македонија

Undefined

Можноста за масовно прислушување останува и со новите закони

Tags: 

Има (барем) четири поенти што треба да се направат во врска со реформите за следењето на електронските комуникации.

Прво, дека формирањето на Оперативно техничка агенција (преку Предлог-законот за оперативно техничка агенција) не е спектакуларна реформа како што претставниците на Владата сакаат да ја прикажат и да нѐ уверат. Кога Рајнхард Прибе во неговиот веќе легандарен извештај од 2015 година (на стр. 8) вели дека УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема за следење, тој всушност вели дека не доликува во модерна демократска република од 21 век тајната полиција да има пристап до овие уреди, бидејќи тоа потсетува на некое друго време, можеби од 20-тиот век, Студената војна, и пропратниот декор. Во реалноста на Македонија одлуката УБК да има пристап до следењето на електронските комуникации за потребите на кривичната постапка е донесена некаде на ниво на влада или министерство. Ниту тековниот Закон за следење на комуникациите, ни тековниот Закон за електронските комуникации не пропишуваат дека тоа треба да биде УБК. Малку поинаку организирано Министерство за внатрешни работи би можело да има, да речеме, Оперативно техничка дирекција (наместо нова Оперативно техничка агенција) која ќе работи независно и стручно и УБК ќе нема директен пристап до опремата. Поради ова, Предлог-законот за оперативно техничка агенција не носи некакви посебни новости, освен конечното признание на македонската влада дека, навистина, тајната полиција не би требало да се занимава со сторителите на кривичните дела онака како што ги дефинира законот, туку тоа би требало конечно да му припадне на некој друг помалку брутален државен орган.

Второ, дека во предложените реформи владата го игнорира останатиот и многу поважен дел од препораката на Прибе (т.е. втората реченица од истиот параграф каде се наоѓа погоре споменатата препорака против УБК): дека свичовите треба да бидат во просториите на операторите, а потоа операторите да бидат тие што ќе го пренасочат сигналот до соодветниот државен орган. Дека владата го игнорира овој дел од препораката може да се види во членот 60 од Предлог-законот за следење на комуникациите, којшто по содржина е сличен на членот 175 од тековниот Закон за електронските комуникации за којшто Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста по долг период на чување на иницијативата во фиока, а владата предложи да не се укине, којшто пак е сличен со членот 115 од стариот Закон за електронските комуникации за којшто Уставниот суд донесе одлука за поништување во далечната 2010 година. Ако Уставниот суд држи до себе, тој би требало да ги поништи и член 175 од тековниот Закон за електронските комуникации и членот 60 од идниот (ако остане ваков) Закон за следење на комуникациите. Вакви одлуки од Уставниот суд не би биле посебно радикални бидејќи една таква е веќе донесена и патем во голема мера е поткрепена со пресуди од Европскиот суд за човекови права. Во меѓувреме, можеме да заклучиме дека владата нема намера да се откаже од тоа некој нејзин орган (во случајот Оперативно техничката агенција) да има директен пристап до електронските комуникации на граѓаните (во членот 3 од Предлог-законот за оперативно техничка агенција стои дека таа е таа што активира следење на комуникации). Дополнително овде треба да се укаже и на тоа што Владата планира клучните детали во врска со начинот на вршење на работите за следење на комуникации да ги решава со подзаконски акт кој по природата на нештата е изложен на многу помалку проверка и контрола, а особено не од Собранието.

Трето, дека реформите воопшто не се занимаваат со прашањето на задолжителното задржување на податоците од страна на операторите, моментално пропишано во членот 176 од Законот за електронските комуникации, т.е. членот 176 останува таков каков што е таму каде што е. Овој член е домашна примена на директива на ЕУ којашто во меѓувреме беше доведена во прашање од Судот на правдата на ЕУ. И иако овој суд (за разлика од Европскиот суд за човекови права) нема надлежност во Македонија, сепак не би било премногу да се очекува една реформски ориентирана влада која ита да ја внесе Македонија во ЕУ да ги земе како насоки пресудите на овој суд коишто велат дека државите не можат да наметнат генерална обврска на провајдерите на електронски телекомуникациски услуги да ги задржуваат податоците на корисниците.

Четврто, дека предложените нови, исто како и тековните важечки закони кои се занимаваат со прашањата за електронски комуникации се прават глуви и слепи за технологиите со кои располага Министерството за внатрешни работи, а за кои не е потребна правна или техничка соработка со телекомуникациските оператори. Овие технологии ја напаѓаат мобилната или интернет мрежа и овозможуваат директен пристап до уредите и содржината на корисниците. Молчењето на домашните власти вреди малку кога овие технологии странците ги најдоа во Македонија и на техничко ниво (во истражувањето на CitizenLab од 2013 година), и на купопродажно ниво (во истражувањето на ComputerWeekly објавено пред неколку дена). Чудно е за една реформски ориентирана влада, којашто се залага за заштита на човековите права, да не предложи мерки и проверки за овие технологии во реформите на законите за следење на електронските комуникации.

Во заклучок, предложените реформи на следењето на електронските комуникации не се она што надевавме, или да цитирам пријател - не беше баш реално да очекуваме дека во ова доба некој ќе се претргне да размонтира ефективен систем за масовно прислушување. Сигурно има и други поенти кои треба да се направат во врска со предложените законски измени – но последна овде и веројатно со пристојна доза на иронија е тоа дека, со оглед на потребното 2/3 мнозинство во Собранието за некои од овие закони, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе соработуваат или не, со вакви предлози можноста за масовно прислушување останува или со новите или со старите закони.

Прво објавено на Радио Слободна Европа.

Краток коментар за новиот Предлог-закон за следење на комуникациите на ЕНЕР

Tags: 

Со Предлог-закон за следење на комуникациите (член 60) Владата го префла членот 175 од Законот за електронски комуникации, за кој што Уставниот суд, по долго држење на предметот во фиока, поведе постапка за оценување на уставноста, од Законот за електронските комуникации (ЗЕК) во Законот за следење на комуникациите.

Овој член, т.е. неговата содржина, веќе еднаш е прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд во 2010 година, кога беше дел од стариот Закон за електронските комуникации како членови 115 и 115а.

Уставниот суд своето мислење за неуставност на ваквите одредби не го базира само на сопствена оценка, туку и на пресуди на Европскиот суд за човекови права како што е Contreras v. Spain (1998), а од скоро релевантна и Zakharov v. Russia (2006).

Предлог-закон за следење на комуникациите, во copy/paste членот 60 исто така го игнорира клучниот дел од препораката на работната експертска група на ЕУ (популарно наречен изветашај на Прибе) во која се вели дека свичовите треба да бидат преместени во просториите на операторите, кои сигналот ќе го пренасочуваат до соодветен надлежен орган по добиена судска наредба (стр. 8).

Дека оваа препорака од Прибе се игнорира се гледа и во Предлог-законот за оперативно техничка агенција каде во член 3 став 1 алинеја 1 „активира и создава услови за следење на комуникации“. Ако ОТА активира, тогаш операторите сигурно ги немаат свичовите.

Дополнително, со оглед на недореченоста на членот 60 (т.е. содржината на членот што е пренесена од 115/115а преку 175 од ЗЕК), која недореченост ја нотирал и Уставниот суд во неговата одлука од 2010 како реална закана од самоволно и произволно мешање на државните органи во приватниот живот, а во врска со членот 3 од Предлог-законот за оперативно техничка агенција, треба да се укаже и на тоа што Владата планира клучните детали во врска со начинот на вршење на работите за следење на комуникации да ги решава со подзаконски акт кој по природата на нештата е изложен на многу помалку проверка и контрола, а особено не од Собранието на РМ.

Членот 60 од предлог-ЗСК и членот 3 од предлог-ЗОТА во врска со членот 60, ако останат вакви какви што се сега. со сигурност ќе се најдат пред Уставен суд веднаш по изгласувањето од Собранието.

Дополнето: Ниту предлог-ЗСК ни предлог-ЗОТА не содржат јасни и недвосмислени одредби дека целокупната опрема за следење на електронските комуникации ќе прејде во надлежност на ОТА. Тука пред сѐ мислам на опремата која што знаеме дека е купена од страна на Владата од британската фирма Гама, а која што на ниво на технологија работи така што ги напаѓа телекомуникациските мрежи (а не е само пасивен пренесувач на сигналот).

За вакуумот на Министерот за внатрешни работи

Tags: 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто во емисијата „360“ на „Алсат-М“ рекол дека укинувањето на членот 175 од Законот за електронски комуникации од страна на Уставниот суд во овој момент ќе доведе до вакуум-ситуација, во која целосно ќе биде ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите што би било во рамките на заштита на уставниот поредок на Македонија и борбата против организираниот криминал и корупција, вели министерот за внатрешни работи (извор: Мета.мк).

Ако е вистинит овој исказ на министерот тогаш и во периодот од 2010 година, кога Уставниот суд ги поништи сличните одредби од стариот Закон за електронски комуникации, до 2014 кога е донесен новиот Закон за електронски комуникации, целосно била ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите. Ако е тоа така, тогаш сите следења на комуникациите што Јавното обвинителство на Република Македонија ги пријавило во извештаите до Собранието на Република Македонија не биле законски. Ако тоа е така, тогаш сите пресуди што се донесени со доказите собрани од таквото нелегално следење на комуникации би требало да се доведат во прашање. Така осудените лица би требало да побараат поништување на пресудите и оштета од државата.

Понатаму, бидејќи такво незаконско следење се случило, кривично би требало да одговараат припадници на министерството за внатрешни работи, на јавното обвинителство и на телекомуникациските оператори.

Незгодно.

Претходно (опширно) за истата тема: Како власта ни ги следеше комуникациите.

Илузијата на локалното владеење

Tags: 

Скопје и Битола, градови кои се помеѓу 10-те најзагадени градови во Европа, добија нови градоначалници, а Тетово којшто е во истата група ќе почека уште една седмица за конечниот исход од локалните избори. Сеедно на резултатите, градоначалниците ќе се соочат со прашањето за загадувањето.

Според податоците на Државниот завод за стататистика од Статистичкиот годишник за 2017 година во Скопје, Битола и Тетово живеат околу 688.000 жители. Ова не ги вклучува блиските селски општини како на пример Арачиново, Илинден за Скопје, или Јегуновце за Тетово. Овие три додаваат уште 36.000 жители на горната бројка. Колку точно е вкупната бројка на жители погодени од загадувањето на овие градови тешко е да се пресмета. Но, дури и со конзервативна пресметка дека во областите што ги зафаќа загадувањето на Скопје, Битола и Тетово живеат 700.000 жители, дали може да се каже дека тоа што ⅓ од населението на Македонија живее во екстремно загадени услови е само проблем на тамошните локални власти?

Друг начин да се гледа проблемот секако е низ економска перспектива. Скопскиот регион учествува со 43% во бруто домашниот производ на Македонија според податоците на ДЗС за БДП по региони за 2014 година. Може ли да се сметаат за локален проблем здравствените проблеми на работниците и работодавачите што создаваат речиси пола од производот на државата? Или, од друга страна, кои се економските трошоци од загадувањето во економски најсилниот регион во државата? Дали пад во домашен производ поради овие проблеми ќе оди на грб на локалната или централната власт?

Ми се чини дека овие работи ја илустрираат илузијата на локалното владеење во Македонија. Скопје е поделено на три партии по општини плус еден градски градоначалник. Досегашното искуство кажува дека сите овие супер си тераат локални тедери за огради и тротоари додека општите остануават нечепнати. А општите во нашиот случај се и државни. Без вклучување на централна власт со многу, многу непопуларни мерки нема да се решат вакви проблеми кои само се маскирани како локални бидејќи никој и не зборува за податоците што се скриени во фасадите на градовите.

Во очекување на реформа кон помалку личен идентификациски број

Tags: 

Пред околу година и половина пишував дека избирачкиот список стави крај на заштитата на личните податоци. Во пресрет на новите локални избори, и покрај тогашната интервенција на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), ситуацијата не е сменета. На веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) сѐ уште можете да добиете име и презиме, матичен број, адреса и гласачко место на кој било граѓанин со малку компјутеризирано кликање по нивните форми.

Еден од начините да се спречи оваа и други злоупотреби на лесно достапниот матичен број е негова промена во нешто што не е така едноставно за пресметување и само по себе не оддава лични податоци како ден, место, година на раѓање и пол. Во рамките на проектот „Граѓаните во Собранието“, од Слободен софтвер Македонија предлагаме токму ваква реформа на структурата на матичниот број на граѓанинот. Практично, тоа значи промена на членот четири каде што е дефинирана структура на матичниот број.

Следејќи го ветувањето на владата предводена од СДСМ дека државата ќе го слуша граѓанскиот сектор, ова е добра прилика за повикување на тоа ветување и барање реформата за матичен број да се вклучи во два значајни проекти на владата и ДЗЛП кои се во тек: ДЗЛП има повик за консултации за новиот Закон за заштита на личните податоци, а владата ја забрза постапката за регистрар на население.

Новиот Закон за заштита на личните податоци би требало да предвиди дека личен податок на граѓанинот може да биде и друг број којшто би му го доделил надлежен орган. Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи, согласно напатствијата на владата за регистарот на граѓани, би требало да предложат промена на структурата на матичниот број и/или нов број којшто ќе го заменува матичниот број на личните документи во фази, но кој ќе биде дел од податоците што ќе се чуваат во регистарот, така што со тек на време, а без дополнителни трошоци на граѓаните, сегашниот матичен број ќе биде исфрлен од употреба. Ова е реформа којашто е спроведена во регионот. Примерот по кој што можеме да се водиме и кој тргнува од горе-долу иста основа поради заедничкото (законско) минато и иста структура на матичен број, а бил и од агендата за приближување кон Европската унија, е Хрватска.

Се разбира, ова нема да го реши проблемот што сега го имаме на веб страницата на ДИК. Но, можеме да се надеваме дека реформа на матичниот број на среден рок ќе овозможи генерално подобра заштита на личните податоци на граѓаните, а пред сѐ оние кои што тој моментално очигледно ги содржи.

Првично објавено на Радио Слободна Европа.

Прибе #2 за следењето на комуникации по промената на власта

Tags: 

Вториот извештај на експертската група за системски прашања за владеење на правото или општо познат како извештајот на Прибе [PDF врска] беше објавен на 15 септември 2015.

Тука треба да се прибележи дека извештајот сѐ уште препорачува дека УБК не треба да има директен пристап до опремата за следење на комуникации.

Но, генералниот тон на текстот мене ми звучи како да има малку надеж во успешни реформи и покрај забелешката дека владата покажала посветеност во реформите. Посебно загрижува тоа што е нотирано дека за амандмани на некои закони потребно е 2/3 мнозинство во парламентот, кога за промената на Законот за електронски комуникации (за кој истата експрертска група најде дека го дозволува директниот пристап во членовите 175 и 176) потребно е просто мнозинство, додека оној за следење на комуникациите (кој што бара 2/3 мнозинство) генерално не е спорен.

Останува да видиме што ќе биде, додека и можноста да не чујат без ограничување останува отворена.

Претходно (опширно) за истата тема: Како власта ни ги следеше комуникациите.

Како власта ни ги следеше комуникациите

Tags: 

Влијателната книга „Код и други закони на киберпросторот“ на Лоренс Лесиг во предговорот на првото издание започнува со приказна од конференција од 1996 година насловена „Компјутери, слобода и приватност“. На конференцијата имало двајца писатели на научна фантастика кои биле поканети да зборуваат за нивната визија за иднината. Вернон Винџи раскажал приказна за сеприсутна полиција која има контрола над технологијата што ја користиме. Том Медокс раскажал слична приказна во која улога на соработник, заради неговите интереси, има и бизнис секторот (Лесиг, 1999).

Дваесетина години подоцна дистописките предвидувања на писателите се чини се остварија. Откритијата на Едвард Сноуден ни кажуваат дека светските разузнавачки агенции можат да имаат директен пристап до нашите електронски комуникации на социјалните мрежи сопственост на корпорации каде што поминуваме голем дел од времето, но и до нашите мобилни телефони за чие функционирање се грижат телекомуникациските гиганти. После овие откритија, Ебен Моглен, уште еден истакнат правник од Соединетите Американски Држави (САД), понуди објаснување за како треба да се разбере приватноста и што значи тоа кога ќе ја изгубиме: приватноста се состои од тајност, анонимност и автономија, таа со овие нејзини делови е нужна за да постои демократско владеење (Моглен, 2013). Ќе се вратиме на Моглен кон крајот на овој текст.

Во позадина на овие настани, во Македонија во 2010 година собранието донесе закон (Службен весник на Р. Македонија, 83/2010) кој што дозволуваше полицијата директно, самостојно и непречено да ги следи комуникациите на граѓаните, без разлика дали е издаден судски налог или не (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010). Овој закон е јавен вовед во последната политичка криза што ја живееме во Македонија. Подолу ќе се обидам да ги прибележам сите настани од правото, технологијата и нивната интеракција што ја одбележаа оваа криза. Иако логично би било да се очекува дека на каква било набавка на технологија ќе претходи донесување на законско овластување за тоа, постои основ да се мисли дека тоа во Македонија не е така. Затоа, приказната, сепак, започнува во 2008 или 2009 година.

Почетоците на следењето

На прес-конференцијата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) на 30.03.2016 година беше објавено дека во текот на 2008 и 2009 година во Министерството за внатрешни работи во употреба има два системи за следење на комуникациите. Уништувањето на еден од овие системи е предмет на истрага на СЈО (СЈО, 2016a). Но, никаде до сега не е објавено ништо за тоа што овие системи можат да прават, а пред сѐ што може да прави системот што бил во употреба од 2008-2009 до моментот на неговото уништување. Односно, не знаеме дали со тој систем можело директно, самостојно и непречено да се следат комуникациите на граѓаните, без разлика дали е издаден судски налог или не. Сепак, знаеме дека незаконско следење на комуникациите имало, ако ништо друго од признанието на македонските пратеници кои во Законот за заштита на приватноста (Службен весник на Р. Македонија, 99/2016) во член 1 став 1 велат „Со овој закон се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година“ (нагласувањето е мое) (Закон за заштита на приватноста, 2016).

Со други зборови, и од страна на СЈО и од страна на Собранието на Р. Македонија имаме изјава дека незаконско следење на комуникации имало во 2008 и 2009 година. Но, не знаеме како тоа било спроведено. Ова е важно прашање, бидејќи одговорот може да го опише заговорот помеѓу државата и приватниот телекомуникациски сектор.

Пред да продолжиме, класичното сценарио во кое што се дозволува следење на комуникации е барање од обвинител за точно одредено лице во врска со некое дело, дозвола од судија, спроведување од полиција и горе-долу тоа е постапката опишана и во македонскиот закон за следење на комуникациите (за тоа подолу). Ова е постапката која веројатно и сите сме ја виделе на која било криминалистичка серија. Вака одобреното следење на комуникации е документирано во извештаите на Јавното обвинителство кои што се испраќаат до Собранието на Р. Македонија. Со оглед на тоа дека има истрага за незаконско следење на комуникациите, можеме да заклучиме дека истрагата на СЈО не се однесува на нешто што Јавното обвинителство побарало, судот дозволил и се спровело, а за тоа било известено и Собранието.

Оттука две сценарија се можни за периодот 2008-2009 година. Едното е дека системот за следење на комуникациите кој што тогаш бил ставен во функција овозможувал директно, самостојно и непречено следење. Тој бил инсталиран со премолчена согласност на операторите за телекомуникациски услуги, но без законска дозвола, и бил ставен во употреба. Второто е дека новиот ситем бил ист како и стариот и не дозволувал директно, самостојно и непречено следење. Сепак, операторите ги спроведувале налозите за следење исто така давајќи премолчена согласност, бидејќи за тоа не им била доставувана судска наредба. Кое и сценарио да се остварило, во двата случаи станува збор за заговор помеѓу полицијата и бизнисот, а на штета на граѓаните на Република Македонија. Патем двете сценарија продолжуваат да важат и за периодот што следи.

Измените на законот за електронските комуникации од 2010 г., Уставниот суд и Зоран Заев

Во јуни 2010, доаѓа ослободувањето од одговорност на телекомуникациските оператори. Со измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации изменети и дополнети се и членовите 112, 114, 115, 115-а и 155-б кои што ги обврзуваат операторите да набават и инсталираат опрема што овозможува директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите и да му овозможат пристап на надлежниот орган (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010). Законот стапил на сила на 1 јули 2010. Но, веќе во октомври истата година Уставниот суд го запира извршувањето на овие членови од законот за електронските комуникации (Уставен суд, 2010а), а два месеци подоцна оспорените делови кои дозволуваат директно, самостојно и непречено следење се поништени од страна на уставниот суд (Уставен суд, 2010б).

Треба да се направат две поенти во врска со овие собраниско-уставни настани од 2010 година. Прво, директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите било дозволено само во еден краток период од јули до октомври 2010 година. Прашањето што дополнително треба да се постави е: дали тоа било возможно? Во овој краток период операторите биле должни прво „од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010) за воопшто да можат да ја исполнат нивната законска обврска за обезбедување на опремата.

Оттука, во овој период од 3-4 месеци, во сред лето и одмори, овластениот орган би требало прво да ја изготви техничката спецификација, операторите да ја побараат и добијат, потоа да спроведат постапка за набавка на опремата, да ја инсталираат, да ја пуштат во употреба и да му обезбедат пристап на надлежниот орган. Ова е единственото сценарио во кое операторите во врска со следењето на комуникации можеле да постапат согласно закон. Дали е ова навистина направено во тој краток временски период веројатно ќе биде откриено од страна на СЈО, но можеби не и за јавноста. Сите други варијатни би значеле дека операторите во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) однапред знаеле какво ќе биде законското решение и техничката спецификација, па оттука и каква опрема ќе треба да набават, па сѐ што ќе им преостанело е на 1 јули да го вклучат копчето на „On“, откако претходно ги завршиле сите други активности. Вакво сценарио повторно укажува на заговор помеѓу полицијата и бизнисот, а веројатно и на силно влијание на полицијата врз законодавството – бидејќи дури и МВР и операторите да соработувале, тие по правило не би можеле да знаат дека Собранието ќе донесе баш таков закон каков што Владата побарала.

Со цел да се разјаснат некои од овие дилеми до МВР испратив барање за слободен пристап до информации со прашање кога е техничката спецификација е испратена до операторите, односно за одговор го барав само датумот. За жал одговорот што го добив е дека тоа е класифицирана информација од степен „строго доверливо“.

Се разбира, незаконско следење на комуникациите можело да се случува, дури и операторите да биле експедитивни во овие 4 месеци: МВР можело да следи преку новите брзо инсталирани системи без никој да знае за тоа. Со други зборови, законското (и експедитивно) инсталирање на опремата не го исклучува незаконското следење на комуникации од страна на полицијата. Но, за сите други снимки што ги чувме во „бомбите“ на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) или што ги има во архивата на СЈО, а кои што се од период пред 1 јули 2010 година и после 20 октомври 2010 година, сѐ до новиот закон за електронски комуникации од 2014 (за тоа подолу), операторите се виновни најмалку за нарушување на доверливоста на комуникациите што е прекршок казнив според истиот закон, и веројатно би требало да бидат казнети (тогаш, бидејќи сега е застарено) од надзорниот орган за комуникации – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Дали непостапувањето на АЕК може да ги однесе нејзините претставници во некакви проблеми е прашање за друга прилика. Сето ова создава мрачна слика за заговор помеѓу полицијата и телекомуникацискискиот бизнис.

Второ, со решението и одлуката на Уставниот суд од 2010 година директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено во Република Македонија. Прашањето во врска со ова е дали одлуката на судот е спроведена, и не само поради тоа што неспроведување на судска одлука е казниво според македонскиот кривичен законик. Дали одлуката е спроведена или не, всушност, ни кажува дали нелегалното следење на комуникациите по декември 2010 продолжило по првото или второто сценарио опишани погоре за периодот од 2008-2009 година. Понатаму, тоа што никаде нема информација дека МВР набавувало уште една опрема кога биле измените законот за електронски комуникации во 2010, може да значи дека опремата набавена 2008-2009 година можела да прави сѐ што законот ќе предвиди во 2010 година, што би значело дека цело време (додека траат промени на закони од Собрание и Уставен суд) технологијата е една и иста. За целосна слика сепак ќе треба да ги погледаме и набавките на операторите во периодот од 2008 до 2010 година.

Ова можеби е добро место да се потсетиме на силната промена на ставот на (сега премиерот) Зоран Заев. Првичните негови изјави се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите (Вистиномер, 2015), но веќе по две недели Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите (Прес конференција на СДСМ, 2015). Увидот во набавките можеби треба да се надополни со објаснување за тоа како и каде исчезнала одговорноста на операторите.

За оние кои што ќе се запрашаат како со одлуката на Уставниот суд директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено, одговорот е во членот 111 на законот. Таму прво се вели дека комуникациите се доверливи, па потоа се редат исклучоци од таа доверливост. Со одлуката на Уставниот суд, на пример, исклучокот од членот 114(6) кој што вели „На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно одредување на моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, односно корисници независно од нивната телекомуникациска активност“повеќе не постои. Затоа после декември 2010 година директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено.

Сите опреми за следење

После декември 2010, Македонија влегува во тивок период во однос на законските решенија за електронски комуникации. Но следењето на комуникации, видно од сѐ што чувме во аудио формат, не е застанато. Исто така не е застанато ни набавувањето на нова опрема. Помеѓу 2010 и 2014 купени се најверојатноо уште четири опреми за следење на комуникации: во 2010 опрема од Велика Британија (СЈО, 2016b), во 2011 опрема што беше тема на прес конференција на СДСМ во 2015 (Призма, 2015), FinFisher кој што беше прв пат откриен во Македонија во 2013 (CitizenLab, 2013) и опрема која што некаде во 2014 е купена за да ја замени опремата од 2008-2009 (СЈО, 2016a).

Во меѓувреме опремата од 2008-2009 (која што е предмет на истрага на СЈО) е уништена во март 2015 (СЈО, 2016a). Опремата што потоа се користела и веројатно сѐ уште се користи е опрема на Ериксон (НоваТВ, 2016). Дали тоа е нова набавка или е само именување на брендот на некоја од претходните набавки не се знае. Во секој случај станува збор за многу опрема. Конечно, во некој момент (веројатно) во 2011 година Македонија потпишала таен договор за следење на комункациите со САД (The Intercept, 2014). Обемот и опфатот на оваа соработка е непознат.

Додека сето ова се случува законска дозвола за следење на комуникациите директно, самостојно и непречено не постои. Значи, следењето се случува или на поединечни барања на полицијата до операторите кои што се спроведуваат без судска наредба (бидејќи знаеме дека бројот на оние што се следени со судска наредба е далеку помал од бројот на оние што се следени во незаконското следење на комуникациите од 2008 до 2015), или одлуката на Уставниот суд во врска со Законот за електронските комуникации не е спроведена и полицијата ги следи комуникациите директно, самостојно и непречено.

Новиот закон за електронски комуникации, ситните разлики во тексот и извештајот на Прибе

Но, во февруари 2014 година Собранието на Р. Македонија носи нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на Р. Македонија, 39/2014) во кој што може да се прочитаат малку поинакви одредби во врска со следењето на комуникациите (Закон за електронските комуникации, 2014). Во законот од 2010 година има пет членови што го регулираат следењето на комуникациите: 112, 114, 115, 115-а и 155-б; во законот од 2014 година има само два: 175 и 176.

Како што видовме, во членот 114(8) од законот од 2010 година, меѓу другото, дозволен бил директен и постојан пристап до мрежите на телекомуникациските оператори. Меѓутоа, слична одредба не постои во новиот закон од 2014 (или барем јас не можам да ја најдам). Тоа што може да се прочита во новиот закон во членот 175(1) е дека „Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, согласно со Законот за следење на комуникациите“(Закон за електронските комуникации, 2014). Сличната одредба во членот 115(1) во законот од 2010 гласи: „Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на свој трошок да обезбедат соодветна опрема и интерфејс за спроведување на мерката следење на комуникациите која ќе се врши под услови и на начин утврдени со закон“ (нагласувањето е мое) (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010).

Од нагласените делови се гледа, според мене, главната разлика помеѓу двата законски текста во врска со следењето на комуникаците. Стариот закон зборува за опрема и интерфејс во 115, а за тоа што таа опрема треба да овозможи зборува, на пример, во 112(8): „На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“; или во 114(6) како што е цитирано погоре. Новиот закон зборува само за неопходни технички услови. Нема никаде објаснување за тоа што се тие технички услови или како се определува неопходноста.

Пред да продолжиме понатаму само кратко појаснување за тие што го читаат членот 175 во делот што се наоѓа после запирката: „согласно законот за следење на комуникациите“. Ова се однесува на условите и постапката за следење на комуникациите од правна гледна точка: за кои дела може да се следи, кој издава наредба за следење, кој може да побара следење итн. На пример членот 2 од законот од 2006 година почнува со: „Никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите“. Со други зборови „согласно законот за следење на комуникациите“ не се однесува на претходниот дел од одредбата каде што се спомнуваат неопходните технички услови. Законот за следење на комуникациите воопшто не се занимава со технички услови. Формулацијата „директен и постојан“ не се појавува во тој закон. Законот за следење на комуникациите може да се прочита во Службен весник на Р. Македонија бр. 121/2006, 110/2008, 4/2009, и 116/2012.

Значи, новиот Закон за електронски комуникации создава обврска за операторите да обезбедат неопходни технички услови, но тие услови никаде не се опишани. Во членот 175(3) сепак операторите се должни да побараат техничка спецификација за опремата и интерфејсот кои што треба да ги обезбедат на нивен трошок како што е пропишано во членот 175(2). Оттука возможно е нужните технички услови да се вметнати во техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, а таа техничка спецификација веројатно е класифицирана. Исто така возможно е нужните технички услови да се истите од 2010: директен и постојан пристап.

Постојат ли некакви аргументи да се поткрепи оваа претпоставка? Да. Во извештајот на работната група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе се вели: „Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите.“ (нагласувањето е мое) (Извештај на Прибе, 2015).

Повеќе прашања се отвараат од констатацијата на работната група на Европската комисја. Прво, врз основа на кои точно делови од членовите 175 и 176 УБК директно ги копира целите оперативни центри на телекомуникациските оператори? Да, согласно членовите 175 и 176 операторите треба да обезбедат опрема, интерфејс и технички услови, но тие не треба нужно да бидат такви што ќе овозможат директно, самостојно и непречено следење на комуникациите.

Можеби ова може делумно да се разјасни со увид во документацијата на операторите. Ако операторите постапувале законски тогаш во 2014 година требало да побараат техничка спецификација и согласно неа да обезбедат опрема, интерфејс и технички услови. Ако набавка нема, тогаш може со значајна сигурност да се тврди дека опремата набавена порано – во 2010 година или пред тоа – сега повторно е ставена во функција (ако воопшто била претходно исклучена соглсано одлуката на Уставниот суд) бидејќи техничката спецификација е еднаква. Ова може да оди во прилог на потврдување на претпоставката дека неопходните технички услови се вметнати во техничката спецификација, но во суштина, ништо не е сменето од она што Уставниот суд го прогласил за неуставно во 2010 година.

Доколку оваа претпоставка е барем и малку издржана тогаш треба да се постават уште неколку прашања: смее ли нешто како неопходни технички услови за следење на комуникации да се регулираат со нешто што е некаков подзаконски акт за техничка спецификација. Вообичаено подзаконски акти се објавуваат во службен весник, додека техничката спецификација е приватна комуникација помеѓу МВР и операторите. Како можеме да видиме дали неопходните технички мерки се во согласност со Уставот на Републиката и посебно во согласност со одлуката на Уставниот суд во врска со следењето на комуникации од 2010 година? Што можеле операторите да направат ако добиле техничка спецификација со услови кои што се забранети на ниво на закон од страна на Уставниот суд? Дали смееле да се противат? Дали повторно се решиле на премолчена согласност, патем ќарувајќи заштеди во не-набавка на опрема? Овие прашања можеби ќе бидат одговорени во истрагите на СЈО.

Знаевме дека нѐ следат и се плашевме

Во 2014 година граѓаните во анкета ги искажале нивните стравови од следењето на комуникациите (Македонски центар за европско образование, 2014). Според резултатите од анкетата дури 53% од испитаниците мислат дека македонските граѓани се плашат јавно да го искажат своето мислење, а 83% од испитаниците што мислат така, мислат и дека тоа е затоа што граѓаните се плашат од последици по нив и нивното семејство. Понатаму, речиси 64% од испитаниците сметаат дека тајните служби ги прислушуваат комуникациите на луѓето што ги сметаат за противници. И точно една година по новиот закон за електронски комуникации дознавме дека овие мислења и стравови не биле неосновани. Директниот и постојан пристап за следење на комуникации не само што постоел, туку и се користел. Во февруари 2015 (тогаш опозициската партија) СДСМ почна да објавува аудио снимки од прислушувани разговори.

Во меѓувреме, во март 2015, Уставниот суд прими иницијатива за утврдување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации. Постапката по оваа иницијатива Уставниот суд ја поведе две години подоцна (Радио Слободна Европа, 2017). Околностите сакаа Европскиот суд за човекови права можеби да им ја олесни работата на македонските судии наоѓајќи, во случајот Роман Захаров против Русија, во декември 2015 дека руските закони што дозволуваат „директен пристап до мрежата без специфични барања до провајдерите“ се во спротивност на Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и Р. Македонија (Радио Слободна Европа, 2017). Но, на конечната одлука од Уставниот суд сѐ уште чекаме.

Од сето погоре може да се заклучи дека во седумгодишниот период од 2008 до 2015 што е предмет на Законот за заштита на приватноста, и веројатно предмет на истрагите на СЈО, законска дозвола за директно, самостојно и непречено следење на комуникациите имало едвај нешто повеќе од 12 месеци (јули-октомври 2010 година и февруари – декември 2014 година). Сиот останат период станува збор за некаков вид на заговор помеѓу полицијата и бизнисот. Ако тоа нѐ потсетува на дистопијата опишана во воведните слики од Лесиг, тогаш можеби можеме да бараме утеха дека, ако ништо друго, што се однесува до следењето на комуникациите Македонија е во чекор со времето. (Друга аргументација од Лоренс Лесиг за корупцијата на републиката може да се понуди за сето ова, како и за одолговлекувањето на Уставниот суд, улогата на АЕК, и сегашното непостапување на Собранието. Но за тоа, можеби, во друга прилика.)

Во 2017 Македонија има нова Влада, нов Министер за внатрешни работи и нов директор на УБК, сите дојдени на нивните позиции со цел надминување на кризата произведена од следењето на комуникации. Но, условите за директно, самостојно и непречено следење на комуникациите сѐ уште постојат. Законот за електронски комуникации може да се промени со просто мнозинство, но тој, до сега – август 2017 година, не е ни на агендата на Собранието. Техничката спецификација што ја пропишува надлежниот орган може да се промени од страна на министерот, но секако тоа и да се случи нема да знаеме бидејќи е класифицирано. Веројатно од нас се очекува да веруваме дека опремата за следење на комуникациите сега нема да се злоупотребува. Можеби сега е вистинкиот момент за повторување на анкетата на Македонскиот центар за европско образование. Можеби граѓаните мислат дека сега тајните служби не ги слушаат разговорите на оние што ги сметаат за противници. Овие прашања остануваат да бидат одговорени од општествените истражувачи.

Но, ако ја прифатиме аргументацијата на Моглен, тогаш кризата во Македонија не е навистина завршена. Според Моглен без тајност демократско владеење не е возможно бидејќи луѓето не можат да разговараат за јавните работи со оние кои што сакаат и да ги исклучат оние со кои не сакаат да разговараат; без анонимност, која што е и централна на правото на слобода на говор, не може да се спроведува демократска политика; без автономија нема слободно носење одлуки, а автономијата не може да постои без тајноста и анонимност (Моглен, 2013). И сѐ додека констатацијата од извештајот на Прибе е точна, нема тајност и анонимност во Македонија, колку и од нас да се очекува да мислиме дека овој пат опремата не работи против нас. И сѐ додека констатацијата од извештајот на Прибе е точна, во Македонија нема демократско владеење.

Оригинално објавено на ОКНО.мк на 4.8.2017: https://okno.mk/node/65779

Дополнето: Во оригиналниот текст објавен на ОКНО.мк недостасува тоа дека во планот 3-6-9 на Владата на Р. Македонија на стр. 6 се наоѓа ветување за реформа на разузнавачките служби и тоа преку: „Започнување со инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите“ (План на Владата, 2017), но нејасно е кога таа дебата требало да започне, т.е. дали веќе треба да е започната или не. Заради целосна слика со оваа информација требаше го дополнам претпоследниот параграф на овој текст. Овој превид е мој. Му благодарам на Миша Поповиќ на укажувањето.

Нема лошо време за добра пропаганда

Tags: 

Во (далечната) 2007 во сега (мртвиот) Утрински весник се појави хвалоспев на Никола Саркози насловен Маестралната уметност на владеење на Саркози.

На 1 август 2007 го преработив тој текст за да се исмевам со широката поддршка што (тогаш) премиерот Никола Груевски ја уживаше помеѓу пошироката јавност така што секаде каде што пишуваше Саркози напишав Груевски, Франција - Македонија итн. Еве го тука. Десет години подоцна имаме нов премиер кој што го презеде првото место на листата на популарност пред околу 2 месеци. Затоа подолу е истиот текст, со една ситна разлика. Секаде каде што пишуваше Груевски сега пишува Заев, а другите имиња и настани се соодветно заменети итн. ја сфаќате постапката.

Маестралната уметност на владеење на Заев

Скопје - Откако дојде на премиерската функција во Македонија Зоран Заев секој ден изненадува, па и неговите противници признаваат дека потезите кои ги влече не ги остава рамнодушни Македонците. Зоран Заев е на сите страни во Софија, во Трст, во Сараево, во Скопје со одлуки за Струга и Требовоље за каде од аеродромот Александар Велики заминувајќи за подгорица испрати пожарникари од Бугарија. Новинарите се опсипани со комуникеа од Илинденска бр. 2 и преку нив Македонците се запознати со сите постапки на нивниот сеприсутен премиер.

Зоран Заев, исто како и за време на предизборната кампања за чија оркестрација се интересираа дури и штабовите на американските претседателски кандидати стана вистински мајстор во уметноста на владеењето и комуникациите. „Тој го надминува се' она што ги имавме видено до денес“, пишува колумнистот на еден од најтиражните македонски регионални весници „Фокус“.

Премиерот кој сака да го промени начинот на владеење, по првите денови поминати на Илинденска бр. 2 изгледа дека успеа, барем засега. Тој не го слуша државниот апарат, техноструктурите, кои во една технократска да не речеме бирократска држава како Македонија, сака да провери се', Заев секојдневно испишува по едно поглавје од уметноста за владеење. Македонските коментатори се согласуваат дека тој веќе успеа во едно: да му завидуваат. На последниот самит на за Западен Балкан во Трст, тој ја претстави Македонија во одлично светло и лобираше за прием во Европската Унија иако тоа не беше на агендата. Заедно со министрите, без разлика на полемиката предизвикана во Македонија, спроведува даночна реформа за поголема праведност во Македонија и обезбедува бенефиции за стечајните работници. Тој е еден од творците на договорот за добрососедство со Бугарија. Начинот на неговото делување е одраз на еден нов стил на владеење.

На внатрешен план неговиот стил исто така ги дезориентира Македонците. Изборот на еден од најбогатите бизнисмени Кочо Анѓушев за вице премиер за економски прашања во Владата, иако главниот збор го има Заев, потоа на Драган Тевдовски (без политички стаж) за министер за финасии, кооптирањето на млади кадри, како Бојан Маричиќ, Бранимир Јовановиќ и Дане Талески, и назначувањето на еден од ретките „преживеани“ политичари од груевизмот во Македонија во Министерството за надворешни работи ја докрајчи македонската опозиција.

Заев не ги заборави ни обичните Македонци. Тој беше со стружани кога им беше најтешко - кога оганот, беснеејќи на депонијата, се закануваше дека ќе ја уништи туристичката сезона. Премиерот на македонската држава не запира никогаш – тој беше со европските прваци РК Вардар за да им го честита трофејот, а на првиот ден од Владата ги отвори и вратите на владината зграда за македонските граѓани.

Гледајќи го како владее и работи се добива впечатокот дека неговите министри имаат многу мака да го следат. Министрите мораат да се задоволат со улогата на извршители на програмските определби на Заев. Тие што се сведоци на судските процеси од висок профил, и покрај негодувањата, видоа дека македонските граѓани го одобруваат ловот на корумпираните политичари. Анкетите велат дека конечно во Македонија се врати оптимизмот.

Пред ваквата раздвиженост на премиерот, македонските набљудувачи на политичката сцена, како коментаторот на „Фокус“ се запрашуваат:

„Дали Зоран Заев е човекот кој прави премногу или човек кој се сака самиот себеси премногу? Би рекле, дека тој е политичка ѕверка хранета со чувството за стратегија, со тактичката грижа и жедта за резултати, кој оди нанапред не барајќи да се заштити“. Накратко, како што пишува „Фокус“, Заев ја презема одговорноста за сите негови и за потезите на на Владата. Затоа работливиот Заев го зафаќа целиот медиумски простор. Македонците можат да следат како се пилотира државата, речиси во директен пренос.

Стигнува ли ехото од Захаров до Уставниот суд и до македонскиот Парламент?

Tags: 

Во март 2015 до Уставниот суд на Република Македонија доставена е иницијатива за уставноста на членовите на Законот за електронски комуникации кои што овозможуваат УБК „директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите“ (Извештај на Прибе). За таа иницијатива дури сега е поведена постапка (РСЕ, 21 јуни 2017).

И додека Уставниот суд размислува, а парламентарното мнозинство не презема измена на Законот за електронски комуникации (за чија измена е потребно само просто мнозинство), ние можеме да се потсетиме на пресудата на Европскиот суд за човекови права од случајот Роман Захаров против Русија која што е донесена во декември 2015 година. Пред да продолжиме со случајот, да се потсетиме и дека овој суд е истиот оној суд за кој во медиумите се чита дека пресудил против Македонија, најчесто за прекумерни казни за притвор или нехумано однесување кон затворени и притворени лица. За оние кои не се запознаени, Македонија е потписник на Европската конвенција за човекови права, која е меѓународниот договор што го создава судот, којшто пак се грижи за тоа договорните држави да не ја прекршуваат конвенцијата. Русија исто така е потписник на конвенцијата. Во принцип може да се каже дека она што ја прекршува конвенцијата во Русија ја прекршува и во Македонија.

Океј, што е Роман Захаров против Русија? Брзо пребарување на Википедија ќе ви каже дека тоа е „значаен случај“ во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност. Во кратки црти Роман Захаров е уредник и издавач од Русија „кој во декември 2003 започнал судска постапка против наредбата бр. 70 од Државниот комитет за комуникации и информациски технологии. Наредбата барала телеком операторите да инсталираат опрема што дозволува, меѓу другото, директен пристап до мрежата без специфични барања до провајдерите“. (Извор: Zakharov v Russia: A refresher on how far Europe has come.)

Македонскиот Закон за електронски комуникации, т.е. делот од законот што е оспорен пред уставниот суд, меѓу другото, вели: „Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа, согласно со Законот за следење на комуникациите (ч. 175(2)).“

Извештајот на Прибе вели: „Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат УБК со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите. […] УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува копирање на комуникацискиот сигнал. Во никакви околности УБК не треба да има практична способност за директно следење на комуникациите“.

Како пресуди Европскиот суд за човекови права во случајот Роман Захаров против Русија во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност? Судот едногласно пресуди дека руските закони за надзор на комуникациите се некомпатибилни со Европската конвенција за човекови права, или просто речено судот пресуди во корист за Роман Захаров.

Поспецифично судот сметал дека „Захаров не требал да докаже ни дека е под ризик од тоа неговите комуникации да бидат следени. Всушност со тоа што домашниот систем не обезбедувал ефективен лек за лицето што сметало дека тој или таа е предмет на таен надзор, самото постоење на оспорениот закон претставувало мешање со правата кои Захаров ги има според членот 8“ и, дека „ризикот од систем за масовно тајно следење може да се користи за да ја поткопа и дури и уништи демократијата под велот дека ја штити“ (извор: Case of Roman Zakharov v. Russia: The Strasbourg follow up to the Luxembourg Court’s Schrems judgment).

Понатаму, судот ја разгледува и техничката можност за следењето и смета дека „систем што им овозможува на безбедносните служби и полицијата да имаат директен пристап до сите комуникации… ги поткопува кои било заштитни мерки кои ги има во системот за авторизација на следењето“ и, „дека полицијата и безбедносните служби можат да го заобиколат барањето да ја демонстрираат легалноста на следењето“ (извор: Lorna Woods: ECtHR case report and comment – Roman Zakharov v Russia (Grand Chamber)).

Во истиот текст Лорна Вудс заклучува дека, покрај рускиот на којшто директно се однесува, дека оваа пресуда покренува прашања за валидноста на други системи на масовно следење во однос на членот 8 од Европската конвенција за човекови права.

Накратко, се чини дека има многу сличности меѓу тоа како се спроведува надзор на комуникации во Русија и во Македонија, а рускиот начин не е во согласност со Европската конвенција за човекови права.

Останува прашњето дали оваа пресуда била разгледувана од страна на уставните судии тогаш кога била донесена, и ако да, тогаш зошто на судот му е потребно толку долго да ги увиди сличностите меѓу рускиот и македонскиот случај, па макар и да пресуди дека македонскиот случај опишан во поднесената иницијатива е различен поради причини што ќе ги најде за веродостојни во домашниот контекст. Секако, ова е прашање на кое не се надеваме дека ќе добиеме одговор.

Во меѓувреме, членовите од Законот на електронски комуникации што овозможуваат директно, самостојно и непречено следење на комуникации остануваат во сила, и, и покрај промената на власта во Македонија, УБК сѐ уште може да го прави тоа што го правеше и поради кое државата падна во големата политичка криза.

Оригинално објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/28599418.html

Страници