За изборот и изборите

Tags: 

Има, нормално, две гледишта за изборите што ја чекаат Македонија во јуни.

Првото е тоа на владеачките партии и воглавно граѓаните кои се нивни поддржувачи. Нивното гледиште може да се сумира вака: Изборите се нормална работа во една демократска држава и опозицијата има секакво право да бара избори. Ако владата е сигурна во своето добро работење, како што е во случајов, тогаш изборите ќе бидат уште една потврда за тоа. Опозицијата може да се лути или да негодува, но секој што губи има право да се лути, а кај нас посебно затоа што тој некој губи во континуитет и патем има потврдено лоша репутација. Сепак и таквото негодување и разногласие не треба да биде чудно во демократија. Сѐ на сѐ политичкиот живот продолжува.

Второто е тоа на опозициските партии и воглавно граѓаните кои се нивни поддржувачи. Нивното гледиште може да се сумира вака: Ова не се само уште едни избори. Ова се „изборите“. Се одлучува за иднината на земјата. Моменталните владеачи ја довеле државата до пропаст со расипничко однесување, злоупотреби на моќ и други јасно одредени практики на лошо владеење. Значи ова не се избори што се вообичаена трка за освојување на власт, туку се избори за спасување на државата што се наоѓа на работ на бездна. Лошото владеење мора да заврши овде и сега и граѓаните, а посебно оние неопределените, треба да го завршат својот дел од работата. Во спротивно, најмалку што треба е да им биде јасно дека одговорноста за мрачната иднина што следи ќе биде (и) нивна.

Првото гледиште не бара дополнителна анализа – барем за мене. Можеби можеме да дебатираме за некои работи од начинот на кој партиите ги третираат своите изборни соперници, јавните настапи и слично. Но, тие остануваат прашања од втор ред (и се дел од изборното шоу), ако веќе се согласуваме дека изборите се „business as usual“.

Од друга страна, второто гледиште бара барем малку анализа. Прашањето овде не е дали е во ред човек да има гледиште дека државата е пред бездна и работите мора да се сменат. Прашањето, исто така, не е дали може да се приберат факти што можат да го поткрепат таквото гледиште и да се искористат за придобивање на потенцијални гласачи. Туку, прашањето е дали, ако сето тоа е навистина така, човек поседува вредности кои се предуслов или гаранција за да ги смени работите.

Да го илустрираме ова со пример: Ако од опозициската говорница ја критикувам Владата бидејќи од Законот против дискриминацијата ги изоставила хомосексуалците, прашањето е дали моите вредности се такви што хомосексуалците во Македонија ќе ги добијат сите граѓански права штом бидам избран, или пак моето критикување е само заради критикување? Тоа што на јавноста ѝ се познати нормативните ставови на актуелната власт во врска со ова прашање, може да ме стави „во тесно“.

Добро, можеби ова е маргинално прашање – сепак допира малубројна група граѓани. Што правиме со другите посеопфатни прашања што ги допираат сите? Полициска држава, надгледување на граѓаните, лустрација, контрола на буџетското трошење? Кои се вредностите од кои човек од опозицијата поаѓа во врска со овие прашања? И, ако има такви вредности, зошто не се преточени во предлог-закони што ќе бидат изгласани на првиот работен ден на новото собрание? На пример, закон со кој сите тајни досиеја ќе се стават на интернет?

Сега, зошто се вредностите важни? Ако опозицијата тврди (а тврди) дека власта е авторитативна и има поставено и разработено механизми за замолчување на новинарите, за местење на тендери и избори, за неодговорно трошење на буџетски пари, за богатење на партијата итн., тогаш таа треба да докаже, или барем да покаже, дека штом ќе дојде на местото на власта, ќе има од каде да тргне – од своите вредности – за да го промени сето тоа. Во спротивно, личи како опозицијата да сака да ги обуе истите авторитативни чизми што ги овозможуваат сите критикувани работи и реката, малку – колку што има време, бидејќи државата е пред бездна, да ја сврти на својата воденица.

Признавам, не сум претерано добар во политички анализи и многу порадо би пишувал за опасностите од ACTA, но дефинитивно би прочитал текст од некој постручен за вредностите на оние луѓе од опозицијата кои имаат прилика идеите да ги спроведуваат во дела, пред сѐ во општините.

2 Comments

Одличен пост Новица! :) Ме

Одличен пост Новица! :)
Ме мотивираш да го објавам текстот кој го напишав пред неколку дена, а мотивирана од истата „општествена“ појава само преку поинакви примери :)
Една политика треба да се базира на иницијативи, ставови, вредности- СОПСТВЕНИ. А не (само) на противречење на туѓи (колку и да биле забегани ко што се овие на позицијата) и чекање на готовс нечии нови грешки за да се исплукаат. Акција, не млитава реакција.