Submitted by Новица on
Tags:
1. Градот е избор
Градовите, како што вели Вилијам Гибсон во повеќе пати цитираниот текст од Scientific American, даваат повеќе избор од малите места, и постојано, со зголемување на бројот на рандомизации на можните човечки и културни контакти. Градовите, вели тој, беа огромни, повеќеслојни мотори на избор, олуѓени воглавно со странци.
Помислете на ова секој пат кога на ѕид еден до друг ќе видите два постера: еден што најавува концерт на прославена српска турбо-фолк ѕвезда и друг што најавува концерт на култен бенд од Англија.
Исто така помислете на ова кога темата е Скопје 2014. И покрај своите (очигледни?) проблематични точки (корупција, губење на заедничкото, идеолошка поставеност), и вкусовите на страна, проектот, штом ќе заврши, ќе го остави градот воглавно со повеќе опции од порано.
2. Градот е трпение
Ако градовите се олуѓени со странци, тогаш секој мора да има трпение кон сите други различни и други луѓе што ги среќава. Некои одат бавно, некои брзо. Ако сте на село, тогаш можете да скокнете преку други патеки и патчиња да стигнете побрзо некаде, ако сте во град тогаш мора да чекате во ред, на улица, во супермаркет.... секаде.
Помислете на ова секој пат кога раката ви оди кон сирената на автомобилот со брзина на револвераш од дивиот запад.
Исто така помислете на ова, кога темата се дијалектите што ги слушате на улица, гужвата што ја доживувате во вторник и петок во автобус и слично.