November 2012

Јавно соопштување против преголемото регулирање на јавното соопштување

Tags: 

Во последните 2-3 децении законите за авторски права насекаде низ светот се променуваат со цел да се зголеми нивниот опфат. Тие денес регулираат многу повеќе нешта, отколку што, на пример, регулирале во 1970 година. Ова е познат факт, кој што е опширно обработен во извонредната „Слободна култура“ на Лоренс Лесиг. [За кратка презентација на темата погледајте ја оваа легендарна снимка на Лесиг.] Сепак, ако има една светла точка во оваа пракса која законите за авторски права ги носи кон загрозување на граѓанските слободи, тогаш тоа е нивното меѓусебно синхронизирање. Конвенција по конвенција, од GATT преку WTO до WIPO, законите за авторски права во сите држави во светот наликуваат еден на друг. Ова значи дека ако нешто не е дозволено во САД или Франција, најверојатно не е дозволено во Аргентина и Македонија. Терминологијата можеби е различна, поради различната правна традиција, но суштината е иста. Ова е важно, особено денес, кога новиот правилник и тарифник на Македонската музичка индустрија го привлекуваат вниманието на јавноста и ја отвараат дебатата за тоа кој сѐ треба да биде опфатен со новата давачка.

Па, која е праксата во ЕУ за прашањата опфатени со новата македонска регулатива? Одлуките на Европскиот суд на правдата се јасни. Прво, во одредување на тоа што значи „јавно соопштување“ Судот објаснува дека корисникот прави „јавно соопштување“ кога „со целосно знање за последиците од неговата акција, на своите муштерии им дава пристап до емитување што содржи заштитено дело“. Понатаму Судот ко објаснува концептот на „јавност“ како „неодреден број на потенцијални слушатели и разумно голем број на лица“. И трето, Судот смета дека природата на „јавното соопштување“ т.е. дали е тоа профитно или не, е важен критериум. Оттука судот одлучува дека Директивата на ЕК треба да биде толкувана „така што нема да ги опфати емитувањето на фонограми, без паричен надоместок, во приватна стоматолошка ординација, каде што се врши професионална економска активност, каква што е во прашање во главната постапка, со цел да се овозможи уживање на пациентите во ординацијата и во случај каде не им е дадаена можност за избор на пациентите. Активности од овој тип на пренесување не му даваат право на произведувачот на фонограми да бара исплата на паричен надомест.“

Со други зборови Судот смета дека, прво, малиот број на лица во стоматолошка ординација не претставува јавност, второ, дека природата на соопштувањето не е профитна, и трето дека слушателите се фатени случајно, без нивна желба, во емитувањето. Ваквото разбирање на „јавно соопштување“ очигледно опфаќа мали бизниси чија главна дејност не е поврзана со пуштањето музика. Ако тоа е стоматолошка ординација, тогаш е и ординација за уво, нос и грло, и на крај е секое место кое тарифникот на ММИ го води како „здравствена установа“. Но, разбирањето на „јавното соопштување“ на ваков начин никако не застанува тука, бидејќи има бројни бизниси кои имаат малку муштерии кои случајно слушаат некое емитување додека доаѓаат во дуќанот да обават некоја работа што никако не е поврзана со слушањето музика. Се разбира, на крајот на денот, ова можеби ќе треба да се тестира на суд, но здравиот разум налага дека е така.

Овде е важно да се напомене дека одлуките на судот се конзистентни. Имено, во одлука што исто така датира од 2012 година, Судот наоѓа дека хотелите мора да плаќаат надоместок [pdf] за музиката што се пушта во нивните соби. Аргументите се исти. Гостите во хотел претставуваат разумно голем број на луѓе. Природата на емитувањето е во функција на правењето профит. Улогата на хотелот како корисникот на делата исто така е неопходна за ова соопштување да се остварува. Повторно, како што налага здравиот разум, ова објаснување може да се употреби и за други бизниси слични на хотелиерството.

Слика од: Excruciating Minutiae.

Дали сето ова може да биде од некаква корист за правната разврска на случајот со ММИ?
Македоскиот закон исто така во себе носи дефиниција за што е тоа јавност и таа многу наликува на тоа што до објаснува Европскиот суд. Во Член 2 од ЗАПСП се вели дека: '„Јавност“ е достапност на авторско дело, под еднакви услови, на неодреден број лица надвор од вообичаениот круг на семејството или личните познаници.' „Јавното соопштување“ тогаш би требало да го исполни критериумот за „јавност“ на „неодреден број лица надвор од вообичаениот круг на семејството или личните познаници“, и во таа смисла, пред сѐ, да не ги опфаќа, домашните веселби, свадби, родендени и слично бидејќи тие се случуваат во „вообичаениот круг на семејството или личните познаници“. Понатаму, тука по ред би дошле сите оние бизнис чии муштерии не претставуаат „неодреден број на лица“ во моментот кога се случува „соопшувањето“ на едно дело. Да се вратам на првата поента на текстов, оваа интерпетација е можна затоа што македонскиот закон нужно е сличен на другите закони за авторски права, вклучувајќи тука ги и тие што важат во ЕУ.

На крај, повеќе како лична забелешка, македонските правни експерти од областа на авторските права не треба да молчат за оваа нова регулација. Иако можеби никогаш нема да се согласиме за тоа дека законот регулира сѐ повеќе и можеби уште долго време поборниците за слободна култура ќе се судираат со заштитниците на приватните монополски интереси, законот, таков каков што е мора да се применува дури и тогаш кога, спротивно на вообичаената пракса, тој ќе оди спроти приватниот интерес, а во интерес на јавноста. Молкот на правниците чија специјалност се авторските права значи ставање на приватниот интерес над законот, а тоа не е одлика на правото.

Предавања на ФИНКИ #1 и #2

Tags: 

На 13 и 20 ноември 2012 г. на ФИНКИ се одржаа првите две предавања од планираниот распоред на Слободен софтвер Македонија.

Првото беше за општествените последици на слободниот софтвер, второто за етикиата на хакерите. Предававме јас и Дамјан.

Од првото предавање излезе оваа ex-post белешка, а по целовечерна сесија за github презентацијата од второто предавање е доспапна на интернет: Зошто хакерите хакираат?

Против рекетот на Македонската музичка индустрија

Tags: 

Тарифникот на Македонската музичка индустрија, изготвен во јули оваа година, а разгласен на Интенет во октомври (1, 2) ги носи сите одлики на легализиран рекет. Тоа што сѐ уште не е на сила, сега за сега, е мала утеха за идните плаќачи – група која го вклучува секое место каде може да се постави касетофон. За среќа, голем дел од плаќањата што музичките индустријалци сакаат да ги изнудат од нас не се дозволени во ЕУ. Ова можеби е шанса тарифникот [pdf] да биде оспорен уште пред да биде објавен во Службен весник на Република Македонија.

Слика од: fishy2me.blogspot.com.

Пресудата за судскиот спор кој се водел во Европскиот суд на правдата (врска C-135/10, Società Consortile Fonografici (SCF) v Marco Del Corso) во кој слично здружение сакало да наплати за музиката пуштана во стоматолошки ординации сумирана е во следниве реченици: „Стоматолог кој бесплатно пушта фонограми во неговата приватна стоматолошка ординација не прави „комуникација кон јавноста“ во рамките на значењето на Законот на ЕУ. Според тоа таквото емитување не создава право за надоместок за продуцентите на фонограмите.“

Во своето соопштение за медиумите [pdf] Европскиот суд на правдата го појаснува концептот за јавност, емитувањето кон (не)одреден број на лица, како и профитната природа на емитувањето, за да заклучи дека пациентите што ја посетуваат стоматолошката ординација се во мал и ограничен број и според тоа не претставуваат „јавност“. Исто така судот образложува дека природата на емитувањето не е профитна, т.е. дека лицата доааѓаат во ординацијата за здравствени услуги, а емитувањето фонограми не е дел од овие услуги. Според тоа, заклучува судот, на продуцентите не им следува надоместок за ваквиот тип на емитување.

Оваа одлука на Европскиот суд на правдата е корисна, прониклива и опсежна. Таа всушност ги опфаќа сите бизниси кои ги исполнуваат критериумите за мал број на лица, за емитување кое не е дел од услугата што се нуди таму и емитување кое се слуша случајно без активно учество на лицата што се наоѓаат на локацијата на бизнисот. Според ова, во овие бизниси се вклучени сите кои се наведени во тарифните броеви 8 – 14. Понатаму, со соодветна дополнителна анализа тарифникот можеби може да се исчисти и од други делови кои се спротивно на критериумите кои ги образложува Европскиот суд.

Одлуката на судот е основа на директиви на ЕУ кои пак се во согласност со меѓународното право – договорите TRIPS и WPPT и Римската конвенција. Република Македонија е исто така потписник на овие договори.

Со оглед на тоа дека пресудата на Европскиот суд на правдата е од март 2012 година, а тарифникот на Македонската музичка индустрија од јули 2012 година не е неразумно или чудно да очекуваме дека експертите од музичката и правната сфера што стојат зад тарифникот требало да бидат запознаени со сличните активности што се одвиваат во ЕУ. Сепак, дали нивната неукост е намерна или не, не е толку важно. Важно е тарифникот во оваква форма да не биде донесен и рекетот да биде спречен. Интернету, ова е уште еден повик за акција.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24758609.html.

Добри вести: Расте употребата на слободен софтвер во Македонија

Tags: 

Според информациите собрани од страна на Државниот завод за статистика на Р. Македонија во 2010 и 2011 година употребата на слободен софтвер бележи раст во приватниот сектор (мали, средни, големи претпријатија) и јавниот сектор (министерства, агенции, јавни претпријатија и локална самоуправа).

Супер интересно, според податоци од ДЗС, е тоа дека преку 90% од институциите на централната и локалната власт користат Firefox или Chrome.

Целиот текст на: http://www.slobodensoftver.org.mk/vesti/upotreba_na_sloboden_softver_vo_rm

Пазарот и исламот, некогаш и сега

Tags: 

Во книгата „Долг“ [за која веќе пишував два пати: 1, 2], Дејвид Гребер ја истражува улогата на парите, долгот, односите меѓу стопанството и државата, и нивната улога во развојот на пазарите. Посебно интересно е да се прочита делот за средновековното доба на Блискиот Запад т.е. исламскиот арапски свет кој за големите цивилизации на Индија и Кина се наоѓа на запад. Средновековниот ислам, вели Гребер, ентузијастички ги прифаќа законите кои ги гледа како религиозна институција, но ја гледа владата како несреќна нужност, институција која вистинските верници би требало да ја избегнуваат.

Во овој свет, на владата се гледа како на воена сила, потребна можеби за да ја брани верата, но во основа таа е надвор од општествто. Од друга страна, исламот од почетокот има позитивно гледање на трговијата. Дури и Мухамед го започнува својот возрасен живот како трговец и ниеден исламски мислител никогаш не ја смета чесната потрага по профит како нешто неморално или штетно за верата. Пазарите функционирале на репутација, а договорите се склучувале со ракување. Всушност, целата економија функционирала без државни механизми за присилба, без полиција да ги уапси тие што ќе направат измама, без извршители да го запленат имот на должникот. Славењето на трговците кои што биле главните актери на овие средновековни пазари е првата популарна идеологија за слободен пазар.

Гребер вели дека идеалите никогаш не треба да се мешаат со реалниста и дека пазарите некогаш биле целосно независни од владата. Исламските режими се обидувале да ги применат вообичаените стратегии за манипулирање на даночната политика или за интервенции во трговското право. Сепак постоело силно чувство дека тоа тие не треба да го прават. Еднаш ослободена од античките чуми на долг и ропство, локалната чаршија станала, во најголема мера, нависокиот израз на човековата солидарност и нешто што постојано треба да се чува од државен упад. Според зборовите на Пророкот, во ситуација на слободен пазар цените зависат од волјата на Бог [за оние кои не го знаат економоскиот канон, основоположникот на економијата - Адам Смит - слично вели дека невидлива рака го регулира пазарот].

Да го затвориме сега кругот со објаснување зошто сето ова цитирање на „Долг“. Во документот „Evaluation of EC Country Strategy: FYR Macedonia 1996-2001“ [pdf има на Интернет], авторите се осврнуваат на економија на Р. Македонија и велат: „Економијата останува поделена помеѓу големи фирми загубари кои се во државна сопственост, помогнати со субвенции, и од друга страна сектор на мали и средни претпријатија кој е динамичен и често надвор од формалната економија, и избегнува да плаќа даноци. Справувањето со оваа дихотомија е отежнато поради фактот што работниците во првиот се воглавно етнички Македонци, а во вториот воглавно се етнички Албанци.“

Би било премногу за сигурно да речам дека навистина Исламската традиција на немешање на државата во пазарот е заслужна за ваквата поделеност на економијата на Македонија како што ја оцениле авторите на горниот извештај. Сепак, ми се чини дека сличноста помеѓу двата описа на секторот кој постои надвор од државата [оној во средноит век и оној кај нас] е очигледна.

На крај, можеби сите оние маалски коментари дека кога на пазарче си купуваш од Албанец добиваш почесна услуга имаат и подлабоко значење.