May 2011

Блогот за Кинотека

Tags: 

Веќе 3 години блогот Кинотека дневно ја објавувва програмата на Кинотеката на Македонија, притоа користејќи повеќе сервиси на интернет: blogger (за блог запис), twitter (за кратко инфо), upcoming (за календар).

Кога во 2008 година го започнав целта беше програмата да биде подостапна на „интернетски“ начин. Во тоа време, единствено беше достапна на хартија и на форумот кој тогаш го одржуваше кинотеката, кој по многу нешта беше непрактичен.

Немам податоци, но ми се чини дека сервисот што го изградив(ме) е корисен.

Изминатиот месец тековниот уредник Андријана го најави своето повлекување од блогот, па местото е отворено за кој било што сака да продолжи да го уредува овој кино сервис.

Процесот на објавување помеѓу различните интернет сервиси е речиси целосно автоматизиран, а и содржината како таква доаѓа готова од селекторот од Кинотека. Треба само да се објавуваат информации со неколку клика, но веројатно не е толку лесно колку што звучи. :-)

Можеби веќе блог + твитер + слично не е штос во Македонија откако сите се на фејсбук. Но, еве да не остане ненапишано.

Буџетски белешки за изборите

Tags: 

Прочитав дека доколку СДСМ победи на изборите ќе воведе најниска плата од 9.000,00 денари. Звучи топло и убаво да се гарантира најниска плата.

Има ли некакви информации за тоа кои сектори на стопанството ќе бидат погодени од оваа мерка?

Да речеме дека во земјава има 100.000 вработени што имаат плата од 7.000,00. Нивната плата би пораснала за 2.000,00 и за тие луѓе тоа би значело нешто. Вкупно тоа би биле 200.000.000,00 денари. И, и вкупно тие пари би значеле нешто.

Но, тоа што не го пишува во предизборниот говор е дека и приливите од персонален данок на доход (ПДД) ќе се зголемат. Со даночно ослободување од околу 7.000,00, денес луѓето со пониски плати не плаќаат ПДД. Ако нивните плати наеднаш пораснат, тогаш на овие дополнителни двеста милиони ќе се плати 10% данок.

Се разбира, не знам дали можеби планираат даночното ослободување да го покачат на 9-те илјади, но ова е интересно да се анализира од аспект на тоа дека големината на буџетот денес е критикувана од СДСМ. Значи - додавање уште повеќе пари на веќе големиот буџет или...?!

Понатаму, како што вели програмата на СДСМ, грижејќи се за социјалната праведност тие ќе го вратат скалестото оданочување кај ПДД. Јас сум за социјална праведност, но очигледен ефект од оваа мерка исто така ќе биде зголемување на приходите во буџетот.

Можеби вака сакаат да компензираат за дупките што би се појавиле ако навистина истовремено ги спроведат мерките за намалување на казните, опомена па казна и слично, но тоа сѐ уште не остава со огромен и не баш продуктивен буџет. Што е за право во програмата има и дека „Структурата на трошењето од државниот буџет мора да се менува. “. Ова не е никако дополнително објаснето, па мене и не ми се верува дека позначајна промена на структурата е можна без отпуштања во јавната администрација.

Колиер, па Рузвелт

Tags: 

Elections determine who is in power, but they do not determine how power is used. (од A Charter for Democracy.)

и

The first truth is that the liberty of a democracy is not safe if the people tolerate the growth of private power to a point where it becomes stronger than their democratic State itself. That, in its essence, is fascism — ownership of government by an individual, by a group or by any other controlling private power. (од Simple Truths message to Congress.)

Избори 2011 (уште еден репринт)

Tags: 

Приказната за овчарот и волкот е премногу добра за да не се објави повторно и во овој изборен циклус (прв пат беше 2006, втор 2008).

Во неа овчарот (не знам од кои причини) неколку пати по ред крева лажна узбуна дека волк го нападнал стадото овци. Добрите соселани неколку пати пристигнуваат да помогнат и констатираат дека момаков лаже, дека џабе трчале во ноќта до трлото, дека рогозинските ритуали им се прекинати без потреба. Така тие донесуваат колективна одлука од типот: кој го е*е овчарот. И како што обично бива (во народните приказни), следниот ден (ноќ) стадото навистина е нападнато од волк. Овчарот вика, писка, урла, бара помош тра-ла-ла... а соселаните ги нема нигде.

Кои се можните поврзаности на нашите избори со оваа приказна?

1. Овчарот се партиите. Селаните се гласачите. Овците се Р. Македонија. Партиите, секои 2, 3, 4 години, викаат да се гласа заради икс (важни) причини, и:
а) лажна узбуна е, гласачите ќе го проѕрат тоа и ќе си останат дома;
б) гласачите ќе улетаат на уште една лажна узбуна;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама гласачите поучени од претходните лажни узбуни одлучуваат да го игнорираат овчарот.

2. Овчарот е ЕУ, НАТО, Меѓународната заедница. Овците се граѓаните на Р. Македонија (затворени во котар). Селаните се партиите кои дотрчуваат на секој повик на овчарот, и:
а) лажна узбуна е, изборите немаат никаква врска со иднината на овците, селаните веќе го сконтале тоа;
б) лажна узбуна е, ама селаните (партиите) не го сконтале тоа;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама партиите имаат попаметна работа.

3. Овчарот се граѓаните, овците во котарот се Р. Македонија. Волкот се партиите и другите елити, вакви или онакви кои мама ебаваат наоколу, селаните се меѓународната заедница и:
а) лажна узбуна е, ѓраѓаните само викаат помош ама немаат вистинска намера да си ја спасат татковината, имотот, достоинството... или што и да е тоа што им значи во трлото, селаните доаѓаат џабе;
б) лажна узбуна е, меѓународната заедница го знае тоа и не аби чевли по брбушки;
в) волкот е во трлото, меѓународната заедница си брка друга работа.

Полицијата и реформите

Tags: 

Без да бидам премногу драматичен, како кец на десетка за ова што сакав да го искоменитрам ми дојде „речиси сообраќајката“ што пред малку ќе ми се случеше на крстосницата А. Циборовски - Влае/Хром (кај училиштето „Димо Хаџи Димов“). Имено, еден полициаец во униформа, управувајќи необележано возило и зборувајќи на мобилен телефон помина на црвено во правец кон Центар, но за среќа прикочи во последен момент, а јас заокружив малку на широката крстосница, која ете, пак за среќа беше воглавно празна.

А денешниот Утрински пишува токму за полцијата:

Полицајците со убав збор и насмевка на лице, но без цигари и пиво в раце на 5 јуни ќе треба да обезбедат одржување мирни и демократски избори во земјава. Лошите навики, како што се гласно смеење и зборување, седење по кафеани, лут поглед и незаинтересираност, чуварите на законот ќе треба да ги остават зад себе за време на изборниот процес.

Останува нејасно зошто препораките што ги дава МВР кон своите вработени се баш сега пред избори, и дали всушност важат и по гласањето, на пример на 6-ти јуни? А, важат ли и сега?

Дали тоа што МВР направило ваков прирачник за своите вработени е доказ дека реформите во полицијата за нејзино променување по урнекот на европските полиции се тотален неуспех?

Ќе видиме на 6-ти, а?

Претставката до УКИМ 30+ дена подоцна

Tags: 

Сѐ уште не сум добил ништо во сандаче (што е приказна сама по себе), но штом Игор Стаматовски добил одговор, значи дека УКИМ сепак ги испочитувал роковите.

Под претпоставка дека и јас ќе го добијам истиот одговор, еве краток коментар:

Одговорот на претставката е непотполн и неуверлив.

1. Непотполн затоа што не објаснува што со другите обрасци - семестрални листови и сл. што не се пријави.

и

2. Непотполн затоа што не објаснува кој, каде и како го регулира целото ова прашање.

3. Неуверлив затоа што го третира прашањето за фалсификување на образецот како поважно од прашањето за фалсификување на содржината на образецот.

и

4. Неуверлив затоа што не објаснува како и зошто трошоците за образецот се 30 (а не 20) денари?

На крај, одговорот укажува на тоа дека пријавата е единствениот валиден доказ за положен испит. Ова отвара дополнително прашање за тоа како факултетите без многу мислење издаваат „дупликат“ пријава кога оригиналот ќе се загуби.

Останува да го добијам одоговорот испратен до мене за да одговорам.