Размислував долго за тоа дали да напишам уште еден follow-up а случајот
„поштенски листи“ - и очигледно одлучив да напишам. Пред тоа сепак неколку
пати ги прочитав претходните записи: мојот и тој на Филип.
Мене ми се чини дека прашањето што е пред нас е: небарана/несакана пошта или спам (ако грешам, поправете ме). Накратко, Филип во порака на листа чија архива веќе не е достапна за оние кои не се претплатници спорел за тоа дали некој смее да го претплатува на листа без негово знаење. Јас го искористив тоа за да потенцирам дека истото мене ми се случило со претплата на поштенска листа на организацијата каде што работи Филип. Тој потоа одговори со запис кој многу малку го третира ова прашање, туку повеќе се занимава со некои други работи (што може да биде тема за некое друго пишување).
Сепак, она што сепак може да се прочита од записот на Филип, а што е релевантно за дискусијата е дека постоела листа:
На таа мејлинг листа „на времето“ (далечната 2005 година)...
- за што нема ништо спорно (и јас ја чувам архивата).
Потоа дека листата била неактивна:
Мејлинг-листата во меѓувреме беше неактивна и никој од Метаморфозис не ја употребувал.
- за што исто нема ништо спорно (не сум добил нова порака од 10.01.2006 година).
Дека провајдерот правел надградба на софтверот:
Интернет-провајдерот каде што е хостирана мејлинг-листата баш денес инсталира/реконфигурира нови системи за е-пошта, што е веројатно причината за реактивација на листата - со автоматска порака.
Тезата на Филип е дека пораките кои што стигнаа во моето сандаче (важно бидејќи претходно никаде не пишувам дека стигнале на било кое друго место, како што тврди Филип во својот запис), се од истата таа поштенска листа, која постоеше 2005/2006 година, а која тој суден ден била надоградена од интернет провајдерот каде е хостирана.
Ова е тоа со кое што јас не се сложувам. Пораката што ја добив на 27.03.2007 год. е од друга поштенска листа (која можеби само во дел го преземала името од претходната). Како знам? Филтрите за е-пошта што ги имам ми кажаа - не ја ставија новата порака во иста папка со претходните (оние на кои се повикува Филип). Хедерите на пораките не се исти: пораките не доаѓаат од ист сервер (старите се од wsmg.sonet.com.mk [212.120.1.60], а новите од hamurabid.sonet.com.mk [212.120.16.70]. Софтверот на кој работи листата не е ист: стариот не ми е познат, а новиот е Mailman (X-Mailman-Version: 2.1.5), и колку што знам не е возможна некаква автоматска миграција од еден на друг ваков софтвер.
Значи, човечка рака веројатно била вклучена: некој ги земал адресите од едната листа и ги ставил во другата листа и некаде кликнал на „YES“ или „OK“ за да биде испратена автоматската порака. Ако тоа биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да го цитирам пак Филип од неговата порака на НМП листата:
5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог или на официјалниот ми веб-сајт , не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?
Се надевам овде може да се додаде и тоа дека тоа што адресата е на една листа, не значи дека автоматски може да биде на друга листа.
Ако не биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да не зборувам за тоа што јас адресата сум ја дал тогаш (во 2005) на Метаморфозис, а не на интернет провајдер кој ги хостира нивните листи (ама, признавам не знам дали и како ова е решено со Закон или што).
На крај, дури и да го прифатам тоа што Филип го вели - дека тоа е една иста листа само надградена, сепак мислам дека во рамките на некаков бон-тон е да се известат претплатниците во врска со тоа. Така направивме ние (Слободен софтвер Македонија, заедницата на корисници на слободен софтвер) на времето (во 2003 година) кога старата LUG листа (која веќе не е на Интернет - но и тие архиви ги чувам, па еве можам да проверам), поради технички причини ја заменивме со новата ossm-members листа.
Се друго е шум.
П.С. Можеби му должам извинување на Филип поради тоа што ја употребив неговата порака на НМП листата за да ги критикувам активностите организацијата каде што тој работи, но мислам дека тоа (заедно со насловот на мојот претходен запис кој може да предизвика мала забуна) беше важно за да им се даде контекст на работите. Се разбира, јасно ми е дека личните ставови на еден човек може да не бидат во согласност со ставовите на организацијата каде што истиот тој работи, иако веројатно може да се спори колку тоа е дел од приказната на непрофитниот сектор... но, сето тоа е надвор од темата (и можеби ќе биде згодно за некој друг запис). Впрочем јас никаде не велам дека Филип земал учество во оваа приказна со поштенските листи, така што - тоа е тоа.