Кон „Изгубената република“ од Лоренс Лесиг и некои идеи поврзани со неа по настанот „Стратегии на отпорот - од културен активизам до нови модели на општествено дејствување“

Tags: 

Мал вовед за Лесиг и „Изгубената република“

Кога земате да прочитате книга од Лоренс Лесиг можеде да биде сигурни во едно, макар и да не се согласувате со тоа што тој има да го каже: тоа е добро и убаво напишна книга со јасен јазик и прецизни аргументи, полна со референци и цитати од / до соодветни истражувања , од првата буква до последната точка. Во оваа смисла „Изгубената република“ по ништо не се разликува од „Код и други закони на киберпросторот“ и „Слободна култура“ - другите две негови книги што сум ги прочитал [и кои, патем, ги имаме во библиотеката во КИКА].

Ако баш и не Ви се чита книга од речиси четиристотини страници за да научите како парите го корумпираат претставничкиот дом на Соединетите држави (пред сѐ), тогаш некое од предавањата на истата тема кои ги одржува Лесиг се доволни за да се (с)фати главниот аргумент соголен од сите дополнителни и опширни објаснувања. Предавањето што тој самиот го препорачува и кое ќе одземе час и половина од Вашето време или подобро речено ќе заземе час и половина од Вашето внимание се наоѓа на: http://vimeo.com/31447296.

Главната поента во книгата [и целото движење/раздвижување околу неа] е за тоа дека парите создаваат зависност кај законодавците во САД; дека парите не се проблем сами по себе, туку тогаш кога се „пари на погрешно место“; дека дури и парите навистина да не купуваат закони, тоа што ни се чини дека парите купуваат закони е доволна причина за барање на реформа, бидејќи тоа „чинење“ ни ја намалува довербата што ја имаме во системот [што нѐ враќа назад на идејата за The appearance of impropriety]; дека независноста на претставничкиот дом може да биде осигурана преку зависност исклучиво од граѓаните. Или со една реченица: независноста е вистинска зависност – како што вели Лесиг: „кога велиме независно судство не мислиме на судство што може да прави што сака, туку на судство зависно единствено и исклучиво од Закон“. Во таа смисла независноста на претставничкиот дом треба да биде остварена и одржана преку зависност на граѓаните, а не на донаторите, лобисите и други интересни групи. Така Лесиг ја проширува идејата за корупција. Корупција не е само поткпуп или нашето - пари на рака, Мара за рака. Туку, корупција е она што „ја одвлекува институцијата од целта за која била наменета да ѝ служи“.

Корисни лекции и „Стратегии на отпорот“

Ми се чини дека без поголеми тешкотии оваа анализа може да се примени на многу места и за нашето општество. Сплетот на околности беше таков да вчера (15.12.2011) присуствував на презентацијата насловена „Стратегии на отпорот - од културен активизам до нови модели на општествено дејствување“, каде што се запознавме со културните практики и граѓанскиот активизам во Хрватска, и таму се отвори интересна дискусија, па ете тука и ќе почнеме. Малку од дебатата има на Фејсбук и за жал од таму не може лесно да се врзува до овде. Вклучени во дебатата се @gdamjan, @kefremovski, @popmisa и @unexploded_yet.

Прашањето што го постави Дамјан [и сега не цитирам до збор, но Дамјан или било кој друг може да поправи во коментари] беше за тоа дали заминувањето на Фондацијата институт отворено општество од Хрватска имало улога во формирањето на Погон и сите тие активности во Загреб, како на пример „Право на град“, кои во Скопје се сметаат за квалитетен критериум за стремење на локалната сцена. Вон контекст ова може изгледа како уште еден „напад на Сорос“, и како што и Дамјан се согласи, прашањето можеби не беше поставено најјасно, но еве сега да дадеме конктекст. Имено, од нашите (на Слободен софтвер Македонија) разговори со нашите пријатели од Загреб (пред сѐ од Мултимедијалниот институт), научивме дека заминувањето на ФИОО од Хрватска меѓу другото го исчистило граѓанскиот сектор од луѓе што немале правилни мотиви за учество во него. Ова го пишувам од сеќавање, и секако можеби не е до збор точно, и затоа не навлегувам во тоа да утврдуваме кои би биле „правилните мотиви“. Но, за дополнителна илустрација ќе се присетам на разговорот што во просториите на фондацијата Метаморфозис го имав со еден директор или шеф на ФИОО од Будимпешта пред околу пет или шест години [не се сеќавам на името на човекот, но можеби @razvigor има подобро сеќавање или белешки од настанот]. Неговите зборови беа дека големите донатори имале разорен ефект на македонскиот граѓански сектор. Мислам дека не е тешко да се замисли што го предизвикало тоа разорување. Донаторите донираат пари. Тие имаат свои приоритети по кои одлучуваат за што ќе ги донираат парите. Невладините организации мора да научат кои се тие приоритети за да ги добијат парите. Дебатата за „невладиниот јазик“ не е нова, како што не се ни критиките дека донаторите често ја промашуваат целта, поттикнуваат проектно базиран пристап, наместо програмски или на ниво на политики и генерално одговараат пред нивата јавност / сопственици / организации, а не пред домашните заинтересирани страни за ефектите на нивните одлуки.

Нашиот случај?

Со горното на ум, мислам дека можеме да го поставиме прашањето во Македонија: што ќе се случи ако ФИОО си замине? Можеме да го поставиме прашањето и за другите големи донатори, но вчера, иако темата (согласни сме) не беше таа, сепак не беше претерано страшно да се дебатира и на оваа тема бидејќи пристуни беа луѓе од ФИОО.

Немам податоци за да можеме подетално да видиме до која мера однесувањето на македонскиот граѓански сектор е корумпирано во смисла на тоа што го вели Лесиг дека е одвлечен од целта на која треба да ѝ служи. Без разлика на тоа се согласувам со Дамјан дека нема интерес за „интроспективна дебата по тоа прашање“. И бидејќи сум дел од граѓанскиот сектор веќе десет години можам да зборувам од искуство, без притоа да го споменувам ФИОО.

На пример, последниот судир на Слободен софтвер Македонија со голем донатор беше проектот на USAID за локализирање на софтверот за училиштата каде што се инсталираше и конфигурираше оперативниот систем Edubuntu. Нашиот предлог беше да не се користи проектен пристап во врска со оваа активност за да не биде еднаш превод и чао, туку да се најде (долго)трајно решение – нешто што не наиде на разбирање кај спроведувачите што работат кај донаторот. Резултатите се веќе историја: заедницата е разорена и никој веќе волонтерски не преведува слободен софтвер, пари за уште еден проект нема и нови преводи нема. Како некаква сатисфакција го имаме само признанието на претставник на USAID, година – две по критичниот настан, дека треба да се најде одржливо решение за преведување на училишниот софтвер на мајчините јазици на децата. Благодариме многу.

Сега следите дека проблемот што Лесиг го детектира не се парите како такви, туку „парите на погрешно место“. Ценам дека во принцип нема ништо лошо во тоа што го вели Миша дека работа во граѓанскиот сектор може да биде како било која друга, т.е. не мора да биде активистичка. Ценам и дека големите донатори не мора нужно да престанат да постојат. Се согласувам дека има делови од општеството што бараат да им се обрати специјално внимание од специјализирани организации. На пример, ми текнува на организиацијата што се бави со прашања за азил и која директно работи под капата на UN [кои несомнено се голем донатор]. Но, вчерашната средба и дебата не беше за ваков тип на организации. Беше за активистички.

Понатаму, ценам дека коментарот на Ивана кој што произлегува од тоа што го рекла Емина и/или Тео, дека „нема причинско-последичен однос помеѓу Сорос и Погон, туку станува збор за временско позиционирање во историски момент“ исто така е во ред што се однесува до Хрватска. Тоа сепак не нѐ ослободува нас од прашањето што правиме со македонскиот граѓански сектор за кој треба да утврдиме дали е, и ако да – тогаш колку, зависен од големите донатори, наместо да биде зависен од граѓаните – како што видовме дека „Право на град“ бил со 15.000,00 евра донации од граѓаните на Загреб.

Со сето погоре кажано, мислам дека можеме да се вратиме на првичното прашање, макар преформулирано: „Што ќе (о)стане од/со македонскиот граѓански сектор кога големите донатори ќе си заминат“? Истражување веројатно би потврдило дека голем дел од тие организации ќе изумрат. Ќе изумрат бидејќи немаат изворни идеи за да работат за подобрување на оштеството во кое постојат, туку постојат бидејќи се дел од самозасилувачки систем на правање проекти што може да се прават единствено поради тоа што тие проекти се достапни за правење благодарение на позиционирањето на донаторите. Колку и непопуларно капиталистички да личи тоа, луѓето што работат во тој сектор ќе мора да се снајдат на пазарот. Не знам кои организации ќе преживеат. Се надевам дека Слободен софтвер Македонија ќе преживее бидејќи многу малку од нашите активности се зависни од донаторски пари.

Но, поважното прашање што ѕирка зад ова е: „Кои прашања се важни за граѓанското општество во Македонија, ако се изземат дисторзиите што ги создаваат големите донатори?“ Мислам дека ова е вистинската тема што треба да се дискутира.