Деновиве се одржа вториот по ред „Форум Скопје“.
Не бев присутен на сите вечери, туку само вчера (сабота) и завчера па моите впечатоци овде се само од тие два дена.
Општиот впечаток ми е дека на форумот недостасуваше опзиција. Сите присутни, вклучувајќи ги и гостите од странство кои се искажаа на темата „Скопје“, беа на иста линија во врска со сета нова архитектура и споменици кои се градат во градов - дека тоа не е добро, не е убава архитектура, дека е нетранспаренто и сл. Недостасуваше некој од оние што се одговорни за сета градба да каже како и зошто мисли (а според тоа и спроведува) на таков начин. Недостасуваше некој што ако ништо друго барем се сложува со ова што се гради и начинот на кој тоа се прави. Освен еден испад дека Лумикс личи на змија што е симбол на злото и оттука треба црква до него што е симбол на доброто и некаков повик за македонска гордост други реакции на „одбрана“ немаше. На крајот и модераторката на настанот искажа жалење за ваквата ситуација. Но, и недостатокот на опозиција на форумот сепак носи своја порака, а тоа е дека на одговорните лица веројатно не им е многу гајле за тоа што некој таму дебатира. Се разбира, ова за нас отвара прашање поврзани со отвореноста, демократичноста и транспарентноста на овие процеси, но ми се чини дека тоа не се нови прашања исто како што не е ни недостатоткот на дијалог.
Јас учествував со две забелешки. Во петокот беше отворено прашањето за консензус од страна на еден архитект од Италија. Во неговото обраќање тој објасни дека градежни апсурди се случуваат и во Италија, но Берлускони, кој владее популистички, ја има поддршката од граѓаните и таму постои консензус во врска со тие проекти. Се разбира има некои обични луѓе и архитекти кои се против, но нивниот број е незначаен. На крај, тој постави прашање дали има консензус во Македонија.
Откако никој не одговори, јас се јавив со коментар дека според владата и мнозинството граѓани консензус е постигнат и кај нас (конкретно за градбата на црквата на плоштад). Владеачката партија го црпи своето одобрение од изборите кои ги доби со масивна победа, а во програмата за тие избори има црква на плоштадот. Се разбира и кај нас има луѓе кои што не мислат дека тоа е добра идеја, но паралелата со Италија е премногу очигледна и неизбежна.
Вчера, посебен впечаток ми остави презентацијата на Елизабета Аврамовска која е професор по ликовна уметност. Таа преку примери од други градови се обиде да објасни дека на други места се гради со некаков концепт, со некаква идеја и дека градбите на крајот носат некаква порака. Нејзината поента беше дека тоа не е случајот кај нас. Присетувајќи се на една изјава на Небојша Вилиќ, реков дека очигледно пости некаква идеја зад објектите кои се градат. Плоштадот на кој доминираа поштата и телекомот, важни симболи на комуникација особено во пред-интернет времето, и трговскиот центар и стоковната куќа кои може да се гледаат како некакви центри за конзумеризам, а градската кафана и сите кафулиња за хедонизам, се изменува и сега таму ќе има нови симболи „ на општественото уредување на Кралството на СХС или, подоцна, Кралството на Југославија значи (воз)обновување на нејзините три столба: војската, капиталот и религијата“.
И овде го имаме прашањето за тоа дали на мнозинството тоа му се допаѓа или не, и што можат да прават оние на кои не им се допаѓа, што ме враќа назад на прашањето за непостоење на дијалоги и транспарентност во процесите, и тоа како што рече еден млад архитект од Скопје (чие име не го запамтив), посебно за оние градби кои се дел од идеологијата на власта.
Оттука, не мислам дека може нешто посебно да се направи во врска со новата архитектура во градот само со архитектонски дебати. Ми се чини дека е потребен поширок политички (или ако сакате општествен) ангажман за да се постигне нешто повеќео од само дебати на маргините на вниманието на пошироката јавност.