и нешто повеќе за некој текст посебно.

Pages