Репринт: избори '08

Tags: 

Кога бев мал баба ми ми раскажуваше приказни за да ме заспие. Сеуште се сеќавам на некои од прикзните, додуше во груби црти.

Една од нив е онаа за овчарот кој (не знам од кои причини) неколку пати по ред крева лажна узбуна дека волк го нападнал стадото овци. Добрите соселани неколку пати пристигнуваат да помогнат и констатираат дека момаков лаже, дека џабе трчале во ноќта до трлото, дека рогозинските ритуали им се прекинати без потреба. Така тие донесуваат колективна одлука од типот: кој го е*е овчарот. И како што обично бива (во народните приказни), следниот ден (ноќ) стадото навистина е нападнато од волк. Овчарот вика, писка, урла, бара помош тра-ла-ла... а соселаните ги нема нигде.

Кои се можните поврзаности на нашите избори со оваа приказна?

1. Овчарот се партиите. Селаните се гласачите. Овците се Р. Македонија. Партиите, секои 2, 3, 4 години, викаат да се гласа заради икс (важни) причини, и:
а) лажна узбуна е, гласачите ќе го проѕрат тоа и ќе останат да си гледаат фудбал;
б) гласачите ќе улетаат на уште една лажна узбуна;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама гласачите поучени од претходните лажни узбуни одлучуваат да го игнорираат овчарот.

2. Овчарот е ЕУ, НАТО, Меѓународната заедница. Овците се граѓаните на Р. Македонија (затворени во котар). Селаните се партиите кои дотрчуваат на секој повик на овчарот, и:
а) лажна узбуна е, изборите немаат никаква врска со иднината на овците, селаните веќе го сконтале тоа;
б) лажна узбуна е, ама селаните (партиите) не го сконтале тоа;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама партиите имаат попаметна работа.

3. Овчарот се граѓаните, овците во котарот се Р. Македонија. Волкот се партиите и другите елити, вакви или онакви кои мама ебаваат наоколу, селаните се меѓународната заедница и:
а) лажна узбуна е, ѓраѓаните само викаат помош ама немаат вистинска намера да си ја спасат татковината, имотот, достоинството... или што и да е тоа што им значи во трлото, селаните доаѓаат џабе;
б) лажна узбуна е, меѓународната заедница го знае тоа и не аби чевли по брбушки;
в) волкот е во трлото, меѓународната заедница (цел свет!) е во Минхен.

Ех, веројатно може да се смислат уште две-три сценарија - можеби и некое пооптимистичко: сите стејкхолдери ја знаат прикзнава и пораката која од неа треба да се извлече, пркнува работава и така натаму... но, можеби и волкот одамна го измезил ова трло, а приказната ја раскажуваат мршите и разрушените куќарки. Никој не знае што се случило со овчарот и неговите соселани.

П.С. Овие избори би биле шанса да им се удри шлаканица на забрефтаните конзервативци кои одлучија да регулираат полно работи во општеството изминативе години и да чепкаат во граѓанството. Би биле, бидејќи не гледам кој ќе им се спротистави.

П.С.2. Да нема забуна ова е репринт од Избори '06. Минхен е во оригиналниот текст, бидејќи таму беше финалето во светското во фудбал. Случајно, европското оваа година почнува на 7ми јуни. :-)