регион

Архитектура и политика

Tags: 

Намерата ми беше за ова да пишувам откако ќе го слушнам и денешното предавање на Томислав Медак, но бидејќи есапот дома и на пазар не е ист, одиме вака.

Пред 2 дена го слушав Теодор Целакоски од Мултимедијалниот институт од Загреб на тема „Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена“. Предавањето беше за хрватското движење „Право на град“ каде што Тео има активна улога, а кое го организира (релативно) успешниот граѓански протест за зачувување на улицита „Варшавска“ во Загреб. Како што разбрав, од предавањето има аудио снимка, и бидејќи не сакам овде да го раскажувам, заинтересираните може да го пингаат организаторот.

Моето видување е дека приказната за хрватското право на град е интересна за нас од повеќе аспекти и од неа можат да се црпат лекции за Скопје2014 - всушност мислам дека некои од тие лекции се добро научени (или барем добро набубани - да се изразам школски) од локалните актери.

Предавањето мене ми послужи да си потврдам некои свои размислувања што може да се сумирааат во една реченица: „Архитектурата е политика“. Мислам дека причините за неуспехот на Прва архи-бригада и Плоштад Слобода како две главни групи што ја водеа опозицијата против Скопје2014, но и на другите јавни опозиционери (нема да наведувам имиња сега), а во поново време и на Асоцијацијата на архитекти лежат во погрешното јавно пишување и објаснување токму на оваа реченица.

Намерно не велам „разбирање“ бидејќи веројатно е дека меѓу овие луѓе има такви (сите?) кои ја разбираат. Останува тоа дека таа не беше искомуницирана на начин што ќе биде приемчив за јавноста.

Архитектите згрешија (и грешат) што инсистираат на тоа дека прашањето за изгледот на Скопје е прашање на архитектура: стручна дебата за стиловите, правците и материјалите што се користат во градењето. Таквата стручна дебата ја промашува суштината и ја оттуѓува јавноста. Дури и „Форум Скопје“ што треба да биде хм - форум, всушност е настан затворен за пошироката јавност - освен архитекти и ретки заинтесирани, други луѓе нема. Нема ни опозиција. Тоа е повеќе или помалку настан на кој се случува „Preaching to the choir“.

Другите општествени активисти слично згрешија (и грешат) што го шират прашањето длабоко во политика, во поширок или преширок контекст на политичка борба (на пример: фати го крадецот!). Ваквиот пристап исто така ја оттуѓува јавноста. Тој не нуди јасни пораки туку повеќе материјал за медиумски шпекулации, а во опкружување во кое ретко и тешко се прави разлика меѓу „партиското“ и „политичкото“ исходот очигледно е уште еден хор.

Да сумирам: Скопје2014 е политичко прашање. Такво треба да биде од интерес на граѓаните во едно демократско општество, кои се политични по самото тоа што живеат во политичка творба (држава). Сфаќам дека сето ова тешко се голта во Македонија, но токму тоа требаше да биде и целта на опозицијата на Скопје2014 - да создаде заедничка точка на интерес околу која ќе се сплотат различни групи (секоја со своја поширока агенда?), но кои ќе понудат дискусија во врска со политичко-граѓанскиот аспект на проектот. Тоа не се случи. Можеби премногу се разликуваме од Хрватска и тоа е добар изговор, но можеби требаше малку повеќе напор за да се артикулира една јасна порака што ќе биде приемчива за поголем број луѓе.

На крај, ќе беше убаво да видиме како независната сцена (сфатена што е можно пошироко) во Македонија се здружува околу едно прашање - со што ќе го докажеше и своето постоење, но наместо тоа ќе живееме со уште една епизода на меѓусебни потценувања и обвинувања.

TEDxZagreb

Tags: 

Објавени се повиците за учество и номинација на предавачи на регионалниот TEDxZagreb.

Тема на настанот е „Ум широко отворен“.

Со последниве (а и континуираните) глупости што се случуваат овде, тешко ми е да пронајдам некој кој би го номинирал. Сепак, ако има некој некаков предлог, коментарите се тука, а номинацијата е на Google docs.

Конференција за слободен софтвер во Косово

Tags: 

Утре одам за Пришитна. Таму овој викенд се случува голема конференција за слободен софтвер.

Ова е прва конференција од ваков тип во нашето поблиско соседство. Можеби слична на оваа е само хрватската.

Јас ќе имам мала презентација таму на тема „Заедници кои се распаѓаат“. Ќе зборувам за Македонија и нашата заедница.

Во 2002 г. работите околу слободниот софтвер почнаа слично и во Македонија: со конференција и гостин од ФСФ.

Седум години подоцна, „Слободен софтвер Македонија“ сѐ уште не може да добие прописни фондови за работа, сѐ уште нема свои канцеларии и бројот на луѓе кои активно придонесуваат секојдневно се намалува. Секако, нема ни конференција

Ќе зборувам за овие неуспеси. Најверојатно ќе биде кратко и можеби и другите луѓе кои патувааат од овде ќе придонесат некако во дебатата.

За мене лично, ми се чини дека ова ќе биде последната активност поврзана со слободен софтвер што ќе ја правам локално/регионално.

7 години звучи и некако предолго.

И книги од ова лето

Tags: 

Прочитав две книги летово. Па ајде да споделам:

1. „Strah od pletenja“ на Vedrana Rudan. По се изгледа збирка колумни од неделникот „Nacional“. Пишува за актуелни секојдневни теми во Хрватска и тоа прилично жестоко. За да видите отприлика за што се работи, еве еден текст кој го има во книгата: „Ne sanja svaki rob snove o slobodi“.

„Zovem se Ana, imam trideset godina, živim u Hrvatskoj, Hrvatska je u Evropi, godina je 2003. Rodila sam se u diktaturi, odrasla u demokraciji. Roditelji su mnogo uložili u moje školovanje, misle da je obrazovanje bitno. Diplomirala sam dva fakulteta, govorim engleski, talijanski i njemački, služim se ruskim. Posao sam dobila bez problema, radim u austrijsko-hrvatskoj firmi kao programerka, ima nas dvadesetak, svi smo mladi i ambiciozni, želimo uspjeti i postići nešto u životu. Opisat ću vam svoj radni tjedan.“

2. The Undercover Economist на Tim Harford. Краток преглед на главните делови од микроекономија со нови примери. Ако сте студирале економија, и ако сте запамтиле, ништо ново, но интересно за читање во секој случај. Ако не сте студирале економија, шанса да видите дали тоа е за вас (читам баш сега уписите на факултетите се во тек). Лесен и разбирлив јазик и објаснувања што ќе ве натераат да си речете „зошто ние не правиме така“. Можеби треба да се преведе и да им се шибне како задолжителна предизборна литература на сите политичари. Книгата малку и идеализира со слободен пазар и слободна трговија... но тоа не ја прави помалку интересна.

Неколку белешки од летните патувања

Tags: 

1. Да постоеше Југославија немаше да плаќам роаминг кога ќе одев на море.
2. Немаше да плаќам ни банкарски провизии.
3. Societe Generale и T-Mobile сепак се погрижиле да гледам препознатливи брендови.
4. Квалитетот на јавните тоалети се зголемува како оди човек на север. Се прашувам дали состојбата на јавните тоалети е во корелација со БДП?
5. Патиштата исто. Може да се каже дека јавните работи стануваат подобри на север. Република, нели тоа беше јавна работа? Изгледа, Македонија баш и не е република.
6. Македонија ја копира Хрватска за многу работи. Поточно, македонските политичари ги копираат хрватските колеги за многу работи.
7. Кризата е заебана во Хрватска. Таму долговите доспеале за наплата.
8. Сплит ја има Диоклецијановата палата. Грчките колонии од п.н.е. стигнале до Вис (Иса). Дали хрватите се исто толку антички колку што се и македонците? Дали Диоклецијан е хрватски како што Александар е македонски?
9. Подобро, зошто Александар не е Македонски како што и Диоклецијан не е хрватски?
10. Ако не зборуваш БКС, тогаш зборуваш словенечки јазик. Освен кога зборуваш македонски. (БКС е кратенка за босански-хрватски-српски. Ја користат германците кога ќе чујат како некој зборува југословенски (не јужнословенски)).
11. Стрипови се супер работа. Така научив БКС, односно српско-хрватски на времето. Сега симнувам торент од 10 гига со Загор.
12. Добро е кога ќе се најдеш во плантажа со смокви. Зрели смокви.
13. Ах, нема врска. Сите ние сме браќа.
14. Единствените граничари што ги малтретираат своите граѓани кои се враќаат во својата држава се македонските граничари.

Унгарија потпишала договор со Мајкрософт и еве што се случило

Tags: 

http://www.youtube.com/watch?v=wUZNw7h96WU - Балмер гаѓан со јајца

http://nagyorgy.uw.hu/ - која е математиката?

Ме потсети ова на Македонија некако, па да го прибележам.

Новогодишна честитка до нашиот министер

Tags: 

Ги знаете сите оние приказни како соседните држави ја престигнуваат Македонија на патот кон ЕУ, НАТО, иднината, развојот, економскиот раст и сл.?

Еве уште една таква потенцијална приказна. На српските блогови се збореше неколку дена, а еве сега и објава од нивното министерство: Србија оди на слободен софтвер.

Останува да видиме дали ова ќе се исплони. Некои сметаат дека е предизборен трик. Лично мислам дека покрај Косово, сите други предизборни зезанции во Србија се лук и вода.

Дали Македонија, која во очите на меѓународната заедница на слободен софтвер важи за една од повозбудливите приказни, ќе заостане повторно и по кој знае кој пат зад своите соседи?

Одговорот ќе го чекаме во новата година.

И толку од мене во оваа 2007.

Ако некој праша - во Дубровник сум!

Tags: 

Фрка околу изборот на наградите за WSA, глупости за „интелектуална сопственост“ и „пиратство“ на Сител. Репризата е во среда 13.06.2007 во 11:48 часот.

Јас патувам за Дубровник. Весела дружба и комбе. Одиме на iSummit. :)

Не е баш дека ништо не се случува во Ниш

Tags: 

Некаде прочитав дека белата позадина троши значително повеќе струја од црната. Кога Гугл би прешол на црна страница, светот би заштедил 750 мегавати струја. Јас еве со правам мал придонес кон штедењето на енергија со изменето css на блогов.

Ми се чини дека има и еден сервис кој е таков црн гугл ама сега не ми текнува на url-то.

ps. ми текна

Мостот на Дрина

Tags: 

Да завршам некако со фото-приказните од патот до Сараево и назад (и така ја пополнив месечната квота на Flickr), ова подолу е еден мост.

Мостот на Дрина

Што со тоа? Миша на враќање од Сараево ме разбуди од дремката за да ми раскаже дека мостот покрај кој застанавме (овој од сликава) бил истиот мост од книгата „Мостот на Дрина“ на Иво Андриќ. Јас брзо-брзо направив пар невешти фотографии од кои оваа колку-толку личи на нешто. Барем се гледа мост на неа. :)

Шах на отворено

Tags: 

Баталете мал фудбал, баскет 3 на 3, ролање по кеј и слични заебанции. Вистинскиот спорт е шах. Еве како тоа го прават луѓето во Сараево:

Шах на отворено

И ова не некој шах а-ла Боби Фишер или Гари Каспаров. Овде се вика, се пцуе, се делат гласни совети, му се мрчи на противникот, и се мрчи на публиката, публиката возвраќа, потези се враќаат, па не се враќаат, па се враќаат, па се вика, па се пцуе... и пак од почеток.

Можеби повеќе на боксерски меч заличува. :)

Убунту или ЗОИ '84

Tags: 

Имам некое бледо сеќавање на ЗОИ кои во 1984 г. се одржаа во Сараево. Се сеќавам дека на паузите имаше цртани со Балтазар. Некако се израдував кога го видов логот на олимпијадата на разни места низ Сараево:

Логото на зимската олимпијада '84

Не знам за другите, ама мене ми се чини дека логото на Убунту ептен личи на логото на ЗОИ '84.

Хм, би можеле да го искористиме за лого за Сподели знаење... само некој цртач кога би направил убава svg варијанта. :)

Размена: ништо не се случи.

Tags: 

Гик-хак собирот во Сараево низ слики: http://www.flickr.com/photos/novica/tags/размена/

(Flickr работи и со кирилични лепенки (tag-ови). Супер.)

А еве и луд доказ дека хакирањето не е само со компјутери:

Во Скопје времето беше топло и суво, па јас лежерно си ги земав старите патики за пат. Но, Сараево беше друга приказна - ладно и дожд.

Старите патики, се разбира попуштени во својата градба, не се снаоѓаат најдобро на дожд, па веќе во првите неколку часа беа жива вода. Соочен со опасноста водените обувки да влијаат лошо по моето здравје, веднаш по враќањето во станот каде што бевме сместени ги исушив патиките со фен. Потоа, за да се обезбедам од иден упад на водата до моите нозе во патиките ставив влошки (онакви женски, за месечен циклус). :)

Вистински хак

Се покажаа како посебно ефективни. Ја собраа водата што навлегуваше низ дупките на ѓонот, а други проблеми не предизвикаа.

On the Road

Tags: 

„On the Road“ или „На пат“ е една од моите омилени книги. Најлесното читање на книгата е тоа дека некои луѓе од САД одлучуваат да се качат во автомобил и да возат coast-to-coast и нагоре-надолу низ САД (и Мексико) и да се забавуаат.

Сега, замислете книгата да се случува на територијата на Балканот. Таман тргнаа ликовите и оп - граница! Не можат ни да нагазат на гасот, да го исцедат моторот. Тоа е Балканот. Отприлика така изгледаше и нашето патување до Сараево (и назад).

Патот кој во некои нормални и разумни услови би требало да се вози е долг 500 км и би требало да се помине за 8 часа. Слика од viamichelin.com:

Сепак, ние патувавме околу 18 часа, застанувајќи на многу места низ Србија и БиХ, за на крај да стигнеме во Источно Сараево.

Добрата работа од ова е тоа што имам слики од автобуските станици во Србија (до Ниш, бидејќи до таму беше колку-толку ден и бевме будни), па можам слободно да речам дека на нашата нова станица (во Скопје) сериозно и конкурира таа во Лесковац за најдобра станица во Јужен Западен Балкан.

Лесковац

Македонија не сака во ЕУ

Tags: 

Секогаш кога патувам кон Србија* гледам дека имаме се подобар и подобар граничен премин. Нови зградички, огради, куќарки... се инвестира на големо. И така, по последново патување ми дојде да се запрашам зошто толку инвестирање во нешто што „кај и да е“ нема да ни треба, бидејќи нели „сите одиме кон ЕУ“.

Чуму толку модерни премини кои ќе зјаат празни за пар години? Па, си мислам... веројатно нема да бидат во прашање пар години. :)

Балканов и така не е некое популарно место. А сега, кога уште ние од „западен балкан“ не сме во ЕУ, колку и да биде пократко од кај нас, србите и хрватите, сите патишта ќе одат низ безграничниот простор. Никој нормален не би се шлаел со џандари и цариници на 3 држави, па макар тоа му заштедило 500 км.

Гњаважата што треба да се претрпи на нашите граници зачудува особено кога се знае дека вистинскиот шверц и слични срања не се случуваат баш на официјалните гранични премини, исто како што се знае дека разни крими линии главниот тек го имаат низ „нашиве млади демократии“.

И се прашувам како тоа кога со маки стекнатите надлежности и права конечно и славно ќе ги предадаме во Брисел, сите сомнежи во врска со патувањата на обичните луѓе ќе исчезнат, па нема да се проверуваат ни пасоши ни бутур...

И пак заради тоа ми се чини дека Македонија (и некои нејзини соседи) не сака баш да оди во ЕУ. Инаку зошто толку би си ги малтретирале граѓаните?

*Опасно добра финта е тоа што иако најчесто патувам до нашиот северен сосед, излегува дека во последниве години всушност сум посетил 3 држави: СР Југославија, Србија и Црна Гора, и сега Република Србија. Топ! :)

Словенија ја наградува својата FLOSS заедница

Tags: 

Словенечкото министерство за информациско општество (да, да, словенците имаат вакво министерство) објавува дека со вкупен фонд од 5 милиони толари (ух, не знам колку евра се ова), наградува повеќе проекти од областа на слободниот софтвер/софтверот со отворен код. Баш и не можам се да преведем од словенечки, па можете да го следите линкот и да видите што точно пишува.

Добро, ако прочепкате по документите и старите вести ќе видите дека словенците имаат и други интересни работи на оваа тема. Еве линкови, да не се мачите во барање.... еден и уште еден.