Submitted by Новица on
Tags:
Во презентација што беше најблиску до TED од она што сум видел во Скопје, во средата 06.05.2009 год. на Архитектонскиот факултет, Јован Ивановски објаснуваше како се гради денешно Скопје.
Фокусот беше станбената изградба од 1990 па до денес. Презентацијата започна со објаснување на околностите во кои се случува оваа архитектура, имено распадот на СФРЈ и преминот од социјализам во капитализам. Аргументацијата што беше презентиран тука: тоа дека развојот што се случува е неминовен исход од појавата на приватната сопственост и развојот на претприемништвото за мене беше најмалку убедливиот дел од целата презентација. Но, можеби каузалноста за која говореше Јован е подобро објаснета во неговиот труд.
Истражувањето на станбената изградба се однесуваше на 4 примери од Скопје: Карпош 2, Буњаковец, Расадник и Злокуќани. Изградбата целосно е фокусирана на парцелите, т.е. речиси сѐ се гради на имот на 1 сопственик.
Во Карпош, како што вели Јован, настанува задебелување на зградите (замислете пример со реклама за слабеење, само обратно). Зградите се изменуваат со ѕидање на терасите и кревање на поткровје, при што некои добиваат и нови фасади. Оваа постапка има два посредни ефекти: зголемување на цена на становите и шаренило во изгледот онаму каде што сите станари не можат да си дозволат доградување.
Во Буњаковец, пак преовладува некаков концепт на билдање. Таму старите мали куќи се заменуваат со огромни згради кои ја исполнуваат парцелата во целост, т.е. не остануваат дворови. Има обиди лошата архитектура да се замаскира со боја. Сите ги користат до максимум дозволите од урбанистичкиот план и населбата во целост расте нагоре до 3-4 кат.
Расадиник има масивна изградба на згради секоја на своја парцела, иако можеби поправилно би било да се прави некакво комбинирање на парцелите. Карактеристично за таму било преголемата употреба на симетрија. Да бидам искрен не ја фатив поентата на ова во целост.
Злокуќањи е македонската верзија на „Slumdog Millionaire“... ако никогаш не сте биле натаму, присетете се на сцените од ѓубришта и стокатница сместени едно до друго во Мумбаи. Во Злокуќањи нема стокатница, туку елтина населба, а резот е поочигледен, со ѕид кој ги дели двете населби на македонската елита и македонската сиромаштија. Со интересна поента, Јован обајсни, дека таму она што едните го сметаат за отпад од своите вили, другите го користат за да ги изградат своите куќи.
Меѓу интересните податоци што беа споменати се дека и: вложените пари во станбена изграда во транзицискиот период се најголемите инвестиции во земјава. Тие секоја година се повисоки од странските директни инвестиции. Потоа, додека во изградба на станови се вложуваат стотици милиони евра, во училишта се вложени само 300.000 (и ми се чини ова е податок за последната година, не сум сигурен, не успеав да запамтам). (Баш ме интересира дали има податоци за учеството на изградбата во раст на БДП или пак во однос на другите економски активности).
Конечно, од сите станбени згради што се изградени речиси ниту една не учествувала на некоја архитектноска изложба. Речиси ниту еден од архитектите не сметал дека направил доволно добро архитектонско дело за да го пријави на биеналето што се одржува во Скопје.
Јован Ивановски не зазеде став во врска со тоа дали ова што му се случува на Скопје е добро или лошо. Кон крајот рече дека ова што се случува сега е одлично за секој истражува и со тоа целосно се сложувам. Македонија и во архитектурата е една голема лабораторија.
За оние заинтересирани за темата: ми се чини дека предавањето беше снимано, па можеби ќе се појави некаде на Интернет.