May 2009

Ослободување на информациските добра

Tags: 

Поминало многу време откога сум објавил нешто подолго од блог запис на ова место, па еве сега мало освежување во таа смисла.

Во прилог на ова закачен е еден текст со наслов: Ослободување на информациските добра -
За промената на пазарните структури и производството како резултат на иновации во правото и технологијата. Идејата ми беше од поодамна и веројатно некако зрееше до сега, па конечно еве го резултатот на Интернет.

Им се заблагодарувам на сите што ми помогнаа со давање идеи и предлози да го направам текстот подобар, иако не успеав сите тие да ги внесам... нешто поради тоа што не знаев како, нешто поради тоа што мислев дека нема потреба. Сепак, текстот останува отворен за коментари и можеби некако ќе го направиме подобар.

Текстот е закачен и на Scribd, за оние што не им се клика на слепо еве го воведот:

Овој текст е преглед на некои од современите идеи што се поврзани со производството и дистрибуцијата на информациските добра. Бидејќи моето познавање на темата е ограничено, текстот не се обидува да изнесе којзнае какви новини, туку само да презентира и евентуално сублимира дел од овие идеи, така што би му биле јасни на секој читател кој има основни познавања од економските и правните концепти поврзани со монополите и авторските права. Истовремено се надевам дека ќе биде доволно интересен за да поттикне понатамошно истражување на темата.

Текстот започнува со презентирање на вообичаената економска анализа за производството на информациски добра и ги објаснува правните механизми без кои таквото производство не би било можно во формата што денес ја знаеме како доминантна. Потоа, објаснува кои се иновациите што се случиле во правото и технологијата (или како што вели Лоренс Лесиг во правниот код и во програмерскиот код) и како тие иновации го менуваат пазарот и производството, посебно на софтверот. На крај, дава краток преглед на случувањата во другите области на производство на информациски добра каде што се случуваат исти или слични поместувања.

Потрошувачки права

Tags: 

За сите оние кои низ продавници гледаат „Производот не се враќа и не се заменува“, ви го претставувам член 50 од Законот за заштита на потрошувачите („Сл. весник на Р. Македонија“ бр. 38/04 од 17.06.2004 година):

Член 50
Потрошувачот има право кај трговецот кај кој е купен производот да го замени производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини.
Потрошувачот правото од ставот 1 на овој член може да го оствари во рок од 15 дена од денот кога производот е купен.
Замена на производот со соодветен квалитет се врши ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фискалната сметка за производот или сметко потврда кои на потрошувачот му биле издадени
заедно со производот.
Ако во моментот на поднесувањето на барањето од потрошувачот трговецот нема соодветен производ (производ што ќе одговара на неговите потреби), потрошувачот има право по свој избор да бара:
- да го раскине договорот и да бара враќање на платениот паричен
износ или
- да го замени производот со соодветен кога ќе има таков производ.
Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на производот дека има таков производ за продажба во рок кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Ова го видов во продавницата на GoldenPoint на ул. „Македонија“. Не знам дали тоа што се странски бренд придонело да истакнат член од закон, но еве - добро е да се знае.

Секој претседател со своја страница на Интернет

Tags: 

Претпоставувам дека на многумина ќе им биде мило што нема повеќе да го гледаат ликот на претседателот Бранко Црвенковски на страницата president.gov.mk, но сепак ваквото целосно менување на Интернет презентациите на институциите на Македонија останува лоша пракса на македонските власти.

Ми се чини дека за ова блогирав и кога се појави тогаш новата страница на Црвенковски, но сега не можам да го пронајдам тој текст.

За илустрација, погледајте како изгледа страницата на Белата куќа, каде има и список од сите претседатели на САД.

Дополнување: И ваквата пракса води до еден ваков комичен пример.

Претседателот според Google

Домувањето во транзицијата во Скопје

Tags: 

Во презентација што беше најблиску до TED од она што сум видел во Скопје, во средата 06.05.2009 год. на Архитектонскиот факултет, Јован Ивановски објаснуваше како се гради денешно Скопје.

Фокусот беше станбената изградба од 1990 па до денес. Презентацијата започна со објаснување на околностите во кои се случува оваа архитектура, имено распадот на СФРЈ и преминот од социјализам во капитализам. Аргументацијата што беше презентиран тука: тоа дека развојот што се случува е неминовен исход од појавата на приватната сопственост и развојот на претприемништвото за мене беше најмалку убедливиот дел од целата презентација. Но, можеби каузалноста за која говореше Јован е подобро објаснета во неговиот труд.

Истражувањето на станбената изградба се однесуваше на 4 примери од Скопје: Карпош 2, Буњаковец, Расадник и Злокуќани. Изградбата целосно е фокусирана на парцелите, т.е. речиси сѐ се гради на имот на 1 сопственик.

Во Карпош, како што вели Јован, настанува задебелување на зградите (замислете пример со реклама за слабеење, само обратно). Зградите се изменуваат со ѕидање на терасите и кревање на поткровје, при што некои добиваат и нови фасади. Оваа постапка има два посредни ефекти: зголемување на цена на становите и шаренило во изгледот онаму каде што сите станари не можат да си дозволат доградување.

Во Буњаковец, пак преовладува некаков концепт на билдање. Таму старите мали куќи се заменуваат со огромни згради кои ја исполнуваат парцелата во целост, т.е. не остануваат дворови. Има обиди лошата архитектура да се замаскира со боја. Сите ги користат до максимум дозволите од урбанистичкиот план и населбата во целост расте нагоре до 3-4 кат.

Расадиник има масивна изградба на згради секоја на своја парцела, иако можеби поправилно би било да се прави некакво комбинирање на парцелите. Карактеристично за таму било преголемата употреба на симетрија. Да бидам искрен не ја фатив поентата на ова во целост.

Злокуќањи е македонската верзија на „Slumdog Millionaire“... ако никогаш не сте биле натаму, присетете се на сцените од ѓубришта и стокатница сместени едно до друго во Мумбаи. Во Злокуќањи нема стокатница, туку елтина населба, а резот е поочигледен, со ѕид кој ги дели двете населби на македонската елита и македонската сиромаштија. Со интересна поента, Јован обајсни, дека таму она што едните го сметаат за отпад од своите вили, другите го користат за да ги изградат своите куќи.

Меѓу интересните податоци што беа споменати се дека и: вложените пари во станбена изграда во транзицискиот период се најголемите инвестиции во земјава. Тие секоја година се повисоки од странските директни инвестиции. Потоа, додека во изградба на станови се вложуваат стотици милиони евра, во училишта се вложени само 300.000 (и ми се чини ова е податок за последната година, не сум сигурен, не успеав да запамтам). (Баш ме интересира дали има податоци за учеството на изградбата во раст на БДП или пак во однос на другите економски активности).

Конечно, од сите станбени згради што се изградени речиси ниту една не учествувала на некоја архитектноска изложба. Речиси ниту еден од архитектите не сметал дека направил доволно добро архитектонско дело за да го пријави на биеналето што се одржува во Скопје.

Јован Ивановски не зазеде став во врска со тоа дали ова што му се случува на Скопје е добро или лошо. Кон крајот рече дека ова што се случува сега е одлично за секој истражува и со тоа целосно се сложувам. Македонија и во архитектурата е една голема лабораторија.

За оние заинтересирани за темата: ми се чини дека предавањето беше снимано, па можеби ќе се појави некаде на Интернет.

0,50

Tags: 

Ми се чини дека никој повеќе не се буни за 0,50 дени повеќе или помалку. Не знам дали сѐ уште има добра причина зошто ги имаме овие, но сигурно знам дека има добра причина зошто секогаш трговците заокружуваат на горната вредност.

И додека за ваквата злоупотреба може да се најде практичен изговор кога станува збор за плаќање во готово, не гледам како воопшто може да се направи истото за безготовинско плаќање.

„Макпетрол“ си земаат најголема слобода во оваа работа, барем според моето искуство. Сега имам и доказ дека тоа е така, но не знам дали ќе има некое фајде од тоа. Веќе им пишав на „Макпетрол“ преку нивната страница за контакт:

Откако дома ги проверив фискалната и сметката од банката видов дека при наплатата на Вашата бензинска пумпа, вработените ми наплатиле 0,50 денари повеќе.

Не ми е јасно зошто, кога инсистирате на прецизни фискални сметки, истовремено не ги наплатувате така прецизно, особено кога безготовинското плаќање го овозможува тоа.

Имајќи доверба, не ги видов сметките кога службеничката ми ги даде, па веднаш да ја исправам ситуацијата. Очигледно мојата доверба во Вашата компанија била не треба да биде на така високо ниво.

Сега планирам да пишам и до Организацијата на потрошувачите на Македонија, а можеби и до Државниот пазарен инспекторат.

Ќе видиме дали и што ќе одговорат.

Дополнување 1 - одговор од ОПМ:

Pocituvan g-din Nakov

Vnimatelno go procitav vasiot problem i mislam deka ste vo pravo. 50 deni se platezno sredstvo vo Makedonija i kako apoeni postojat i mozat da se trebuvaat. Za zal trgovcite ne go pravat toa a cenite gi formiraat bez da bidat zaokruzeni na denari , pa uslugata ili proizvodot vi go naplatuvaat sekogas poskapo za 50 deni bidejki nemoza da vi vratat.

Za nastanatiot problem treba da se obratite do Drzavniot pazaren inspektorat na tel 3220 547 koj go ima nadzorot nad Zakonot za zastita na potrosuvaci.

Во неправна држава живеат послушни и сервилни граѓани

Tags: 

На првомајскиот протест недостасуваа само граѓани.

Се осмелувам да речам дека фактот што во Македонија воглавно не се почитуваат законите е главната причина зошто ниедно граѓанско организирање за или против било што однапред е осудено на пропаст.

Причините за ова произлегуваат од следново: имате граѓани, компани и влада кои во различни случаи или ситуации не ги почитуваат законите. Тоа создава совршен простор за притисок и уцена од страна на силите кои сакаат да го контролираат општеството. Сакате да протестирате? Веднаш се наоѓа некој да ви каже дека на пример, тракторот не ви е регистриран. Можеби не сте ја поднеле годишната даночна пријава, или во вашата команија сте заборавиле да ја проверите исправноста на противпожарните апарати и ете шанса да добиете предупредување за послушност. А, ако некогаш треба да се прави гужва за некоја цел на оние кои ги знаат вашите законски грешки, лесно може да ве натераат да правите нешто за тие да погледнат на другата страна.

Не знам дали ваквата ситуација во општеството има свој назив во теоријата, ама прилично сум убеден дека во нејзиното создавање активно придонесувале сите досегашни влади на Р. Македонија.

Исто така прилично сум сигурен дека добар начин да се надмине оваа стуација е секој за себе да ги елиминира можните закачки што се создаваат на ваквиот начин. Тогаш, ми се чини, нема да биде толку страшно секој јавно го искажува своето мислење.