комуникации

Undefined

Строго доверлив датум за среќни празници

Tags: 

2015 ја завршувам со одговор од новото (пост-пржинско) Министерство за внатрешни работи. За мене останува нејасно како може датум да биде класифицирана информација со степен на класификација „строго доверливо“.


Но, поважно, зошто е тој датум важен?

Да се потсетиме:
Со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010) опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од рушењето на „Космос“)?

Но, ова е само дел од приказната.

Со член 74/(4) од истиот закон „операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ за следење на комуникациите.

Значи имаме закон кој што стапил на сила на 1.7.2010 година и чии одредби за следење на комуникации се поништени на 15.12.2010 година. Тоа значи дека во рок помал од пет месеци операторите побарале, а МВР ја составило техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, и потоа операторите успеале да набават таква опрема преку прибирање на понуди на меѓунардониот пазар, ја инсталирале и обезедиле пристап за МВР.

Барањето погоре прашува колку поточно е тој рок од помалку од 5 месеци.

Ако МВР им ја доставило спецификацијата во септември, тогаш рокот е помал. Се разбира возможно е спецификацијата МВР да ја имало спремно од претходно и да ја доставило веднаш по стапувањето на сила на законот односно по примањето на барањето од операторите. Меѓутоа тоа може отвори прашања за замаглување на границата помеѓу извршната и законодавната власт (т.е. како би можело да знае МВР кои ќе бидат намерите на законодавецот?). Понатаму, прашање е колку време е потребно за инсталирање на таква опрема. На пример, ако за тоа се потребни работи врз мрежата на операторот што траат неколку месеци, тогаш кога е завршена монтажата? Но, и со оглед на тоа дека сите оператори во Македонија се меѓународни корпорации што следат ISO стандарди и имаат правила за набавки, можат ли воопшто да набават нешто „по скратена постапка“ и ако да како? Се разбира, постои можност и оваа спецификација да била доставена уште порано, на пример во 2009 и законот само да го „покрил“ ова поврзување помеѓу операторите и МВР. И ова се само дел од прашањата.

Сите овие сценарија отвараат прашања за, во најмала рака, неетичка врска помеѓу операторите и МВР. Оваа врска треба да се истражи. И токму, ми се чини, тоа беше една од поентите на договорот од Пржино. Тоа што пост-пржинско МВР не сака да го обелодени датумот на доставување на техничката спецификација до операторите е уште еден клинец во ковчегот во кој ја пренесуваме надежта за подобро утре.

Среќни празници.

Молкот на операторите

Tags: 

Од февруари 2015 опозицијата предводена од Зоран Заев објавува т.н. бомби кои што ја откриваат „вистината за Македонија“. Тие тврдат дека снимките содржат наводни скандали, корупција, злоупотреби од страна на водечките луѓе во Владата и владејачките прартии. Но, исто така тврдат дека овие снимки не се само некои или неколку снимки кои што случајно се направени, туку дека се дел од милиони записи од следење на комуникации на повеќе од 20.000 граѓани. И додека оваа приказна воглавно останува непроменета, еден нејзин дел се менува: тоа делот за улогата на телекомуникациските оператори во оваа афера. Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите.

Бидејќи ваквите изјави покренуваа сомнеж за тоа што навистина се случило во врска со наводното масовно прислушување на 20.000 граѓани, уште во февруари започнав со истражување на законите. Тогашната анализа ме доведе до следните сознанија:

1. Член 115 став 2 од Законот за електронски комуникации овозможил користење на технологија за масовно прислушување во јуни 2010;
2. Оваа законска можност, сепак (за среќа?) траела само 6 месеци затоа што Уставниот суд на Република Македонија ги поништил одредбите со одлука во декември 2010;
3. Истиот тип на прислушување повторно е законски овозможен во февруари 2014 со новиот Закон за електронски комуникации.

Според повеќе извори (опозицијата, новинарите, аналитичарите) голем дел од снимките потекнуваат од период 2011-2014 година, па логичното прашање, ако тврдењето за 20.000 луѓе и милиони разговори е неоспорено, е што се случило со технологијата (кратко) дозволена во 2010 во периодот 2011-2014?

Логично, барем за мене, беше ова прашање да го поставам до операторите (Т-Мобиле, Македонски телеком, ВИП и ОНЕ) и до регулаторот (АЕК) во форма:

1. Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

2. Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Понатаму, бидејќи бројот на случаи за кои судовите дозволиле посебни истражни мерки, што меѓу другото вклучува и следење на комуникации, е јавно достапна информација, логично е и да ги прашам операторите колку барања стигнуваат кај нив поедниечно, посебно во однос на задржаните податоци од нивните корисници. Ова е комплетно статистичка информација: ако знаеме дека во 2013 имало 226 одобрени следења на комуникации тогаш информацијата по оператор ќе ни каже кој оператор со колку барања придонесол во истрагата.

Сите овие барања беа одбиени најчесто по основ „класифицирана информација“, освен АЕК која воопшто не одговори. За сите е поведена постапка пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и сега го чекам нивниот одговор. Се надевам дека Комисијата ќе најде дека одговори на прашања за спроведување на судска одлука и прашање поврзано со анонимна статистика не може да останат непознати за јавноста.

До нивинот одговор, во оваа галерија се одговорите на операторите.

Објавено на ОКНО 5.6.2015: http://okno.mk/node/47618

Мало дополнување со нови информации за операторите и прислушувањето

Tags: 

Откако започна објавувањето на прислушуваните разговори, едно од прашањата што останува да лебди: дали и колку била вклученоста на телекомите во прислушувањето на 20 илјади граѓани во изминатите години?

Операторите излегоа со изјави за медиуми дека тие постапувале по законот. Сепак и само површна анализа на законите кажува дека тоа не е целата приказна. На пример, Т-Мобиле го цитираше новиот Закон за електронски комуникации, притоа намерно или случајно заборавајќи, дека тој се применува од февруари 2014. Медиумите утврдија дека дел снимките се однесуваат на настани кои се случиле во период 2011 -2013. Тогаш на сила бил стариот закон.

Дополнитено истражување на законскисте пропис нѐ донесе до знаењето дека спорните членови од стариот Закон за електронски комуникации, меѓу нив и членот кој што пропишуваше постојана врска меѓу операторите и МВР и со тоа овозможуваше масовно следење на комуникации, се поништени со одлука на Уставниот суд во декември 2010. Прашањето што се постави, оттука беше:

Дали телекомуникациските водови востпоставени кога Законот бил донесен (во јуни 2010) се прекинати кога тие одредби се поништени со одлука на Уставниот суд на РМ (декември 2010)?

За таа цел испратив барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до операторите и до АЕК со прашањето:

Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

Односно:

Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Барањата ги испратив во март и деновиве конечно ги добив сите одговори од операторите, додека АЕК не одговори ништо.

Во одговорите Македонски телеком, Т-Мобиле и Оне ги одбиваат барањата повикувајќи се на одредби од законот кои предвидуваат класифицирање на информации поврзани со прашањата за следење на комуникациите. Вип нуди поопширен текст без да се повика на класифицирани информации, но сепак не го одговара прашањето што е поставено во барањето.

Затоа сите овие барања ги обжалувам кај Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ќе објавувам нови детали така како што ќе стануваат достапни. Добиените одговори на ова URL или подолу во slideshow.

ПС. Ако некој има совет која организација би можела да помогне во подмирување судски трошоци во случај ова да продолжи кон Управен суд, молам пишете e-mail.

Црвениот телефон и статус-квото во Готам

Tags: 

Што всушност сака да ни каже Телма?

Пред повеќе од две години пишував за суперхероите и новинарството:

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Денес дознав дека трескањето на црвениот телефон било кампања.

Имала ли поп-култура повторно влијание во тоа како е смислена оваа кампања?

Најпознатиот црвен телефон е телефонот на кој одговара Бетмен кога му е потребен на Готам.

Што ни кажува црвениот телефон?

1. Во контекст на вообичаеното читање дека Бетмен е супер-херој кој што треба да го спасува градот од криминалците, некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот одбива да одговори на повикот за помош што му е потребна на градот и неговите жители.

Ако новинарите се супер-херои што треба да зборуваат на место на немоќните, тогаш одбивањето на кревањето на слушалката е знак дека новинарите ја одбиваат улогата за луѓе кои ја зборуваат вистината во лицето на моќта.

Во контекст на македонскиот пејсаж на неслободни медиуми (117 место според индексот на Репортери без граници за 2015 година), со некревањето на телефонот нашите присакувани супер-херои всушност кажуваат дека сѐ уште не се спремни да ја заземат оваа општествена улога.

2. Во контекст на читањето што го нудат Падник и Жижек каде Бетмен е плутократот кој го поседува Готам и оттука само си ги штити своите интереси кога се бори против тие што сакаат нешто поинаку (нешто против статус-квото), некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот сменил страни.

Ако Бетмен не истрчува (како и секогаш до сега) да им помогне на богатите кои по секоја цена сакаат да го одбранат својот статус и привилегија, тогаш нешто поинаку се случува.

Во контекст на случувањата во земјава, тоа би значело дека Телма понатаму одбива да одговара на повиците на власта. Ако е така, тогаш конечно браво, но останува горчината дека до сега црвениот телефон функционирал за власта.

На крај, можеби нема ништо толку елаборирано во кампањата со црвениот телефон, па и кој да ја смислувал сакал само да направи лесна поента.

Сепак, не штети да прашаме што всушност сака да ни каже Телма?

Корупцијата на Републиката е огромна

Tags: 

Злосторничкото здружување за кое зборува опозицијата е само дел од комплетната корупција на Републиката

Вчерашната (бомба #5) прес-конференција на Зоран Заев ми го привлече вниманието кога тој на новинарско прашање одговори дека операторите не се одговорни за ова што се случува со неовластеното прислушување.

Нормално, се заинтересирав за ова прашање и еве што открив.

Продолжената рака за неконтролирано следење на следење на комуникациите е пуштена во јуни 2010 година. За тоа предупредувале пратеници на СДСМ и известувале странски медиуми, Ваквите одредби (конкретно член 115 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008 и 83/2010, 13/2012, 59/2012, 123/2012, 23/2013), одете на pravo.org.mk за детали) се поништени со одлука на Уставен суд во декември 2010 година.

Прашањето што се поставува е што се случило со спроведениот вод до МВР што операторите морале да го постават кога стапил на сила тој член 115?


Опремата што оперторите морале да ја имаат во период од јуни 2010 до декември 2010 според одредбите на Законот за електронски комуникации што тогаш бил на сила.

Ако тоа што го вели до сега Зоран Заев е вистина, односно неовластено прислушувани се преку 20.000 граѓани, во долги периоди, а тоа не може да се прави со комбиња или подвижни базни станици, како што вели Петар Поповски, а сето тоа е во период што е од 2011 до 2014 година, тогаш може да се заклучи дека овој вод не е прекинат.

Не успеав да најдам дали неспроведување на одлука на Уставен суд е некаков прекршок што е казнив. Сепак, согласно истиот Закон за електронски комуникации, операторите што што овозможуваат незаконско пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците (член 111/став 2) и со тоа ја нарушуваат доверливоста на комуникациите (член 111/став 3) прават прекршок казнив според член 138/став 16 и член 139/став 30. Казните се во проценти од нивните приходи.

Идеално, надзорниот орган за телекомуникациски прашања требало да ги казни операторите кога би утврдил дека ова прекршување постои. Сега тоа повеќе не може да се стори, за најголемиот дел од периодот 2011–2014, затоа што друг закон, Законот за прекршоците јасно вели дека „Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако помине една година од денот кога е сторен прекршокот.“ (член 42/став 1 — Службен весник на РМ бр 62/06).

Затоа велам дека корупцијата на Републиката е поголема од она што веројатно можеме да замислиме. Погледнато наназад изгледа дека за сите овие активности постоел широк консензус, ако не за поддржување, тогаш секако за непостапување тие активности да се спречат. Одговорност, прво морална, треба да понесат сите директори на операторите, директорите на АЕК, надлежните инспектори итн. За инспекторите и други што не спровеле надзор можеби може да има и нешто во врска со злоупотреба на службена должност.

Понатаму, одговорност мора да понесат и судиите на Уставен суд. Со одлука на Уставен суд во 2010 година е поништен членот 115 од Законот за електронски комуникации. Но, во февруари 2014 година изгласан е нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014) кој што во неговиот член 175 има идентични одредби за комуникациски водови.


Член 175 од Законот за електронски комуникации од 2014 година.

Прашањето, логично, е: Ако тие водови не биле уставни во 2010, како се уставни во 2014? Уставниот суд молчи во врска со овој Закон цела една година, иако по неговиот деловодник (член 9 и 14) има обврска да поведува иницијативи за проверка на уставност и законитост на законите. (Јас ќе го потсетам Уставниот суд за ова обврска со поднесок во понеделник.)

На крај, последниот воз за прекршочна постапка за операторите е во понеделник 2 март 2015. Новиот Закон за електронски комуникации е на сила од 3.3.2014 година. Значи, водовите до МВР се законски од тој датум. Но, водовите не биле законски на 2.3.2014, а во понеделник истекува едната година за поведување на прекршочна постапка. Дали и за ова ќе го видиме комплетното лице на корумпираната Република или пак ќе видиме поведување прекршочна постапка? Одговорот останува да лебди во нашите кошмари.

Корупцијата, не Републиката.

Дополнето: Согласно член 377 став 2, 3 и 6 од кривичниот законик, правните лица оператори и одговорните лица во операторите може да одговараат за неизвршување на судската одлука на Уставниот суд

Оттука, може да се поднесе кривична пријава против операторите и нивните директори за основано сомневање дека не постапиле според погоре наведената одлука на Уставниот суд.

2.3.2015 — Објавено на ОКНО.мк: http://okno.mk/node/45050

Дружината на јавниот интерес

Tags: 

One Ring to rule them all, One Ring to find them,
One Ring to bring them all and in the darkness bind them

Денес, во дигиталното доба, неовластениот надзор е прстенот на Саурон.

Тој што го контролира ќе владее и навистина е така — ВМРО-ДПМНЕ владее веќе 9 години.

Но сега овој дигитален прстен се дотркала во рацете на СДСМ на Зоран Заев. Разговорите, наводно 1.6 милиони датотеки аудио снимки, се кај него. Тие можат да бидат искористени за контрола на луѓето. Оттука прашањето е дали Заев ќе биде силен како Фродо или слаб како Смигол.

А затоа што навиваме за Фродо, може да се даде само еден предлог: Да се формира дружина на прстенот, т.е. на јавниот интерес. Фродо не го носеше тој товар сам.

Од што би се состоела таа дружина?

1. Датабаза со следените телефонски броеви достапна на интернет: Софтверот да овозможи безбедна проверка на телефонски број на граѓанинот, увид во снимените материјали, можност за внесување на лични податоци за да се генерира тужба за неовластено следење која што се испраќа на негов e-mail во PDF.

2. Датабаза со снимките што се од јавен интерес: Повеќејазична база со сите транскрипти што се дистрибуираат до медиумите што ќе може да се пребарува по клучен збор.

3. Апликација што ќе ги презентира и објаснува релациите меѓу лицата што се на снимките и за кои се зборува во снимките.

Овие снимки мора да останат во колективната меморија како една гаранција плус дека вакво нешто повеќе нема да се повтори.

Кој е последниот изговор?

Tags: 

Се разбира — „Само да не се врати СДСМ“ е најголемата идеолошка победа на ВМРО-ДПМНЕ. Постојат повеќе објаснувања зошто е ова тотална катастрофа за граѓанството, но наместо тоа да се задржиме на еден мал поглед кон иднината:

Дури и да се случи утре како резулат на бомбите владата да поднесе оставка (а нема да се случи утре), потребни ќе бидат барем шест месеци да се организираат избори. Тоа ќе биде оној период за попис, избирачки список, изборен законик, техничка/експертска влада итн.

Шест месеци е доволен период за луѓе да се приклучат во СДСМ за да го подобрат нивниот капацитет, или да се приклучат кај некоја друга политичка партија (ЛДП, ЛП, ГРОМ, па дури ВМРО-ДПМНЕ — и нив ќе им треба подобри, попаметни и поспособни за демократија луѓе), ако баш СДСМ се целосно одвратни за граѓанството. Или пак, конечно да се формира долгопосакуваната трета опција.

Јасно е. Изборите се празник за демократијата затоа што тоа е денот кога се заокружува ливче и како и на секој празник не се работи.

А граѓаните, според Уставот, имаат обврски и останатите 1459 дена.

Нема други изговори.

Политичката партија, јавниот интерес и корупцијата на Републиката

Tags: 

Кој може да каже колку корупција е потребна за една нормална држава?

Да започнам со рекапитулар на очигледното: неовластено масовно прислушкување е прекршување на законите, Уставот, меѓунардните декларации за човекови права и за тоа виновниците мора да бидат казнети. Тоа е атомска бомба за приватноста и демократијата, која подразбира тајност и на нашите одлуку и не може да функционира кога ваков надзор постои. Ова не е ништо ново, барем за оние што редовно читаат што доаѓа од малиот камп за дигитални слободи што воглавно гравитира околу 2с.мк и КИКА. Но, мислам дека е згодно да се повтори за сите оние кои не се во тек: 1, 2, 3, 4, 5, 6

Но, дебатата не завршува тука. Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и неовластено се прислушувани 20.000 луѓе од страна на домашнте служби, тогаш тоа е македонската елита, како што утврдивме македонскиот 1%, прислушувана од неа самата, се разбира не буквално, туку посредно — овозможувајќи ги мерките на еден или друг начин во подолг временски период. Секако, вината за тоа најмногу лежи во главната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ која што ги контролира клучните институции, но соработници се сите институции и нивни претставници не сакале да спроведат мерки и проверки или пак ако не можеле, тогаш не си заминале од функциите, односно останале да ги уживааат плодовите на привилегијата власт. Ако нешто во поп-културата или секојднвеното сфаќање на нештата стигнало од мислите на Хана Арент тогаш тоа е идејата за баналноста на злото. Ми се чини дека молкот на целокупниот институционален апарат е токму тоа.

Оттука објавите на СДСМ на Заев всушност, покрај откривање на постоењето на неовластеното масовно прислушување, се и војна помеѓу едниот процент. Остатокот сме повикани да дадеме поддршка. Но, дилемата, иако можеби тешко може да се артикулира, лесно може да се препознае: дали даваме поддршка од принцип — затоа што корупцијата на Републиката мора да заврши, или од нужност — затоа што катастрофалното деветгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ мора да заврши? Ова не е наивна разлика. Ако секој што е некој во оваа земја е прислушуван, а кога веќе сме сложни дека тоа е масивно нарушување на уставниот поредок, тогаш прашањето за времето што доаѓа единствено е колку проценти од нив се корумпирани?

Македонското „протекување“ на тајните снимки не е налик на ниеден пример од популарната меморија. Ова што го доживуваме не е ни Елсберг со документите за Пентагон, нити Никсон со Вотергејт, нити Викиликс со телеграмите, нити Сноуден со НСА. Не е дури ни филмскиот расплет од новата Борнова трилогија кога Мет Дејмон во улога на Џејмс Борн по факс ги праќа документите за злоупотреба на неговата организација до NYT. Не е — едноставно затоа што СДСМ не е новинарска организација како NYT или Гардијан, нити пак како Викиликс има желба да стане тоа. Aко монополот врз овие информации ги има политичка партија, може ли да се потпреме на тоа дека политичка партија ќе ги спроведе обврските на медиумите за служење на јавниот интерес? Може ли таа да биде четвртиот столб на власта, кога, очигледно и логично, претендира да биде првиот столб?

Овие прашања ставаат специфичен товар на СДСМ на Заев. Ако решат навистина да му служат на јавниот интерес, радикално како Викиликс или умерено како Гардијан, тогаш треба да ги обелоденат и снимките што ќе ги разоткријат и луѓето што се блиски до нив. Статистиката вели дека сигурно има такви луѓе. Будалесто би било да веруваме дека само елитата што е асоцирана со ВМРО-ДПМНЕ е корумпирана. Дури и односот да е 90% наспроти 10%, би требало во служба на јавниот интерес да знаеме сѐ. Така сите објави ќе го доведат во прашање не само постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ и другите политички партии онакви какви што ги знаеме. Ова е тој специфичен товар што го носи СДСМ на Заев, и што нѐ враќа назад на прашањето принцип или нужност. Впрочем од нив зависи каков вид на поддршка ќе добијат, од нивната одлука дали ќе бидат џелат само на ВМРО-ДПМНЕ или на сите оние што 25 години ја буткале Републиката во бездна, па така и самите на нив. Со други зборови, треба да видиме дали ќе ги видиме само големите злоупотреби како што се наводите за местенки во Врховниот суд или и малите кои што веројатно постојат од страна на локалните моќници во локалните судови. Ова е тешка одлука.

Секако ваквиот специфичен товар на СДСМ на Заев делумно произлегува од состојбата во која со години наназад се наоѓа македонското новинарство, а пред сѐ поради неговите спреги токму со истата елита. Доколку имавме весник со барем половина од капацитетот на Гардијан, можеби СДСМ ќе можеше да ги предаде документите таму и да се посвети на тоа што вообичаено го прават партиите — програма и избори бидејќи така се менува власта во демократските држави и во оние кои барем претендираат да станат такви. Последново само ја комплетира сликата за тоа каква комплицирана и обемна работа нѐ чека во обновата на општеството и Републиката што треба да следи. Но, одговорноста за тоа да стигнеме во точка во која што обнова ќе биде возможна во моментов целосно е во рацете на СДСМ на Заев.

Луѓето не се плашат наивно од изреката „сите се исти“. Сите го препознаваме прашањето за вредностите, прашање кое што е многу важно. Гаранцијата за тоа дека некој локален моќник веќе во 2017 нема да ги клика копчињата во ДБК треба да биде двојна: таквите што сега кликаат некои копчиња во општинска соба да бидат исчистени сега и Уставот и законите да бидат променети заради поголема заштита на граѓаните.

Под претпоставка дека сѐ што беше до сега кажанао од страна на СДСМ е точно, ваков расплет е можен во едно „Черчилијанско сценарио“. СДСМ на Заев да ја обелодени комплетната „Вистина за Македонија“ и штом оваа „војна за вистината“ заврши, тој да си замине и да имаме можност да избереме „цивилен премиер“, а елитата што ќе ги пополнува клучните места по институциите да биде целосно испразнета од луѓе што имале врска со корупцијата изминатите 25 години.

Клопчето што сега го одмотува Заев може да биде преседан за решавање на сите политички битки во иднината. Којзнае дали СДСМ се спремни на тоа.

Објавено на ОКНО 19.2.2015: http://okno.mk/node/44741

Три поенти за прислушувањето

Tags: 

Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста.

Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и прислушувани се 20.000 луѓе, како е тоа спроведено?

Ми се чини забуната потекнува од идеите што ги имаме за прислушување. Тие потекнуваат од стари Бонд филмови и сцени како онаа од „Sneakers“ со Роберт Редфорд. Тоа е романтично минато.

Со денешната технологија може се снима сѐ што протекува низ каналите на комуникација. Замислете цевка со вода и вентил што ја отвора од страна. Но, наместо да истекува водата и да имате намален проток во главната цевка дел од протокот се „копира“ во вентилот. Тоа е возможно бидејќи станува збор за дигитална технологија Никој рачно не стиска „record“, туку целиот канал се снима на харддиск. Потоа тој е достапен неограничено и се преслушува назад по потреба. Тоа е и целиот проблем на bulk дигиталното прислушување. Тоа е и суштината на многу дебати од Викиликс/Сноуден наваму.

Понатаму нема никакви технички ограничувања. Белки не мислите дека МВР си рекле во некој момент: „еј, не снимаме зашто ни е полн харддискот“? Оваа дебата хипстерски беше разрешена уште пред 5–6 години, мислам кога уредникот на Wired се смееше на тоа дека шиткаат телефонски секретарки што снимаат максимум 100 пораки или така нешто… само додај поголем storage и тоа е тоа. А хардисковите се денес сѐ поевтини и поевтини.

Така што, баталете муабет дали некој дал конкретен налог за тоа баш тој ден, тој и тој разговор да се снима. Ако тоа што го тврди Зоран Заев е вистина, налогот за 20.000 лица и нивните телефони бил даден еднаш некогаш и потоа се снимало сѐ. Технологијата тоа го дозволува. Не сме во 1970 па да мора некој дома да ти мести уред на фиксниот телефон и да пази да не го извадиш или откриеш.

И овде е и вториот проблем со bulk дигиталното прислушување: кога има „протекување“ тие што снимале не знаат ни што точно е снимено, ниту што точно од снименото е изнесено надвор од серверите. Ако навистина станува збор за whistleblowers од МВР, тогаш тие што ги истражуваат протекувањата имаат тешка задача да видат што е изнесено од службените харддискови. (За потсетување, ни НСА не знае што сѐ и што точно изнесол Сноуден.)

Но, што е со бројката од 20.000? Брза математика: Во Македонија живеат околу 2 милиони луѓе. Околу 550 илјади се пензионери, околу 350 илјади се ученици во основни и средни училишта и студенти. Уште околу 120 илјади се деца во претшколска возраст. (Бројкиве се извадени од новински написи од google.) Значи остануваат 1 милион пост-студенти — пред-пензионери. ДЗС вели дека од нив околу 690 илјади се вработени. Сигурниот облог е дека 20.000 се дел од овие 690 илјади, но таа група може и понатаму да се намалува, ако ги извадиме земјоделците, градежните работници, занаетчиите, и воглавно сите професии кои што немаат некакво поголемо општествено влијание. Наједноставно овие 20.000 е македонскиот 1% — најбогатите и највлијателните граѓани.

***

Која е користа да бидат бидат прислушувани македонските 1%? Мене ми текнува само тоа дека разговорите што тие ги воделе се чувани како гаранција. Треба да одам на состанок со тебе и знам што си зборувал. Тоа е огромна предност.

Но, ако може да им се верува нешто на филмовите, тоа е дека незаконски прибраните докази не можат да се користат на суд. Така што какви и криминали да содржат сите овие снимки, за секое од тие дела ќе треба да се прибираат нови докази. Оттука објавувањето на снимките најпрво може биде корисно за една голема катарза на општеството во која голем број на луѓе ќе си заминат од јавниот живот. Долго време живееме во општество во кое поткупот, но и многу други „услуги“ се земаат како вообичаена работа од страна на мнозинството граѓани. Ако снимките послужат за вакво прочистување, тогаш тоа ќе биде голем плус за нас.

Се разбира, ова не значи дека сите 20.000 луѓе што биле прислушувани направиле нешто незаконско.

***

Настрана од ова, неспорно кривично дело останува неовластеното прислушување. За една држава што долго време се бави со проблемот на неовластено прислушување од времето на комунизмот, целосно е поразително два пати по ред да влегува во нова епизода од неовластено прислушување од една партија. Останува на граѓаните да оценат на избори дали е тоа дозволиво.

Но, пред тоа потребна ни е суштинска дебата за законските реформи што мора да се направат. Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста, а проблемот со атомските бомби не го решаваме со уништување на атомската технологија. Напротив, го решаваме со закони што ја контролираат употребата на атомската бомба.

Неовластеното дигитално прислушување во Македонија е свесно и плански организирано и одобрено од истиот 1% — од нашата елита: од владата со предлозите за законите што овозможуваат прислушување без мерки и проверки, преку собранието што ги изгласало тие промени, преку уставниот суд што не презел ништо против нив, преку телеком операторите кои не им наложиле на нивните правни тимови да се борат против овие решенија… и така натаму. Со други зборови, ова не се случува затоа што неколку луѓе сковале заговор против Македонија, како што веројатно едноставно се прикажува во јавноста. Ова е заговор од многу поголема група на луѓе, од кои секој одработувал по еден дел за да се овозможи системот да функционира онака како што сега гледаме дека функционира. Сите тие во идеален свет би поднеле оставки и никогаш не би требало да добијат јавна функција.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на законодавството, би требал да вклучува посилна уставна заштита на приватноста на комуникациите, контроли на дигиталното следење што ќе ги спроведуваат операторите, вклучување на народниот правобранител во секоја постапка на следење на комуникации заради обезбедување на почитување на човековите права. А можеби, по примерот на Аргентина и нивните тајни служби (чија разврска исто така се случува деновиве), треба да разговараме и за распуштање на македонските тајни служби и нивно градење одново на здрави темели.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на граѓаните би требал да вклучува обуки за масовно користење на алатки за енкрипција на дигиталните комуникации.

Не смееме да дозволиме сапуницата неовластено прислушување да има четврта епизода.

16.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44646

Објавување во време на медиумски мрак

Tags: 

Да замислиме, само за момент, дека тоа што го вели Зоран Заев е вистина: дека СДСМ има материјали што докажуваат сѐ најлошо за владата на ВМРО-ДПМНЕ, дека тие материјали ќе се објават без разлика на личните судбини на неколкумина од опозицијата, и дека тоа ќе се случи после следната недела. Прашањето што следи е: каде ќе објавуваат?

За среќа скорашната историја ни нуди примери за тоа како се објавувуваат документи кои што потекнуваат од активност на whistleblowing. Случаите со Wikileaks и Едвард Сноуден се само-објаснувачки. Потребни се традиционални мејнстрим медиуми кои што ќе можат да ги пренесат информациите до крајниот читател, соџвакани и презентирани така што ќе постигнат најголемо влијание. Се разбира ова не е и ништо ново. Стратегијата да се објавува на интернет, на фејсбук страници, на јутуб канали и слично, без водство или барем поддршка од традиционалните канали, едноставно нема да функционира. Кога ќе го споредиме тоа искуство со сликата не медиумите во Македонија исходот изгледа мрачен. Водечите весници, како што видовме минатата недела, не можат да објават насловна со наводна тепачка на градоначалник, а не пак нешто што би можело да го руши целокупниот политички естаблишмент.

Во македонски контекст посебно важен е и случајот со Кежароски. Новинарот е осуден за објавување на документи. Од денешна гледна точка, и во најоптимистичко надевање на тактиката на СДСМ, и под горните претпоставки, одложувањето на објавувањето се чини како купување време во кое судските власти во земјава треба да ја укинат пресудата за новинарот со што би се создал чист простор за новинарите да можат слободно да пишуваат. Но, тоа не е сѐ.

Тактиката би требало да вклучува уште неколку договори или виткање на раце кои што е логично да се случуваат. Така доколку доказите тоа го содржат може да се очекува дека некои луѓе ќе добијат „исчезнување на тие документи“ во замена за поддршка при објавувањето. Тука пред сѐ би можеле да се вбројуваат луѓето од Јавното Обвинителство (кои нема да поведуваат кривични постапки за објавувањето), но и бизнисмените што се издавачи на весници, имаат телевизии и/или портали со поголем тираж и достапност до публика од Фокус, Либертас и Слободен печат.

Не верувам дека може да се замисли поинаква тактика за дисеменација на овие најавени документи во ситуација кога имаме де-факто медиумски мрак. Од она што може деновиве да се види и прочита се чини дека стисокот на ВМРО-ДПМНЕ на медиумскиот простор сѐ уште е силен.

Останува да видиме дали некој во опозицијата има одговор на прашањето: „Дали ако дрво падне во шума и никој не го види, дрвото навистина паднало? “— во услови кога Македонија се наоѓа на најниското место на листите на слобода на медиуми и слобода на изразување во последните десетина години.

Страници