TEDxSkopje и НПСС: битката за внимание на акронимите на интернет

Tags: 

Оваа година отприлика во исто време почнав да „работам“ на два проекти. Едниот е TEDxSkopje. Тој ќе кулминира, со настанот во МКЦ, утре. Другиот е Националната политика за слободен софтвер (за) која треба да (се) изоди уште пат.

TEDxSkopje и НПСС не можат да бидат поразлични.

Првиот е приватна иницијатива. Воглавно е поддржан од приватни ентитети (освен МКЦ). Не е екслузивен - може да има и други како него. И малку е релевантен во поширокиот контекст на македонското општество - освен замислената идеја дека презентации во стилот TED можат да го подигнат нивото на дебата, нема нешто посебно друго. Сепак, TEDxSkopje речиси целосно и скоро постојано е под будното око на (интернет) јавноста за сите фалинки. Речиси и да немам сомнеж дека утре уште по првиот говор ќе биде пекол на Twitter и слично.

Вториот е јавна иницијатива. Вклучено е Министерството за информатичко општество, фондацијата Метаморфозис и Слободен софтвер Македонија, како носители, а покрај нив и заинтересирани страни од универзитети и бизнис секторот. Текстот се прави еднаш. Нема да има втора верзија до година. Ако биде усвоен ќе биде важен во градењето на информациското општество, а посебно во делот на транспарентноста на ИКТ политиките на државните органи, како и во комуникацијата што тие ја имаат со сите нас. Таа може да биде документ што ќе го обликува идниот развој на ИКТ во државава и сигурно ако успее ќе биде одлична тема за некој TEDx. Сепак, НПСС (и покрај бројните повици за тоа) не е на радарот на интернетската јавност.

Додајте кон ова дека луѓето што на интернет го ловат TEDxSkopje за грешки во чекори се доволно стручни да дадат свој придонес во НПСС и причината за овој тескт ќе ви биде јасна.

Но, бидејќи сум економист, ќе потсетам на тоа дека луѓето се себични. „Својата корист пред сѐ“ - и изгледа дека многумина својата корист ја гледаат токму во TEDxSkopje.

Како некој што го организира TEDxSkopje можам да кажам дека на крај, и покрај сѐ, се чувстувам поласкано. Но, како некој што утре треба да поднесува завршна сметка во ЦРМ, чуствувам должност да потсетам дека шансата за буткање на стандарди и отвореност во е-тинтири-минитри со државата е пред сите вас.

2 Comments

Критика на гомнојадниот

Критика на гомнојадниот ум

Мислам дека животниот циклус на просечниот Македонец поминува низ три фази: бадијалџија -> сеирџија -> гомнојадец. Евидентно е дека просперираат оние социјални медиуми кои го забрзуваат овој процес (Facebook, Twitter), додека другите поколаборативни и поконструктивни проекти (социјални вести, вики сајтови), стагнираат. Главниот проблем, чинам, дека е во првата фаза, т.е. имаме премногу бадијалџии (поради невработеност, главно).

Бадијалџијата има посебна вредносна архитектура, без разлика дали се нашол во таква фаза заради објективни или субјективни причини. Проблемот со големиот број на бадијалџии е (1) дека тие немаат концепт на вреднување на туѓото време, туѓиот труд, и туѓите пари бидејќи и самите се изземени (или сакаат да бидат изземени) од процесите на создавање на духовни и материјални вредности, што резултира во (2) немање концепт за заедничка општествена граѓанска свест, чувство за одговорност, државност и сл. Бадијалџијата има огромен потенцијал да стане сеирџија, бидејќи тоа е најлесниот пат за некакво учество во општеството: да се остане пасивен спектатор и коментатор на општествените настани. Затоа во Македонија ќе цветаат влади кои на своите граѓани (?) ќе и понудат многу спектакли на кои ќе можат сеирџиите да се самореализираат, па дури и сеирџиите да не ги одобруваат овие спектакли (или "важно е дека нешто се дешава" синдромот).

Тука некаде доаѓа и третата фаза, т.е. гомнојадството. Кога сеирџијата ќе добие општествено признание заради својата пасивност и сеирџиство од своите колеги-сеирџии, дали преку појак статус во локалната сеирџиска кафана или преку лајкови на FB, следбеници на Твитер итн., тогаш тој полека започнува да се смета супериорен во однос на активните членови на општеството. Колку е повидлив (и посеирџиски податлив) одреден процес, толку ќе биде и гомнојадецот поинтензивен и погласен за него, и тоа ќе се наостри негативно и кон двете активни страни на тој процес. На пример, околу Скопје 2014 (сеирџиски податлив проект), имаше огромен број на случаи каде сериозни гомнојадци беа истовремено критичари на проектот, но уште појаки критичари на било каквите обиди за активен оптор кон проектот (де кој ги финансирал, де зошто не било масовно, де зошто се бламираат).

Да сумирам, активниот, граѓански пристап кон работите е НАВРЕДА за вредносниот систем на гомнојадецот. Колку одреден активен граѓански пристап кон работите е повидлив, толку гомнојадецот ќе ги искористи сите сеирџиски капацитети да коментира и да го одвлече вниманието кон сопствениот сеир. Гомнојадецот не е заинтересиран за успехот или неуспехот на одредена акција, тој е заинтересиран да добие внимание. Доколку НПСС беше повидлива во медиумите како што е TED, биди сигурен дека ќе имаше АРМИЈА на гомнојадци позади тебе, кои ќе следат секој твој чекор и потчекор, броејќи ги сите влакна во твојата коса, и ќе чекаат да ја направиш првата грешка. А ако ја нема, ќе ја измислат! :)

Отидов да копам нива, поздрав.