February 2013

Rant за пост-24.12-Македонија

Tags: 

<rant>

Опозицијата нема да оди на локални избори во март 2013 г. Па што? Нели опозицијата, посебно нејзниот предводник СДСМ и посебно главниот во СДСМ Бранко Црвенковски се најголемото зло што некогаш ја снашло Македонија? И сега тие се откажуваат. Па тоа ти е како Саурон да речеше: - „Еј ОК, другари хобити, елфови и други одам јас да мачам други луѓе“. Нели, опозицијата со тие позиции што ги имаше, и контакти и врски и влијанија беше најголемиот кочничар на напредните реформи на Владата и другите државни институции? Па решиле да се распуштат и тоа му доаѓа како колективната свест на Боргите да престанала да работи. Што може да биде лошо во тоа? Ако најниските од најниските, ѓубрето од целиот универзум решило повеќе да не се бави со активности во македонското општество, тогаш зарем не треба да прославуваме? Не е ваљда дека сакаме да кажеме дека грст луѓе се опасни и штетна и кога се во системот и кога е надвор од него? Не е ваљда дека сакате да кажеме дека грст луѓе се појаки од цела држава со сите граѓани, политички партии, полицајци и други органи?

Покрај тоа, опозицијата, осебно нејзниот предводник СДСМ и посебно главниот во СДСМ Бранко Црвенковски се најголемите лузери, нели? Мислам губеа таму 3-4 избори по ред. И сега уште муабет да се троши на нив. Па гледал ли некој филм во кој квотербекот и најјаките фудбалери, додека ги муваат чирлидерките, зборуваат за тоа како таму на часот по хемија двајца нрдови се скарале? Јас не сум гледал таков филм. Кој е тој филм?

Популарните метафори на страна, ако нешто е сигурно, повлекувањето на СДСМ (ако навистина остане така на среден рок) ќе значи уште потешка работа за сите полиберални луѓе, групи и организации во земјава (tough luck хех). Затоа што колку и да се овие зли и лузери, сепак нема никаква гаранција дека бришаниот простор сам од себе ќе роди помалку зла и помалку лузерска опција. Некој ќе мора да се избори за таа. А на празен простор, конкуренцијата е поголема. Но тоа е битка која треба да се очекува малку потаму во иднината. Така што кога ќе се заситиме од цинизмот, можеби ќе почнеме да се спремаме за тоа.

Но до тогаш, останува да го одговориме прашањето за тоа што ќе правиме со тие што одат на избори. Ако не сме со комплетно испран мозок и ако малку останало од когнитивните способности, тогаш треба да се помачиме и да најдеме одговор на тоа кој се потпиша и стави печат на сите кредити за задолжување (ваљда некој не му го „позајмуваше“ државниот печат на Бранко еј?) или на тоа кој ги купуваше телевизиите и весниците (ваљда не му ги шитнаа на Бранко за да го турне низ брдо тој рејтингот на новинарски слободи) или на нешто трето - кому како му се поважни прашањата.

ok pozz.

</rant>

Зошто ме мафтаат во НЛБ Тутунска банка и зошто Централниот регистар на Р. Македонија наплаќа провизија на пос-терминали?

Tags: 

Првото правило на пос-терминали е дека не може да се наплаќа различна цена т.е. дека било кои трошоци да постојат тие ги плаќа корисникот на терминалот, а не лицето што плаќа. Барем така велат во банка кога ги кажуваат предностите на поседување на картичка за безготовинско плаќање.

Тогаш на сцена стапува Централниот регистар на Р. Македонија кој за своите услуги одлучува да наплаќа провизија доколку плаќањето се прави на пос-терминал. Тоа всушност е провизијата што ЦРМ инаку би требало да ја плаќа кон банката за остварената трансакција. И бидејќи слипот од таква транскакција изгледа невообичаено, јас се упатив во НЛБ Тутунска банка која ми издала VISA картичка, за да прашам како смее тоа да се случува и каде да се пожалам.

Следната сцена е во централата на НЛБ каде службеникот на мојата поплака ми одговара со објаснување дека согласно новиот договор на Владата со банките на сите пос-терминали што се наоѓаат во државни институции ќе се наплаќа таа провизија. Тиња еј си велам кој договор, ама ако се договориле така што да се прави.

Но ете, следна сцена Агенција за катастар на недвижности на РМ и таму не неплаќаат провизија на пос-терминали?!
Останав збунет откако си ги зедов слиповите од катастар.

Што се случува значи овде? Прво, можно во НЛБ Тутунска банка не ми ја кажуваат целата вистина кога ми велат дека има „договор за провизии за сите државни институции“. Тешко е да се замисли таков договор што го исклучува катастарот. Таму само за провизии дневно може да се ќарат добри пари. Второ, можеби воопшто да нема договор, а службеникот на НЛБ Тутунска банка најде само лесен начин да ме отшета по моето комплицирано прашање. Можеби сето тоа беше наједноставниот пат до помалку работа дента. Трето, можно е ЦРМ на своја рака и од позиција на моќ да ја прави оваа наплата на провизии (и да ги крши правилата на VISA). А сите молчат за ова, бидејќ сепак да се закача ЦРМ не е мала работа.

Било какво објаснување е добредојдено.

Влијателен?!

Tags: 

Па, денес ја добив следнава порака од Владимир Поповски:

Zdravo,porakava e od Vladimir Popovski urednik vo MTV sektor Vesti...Procitav nekolku statii za vas i za vasata rabota i zatoa bi sakal da bideme vo komunikacija i se razbira koga ke ima nesto znacajno povrzano so vas bi sakale da ja izvestime javnosta vo Makedonija.Bi bilo dobro koga ke doagjate vo Makedonija da dogovorime gostuvanje vo MTV.Vo MTV vo ovoj period se slucuvaat promeni uveren sum kon podobro,ja obnovuvame programata i tehnikata i se nadevam za kratko vreme ke bideme vistinski nacinalen servis;.Zatoa atraktivni gosti i ekskluzivi ke ni bidat predizvik,Pozdrav i sekoe dobro...

Не знам кој е Владимир, но Google враќа информација дека некој Владимир Поповски сепак по затварањето на А1 станал уредник во МТВ.

Еве го мојот одговор:

Здраво Владимир. Ми се чини дека имате пишано на погрешна адреса. Пред сѐ јас живеам во Скопје, а понатаму - ништо значајно со мене не се случува. Се надевам ќе го најдете вистинскиот соговорник и Ви посакувам успех во работата. Поздрав.

За банкетот на знаењето – во чест на Арон Шварц

Tags: 

Некаде во август 2010 се наоѓав на универзитетски кампус во САД. Бев на гости и со лаптоп, па додека читав статии на google reader кликнав на вест што во себе содржеше врска до истражување на употребата на социјалните медиуми од страна на ИТ гигантите во рекламирањето на нивните производи. Како да отворам уште една страница на јавниот интернет, мојот Firefox ми отвори pdf документ од академски журнал. Не обратив поголеми внимание на овој настан се додека не се обидов да дојдам до истиот текст кога се вратив во Скопје. За кратко, всушност, бев на „банкетот на знаењето“.

Ова - „банкетот на знаењето“ - е терминот што Арон Шварц го користи за да ја опише ситуацијата во која се наоѓат луѓето, пред сѐ студентите, професорите и другите универзитетски вработени, во развиениот запад кои имаат лесен и постојан универзитетски пристап до новите и старите истражување, научни трудови и книги.

Подоцна, во 2011, во уште една универзитетска тура во Гетеборг ќе бидам потсетен на можноста што ние, луѓето од другата страна на paywall-от не можеме да ја имаме. Најновата повторена одлика на светот е привилегијата за пристап до знаење.

Граничниот пристап до оваа привилегија или трошките од банкетот ќе ги добијам во 2012 кога и сам морав да пишувам еден подолг академски текст. Пријатели, познаници и интернет странци со пристап зад затворените мрежи ми помогнаа да дојдам до трудовите што ми беа потребни да ја завршам мојата работа. На крај се израдував кога видов дека македонскиот журнал каде што ќе се појават делови од мојата работа е со ознаката Open Access.

Ретко пишувам лични текстови. Денот кога последен пат пишував за Радио Слободна Европа беше денот кога интернет беше преплавен со вести за смртта на Арон Шварц. Тоа саботно утро беше едно од најмачните за мене. Се сеќавам како со неверување гледав во мониторот на сите твитови и како вест по вест читав за трагичниот настан. Не го познавав Арон, но сум запознаен со неговата работа и со делот од таа работа кој наводно беше нелегален.

Овој текст е мал симбол во негова чест и краток повик за продолжување на неговата работа.

Арон беше дел од пошироко движење кое се залага за отворен пристап до информации, научни трудови и книги. Неговиот герилски манифест за отворен пристап (https://gist.github.com/4535453) ја исцртува борбата за пристап до знаењето кое сѐ повеќе и повеќе се дигитализира и станува дел од корпорациските облаци.

Овде во Македонија не сме помеѓу оние привилегираните кои имаат пристап. Но, можеме да придонесеме отворајќи го пристапот до документите кои ние ги создаваме и да подадеме рака на оние што се уште подалеку од масата каде што се служи знаењето. Со зборовите на Арон приватизацијата на образованието може да се сопре со отворање на знаењето, споделување на информациите и истражувањата и заедничка соработка. Голем дел од работата допрва следи.

Фала Арон.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24895092.html.

Состојбата на електронските услуги во РМ

Tags: 

Во 2005 година на блогов е забележан проблемот со софтверот за пресметка на плати.

Во 2010 година, проблемот со ЦРМ.

И двата постојат сѐ уште и денес - заедно со некои други.

Оваа година се туркаат напред и други, нови, електронски услуги. Новиот даночен систем на УЈП е таков. Сѐ уште е нејасно дали оваа услуга ќе може да се користи од GNU/Linux (се откажав после некои иницјални тестови, а понудувачите на сертификати нудат поддршка само за ситеми на Microsoft).

Но, дури и да се радуваме на тоа што нема да мора да зависиме од Internet Explorer, апликацијата зависи од Java која пак во последно време е безбедносен кошмар.

Вкупната оценка на сето ова не е добра. А покрај оваа констатација останува да се запрашаме и како да се мери успешноста на граѓанскиот ИКТ активизам во Македонија во однос на овие технологиите и услугите што тие ги овозможуваат?