Компјутерска неписменост или (само) неписменост

Tags: 

Имаше време кога не знаев точно кое e со цртичка е македонското e со цртичка. Значи ги мешав è и é и има луѓе кои ќе го потврдат тоа (иако сега нема да ги кажам нивните имиња (или URL-а)) ;-).

Јас на страна и моето учење на страна, денес патот ме однесе во едно скопско основно училиште. Доба на компјутери е и сите оние работи кои во раните деведесети на минатиот век се пишуваа со убав ракопис на големи хамери (за да можат учениците да ги читаат - нешто како огласни табли или строго наменски пораки), сега се прават на компјутер па се печатат со печатач. Одлично.

Само што сите e со цртичка беа é, значи не онакви какви што Блаже (или кој таму?) рекол дека треба да бидат. И ова е тоа што сите деца го гледаат во пораки од типот: „Знаењето е сè!“

Мислам дека со сигурност можеме да претпоставиме дека овие текстови се пишуваат во MS Windows. Останува да се открие дали таму го има соодветното e, дали професорите, учителите и наставниците знаат дека го има, дали истите знаат како да го искористат ако го има и конечно, дали ја знаат разликата меѓу едното и другото е, т.е. знаат кое е нашето.

Хм, а можеби е подобро овие проверки да се спроведат од последната кон првата..? Или сепак училиштата имаат премногу други проблеми, па време да се занимаваат со вакви нијанси можеби и не останува.