здравје

Маските за pm2.5 честички нема да го скријат нашиот срам

Tags: 

Зошто менувањето на дневниот ред на собраниската седница за буџет нема врска со заштитата на здравјето на граѓаните на РМ

Колкумина знаат дека излегувањето со валкани гуми од градилиште е казнив прекршок? Ове е дел од некои последни измени што деновиве излегоа во Службен весник на РМ во некој закон чие што име не го запамтив. Овој закон е само дел од „зеленото“ законодавство на Македонија. Веројатно има купче закони што регулираат различни аспекти на заштита на животната средина и пропишуваат казни за прекршоци кои јавноста воглавно не ги знае. Таков е и Законот за квалитетот на амбиентниот воздух.

Да, го имаме тој закон. Можете да го ѕирнете. Има некои казни таму за некои прекршоци… сите вообичаени нешта што треба некој закон да ги содржи. Можеби и бил дополнуван и со европско знаменце. Со други зборови, пратениците (или нивните партиски шефови во краен случај) во собранието кажале сѐ што имале да кажат во врска со ова прашање. И кажувале низ подолг временски период, законот е од 2004 г. и дополнуван е 5-6 пати.

Со оглед на тоа дека загадувањето на главниот град не е нешто ново, пратениците од двете страни можеле да интервенираат и кога биле на власт и кога биле во опозиција. Но, ова е шупачки аргумент: „Кај бевте 2005-тата…?“. А каде сме 2013-тата? Во 2012 Градот Скопје излезе во медиумите со истите препораки за седење дома и невозење кола кога беше најголемото загадување. Всушност од 2012 до 2013 (цели 12 месеци) возможно било да се поднесе дополнување на законот, да се врши притисок врз сите „зелени“ институции на Републиката и конечно — да се предложат амандмани во буџетот кои ќе бидат наменети за надминување на последиците од овој проблем (ако веќе причините не може да се отстранат).

Ништо од ова не е направено. Не дека проверив, но ги гледам насловите на вестите и никаде не видов: „ние предлагавме, ама ВМРО нѐ одби“. Единствено нешто што може да се заклучи е дека естаблишментот пак си спиел, пак е изненаден, пак е штурецот од онаа приказната со штурецот и мравката.

Но, тоа не е сѐ. Како што нѐ потсетува Жижек: ако некој лаже и мами, тоа не треба да нѐ залаже — редно е да се каже дека тој е лажго и измамник. И тоа се тие луѓе од естаблишментот — политчки, бизнис, академски: тие се лажговци и измамници и денес сакаат со уште еден спин да ни го одвлечат вниманието: сакаме да го ставиме воздухот на дневен ред — ама режимот не ни дава. Брат, ебете се.

Не — за да го истакнувам очигледното: дека воздухот (како и многу други работи на заедничкиот живот на граѓаните на РМ) треба да биде секој ден на ебаниот дневен ред. Туку, за да потсетам дека денес со ова одбивате да ја работите (пак!) работата за буџетот (кој иако не толку важен како и воздухот) ќе одреди многу од тоа што ќе правиме во шупкава од земја, макар тоа и го правеле со дробови полни pm2.5 честички.

Но, ајде, дури и да успеевте да ја бутнете точката на дневен ред: што потоа? Ќе речевте дека дишеме ѓубре? Дека пред 7 години воздухот не бил толку загаден? Што? Што воопшто може да се рече и да се противречи на таа тема? Не дека не е потребна дебата, но навистина од говорница, со реплики, со тропање и глупирање? Можно ли е некоја група на луѓе да е толку кусогледа? Ако можете на ист начин да си ги качувате платите и да си ги простувате казните, па некои други усерувања од земјава да не ве допираат, ваљда не сте тотални идиоти и гледате дека сепак — го дишете истиот воздух и со најугнетуваниот работник во македонските sweatshops.

Затоа да кажеме кратко (и гласно кој колку може): дебатата за воздухот на собраниската седница за буџет е дување пепел в очи на тие пар или неколку луѓе што останаа да следат што се случува со мизерните животи на сите нас. Треба да гризете во собрание за да се прикажа каков-таков отпор кон уште еден глупо-крадлив буџет. А за воздухот, вашето министерство за животна средина во сенка треба да штанца пријави до надлежни органи секој ден, а вашите бизнисмени што загадуваат да ги натерате да купат филтри.

И ред е да си кажеме (да си признаме тапкајќи се по рамо): ова не се случува затоа што во Македонија пак сѐ е business-as-usual: едните демек побаруваат нешто од корист за граѓаните, другите демек одбиваат, се ќарува по некој маргинален поен и си шибаме сите во заборав.

Врамување на сликата

Tags: 

Ова се вестите: Македонија последна во региониот според Индексот за човечки развој.

Она што може да го научиме од вестите е дека земјава имала пад апсолутно во однос на лани и релативно во однос на соседните земји.

Она што недостасува е објаснување што е индексот за човечки развој, па еве го од текстот што се користеше на Економскиот факултет:

HDI опфаќа три аспекти на економскиот и општествениот развој:

1. Индикатори од областа на здравјето и долговечноста кои се пресметуваат врз основа на очекување на траење на животот.
2. Индикатори од областа на образованието каде основни елементи се писменост и просечен број на години на школување.
3. Индикатори за пристапот до ресурсите; БДП по глава жител мерен со куповна сила на националната валута во долари.

При конструирањето на HDI се трга од претпоставката за полидимензионалност на развојот. Негови димензии се: економската, социјалната, политичката, културната, еколошката, духовната и др.

Со други зборови за да паднеш на скалата на HDI, меѓу другото, треба да има пад во индикатори за здравјето, образованието и економскиот раст и развој.

Бесплатно здравство

Tags: 

Ова е повеќе прашање, но да почнам од почеток.

Со последните измени сите лица кои порано не можеле да добијат сини картони, сега можат да добијат. Тоа е добра вест и мило ми е што социјалната држава почнува да функционира во таа смисла.

Сепак и ваквата реформа остава одредена група на граѓани надвор од здравството покриено со сини картони. Имено, ако работите во некоја компанија која поради некои причини не може да Ви исплати плата на време, тоа ќе значи дека нема да имате и сини картони. Вистина има компании кои намерно не ги исплаќаат платите (а со тоа и придонесите), но има и такви кои немаат избор (ако на пример се погодени од економската криза). Не изгледа фер работниците да страдаат поради дивеењето на работодавците или кризата, особено кога неработниците не страдаат поради нивната несреќа или мрза.

Не ги знам точните одредби на новиот закон но, од здравствена гледна точка, можеби е поисплатливо да не работите и да имате картони, отколку да работите (пријавено по сите закони) и да немате. Патем ако работите „на црно“ официјално немате работа, а може да си земете картони.

А што ако работите во некое од јавните претпријатија и не земате плата (и придонеси и картони)? Јавните претпријатија речиси и да не можат да бидат погодени од економската криза, или барем не негативно. На пример, ако кризата ја намалува заработувачката на граѓаните, некои од нив ќе почнат помалку да го возат својот автомобил, а повеќе да се возат со ЈСП, а тоа ќе значи повеќе приходи за ЈСП. Јавните претпријатија се во соптсвеност на државата, градовите или општините и за нивното раководење се одговорни министрите или градоначалниците. Нивните буџети воглавно се полнат со пари на граѓаните. Зошто некои такви претпријатија се во неможност да ги плаќаат платите на своите работници?

Во врска со платите и придонесите, во игра се исто така нови правила. На пример, има казни (можеби и камати) за оние кои нема навреме да ги уплатат средствата. Ми се чини дека рокот е до 15-ти во секој месец. Не знам до која мера се спроведуваат овие, но ако се спроведуваат, а во прашање е државно јавно претпријатие, тогаш во крајна линија испаѓа дека државата сама на себе треба да си плаќа казни, ако менаџерскиот тим кој таа го поставила не успее да исплати плати на време, со пари кои пак треба да дојдат од државата (всушност од граѓаните). Замрсено.

Ова не е само некоја ментална гимнастика. Во Македонија постојат јавни претпријатија во кои илјадници луѓе немаат со месеци земено плата. Штета што не мислеле и на нив кога го носеле новиот закон за здравство за сите.

Како да извадите „патничко осигурување“ од ФЗОМ и други трикови за справување со државната администрација

Tags: 

По написот во „Нова Македонија“ дека „Плаќаат патничко, за да не шетаат по лекари за бесплатно осигурување“, решив да видам што е работата со ова осигурување и така приказнава започнува.

Постапката за добивање на овој документ не е бесплатна. Без да ги сметаме трошоците за превоз од една до друга државна служба, трошоците се 250 денари за мажи, односно 500 денари за жени за потврда дека општото здравје на пациентот е добро. Потврдата ја издава матичниот лекар, а за жените и матичниот гинеколог. Никаков преглед не се случува.

Вашите лекари најверојатно неволно ќе ви ја издадат таа потврда: „Треба да закажете.“, „Кај да барам сега таков образец?“, и тоа ако воопшто знаат дека таква потврда се издава за ваква цел. Се разбира, потоа нема да имаат никаков проблем да ви наплатат по 250 денари за секоја издадена потврда. Од лекар одете право во фотокопир. Ќе ви треба по една копија плус од секоја потврда. Тоа се значи 5 – 10 денари плус трошоци.

Целата работа можете да ја завршите во еден ден, ако станете доволно рано и ако ги погодите смените на сите лекари. Ако не, треба да се подготвите за рано пристигнување 7:30 – 8:00 ч. во подрачната едница на Фондот за здравствено осигурување која што се наоѓа во Тафталиџе (20-тина метри десно на претпоследната улица на десно кога по Париска одите кон Алумина). Со вас треба да ги носите потврдите, копиите, здравствената книшка и сините картончиња.

Патот ве води во левиот влез или левата барака, не сум сигурен дали тоа е еден објект или два залепени еден до друг. Во секој случај станува збор за неугледна барака. Чекалната е полна со луѓе кои чекаат за прегледи за боледување, а ќе забележите и една полица за оставање здравствени книшки по азбучен ред. Тој ред не е за вас. Поминете низ ходникот и свртете десно. Одете до крај и тропнете на вратата што е во чело на крајот од ходникот. На неа пишува „Второстепена лекарска комисија“ или нешто слично. Шансите се дека вратата ќе биде заклучена. Свртете се на десно и ќе ги видите докторите во соседното сопче како разговараат со утринското кафе и цигара. Пушењето и во ваков неугледен објект е забрането, но што е тука е. Откако ќе ве забележат за кратко време некој доктор ќе ја отвори канцеларијата и вашата авантура продолжува.

Докторот ќе ги прегледа вашите документи и ќе ве праша каде патувате. Постои можност да побара и потврда од стоматолог. Ако тоа се случи, имајте спремен одговор дека стоматолозите не издаваат потврда и дека сте се јавиле во фондот и од таму исто така ви потврдиле дека таква потврда не е потребна. Ако дебатата продолжи останете на ова тврдење и понудете веднаш да се јавите на бесплатната инфо-линија на фондот 080033222.

Преглед повторно не се случува. Докторот ќе ве замоли да излезете и почекате додека сестрата не ве прочита. Додека чекате, докторот ги препишува информациите од потврдите од матичните лекари на нов образец. По 15 – 20 минути сестрата ве повикува и ви ги враќа сите документи плус новиот образец. Продолжувате кон уште една испостава на фондот, овој пат кај Црвен крст во Центар, во местото популарно наречено „социјално“.

На влезот, откако ќе пријавите за која цел доаѓате, обезбедувањето ќе ве упати во соба бр. 6, лево по скалите. Вистинската насока сепак е десно во ходникот до шалтер бр. 2. Затоа воопшто не прашувајте каде треба да одите. На шалтерот ќе побарате барање за осигурување за патување во странство. Ќе ви дадат образец што се однесува на службено патување, но не се збунувајте. Пополнете го и дајте го на истиот шалтер за заверка. Со заверениот образец продолжете кон соба бр. 6.

Во соба бр. 6 се изготува двојазичниот образец кој ќе биде потврда за вашето осигурување. Ќе ве прашаат каде одите, дали туристички или не и колку време, и потоа за неколку минути ќе отпечатат две копии од нов образец со вашите податоци на два јазика, македонски и јазикот на земјата во која патувате. Образецот треба да го однесете на потпис во соба бр. 16, лево во ходникот кога ќе излезете од скалите на соба бр. 6 и потоа да го вратите назад.

На крај една копија задржува фондот и една е за вас и приказната за осигурувањето завршува. Ќе ве советуваат да си направите една фотокопија од образецот. Во случај да треба да го дадете на некој лекар во странство, оригиналот секогаш треба да го задржите за вас.

Дали се исплати? Ми се чини дека најскапото осигурување е 1 евро од ден. Така имате 10 евра за 10 дена летување во најблиската осигурителна куќа или туристичка агенција, наспроти 250 – 500 денари, плус други ситни трошоци, плус 6-7 врати во државни служби на различни локации и шетање под жешкото скопско сонце.

Останува да се провери дали амбасадите воопшто го прифаќаат осигурувањето од ФЗОМ, наместо тоа од осигурителните компании.

Зошто да закажувам кога и така чекам 1 час?

Tags: 

Октомври е месец кога одам на редовна годишна контрола за видот. Ординацијата каде одам работи на закажување. Пред две седмици ми закажаа за 14.10.2008 во 13:30 часот.

Вчера стигнав во ординацијата во 13:28 и видов 4-5 луѓе како исто така чекаат. Се пријавив дека јас сум тој од еден и пол и дека сум дојден. Ми рекоа да почекам. Веднаш ќе било.

Не беше. Дојдов на ред околу 14:20, завршив во 14:35. Добив извинување за тоа што сум почекал малку.

Во меѓувреме успеав да чујам пар приказни за гужвата. На пример, дојдена беше една мајка на мало бебе. Дошла и сакаше да се прегледа веднаш (за да не доаѓа пак, да не го остава малото). Иако ова е релативно разумна причина, жената сепак потроши многу повеќе време одошто ќе потрошеше доколку си закажеше, и истовремено потроши време на други луѓе, меѓу кои и јас.

Доколку си закажела и дошла на време, ќе ѝ требале 15-тина минути да заврши, а вака чекаше речиси 1 час.

Претпоставувам дека и другите непланирани чекачи имаат некоја ваква за нив доволна причина да прават турканица, но сакајќи да завршат работа на брзина, сепак чекаа повеќе одошто би чекале доколку играле според правилата.

Вирус, грип, епидемија...

Tags: 

Макфакс ги има вестите дека 1. Куманово паднало болно од грип, 2. Во Македонија има грип, ама не и епидемија.

Вирусот кој одлучил да напаѓа ова зима е Инфлуенца вирус А. Брзо препребарување на Википедија открива дека во оваа група (тип?) припаѓа и опасниот/оспоруваниот H5N1 (Птичји грип) како и некои други типично човечки верзии.

Она зошто почнав да го пишувам ова беше следново. Не се сеќавам ниту еднаш во Македонија (Скопје) да се прогласи епидемија (во зима) или елементарна непогода (во лето), а секоја година според извештаите стигнуваме прилично блиску до границата. Или имаме премногу среќа па во последен момент вирусите/жешките бранови си одат, или информациите кои се пласираат за овие теми не се точни, или надлежните служби од разни причини одлучуваат да не прогласуваат ништо.

Било како било, ми се чини дека општиот пад на квалитетот на животот (пример: HDI од 2005 до 2006 сме паднале 7 места, поточно само 0,001 поен, но тоа веројатно е добар одраз и на стагнацијата) во РМ допрва ќе почне да се гледа токму на вакви некои појави со типичен предзнак на 19 век.

Последен запис во 2006

Tags: 

Едно утро пред неколку недели се будам и почнувам брзо да се облекувам, кога страшна болка во левата рака (дланка) при обидот да си облечам чорапи комплетно ме расонува. Го поминав денот како-така и кога се вратив дома си реков да истражам да не е CTS (Мини инфо на македонски јазик има на Багра: CTS), па отворив многу страници на тема ергономија и компјутери.

Врски на тема Workstation ergonomics од:

IBM т.е. Lenovo

U.S. Department of Labor: Occupational Safety & Health Administration

Stanford University

CDC

healthycomputing.com

Читањето на овие е корисно.

Пар денови подоцна излезе дека баш и ништо не ми е, т.е. дека веројатно сум спиел лошо со раката тој ден, ама барем прибрав некои корисни инфомрации. (Брзо пролистување на страницата на Министерството за здравство на РМ не дава информации на оваа тема на македонски јазик. Можеби законот за информатичко општество треба да опфати и нешто вакво...)

Сепак се надевам дека ќе успеам да паузирам од Интернет и од компјутерот во следниве неколку дена (можеби само ќе го оставам KTorrent вклучен да ми преземе нешто нова музика) и дека ќе се одморам прописно.

Се надевам новата година ќе биде уште повозбудлива за работа со слободен софтвер во Македонија и се надевам дека ќе пропатувам нешто повеќе и покрај визната бариера. (Ех, може требаше да си направам некаков wishlist и да го закачам на блог... :))

ОК. Доста како за последен запис во 2006. (Едно време мислев да пишувам отворено писмо до заедницата ама се премислив.)

И празници се, па еве честитка до сите: среќни празници! :)

Честитка