студенти

Ќе има ли погласно соочување: Трибината на Студентски пленум и отсуството на моќните

Tags: 

Кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници

Додека влегувате во амфитеатарот на Филозофски / Филолошки факултет ја забележувате неговата / нивната финансиска моќ. Просторијата не е во добра состојба. Изгледа како да не е кречена одамна, или барем, како прозорците на кровот што треба да даваат дневна светлина да не се во добра состојба, па низ нив капело од обилните врнежи кои што стануваат вообичаени за Скопје. Сите редови освен првите 2 се со дрвени столчиња.

На катедрата како говорници, покрај професорите од Филозофски и Филолошки факултет, седат преставници од ФДУ и ПМФ. Сите професори се од факултети кои не припаѓаат на големиот бизнис со / во образование(то). Филозофски и Филолшки делат зграда и дури ни заедно не можат да имаат реновиран амфитеатар, како на пример што Економски факултет имаше уште во 1999 год. ФДУ е сместен во бараки, кои колку и да се топли и полни со дух од уметничкиот живот, се крш. ПМФ е факултет кој по сплетките со Институтот за информатика и неговото реформирање во ФИНКИ го изгуби главниот извор на приходи, па професорката Прелиќ нѐ потсетува дека сега немаат пари ни за хемиски реагенси.

Сето ова е слика на средбата на помалку привилегираните факултети и на оние кои, барем во академскиот ред, немаат речиси никакви привилегии — студентите. Дури и претставниците од професорскиот ред на некој начин беа „the usual suspects“ — Вилиќ, Ванковска и Бојаџиевска, па дури и Цуцуловски пред да се пензионира, се чести лица во јавното зборување за разни проблеми, па и универзитетските.

Ова не го пишувам за да ги критикувам овие факултети или присутните професори, туку за да додадам контекст во трибината што ја организираше Студентски пленум:

Колку и да беше прецизно и јасно правното излагање на Костантин Битраков, тоа ќе беше помоќно ако покрај него зборуваше и професор од Правниот факултет. Вилиќ убаво напомена дека веројатно во министерството немаат правник како Костантин, но имаат ли на Правен?

Понатаму, кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници. Веројатно најбогатиот и најмоќниот (и најбројниот по студенти?) факултет молчи. Исти се резултатите и за Архитектонски и Медицинси факултет…

Колку што знам (немам facebook, тешко ми е да проверам) Филозофски/Филолошки се единствените два факултети на УКИМ што дозволиле употреба на просторија (а тоа да не е холот/аулата) за одржување на активности на Студентски пленум, иако студентите знаат дека никаква посебна дозвола за тоа не е потребна (ако добро запаметив од трибината: член 157 од Законот за високото образование).

Прашањето оттука е — кога ќе се соочиме со помоќните факултети и нивните помоќни професори?

Окупирајте ги кампусите. Сите.

На Окно: http://okno.mk/node/43142

На НоваТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=18950

Цензура е кога не можеме да кажеме „ало“

Tags: 

„Кога вистината е заменета со тишина, тишината е лага.“ — Евгениј Ефтуштенко

На 10.12.2014 год. за време на вториот студентски марш во Скопје во определен период немаше мобилни мрежи.

Во неговото известување Т-Мобиле инсистира дека имало техничка грешка, што секако влијаело и на функционирањето на другите оператори. Од друга страна, многумина се посомневаа дека станува збор за намерен прекин како последица на притисок или барање на Владата на РМ. Но, причините поради немаше мобилни мрежи во моментов се помалку важни.

Тоа што е важно е дека како последица на прекинот во Македонија за време на студентски протест се случи цензура. Цензурата по дефиниција е потиснување на говор или друга форма на комуникацијаhttp://okno.mk/node/43044

Идеи за Студентски пленум

Tags: 

Да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист.

Обичај е по секое поголемо случување сите да напишеме по нешто за тоа, па така и овој пат за студентските протести против екстерното тестирање.

Сакам да ги ставам во втор план дебатите за тоа дали протестот е политички и дали студентите си го следат својот краткорочен интерес. Одговорот на двете е — да, но овие дебати се парализирачки. Студентите, како и сите млади луѓе, ќе научат.

Наместо тоа сакам да предложам неколку практични идеи што би можело да се спроведат во деновите што следат.

Прво, најочигледното, студентите може да го заземаат „јавниот простор“ на интернет. На твитер тоа се хаштаговите. Имате дебата на пример за #твитернагради и во неа (т.е. со тој хаштаг) вие твитате за студентскиот протест. Лесно е и безбедно. Додава видливост. Може да добиете само малку хејт од интернет.

Второ, студентите може да постават штандови на влезот на УКИМ и да делат на другите студенти флаери со содржина „Добредојдовте во автономната зона, вашите дипломи вредат исто толку колку и на професорите/пратениците/министрите.“

Трето, студентите може да се обратат до своите професори и управата на факултетите: формално преку архивата да побараат информации во врска со екстерното тестирање. Се разбира целта не е да се добијат информации, туку да се затрупа службата со барања; понатаму, студентите можат тивко да го бојкотираат наставниот кадар со „што ќе ве слушаме, и така ќе имаме екстерно“.

Четврто, студентите може да го окупираат јавниот превоз. Автобусите на ЈСП се како подвижни огласни табли. Може да се качите во 5-ка и да се возите од едниот до другиот крај на градот, а на прозорците да поставите хамери „Слободен превоз“, „Превоз на студенти на екстерно“, „Проект на Владата на РМ“ итн. Направете го во вторник и петок и како бонус оставете ги пензионерите на улица.

Петто, студентите може да шетаат низ град како човечки реклами. „Имам екстерно - барам работа“ или слично.

Шесто, и за ова не знам дали е возможно, т.е. дали системот е ист како порано, но студентите може да освојат место во некој студентски парламент од помалите факултети, како на пример ФДУ.

Седмо, студентите може да ги најдат професорите во пензија и од нив исто така да ја побараат поддршката.

На крај, разни настани, приредби, музика, театар, ад-хок активности низ градот. Мислам дека не мора да се објаснува.

Целта на сите овие е да се освои медиумскиот простор кој што е строго контролиран и да се добие нужната поддршка од академската фела.

Останатите, ние што не сме студенти, можеме да помогнеме со:

1. присуство на протестите;
2. пишување до нашите факултети (јас планирам да му пишам на факултетот и да го прашам дали треба да полагам екстерно, што се случува со мојата диплома, итн.);
3. помош за пристап до медиуми или други ресурси.

Протестите може да не успеат, но да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист. Прво да му помогнеме да порасне.

Зошто „Гоце Делчев“ нема да го спасат студентите што живеат таму?

Tags: 

Привилегија е зборот што се чита кога ги читам сите коментари за „Гоце Делчев“

Сум бил во „Гоце Делчев“ два пати. Тоа беше помеѓу 2002 и 2004. Уште тогаш ситуацијата во домот беше очајна. Не се сеќавам точно, но ми се чини дека луѓето што ги посетив тогаш, доаѓаа порано затоа што мораа да најдат соба со некакви подобри душеци — веројатно некои на кои што може да се спие. Потоа ги преместуваа душеците од таа соба во нивната која што, ако воопшто имаше, имаше душеци од кои висеа федерите.

Несомнено, ситуацијата денес е полоша одошто што била пред 10 години. Но, факт, ситуацијата и во 2004 беше очајно лоша по било кој стандард. И факт, секој кој имал барем некаков познаник од факултет со кого скршил бар два лафа муабет знае за ова без разлика дали ги видел дистописките слики на ентериерот или не. Со други зборови ова не се вести.

А сега, еве уште нешто што не е вести: студентите што се во „Гоце Делчев“ најверојатно нема да се побунат за ситуацијата во која се наоѓаат. Не се побуниле ни во 2004, ни во 2007, ни во 2010… Во суштина назад сме на дискусијата за привилегија и во крајна линија неможноста на тие што се во привилегираната група да го препознаат тоа и да понудат солидарност.

За сите од Скопје, обидете се да сетите дали некогаш сте спиеле на душек од кој федерите бодат нагоре во вашето торзо. Или замислете дали можете да живеете со стотина евра месечно? Под претпоставка дека студентите плаќаат 55 евра за сместување во „Гоце Делчев“ и добиваат некој сличен џепарац од дома. Споредете го тоа со вредноста на леглото во просечен скопски дом, ручеците на мама и искачањето на кафе. Позицијата на децата што престојуваат во „Гоце Делчев“ практично е незамислива за било кој што се вклопува во скопскиот профил. Така, мора да ни биде јасно дека во „Гоце Делчев“ се најсиромашните наши сограѓани. Тоа се деца чии што родители немаат роднини во Скопје, немаат стан во Скопје, немаат пари за кирија за стан во Скопје или било која друга варијанта. Од дома веројатно се пратени со мислата дека во Скопје треба да учат, за да завршат и да најдат подобра работа за подобар живот. Никој таков човек нема да ја ризикува таа шанса затоа што другата опција е враќање назад во сигурна сиромаштија.

Затоа всушност повиците за тоа студентите од „Гоце Делчев“ да се организираат и сами да си помогнат се цинично ликување од класата што може да си помине (и/или си поминува) подобро. Вистинската помош треба да дојде во форма на протест на колегите кои имаат повеќе. Институциите да се напнат преку луѓето кои им се поблиски на тие институции. Со други зборови — да се покаже солидарност. Потоа сиромашните студенти ќе се придружат, а и да не се придружат —обидот да им се помогне ќе си фати свој тек. Сите други варијанти се игнорирање на фактичката ситуација и замижување пред класниот јаз.

Секако, ова не значи дека меѓу 1200 деца во „Гоце Делчев“ нема некои што се целосно свесни за ова. И тие можеби можат да застанат во првите редови. Сепак, редовите зад нив мора да ги пополни „средната класа на Скопје“.

Бесплатни индекси и студентски легитимации

Tags: 

Којзнае дали претставката што ја испраќавме (ping @igor_stama) имала некоја улога (види овде и овде), но УКИМ од оваа академска година не наплаќа за индески и студентски легитимации.

Патем, и малку оф-топик, јас одговор на претставката никогаш и не добив иако според Законот за постапување по претставки и предлози (Службен весник на РМ бр.82/08 од 8.07.2008 год.) треба да добијам одговор во рок од 30 дена:

Член 9
1) Органот кој постапува по претставките и предлозите е должен да му одговори на подносителот за основаноста и за резултатите од постапувањето во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од приемот на претставката, односно предлогот.

Изгледа треба да го барам студенсткиот правобранител.

Претставката до УКИМ 30+ дена подоцна

Tags: 

Сѐ уште не сум добил ништо во сандаче (што е приказна сама по себе), но штом Игор Стаматовски добил одговор, значи дека УКИМ сепак ги испочитувал роковите.

Под претпоставка дека и јас ќе го добијам истиот одговор, еве краток коментар:

Одговорот на претставката е непотполн и неуверлив.

1. Непотполн затоа што не објаснува што со другите обрасци - семестрални листови и сл. што не се пријави.

и

2. Непотполн затоа што не објаснува кој, каде и како го регулира целото ова прашање.

3. Неуверлив затоа што го третира прашањето за фалсификување на образецот како поважно од прашањето за фалсификување на содржината на образецот.

и

4. Неуверлив затоа што не објаснува како и зошто трошоците за образецот се 30 (а не 20) денари?

На крај, одговорот укажува на тоа дека пријавата е единствениот валиден доказ за положен испит. Ова отвара дополнително прашање за тоа како факултетите без многу мислење издаваат „дупликат“ пријава кога оригиналот ќе се загуби.

Останува да го добијам одоговорот испратен до мене за да одговорам.

Претставката до УКИМ 15 дена подоцна

Tags: 

Денес е петнаестиот ден откако ја доставив претставката до УКИМ. Тоа е првиот рок што го остава Законот за одговор на претставки, а и две недели се добар период некакво сумирање, па еве преглед на тоа што до сега (знам дека) се случи.

Како повторување, целта на претставката е универзитетот да ги направи достапни на интернет обрасците за комуникација со него и тие да бидат бесплатни. Постојат неколку причини зошто сметам дека досегашната практика на УКИМ е погрешна: 1. Колку што ми е познато ниту една друга државна институција не наплаќа за обрасци; 2. Цените се високи, а обрасците се наменети за група на граѓани што во прицнип се смета за сиромашна; 3. Цените се арбитрарно одредени, т.е. не ја одразуваат вистинската цена на чинење на хартиите и печатењето, што некако мириса и на комерцијален потфат околу печатењето и дистрибуцијата на обрасците.

Обрасците и сѐ околу нив е во надлежност на универзитетот што значи нивната судбина е во рацете на универзитетското автономно донесување одлуки.

Сите овие поенти се вклучени во текстот што на хартија го доставив до УКИМ и потоа го објавив на интернет со цел некој друг студент што исто така смета дека начинот на кој што мора да се дојде до пријави е погрешен да достави претставка до архивата на УКИМ.

За претставката го известив студентскиот правобранител, пред сѐ за тој да биде информиран и во тек. Човекот се покажа како коректен и разменивме неколку пораки за евентуалното негово службено вклучување во постапката. Како што му реков и нему, во моментов не мислам дека службено вклучување на студентскиот правобранител е нужно, но го поканив како студент да ја испрати претставката до УКИМ ако лично се согласува со тоа што во неа го пишува.

Исто така ги контактирав луѓето од Слободен индекс да испратат претставки. Колку што може да се заклучи од разменетата е-пошта, тие како група одлучија да не испраќаат претставки. Исто така, претставкава (или нејзините цели), колку што ми е познато од тоа што читам, не е интересна на уште една група - Академска слободна комуникација (чија поштенска листа за жал е затворена за јавност). Признавам, не сум ги прочитал мисиите на двете групи за да знам дали нешто вакво може да биде дел од нивната работа. Затоа само пренесувам што се случило, и не судам дали тоа е исправно или не.

Сите овие активности го привлекоа вниманието на уште една група - професорите кои се обединети околу списанието VoxAcademica. Нивна желба е во следниот број на списанието да отпечатат нешто во врска со темата користејќи ги текстовите што се објавени на овој блог. Јас се согласив со нивниот предлог.

Исто така, приватно бев информиран дека целава работа привлекла многу like-ови на Facebook. Не сум видел ништо од тоа бидејќи немам сметка таму, но и така и вака фејсбук активизмот не е нешто што е посебно интересно.

Сѐ на сѐ, колку што ми е познато, до овој момент ниту една друга личност што е студент на УКИМ не испратила копија од претставката до универзитетот.

Поздрави и честитки

Tags: 

Пред некој ден ги поканив колегите од Слободен индекс да се придружат во испраќањето претставки. Подолу е одговорот што го добив.

Па бидејќи е такво времето, да ја искористам оваа прилика да ги поздравам сите што ме читаат.

Претставка до УКИМ за пријавите и другите обрасци

AttachmentSize
Plain text icon pretstavka-ukim.txt5.38 KB

Tags: 

Денес до УКИМ доставив претсавка во врска со цените на обрасците и нивната можна идна дистрибуција бесплатно на интернет - прашања што ги истражував пред десетина дена: http://novica.softver.org.mk/node/596. Во основа тоа е истиот текст од блогот. Мојата адреса е замаглена, и копија испратив по е-пошта до правобранителот на студентите за човекот да биде во тек. Слики подолу.

Според Законот за постапување по претставки и предлози (Службен весник на РМ бр.82/08 од 8.07.2008 год.) треба да добијам одговор во рок од 30 дена:

Член 9
1) Органот кој постапува по претставките и предлозите е должен да му одговори на подносителот за основаноста и за резултатите од постапувањето во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од приемот на претставката, односно предлогот.

Не знам дали една претставка може да смени нешто. Но, бидејќи пријавите и другите обрасци се во надлежност на Универзитетот, ова е шанса за сите студенти што мислат дека 50,00 денари за семестрален лист е погрешно да се придружат со достава на оваа или слична претставка до архивата на Универзитетот (зградата на Ректоратот, четвртата врата десно). Така, можеби 100 или 200 претставки ќе сменат нешто.

Го прикачувам мојот текст на овој запис во случај некој да сака да го искористи.

Дополнето: Ако патот не Ве води до Бит-пазар, претставката може да се прати прати по повратна пошта. Повратницата како доказ дека Универзитетот го примил писмото.

Дополнето 12.04.2011 година: Одговорот од студентскиот правобранител.

Не, ние сме добри пријатели

Tags: 

Има што да се учи од холивудските филмови: Во „Јасна и присутна опасност“, Џек Рајан го советува американскиот претседател да не негира дека бил пријател со убиениот соработник на картелот во Колумбија. „Кога новинарите ќе прашаат дали сте биле пријатели“, вели Рајан, „речете им: не, бевме добри пријатели. Така ќе нема што да прашуваат“.

Ова е одлична лекција за „Слободен индекс“. Кога некој новинар ќе ги праша дали се од СДСМ, нека му одговорат дека не се од СДСМ, туку од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, ЛДП, НД, ЛП, НСДП (и кој има уште таму?!). Тогаш ова глупаво прашање ќе биде затворено и дебатата за вистинските нешта ќе може да започне.