образование

Undefined

Приказни од академијата

Tags: 

Денес бев на одбрана на магистерски труд на Филозовскиот факултет.

Ме замолија да направам неколку фотографии за време на бранењето (дека висок и сум се разбирал во апарати). Штракнав што штракнав и кога комисијата замоли да излезат сите надвор за тие да се консултираат за оценката, пред вратата ме пречека разгневена жена (за која подоцна дознав дека била професорка) која ме обвинуваше за фотографирањето бидејќи било непријатно да се фотографира и тоа му пречело на менторот.

И немаше да пишувам за ова ако само неколку моменти потоа жената не запалеше цигара и тоа токму под знакот за забрането пушење со напомена за казнување на тие што ќе ги фатат. Сакав да ѝ посочам, ама ме замолија да не ја расипувам атмосферата на настанот.

Темата на магистерската беше „Етичктите аспекти на менаџментот во образованието“. Колку пригодно.

Патрони

Tags: 

Моето основно образование го завршив во ОУ „Јосип Брзо Тито“. Тоа училиште денес го носи името „Димо Хаџи Димов“. Вчера бев во ретка и случајна посета на ова место.

Чекав внатре за да не стојам на дождот и гледав што има залепено на ѕидовите. Ја најдов таблата со песни и цртежи за училиштето и неговиот патрон. Таму прочитав песни од дечиња кои велат дека „во срце го носат Димо“, „се горди што училиштето го носи неговото име“, „со радост учат за неговата борба“ и слично.

Да бидам искрен не се сеќавам какви стихови се пишувале кога јас бев во осмолетка. Сепак, ми се чини дека една од критиките на стариот систем за кои ма речиси консензус е дека тогаш главите на децата беспотребно и неоправдано се полнелсе со работи за Тито и другите околу него.

Па, се прашувам што е разликата помеѓу „во срце го носам Димо“ и „во срце го носам Тито“, ставени на огласната табла во основно училиште?

Дали е можно идеологијата никогаш да не ги напуштила нашите училишта? Само имињата да се сменети, а се друго да е останато исто? Или пак нормално е песните за патронот да бидат такви, и такви се секогаш и секаде?

Државна матура: еден аршин за сите средношколци

Tags: 

Државнава матура станува хит тема. Денес Вест напишал дека:

И професорите се плашат од матура

"Професорите ни велат да не го избереме нивниот предмет, зашто ништо не сме знаеле и дека ќе ги посрамотиме. А ако, пак, го одбереме предметот, приватно да сме си земале дополнително часови" (Врска.)

Веројатно времето ќе покаже дали средношколските протести и овој пат се водени од политички партии - но што со матурата?

Си мислам дека добра опција е матурата да не биде задолжителна, но да бара учениците кои одлучиле да ја полагаат да мора темелно да се подготват.

Да има тестови од мајчин јазик и англиски јазик (на ниво на TOEFL/IELTS), работа со компјутери и плус 2-3 други предмети - што по избор, што задолжителни. Тестовите да бидат еднакви за сите, на хартија, со компјутерска проверка за да се намали можноста за разни малверзации. Ако вкупната оценка оди најгоре до 10, тогаш оние што ќе имаат најмалку 8.5 добиваат државен ваучер (сите трошоци покриени) за студирање на било кој од универзитетите во Македонија. Значи замислувам да нема државни универзитети воопшто. Сите што имаат над 7 можат да конкурираат на универзитет во сопствена финансиска режија. (Добро, универзитетите можат да прифаќаат и понизок резултат - но клучно е да не организираат свои тестирања).

Државата може исто така да одреди дека за работа во државна администрација (ако не се бара високо образование) потребна е матура со даден резултат. Така и тестирањето во Агенцијата за државни службеници ќе се анулира. Оние кои ќе одберат да не полагаат матура нема да можат да работат во државните служби. Се разбира, државата ќе треба да обезбеди дополнителни тестирања за сите оние кои прво одлучиле да не полагаат или пак не се задоволни од постигнатиот резултат. Но, овие да се случуваат заедно со сите други - на крајот на учебната година.

Што знам. Идејава ми се чини како практична. Можеби некој од Министерството за образование го чита блогов. :-)

Парите или децата? Велес вели парите... :(

Tags: 

Повеќе медиуми ја проследија веста дека општина Велес вовела современ портал за образование. Еве ја кај Утрински: врска.

Една од тие вести кои што ги чув/видов (не знам која точно) тврдеше дека на оваа веб страница децата од училиштата во Велес ќе можат да ги закачуваат своите домашни работи, а професорите ќе можат да ги преземат и да ги читаат. Тоа, меѓу другото, нели „силно ќе ги поттикне процесите на учење и ИКТ-образование“.

И еве сум јас, сурфам на страницава за да видам што направиле. Кликам на врската „Моја страница“ каде според описот можам да гледам лични документи и е-мејл пораки, кога ми се појавува грешка:

Образовен портал на Велес

Баталете секакво промовирање на слободен софтвер. Ако сум одлучил да користам Firefox од било кои причини, јас не можам да ги поднесам своите домашни на новиот сервис на општина Велес. Пробајте да го пренесете ова во физичкиот свет на тетратки и пенкала: домашната да можам да ја предадам само ако користам пенкало и тетратка произведени од некој таму производител.

Веќе ми е досадно да пишувам за проблемите кои што можат да произлезат од партнерствата со Мајкрософт за вакви работи, но мора пак и пак - и еве повторно сме на почеток како никој ништо да не прочитал и научил до сега. Образованието не треба да поддржува/подучува за/употребува неслободен софтвер.

Тажно е што гледаме дека политичарите, професорите и другите одговорни за училиштата ја жртвуваат иднината на децата за да ќарат некој проект и да заработат некој денар повеќе.

На тендер за мнооооооооооогу компјутери и така треба да се јават само производители

Tags: 

Доцнам еден ден, ама еве: вчера го читав интервјуто на Васко Кроневски од МАСИТ за тендерот на Владата на РМ за компјутери за училиштата: врска.

Воглавно г. Кроневски се жали дека тендерот не бил ОК за нашите компании. Впрочем и насловот на интервјуто е таков: „Тендерот за компјутери е нерамноправен за домашните фирми“.

Колку што знам тендерот е за набавка на хардвер. Баш и не ми е јасно зошто се жалат кога тие не произведуваат, туку само препродаваат хардвер. Мене баш ми е логично на тендерот да се јават џинови како Lenovo и HP и да здилаат компјутери по пониски цени одошто оние на ситните трговци.

Компјутерска неписменост или (само) неписменост

Tags: 

Имаше време кога не знаев точно кое e со цртичка е македонското e со цртичка. Значи ги мешав è и é и има луѓе кои ќе го потврдат тоа (иако сега нема да ги кажам нивните имиња (или URL-а)) ;-).

Јас на страна и моето учење на страна, денес патот ме однесе во едно скопско основно училиште. Доба на компјутери е и сите оние работи кои во раните деведесети на минатиот век се пишуваа со убав ракопис на големи хамери (за да можат учениците да ги читаат - нешто како огласни табли или строго наменски пораки), сега се прават на компјутер па се печатат со печатач. Одлично.

Само што сите e со цртичка беа é, значи не онакви какви што Блаже (или кој таму?) рекол дека треба да бидат. И ова е тоа што сите деца го гледаат во пораки од типот: „Знаењето е сè!“

Мислам дека со сигурност можеме да претпоставиме дека овие текстови се пишуваат во MS Windows. Останува да се открие дали таму го има соодветното e, дали професорите, учителите и наставниците знаат дека го има, дали истите знаат како да го искористат ако го има и конечно, дали ја знаат разликата меѓу едното и другото е, т.е. знаат кое е нашето.

Хм, а можеби е подобро овие проверки да се спроведат од последната кон првата..? Или сепак училиштата имаат премногу други проблеми, па време да се занимаваат со вакви нијанси можеби и не останува.

Мухамед и планината

Tags: 

Денес (14.03.2006) јас и Дамјан требаше да одржиме предавање на тема слободен софтвер and beyond на Правниот факултет за студентите од прва година студии по новинарство. Нашето предавање беше одложено. Причината беа двајца гости од САД, новинари кои зборуваа за слободата на говор и одговорноста на медиумите. Ние се сложивме да го преместиме предавањето за идниот вторник и отидовме да видиме што Рене Каплан од CNN и Том Дауни од NYTimes и Rollingstone имаат да кажат. По „службена должност“ на предавањето дојдоа и сите студенти кои требаше нас да не слушаат.

Американциве беа кратки. Зборуваа по околу 5 минути и потоа се надеваа на прашања од публиката - а тоа баш и не се случи. Јас си мислев дека младиве новинари ќе ги посипат со прашања луѓево. Дошле искусни новинари од странство, знаат полно работи за тоа како функционира тој бизнис, работеле сериозни работи и во влијателни медиуми - човек ќе си рече прилично добра прилика за да се ќари нешто повеќе знаење. Но, џагорот од публиката и фактот што јас, Дамјан и нашиот домаќин Миша поставивме 90% од прашањата (и ја спасивме дискусијата :)) некако ми ја потврди тезата дека најголем број од студентите и не се заинтересирани за студиите на кои се запишани.

Попладнево, ние тројца плус Игор млатевме прилично празна слама на темава: зошто луѓето одат на факултет, дали се добри студиите, дали електронската евиденција е оправдана, која е улогата на професорите и родителите итн. (и може некој од нив ќе блогува нешто околу ова).

Но, она што ме мотивираше мене за овој (по се изгледа долг) блогерски запис е коментарот/прашањето на една студентка кој откри некаков анти-американизам, ксенофобија, национализам или нешто слично и кој наиде на одобрување (аплауз) од публиката (или оној нејзин дел кој не си играше со мобилните телефони).

И мислам за ова последниве неколку часа колку што сум дома. Прво не се сеќавам дека на тие години (19) јас сум имал слични ставови (предрасуди?) за американци (или било кои други) иако секојдневието ми било веројатно подеднакво исполитизирано. Второ не можам да поверувам во прикажаната игнорантност и тоа на возраст кога љубопитноста би требала да биде на највисоко ниво. Трето, ова се идните новинари, на некој начин идните „opinion makers“. Каква иднина не чека тогаш?

Еве сме. Дрндаме по блогови, мафтаме со национални стратегии за е-ова и е-она, грабаме кон ЕУ и немаме поим што се случува во главите на нашите тинејџери затворени во плитката бара - македонското општество.

Како кец на десетка ми доаѓа една приказна која ја чув пред некое време. Во неврзан разговор еден ром жали за распадот на СФРЈ. Причината поради која тој жали е отсуството на војници од ЈНА од другите републики на нашава територија. Имено, вели човеков, кога тие биле тука во војска и кога ќе дошле до прашањето секс, изборот често паѓал на девојки од ромско потекло. Ова често водело до (веројатно несакана) бременост, но исходот и не бил така лош. Се мешале и се раѓале побелени деца вели човекот. Сега таа морфолошка карактеристика, очигледно значајна за носталгичниот ром, се изгубила.

Па, прашувам: кој е крив што граѓаните на Македонија седат затворени и не можат да се мешаат никако и со никого?

Не можеме да патуваме (ете, Дамјан ќе потврди дека не можеме ни до Хрватска да одиме). Но, зошто да не повикаме луѓе да дојдат овде? Сите земји имаат визи за нас? Зошто ние да не им возвратиме со укинување на нашите визи за нив? По секоја мерка сме премногу малечки и никако не можеме да си го дозволиме луксузот на самодоволност. И ова можеби е најдобрата причина зошто ни треба (ефтин) интернет и (ефтини) компјутери. Не за е-влада, не за е-услуги, туку за идеи, за проток на информации, за отварање на очите и ширење на перспективите.

Слично како поговорката со Мухамед и планината. Ако веќе не можеме да одиме никаде (од политички, економски или други причини), барем да работиме на тоа светот да доаѓа кај нас (сеедно дали преку влез на луѓе од сите страни или бајти од сите страни), и кога ќе дојде да зборуваме, да мислиме, да прашуваме - бидејќи вака, сами, дефинитивно ќе се изгубиме.

Pages