April 2012

#10години 2с.мк: Заедници што се распаѓаат и раѓаат

Tags: 

Забелешка: Во 2009 година, само пар месеци пред да го отвориме хаклабот, бев на конференција во Косово, каде што одржав презентација насловена: „Заедници за слободен софтвер што се распаѓаат. Што направивме погрешно и како да не го повторите: Приказната на Слободен софтвер Македонија“.

Прв пат го отварам текстот по конференцијата. Ми беше интересно да видам што сум размислувал и пишувал тогаш за нашата заедница. Работите не ми изгледале добро тогаш. Но, кога денес би пишувал на истата тема сигурен сум дека би имал многу посветол тон. Едно е сигурно, од тогаш до денес многу интересни работи се случија во нашата заедница. Највоочливо е што таа порасна. Веројатно најмногу заслуги за тоа одат во формирањето и одржувањето на скопскиот хаклаб КИКА кој стана главно наше сврталиште во последниве неколку години.

Така, како што продолжуваме во десетата година од формирањето на Слободен софтвер Македонија, се потсетуваме и на некои не многу весели времиња за хакерите во оваа наша заедница. Подолу е целиот текст.

Заедници за слободен софтвер што се распаѓаат.

Што направивме погрешно и како (можеби) да не го повторите: Приказната на Слободен софтвер Македонија.

Зошто оваа презентација?

Активностите поврзани со слободен софтвер во Македонија започнаа со огромен ентузијазам и големи планови. За прв пат на конференција во Македонија некој зборуваше за слободен софтвер. Гостинот беше Дејвид Шугар од Фондацијата за слободен софтвер, кој подоцна ги напиша споите впечатоци на страницата на Линукс журнал.

Од тогаш помина долго време и затоа мислам дека на почетокот е важно да кажам дека во изминатите шест или седум години во Македонија се случија многу добри работи поврзани со слободниот софтвер. Ќе споменам некои од нив, но мислам дека другите, пофокусирани, презентации ќе дадат подобра слика за проектите и нивните резултати.

Како и да е, темата на овој текст е темна и грда, и таква е со причина. Во времето на пишување, најбројната поштенска листа одржувана од Слободен софтвер Македонија, со генерална тема за слободен софтвер и локалната заедница има неколку редовни пишувачи. На неделниот собир на заедницата наречен „сподели занење“, се собираат едвај 5 или шест луѓе. Волонтерите се сѐ помалку и помалку заинтересирани за локализирање на слободен софтвер на македонски јазик. Се чини дека работите се во лоша состојба.

Кратка историја на главните настани
Непрофитната организација Слободен софтвер Македонија беше формирана кон крајот на 2002 година. Таа израсна од заедницата на луѓе кои користеа GNU/Linux и придонесуваа на разни начини. Нивната цел баше да направат нешто повеќе со слободен софтвер во Македонија.

Главниот фокус на организацијата во раните денови беше локализирање на слободен софтвер. Слободен софтвер Македонија помогната од компании и други организации организираше неколку преведувачки маратони. Некој од софтверските пакети што тогаш беше локализира, како на пример OpenOffice.org 1.0, беше првиот софтвер од таков тип достапен на македонски јазик.

Потоа дојде политиката. Во 2005 година Владата на РМ потпиша договор за стратешко партнерство со Мајкрософт. Плативме многу пари за лиценци и сите повици на Слободен софтвер Македонија да се погледаат други опции, како веќе достапниот локализиран OpenOffice.org не допреа до политичарите.

И покрај ова, процесот на локализација не запре. Покрај канцеларискиот пакет беа преведени и други апликации, како Mozilla, подоцна Firefox, околините за десктоп KDE и GNOME. Ништо од ова не беше интересно за локалните политичаи. Но, организацијата успеа да го ќари вниманието на меѓународната заедница за слободен софтвер со поплавата од слободен софтвер.

Речиси истовремено, организацијата почна да ги има своите први проблеми. Почна да станува тешко да се соберат доволно луѓе за да се одржи состанок или да се донесе одлука. Ова доведе до промена во структурата, и 2с.мк го прилагоди својот статут по урнекот на Европската фондација за слободен софтвер, со кој се планираше и поефикасна работа.

Меѓунардоното препознавање ја турна организацијата поблиску до поголемите донатори во земјата. Во 2007 почнавме да работиме на проекти со UNDP Македонија и подоцна со UNDP Албанија. А со промената на владата во Македонија, исчезна и преочигледната поддршка за Мајкрософт. Започна имплементација на планови за користење на Edubuntu во училиштата, како и идеи за користење на отворени стандарди во државните електронски комуникации. Локализираниот софтвер почна да се користи во овие проекти.

На крај сепак немаше многу време за прослави. Во 2008 година USAID се вклучи во проектот за Edubuntu и понуди финансиски да ја помогне локализацијата. Претставниците на Американската организација не сакаа да ни да ги чујат, а камо ли прифатат предлозите на 2с.мк. Споед многумина вклучени во активностите поврзани со овој проект, наддавањето беше спроведено на нетранспарентен и нефер начин. Резултатот беше речиси комплетно напуштање на локализациските проекти од страна на волонтерите.

Сите наши грешки и поправки

1. Финансии

Слободен софтвер Македонија никогаш не успеа да добие финансирање за било кој од своите проекти од вообичаените донатори за невладините организации. Без разлика каде аплициравме, добивавме - не. Интересно, други организации успеваа да добијат финансии за слични, ако не и исти, проекти.

Како исклучок, морам да го споменам финансирањето од Владата. Дел од буџетот за проектот за локализирање на слободен софтвер беше одобрен од страна на државните служби. Ова се случи само неколку месеци по фијаското со USAID. Остана неодговорено прашањето дали овие две случки се поврзани.

Но и покрај ова, организацијата ретко беше без пари за да финансира некои од своите активности. Ова воглавно се должеше на нашето учество во други проекти (како тие водени од UNDP) каде некои од членовите добиваа хонорари за својата работа, кои подоцна ги донираа за другите активности на Слободен софтвер Македонија.

Сепак, ова никогаш не беше доволно, и денес сѐ уште 2с.мк е без постојани канцеларии. Најголем дел од времето настаните се одржуваат во гаража што му припаѓа на еден од нашите членови. Опремата што се користи за интернет страниците и друга инфраструктура е еден стар Pentium III. Нашиот главен имот е LCD проектор купен со донации од јавноста.

2. Претставување

Кој или што е Слободен софтвер Македонија и што правиме? Ова е најчестото прашање упатено до нас на секој состанок, и мораме постојано да го одговараме, и најголем дел од времето го одговараме на истите луѓе. Се чини како секој згодно да заборава сѐ што претходно научил за организацијата и нејзините членови.
Понекогаш игнорантноста оди и подалеку. На еден проект воден од странска агенција во кој воглавно се употребуваше слободен софтвер, бевме прашани како воопшто можеме да помогнеме. Се разбира, очигледното поклопубање на името на проектот за слободен софтвер и организацијата за слободен софтвер не беше доволно да се заклучи дека ако биде вклучена 2с.мк може некако да помогне во проектот.

Така, никогаш не успеавме да направиме име или нешто што ќе биде доволно добро да се помисли на нас кога ќе го спремате вашиот следен проект поврзан со слободен софтвер. Ова секако е голем проблем, но од друга страна 2с.мк е една од ретките grass-roots (оддолу-нагоре) организации во Македонија. Повеќето познати организации всушност се дел од некоја друга чадор организација. Се разбира ова нѐ враќа назад на прашањето за неуспешните финансии.

3. Заедница

На крајот, најголемиот проблем според мене е намалувањето на заедницата. Нови луѓе ретко се вклучуваат, а многу од активистите просто си заминаа. Организацијата и заедницата во целост не успеаа да привлечат нови луќе. Од внатре се чини дека нема бариери за влез, но никогаш не се потрудивме да го истражиме ова прашање и да видиме што ги држи луѓето настрана.

Ова е посебно интересно бидејќи употребата на GNU/Linux и слободен софтвер воопшто е порасната. Сепак се чини корисниците не сакаат да се занимаваат со прашањата што ја засегаат заедницата.

Заклучок

Заедницата за слободен софтвер во Македонија не е во добра форма. Останува да се види што ќе се случи понатаму, бидејќи уште неколку луѓе планираат активности што не се поврзани со слободен софтвер во месеците што следат. Организацијата исто така не во најдобра состојба. Како што донаторите си заминуваат, станува сѐ потешко да се види како таа ќе добие подолготрајна поддршка за своите активности.

Сепак, има простор за оптимизам. Се појавуваат нови групи кои се занимаваат со слободен софтвер преку програмските јазици. Додека го пишувам ова, има дебата за здружување за да се обезбеди постојано место за собири на сите овие независни страни.

Вообичаено, по секој поголем наастан има нов ентузијазам. Останува да видиме дали и конференцијата во Косово ќе го има истиот ефект.

Во Приштина, Косово, август 2009 г.

Скопје, ремиксан, брат

Tags: 

Дисклејмер: не сум некој филмски зналац. Ама, ете, сум гледал многу филмови. Исто така, предупредување да не читаат тие што не гледале.

Па го гледав „Скопје ремиксан“. Велам не сум некој филмски зналац, ама можам да кажам еј добар филм - кога ќе гледам добар филм, и едноставно по 2 часа во кино, тоа не можам да го кажам за овој филм.

Сега, не се разбирам во тоа каква се работа со камерата е правена или некои други такви технички детали. Но, мислам и дека тоа не е задолжително за чесен коментар. Од сите филмчиња што се во омнибусот само 2-3 ми оставија чувство на целосен филм, со приказна и слично. Тука се (ги користам насловите од Маклабас го брани Бит-пазар) „Скопски љубовџии“ на Ѓорче Ставревски, кој ми се чини и како најавтентичен од сите, потоа Свиркачот" на Вардан Тозија, кој е фин, но сепак само реинтерпретација на „V for Vendetta“ и до некаде "Опера" на Даријан Пејовски. Сѐ друго, јеби га. Не знам дали би добило и искрени 20 лајка на јутјуб.

Тоа околу филмското доживување.

Сега за уште две работи кои нужно некако одат рака под рака со филмов, бидјеќи, ми се чини, и авторите така сакале.

Прво, тоа е постојаното референцирање на „изгубеното Скопје“. Многу ми е тажно што, ете на некој начин, скопската уметничка оштрица во градов не може да излезе од таа рамка што е наметната од политичката оштрица, а тоа е инсистирање на единственото читање и разбирање на градот. Едните плачат за Скопје од пред-земјотресот, другите за Скопје на Танге, трети... како да не може да има повеќе Скопјиња, повеќе приказни што го идентификуваат градот и неговите жители (што би било и баш постмодерно, ако веќе баш сакате). Така што таа цела „ни го земаа градот“ реторика ми е бљак и мислам дека е прилично надвор од хм, современите текови, ако може така да се рече. Дека таа реторика постои во филмот пак, не е спорно, од постојаното потсетување, речиси документарно, на некои настани и/или времиња што се дел од историјата на градот. Што значи, не можеме да заклучиме дека тоа е дел од фикцијата која филмот (би) ја претставува(л).

Второ, а повразно со првото - секако, се импликациите кон политиката од ваквото презентирање во филмот. Колку и авторите да сакале да покажат среден прст кон политичарите и да испаднат фраери во Скопје со тој свој чин, сепак неспорно и на очиглед е дека филмот е снимен со пари од Македонскиот филмски фонд, кој што пак е во рацете на Владата на РМ, истата Влада што „ни го краде Скопје“. Сега, можеби личи субверзивно што ете македонските млади режисери направиле филм со пари од истата кофа од која се црпи за спомениците или што знам што, но со оглед на тоа дека (веројатно) се дале пари за сценарија кои требало да бидат видени претходно, заклучокот што може да се донесе е дека моќниците и не мислеле дека има нешто страшно во тоа што се кажува - за на пример да треба да се поправи или замолчи.

Ова ме потсети на Асанж-Жижек дебатата од лани, и за дискусијата за цензура. И да го цитирам Асанж: „Секогаш треба да гледаме на цензурата, всушност, како позитивен знак, и обидите за цензура како знак дека општеството не е целосно сошиено, сѐ уште не комплетно фискализирано, туку дека има сѐ уште некоја политичка димензија во него. Односно, дека тоа што луѓето го мислат, веруваат и чувствуваат и зборовите што ги слушаат всушност значи нешто“. Оттука, заклучокот е дека што се однесува до македонските политичари, ова филмско бунтување не значи ништо.