настани

Undefined

Белешки за носење од „Мала школа за антифашизмот – медиумите и отпорот“

Tags: 

Гостување на Борис Буден за мене секогаш е интересно, па така и овој пат појдов во „Мала станица“ да видам и чујам што има. Овој пат темата беше „нови форми на фашизам“ или „препознавање на фашизмот денес“.

Мојот впечаток од тоа што како воведничар го зборуваше Буден е дека погрешно е да зборуваме дека фашизам наеднаш се појавил. Тој долго зборуваше за линии на континуитет и ми се чини дека токму ова го утнаа домашните говорници и дел од публиката кога настапија со својата позиција на чудење дека нам, овде во Македонија, фашизам наеднаш почнал да ни се случува по 2006 година. Друг впечаток е тоа што ми се чини дека економските прашања ќе остане неотворени ако за тоа не се погрижеше другиот гостин од Хрватска — Томислав Медак. (Се разбира имам резерва дека не сум разбрал сѐ што се зборувало, па молам и за коментари.)

Но, еве, два-три збора повеќе за она што го разбрав: подоцнешната дебата за Скопје 2014. Прво, тука беше амнезијата за потеклото на плановите. Јавна тајна е дека дел од тие планови се правени за време на владеењето на СДСМ, т.е. пред 2006. Чудењето „како ова ни се случи“ речиси ја дополнува таа амнестија и секако ги игнорира линиите на континуитет. Второ, тука беше (постојано) наивното верување дека естетиката и архитектурата се најважни. На пример, коментарот: „каде се хард-кор националистите да се бунат за некои не националистички аспекти на проектот“ комплетно го игнорира факторот пари — т.е. дека и хард-кор националистите имаат цена и можеби нивната е неколку тендери или неколку парцели градежно земјиште што ќе им дозволат мирно да спијат покрај ненационалистичкиот споменик.

Трето инсистирањето на тоа дека „општина Центар е значајна победа во борбата против режимот — затоа што таму каде што најмногу се вложило, таму изгубија“ зрачи со ароганција типична на дебатата Скопје-провинција, но и на реалната игнорантност за тоа што се случува во другите делови на нашата не така голема Македонија. Сосема е можно на други места да се доволни две-три сијалици, или чешма и резервоар за вода, или нови прозорци во школото, или само шљунак на патот за да се добие слика за успешна Влада. Но во Центар, каде што живее најголем дел од естаблишментот на земјата, поранешните партизани, сите станови во градски ѕид кои им припаѓаат на луѓето на позиции од претходната држава и куќите на Водно и што уште не, за да се добие тој успех потребно е повеќе — очигледно не се доволно 400 милиони евра на 2 квадратни километри. Но, ова не е успех на отпорот против владењето што токму таму најмногу се потретира како фашистичко, ниту пак е неуспех на владата. Зошто би бил било што кога е тоа само мало делче. Како приказните (на пример) за гордата и независна Црна Гора во Отоманско време — тоа баш ја прави империјата неуспешна, нели?

Што уште? Не ми се верува дека сѐ уште има луѓе што можат да кажат дека СДСМ е левица и притоа да бида озбилни. Ајде да не коментирам повеќе за тоа.

И конечно, кукањето дека „ние тука немаме никакви ресурси“. Ебате, настанот е поповод 20 годишина од Хрватско анти-воено списание од време на војната. Зар тие тогаш имале повеќе ресурси? Мислам дури и да не се повикам на едноставниот „еј па имате интернет“ аргумент, очигледно е дека ова е полошо од жалење. Печатењето на хартија денес е поефтино од пред 20 години, компјутерите за ДТП се поефтини, дистрибуцијата (веројатно) е поефтина. Дали ќе биде тешко? Веројатно, но сигурно не потешко од факинг Загреб во 1993.

Нека има безброј TEDx-ови во Македонија

Tags: 

TEDxСкопје како платформа за квалитетен јавен говор и инклузивна дебата.

Еден цел ден по TEDxCity 2.0 што се одржа во Кинотеката на РМ и сѐ уште не сум прочитал никакви реакции на темата. Па еве јас ќе бидам прв(?!).

Навраќањето на стари идеи секогаш е згодно затоа што можеме да видиме дали тие сѐ уште звучат добро како првиот пат. Така и со TEDxСкопје. Во една реченица, барем за мене, единствениот начин како на TEDxСкопје да се гледа како на успех е тоа да се гледа најамбицизно — како платформа за квалитетен јавен говор и инклузивна дебата. Затоа што едноставно сѐ друго се детали што привремено го окупираат вниманието и на долг рок не се воопшто важни.

Кога велам детали мислам на тоа дали стримот бил добар или не, дали хотспотот штуцал или не, климатизацијата била тивка или не, и дали или поточно колку пати имало несреќни кликања на презентациите и слајдовите потрчале напред. Кога велам детали исто така мислам и на тоа какви биле темите. Сплетот на околности сакаше првиот TEDx во Скопје да има 4 говори поврзани со технологија и уште 2-3 кои што вклучуваа употреба на технологија. Но, луѓето што се бават со ИКТ вчера (веројатно?) беа разочарани. Темата, која што дојде спакувана со лиценцата од TED.com, беше за градот и архитектите доминираа во списокот со говорници. Просто, не мислам дека било што од ова е неуспех за домашното организирање на TEDx настани.

Имавме среќа, или можеби само околностите беа такви, што TED, а не некоја друга конференција го фати окото на јавноста и стекна доволна популарност овде. А TED доаѓа со определени правила на игра, формат за презентирање и начин на водење дебата. По мое мислење токму овие работи му недостасуваат на домашниот јавен простор, и тоа и како поединечни вештини и како групна пракса.

Оттука тоа што ни треба е TEDx настан секоја година или можеби и секои шест месеци. Темите не се важни, локацијата не е важна, квалитетот на интернет врската не е важен. Важно е луѓето што ќе презентираат да ги совладуваат вештините за презентирање на идеи пред јавност во (тој арбитрарно одреден, но ефективен како правило) TED формат: кратки и јасни говори, чисти слајдови, комуникација на идејата на едноставен начин. Важно е и луѓето што ќе слушаат — публиката — активно да учествува во таа размена на мислења. Да се чуе другиот, да се размисли за тоа и да се одговори — на тедовски начин— на начин што нема да биде конфронтирачки и ad-hominem. Тоа е тоа што ни недостасува овде, денес и веќе некое подолго време. И токму ова е најголемиот товар за организаторите на TEDx настаните. Тоа е и најголемиот предизвик за сите нас.

Но, ако има едно нешто што можам да го забележам како неуспех од 2010, тоа е несподелувањето на знаењето за што сѐ треба да се направи за да се организира една ваква конференција. Тоа е потфат кој одзема многу време и know-how-то може да биде корисно за секој што би сакал да организира TEDx настан. Моделот на Википедија, документација за слободен софтвер и слично е очигледниот пат по кој што треба да се оди. За среќа нема профитна компонента во лиценците за организирање на овие настани, па нема зошто да ги криеме овие информации. Напротив, прирачникот за организирање на TEDx настан треба да го направиме јавно добро — секој да може да го користи и ничие користење да не ја попречува достапноста за другите. Оваа идеја беше на масата кога го завршивме TEDxСкопје во 2010. Но, не успеавме да ја спроведеме. Останува да видиме дали по вториот настан ќе се поправиме.

Ова е висока цел која што никој не бара да си ја поставиме пред себе. Но, мислам дека единствениот начин TEDxСкопје да биде успешен е да биде амбициозен до крај. Се сеќавам дека во ‘90-тите, во добата на пиратското радио, популарен беше слоганот — нека расцутат илјадници антени. Мислам дека така треба да биде и сега — нека има безброј TEDx-ови во Македонија.

Моите 2 денари за „Форум Скопје“

Tags: 

Деновиве се одржа вториот по ред „Форум Скопје“.

Не бев присутен на сите вечери, туку само вчера (сабота) и завчера па моите впечатоци овде се само од тие два дена.

Општиот впечаток ми е дека на форумот недостасуваше опзиција. Сите присутни, вклучувајќи ги и гостите од странство кои се искажаа на темата „Скопје“, беа на иста линија во врска со сета нова архитектура и споменици кои се градат во градов - дека тоа не е добро, не е убава архитектура, дека е нетранспаренто и сл. Недостасуваше некој од оние што се одговорни за сета градба да каже како и зошто мисли (а според тоа и спроведува) на таков начин. Недостасуваше некој што ако ништо друго барем се сложува со ова што се гради и начинот на кој тоа се прави. Освен еден испад дека Лумикс личи на змија што е симбол на злото и оттука треба црква до него што е симбол на доброто и некаков повик за македонска гордост други реакции на „одбрана“ немаше. На крајот и модераторката на настанот искажа жалење за ваквата ситуација. Но, и недостатокот на опозиција на форумот сепак носи своја порака, а тоа е дека на одговорните лица веројатно не им е многу гајле за тоа што некој таму дебатира. Се разбира, ова за нас отвара прашање поврзани со отвореноста, демократичноста и транспарентноста на овие процеси, но ми се чини дека тоа не се нови прашања исто како што не е ни недостатоткот на дијалог.

Јас учествував со две забелешки. Во петокот беше отворено прашањето за консензус од страна на еден архитект од Италија. Во неговото обраќање тој објасни дека градежни апсурди се случуваат и во Италија, но Берлускони, кој владее популистички, ја има поддршката од граѓаните и таму постои консензус во врска со тие проекти. Се разбира има некои обични луѓе и архитекти кои се против, но нивниот број е незначаен. На крај, тој постави прашање дали има консензус во Македонија.

Откако никој не одговори, јас се јавив со коментар дека според владата и мнозинството граѓани консензус е постигнат и кај нас (конкретно за градбата на црквата на плоштад). Владеачката партија го црпи своето одобрение од изборите кои ги доби со масивна победа, а во програмата за тие избори има црква на плоштадот. Се разбира и кај нас има луѓе кои што не мислат дека тоа е добра идеја, но паралелата со Италија е премногу очигледна и неизбежна.

Вчера, посебен впечаток ми остави презентацијата на Елизабета Аврамовска која е професор по ликовна уметност. Таа преку примери од други градови се обиде да објасни дека на други места се гради со некаков концепт, со некаква идеја и дека градбите на крајот носат некаква порака. Нејзината поента беше дека тоа не е случајот кај нас. Присетувајќи се на една изјава на Небојша Вилиќ, реков дека очигледно пости некаква идеја зад објектите кои се градат. Плоштадот на кој доминираа поштата и телекомот, важни симболи на комуникација особено во пред-интернет времето, и трговскиот центар и стоковната куќа кои може да се гледаат како некакви центри за конзумеризам, а градската кафана и сите кафулиња за хедонизам, се изменува и сега таму ќе има нови симболи „ на општественото уредување на Кралството на СХС или, подоцна, Кралството на Југославија значи (воз)обновување на нејзините три столба: војската, капиталот и религијата“.

И овде го имаме прашањето за тоа дали на мнозинството тоа му се допаѓа или не, и што можат да прават оние на кои не им се допаѓа, што ме враќа назад на прашањето за непостоење на дијалоги и транспарентност во процесите, и тоа како што рече еден млад архитект од Скопје (чие име не го запамтив), посебно за оние градби кои се дел од идеологијата на власта.

Оттука, не мислам дека може нешто посебно да се направи во врска со новата архитектура во градот само со архитектонски дебати. Ми се чини дека е потребен поширок политички (или ако сакате општествен) ангажман за да се постигне нешто повеќео од само дебати на маргините на вниманието на пошироката јавност.