влада

Undefined

Нема подобар пример од оној со автомобили

Tags: 

"Suppliers should give us choice. If I buy a Volkswagen car and the supplier demands that I use only Pirelli tires, I wouldn't accept it. In the software world, we all accept that the supplier limits our freedom. Software is an immature market."

Целата приказна за тоа како 10 холандски градови одлучиле да бараат отворени стандарди ја има на Newsforge: (мртва врска).

А Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис имаат заедничко соопштение во врска со веќе надолго и нашироко пишуваниот оглас (и тендер) на Владата.

Проблемите на Владиниот тендер за обуки за MS Office

Tags: 

Имам потешкотии да го најдам тендерот за обуките на Интернет. Ако се појави во меѓувреме ќе го дополнам текстов.

Еве што вели Законот за јавните набавки* (Сл.весник на Р. Македонија бр. 19/04 од 30.03.2004 година.):

Содржина на тендерската документација
Член 36

(4) Во тендерската документација набавувачот не смее дадените технички карактеристики на предметот на набавката да ги специфицира на точно одредена марка, модел или тип, потекло на производството и слично.

(5) Кога набавувачот не може во тендерската документација да го опише предметот на набавката на начин спецификациите да бидат доволно разбирливи за понудувачите, наведувањето на елементите како што се заштина марка, патент, тип или производителот мора да биде означено со зборовите „или еквивалентно“.

А од друга страна, еве што вели Националната стратегија за развој на информатичко општество на својата 58 страница, во пиларот 2.6 Е-граѓани:

Потребно е да се поддржи употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен кoд како јавно добро кое е достапно за сите граѓани особено преку правото на избор на платформа во формалното и неформалното ИКТ-образование.

* Законот на страницата на Министерството за финансии е во YUSCII (па морав да го пречукам). Законот пак на онаа pravo.org.mk е во некое заштитено PDF од кое што не може да се копира текст. Ај може некогаш ќе им текне дека сите закони, подзакони и сл. (бидејќи се во јавен домен) треба да ги има на едно централно место обезбедено/одржувано од Владата/Собранието каде што сите граѓани ќе имаат пристап до нив.

Што кажува огласот на Владата на РМ за бесплатните обуки за MS Office

Tags: 

Основниот аргумент против одлуката на Владата на РМ бесплатната компјутерска обука која е дел од кампањата „Македонија - земја на информатичари“ е тоа дека Владата не може за една ваква обука да одбере софтверски пакет од еден производител и да одлучи со него да ја спроведе обуката. Нема да навлегувам во објаснувања зошто е тоа проблематично. Наместо тоа ќе се занимавам со еден пример.

Да речеме дека (слично како што вели огласот) денталната хигиена во земјава не е на завидно ниво. Затоа Владата одлучила да направи кампања за луѓето почесто да си ги мијат забите, но и да научат како се прави тоа правилно. За таа цел Владата одлучила да спроведе обуки на кои луѓето ќе се обучат да користат Colgate пасти и четкици за заби.

Ако вакво нешто да се појави во новини, ќе скокнат сите можни субјекти во Македонија кои имаат нешто да кажат за било што. Зошто се одбрал Colgate, па што ако е најпопуларен, чива тетка била увозник на големо за пастите, кој е главен дистрибутер и со која марка комбиња вози низ град...

И видете, тоа се сосема легитимни прашања бидејќи Владата не може едноставно да одлучи дека со парите на граѓаните ќе промовира некаков и нечив производ. Така огласот за кампањата за денталната хигиена веројатно би изгледал скоро исто како замислениот текст погоре, само тоа Colgate би се избришало.

Проблематичниот избор на канцелариски пакет на страна (сите ќе пишуваме уште за тоа), до сега Владата беше критикувана од премногу луѓе дека пука ќорци. Во делот за ИКТ GoodBytes веќе пишуваше за бесплатниот dial-up. Последниов чекор, овој за бесплатните обуки, исто така ми се чини ќе биде утка.

Зошто?

1. Кампањата е со наслов „Македонија - земја на информатичари“.

Ми се чини под информатичари се подразбираат некакви стручни лица. На стручни лица во основа не им требаат основни курсеви за канцелариско работење. Ако треба да станеме земја на информатичари, веројатно потребни се други курсеви.

2. Компјутерската писменост е на ниско ниво.

Јас не знам ниту еден човек кој што нема основни познавања од Word и Excel (како да напише текст, па Bold, Italic, па Enter, Enter, нов ред и сл. а кој што има компјутер. Па дури и самиот оглас констатира дека „неписменоста“ се должи на неможноста да се купат компјутери. Сепак Владата одлучила да дава обуки. Каде е логиката тука? Ако човек нема компјутер дома брзите обуки од Владата ќе му траат не повеќе од 5 дена. Ако има компјутер дома, вакви обуки веројатно и не му требаат.

3. Ќе се делат дипломи!

И тие веројатно нема да имаат никакво значење ако се зема за точно тврдењето на голем број IT фирми дека факултетските дипломи не им значат многу кога вработуваат нови вработени, туку прво ги ценат нивните вештини. Така сигурно смешна ќе биде ситуацијата кога некој посетител на курсот после 6 месеци доаѓа на интервју, го примаат на работа и седнува да работи, а тој веќе не ни знае кај се вклучува Word-от.

Ете тоа може да се прочита од огласот на Владата, се разбира ако човек ги игнорира печатните грешки.

Слични текстови:
Мора ли обука за Microsoft Office? на GoodBytes,
Знај да направиш разлика на Игор Стаматовски.

Интернет не е дел од MS Office

Tags: 

Пред да почнеме да ја напаѓаме Владата на РМ (а ќе почнеме сигурно) за нејзиниот непромислен потег да нуди бесплатни курсеви за MS Office, морам да ја закачам сликата од огласот:

Ако добро забележувате во набројувањето за тоа што вклучува пакетот MS Office стои и Интернет. Можеби некој прво треба да им објасни на луѓето во Владата дека Интернет не е дел од MS Office.

ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?

Tags: 

Вчера (10.12.2005) на едукативната сесија на саем, како претставник на Слободен софтвер Македонија, зборував за замките на неслободниот софтвер за замките на неслободниот софтвер. Ја споменав и Националната стратегија за информатичко општество. Таа, уште на почетокот, во препораките за развој на информатичко општество чита:

За да можат граѓаните на Република Македонија да бидат чинители на информатичкото општество потребно е градење на кохерентни политики за да можат сите сектори да нудат е-услуги коишто ќе бидат унифицирани, стандардизирани, едноставни за користење, независни од софтверска платформа, достапни за сите граѓани без оглед на нивната локација и нивниот социјален статус, имајќи ги предвид потребите на граѓаните, а со помош на ИКТ-алатките граѓаните да партиципираат во целокупните општествени процеси, како и во процесот на донесување на одлуките на локално и на национално ниво.

Гледате: независни од софтверска платформа! Фондот за ПИОМ нуди некоја си е-услуга, дел од е-влада или не знам што. Услугата е софтвер за МППП.

Ќе видите дека овој софтвер не е независен од софтверската платформа. За да работи потребен му е Microsoft Windows 98 SE или понов и .NET Framework. Дали работи со Mono? Секако дека не. Па, што да правиме сега?

Да речеме имам фирма која мора според закон да доставува извештаи за МППП во електронска форма. (Искрено и ова ми е спорно. Не ми е јасно зошто да ме условува некој да ги доставувам податоците во електронска форма, кога можам на хартија. Значи мислам дека и овде треба да имам избор.)

Доставувањето во електронска форма во случајот на ФПИОМ и Р. Македонија значи дека јас немам право на избор. Јас не можам да одлучам каква софтверска платформа ќе користам. Можеби сакам да си користам Ubuntu или Mandriva, или можеби сум посветен корисник на Apple Mac OSX. Тоа не значи ништо. Морам да купам лиценца за Windows XP home (тоа е најевтиното што се продава во нашиве дуќани), за да можам да ги исполнувам задолжителните законски обврски во државава. Значи, трошоците ќе ми се зголемат, а јас не сакам. Сакам бесплатна лиценца за MS Windows XP.

Претпоставувам дека има некоја законска одредба која забранува вакви условувања од државата. Знам дека на времето, во лошиот социјализам, државата имала право да наложи што и од каде да се купува. Немало пазар, се било плански, бла, бла, бла. Во нашава, сега пазарна економија, државата пак сака да ме тера да користам нешто. Пазар бе.

Претпоставувам дека има и некоја законска одредба која забранува потпишување на договори против волјата на една од странките. Ова е многу поважно, ексик нека се парите. При инсталација на Microsoft Windows XP се појавува едно прозорче исполнето со End User License Agreement. Популарната EULA не е само лиценца. Тоа е нешто повеќе како договор кој што корисникот го склучува со производителот на софтверот, во овој случај Microsoft. Microsoft на крајот на EULA напишал дека ако не се сложувам со условите пропишани во неа можам да го вратам производот назад и да си ги добијам парите назад. Јас не се сложувам со EULA. Едноставно не сакам да го потпишам тој договор. Мислам дека ќе биде штетен за мене и мојата фирма. Смее ли некој (па макар тоа бил ФПИОМ?!?) да ме принудува да потпишам договор за кој сметам дека не е во мој интерес?

Се обидов да добијам одговор на прашањето што да правам ако не користам MS Windows. На веб страницата на ФПИОМ поставив прашање пред една недела на кое што сѐ уште нема одоговор. На телефонскиот број за поддршка (15215) љубезната* девојка не можеше ништо посебно да ми каже освен дека на сесиите за информирање било речено дека оние кои не можат да се снајдат треба да си најдат програмери кои ќе им завршат работа и дека за повеќе информации треба да го барам Атанас од ИКТ секторот на фондот. Го барав и Атанас, ама не успеав да го добијам.

Епа тоа. Стратегијата уште не заживеала, а веќе е сериозно поткопана. Е-не може вака!

* Да, во принцип се љубезни ваквите специјализирани служби во државава. Само една работа ме мачи. Разговорот најчесто почнува: „па дечко види вака...“, за кога ќе стане посериозно да се смени: „господине тоа можете да го видите...“. Надвор од темата, ама можеби погодно за некој друг текст.

ПС. Слободен софтвер Македонија има потреба од правен советник. Бараме некој човек што е заинтересиран за прашања поврзани со вакви работи, а кој сака некој дел од слободното време волонтерски да го посвети на промовирање на слободата во работата со компјутерите.

Јавни набавки

Tags: 

Сурфам по Интернет во потрага на некои информации за тендерот за софтвер за ПИОМ што е дел од реформата на пензискиот систем во Македонија. (Можеби ќе пишам нешто повеќе за ова подоцна.)

Сега само (дел од) слика од пребарувањето на Google:

Патем, некој да не има дигитална верзија од изданијата на Службен весник и да е волен да пребара за тој тендер?

Зошто има (C) знакчиња на дното на страниците на државните/владините институции?

Tags: 

Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ 47/96) вели:

Член 5

Како авторско дело во смисла на овој закон, не се смета: идеја, концепција, отркитие, службен текст од законодавна, извршна и судска област и нивен превод, кога е објавен како службен текст (во натамошниот текст: друго дело).

Сурфам значи јас така на ujp.gov.mk и на piom.com.mk, па одам и на vlada.mk и секаде гледам по едно (C). Сега, јас не сум правник, ама колку ми се чини дека овие се од извршнава област и на своите веб страници објавуваат службени текстови.

Веројатно и програмите кои ги снабдуваат истиве т.е. нивниот изворен код се вбројува во службени текстови.

Ама кој следи закони деновиве (годиниве?).

Леб и игри!

Tags: 

Си сурфам јас така прееска по каналите, благо нервозен заради информацијата од мојот кабелски оператор дека баш до мојата улица не стигнал уште Интернет, и ми тенува дека никогаш не одам повеќе од 38 канал.

На 38 ми е Eurosport, а пред него ми се сите други битни ствари, вклучувајќи го тука и Пинк. Така скоро никогаш не стигнувам до 51 каде што се наоѓа Собранискиот канал. Еве, утре да им текне да го скинат, ич нема да ми биде криво - живи и здрави нека се Mythbusters. Значи телевизијата (пред сѐ!) е за забава. Каква поента.

За сите оние кои мислат дека пар Владини услуги достапни на Интернет ќе ги зголемат корисниците на Интернет во земјава им ја пренесувам пораката дека Интернет исто така (пред се) е за забава. Каква новост.

Е-грип

Tags: 

Пред некој ден пратив порака до Министерството за здравство на Р. Македонија. Имаат некоја форма за тоа на нивната веб страница. Пратив најобично прашање за овој птичјиов грип... тоа е тоа, загрижен сум, комшијата чува куп гулаби кои летаат таму-ваму, па можеби можат да закачат некој H5N1...

И еве, неколку дена потоа, сеуште немам добиено одговор. А само некои работи за е-влада слушам, па не знам каков пристап до информации. Тоа.

Каде е македонскиот Windows XP?

Tags: 

Точка 2 од активностите кои Microsoft се обврзува да ги превземе со потпишаниот договор вели:

2. Ќе започне со развој на верзии на Windows XP и Office XP локализирани на македонски јазик, веднаш по потпишувањето на овој договор. Windows XP ќе биде локализиран до 01.07.2004, а Office XP до крајот на календарската 2004 година. Microsoft ќе обезбеди Macedonian Language Interface Packs за сите нови верзии на наведените производи во текот на времетрањето на овој Договор.

Епа, денеска е 12 јули. Точно 12 дена после 01.07 кога требаше да се појави локализираниот Windows XP, а него го нема. Нема воопшто никакви новости за тоа до каде е преводот. А медиумите и Владата се преокупирани со децентрализацијата.

Каде е македонскиот Windows XP?

Pages