July 2012

RE: Идеалот за четвртиот столб: кога тролот ја засилува поентата

Tags: 

Мојот текст „Идеалот за четвртиот столб“ добил 2 коментари на страницата на Радио слободна Европа. Еден од нив е класично тролање (нема пермалинкови до коментарите на РСЕ, скројалте најдолу за да го видите). Но и покрај тоа, е вреден и затоа сега правам дополнителен осврт на темата.

Коментарот вели: потсетиме уште еднаш Новица, кој те плаќа тебе и вашиот „слободен“ 4 столб од РСЕ? Како беше, чичко... чичко Сем ли беше... или Цијата ли беше...

http://en.wikipedia.org/wiki/Radio_Free_Europe/Radio_Liberty#Relationshi....

Историјата на РСЕ е полна со контроверзи. Нивната поврзаност со ЦИА е само една од спорните точки. Впрочем РСЕ е формирана за анти-комунистичка пропаганда во Европа (според истата страница на Википедија).

Мојот текст никаде не вели дека РСЕ е пример за т.н. „четврт столб“. Напротив, за пример го зема Викиликс, кој и во САД не може да ги ужива правата кои ги имаат другите традиционални медиуми. Но, бидејќи не живеам во Америка, немам што многу да правам за нивните медиуми.

Затоа, настрана од анализата на фактите за РСЕ, самото постоење на испостава на РСЕ во Македонија е доволно кажувачко: истата страница на Википедија вели дека РСЕ постои во земји каде „слободниот проток на информација е или забранет од владата или не е целосно развиен“. РСЕ е под јурисдикција на Конгресот на САД значи, по мислењето на некој комитет таму (меѓу парламентарците на САД) ние (Македонија) припаѓаме на оваа група на земји, кои не се претерано фино друштво (мапа има тука: https://en.wikipedia.org/wiki/File:RFE_Broadcast_Regions_crop.jpg). Со ова не сакам да ги омаловажам или поинаку навредам другите земји, но анализата ја сместувам од гледната точка на САД која патем е најголемиот сојузник на Македонија.

Со други зборови, накратко речено, што се однесува до САД, медиумите во Македонија се горе-долу на исто ниво како во Русија, и оттаму испостави на РСЕ. А кај нас, од истата таа позиција на сојузништво со САД всушност во домашниот печат лесно се коментира за Путинизацијата на Русија и намалувањето на човековите права и медумските слободи.

Сѐ на сѐ, коментарот кој алудира на циашката поврзаност на РСЕ ја потврдува главната поента на текстот - дека во Македонија нема независни медиуми, кои пред се се одговорни на јавноста, и кои ја зборуваат вистината за граѓаните да можат да носат информирани демократски одлуки.

На крај, можеби сосема пригодно, текстот кој се обраќа на состојбата на медиумите во земјава за жал се појави во РСЕ, а не во некој од домашните медиуми.

Идеалот за четвртиот столб

Tags: 

Поранешниот американски аналитичар на ЦИА и советник на неколку претседатели, Реј Мекговерн, цитиран во „Викиликс, откривање, слобода на говор и демократија: Новите медиуми и четвртиот сталеж“ (PDF), вели: „Четвртиот сталеж е мртов... заробен од владата и корпорациите, воено-индустрискиот комплекс и разузнавачкиот апарат“.

Ниту една друга професија во историјата на човештвото не била толку ценета во општеството, и од неа тоа толку не се плашело, за да ѝ додели епитет како што е четвртиот сталеж: четвртиот столб на општеството, покрај благородниците, свештенството и обичниот народ, или како што е седмата сила, мислејќи тука светска сила покрај останатите шест во Европа во 19-тиот век: Обединетото Кралство, Франција, Австрија, Прусија, Руското и Отоманското Царство.

Поскорешна ознака е четвртата власт, покрај законодавната, судската и извршната. Сите три се однесуваат на новинарството, на замислените идеални медиуми кои стојат како последна проверка за политичката власт.

Кое и да е нивното поетско име, често зборуваме дека тие се мртви. Да ја цитираме повторно Џенифер Робинсон: „Корпоративната сопственост на новинарските организации (понекогаш од истите корпорации кои поддржуваат одредени политичари и имаат интерес во државни тендери), комбиниран со економските притисоци на изумирачкио бизнис модел на традиционалните медиуми, значи помал фокус на традиционалната улога на медиумите и повеќе фокус на економските интереси и односите со моќта што ги штитат тие интереси. Некои велат дека традиционалните медиуми се поместиле од својата улога да бидат четврт столб, замислен дел од владеењето во демократија, во буквална „четврта гранка“ каде стариот печат е одвнатре и според тоа веќе го нема спротиставениот однос со тајноста, концетрацијата на моќ и корупцијата, однос кој е потребен за правилно да ја исполнува својата улога“.

Горниот параграф лесно може да се употреби за да се опише медиски могул како што е на пример Руперт Мардок. Но, иако не од толку голем размер, сепак сосема соодветствува и на македонскиот новинарско-медиумски пејсаж. Сопствениците на сите поголеми медиуми во Македонија се секојдневен дел од чаршиските разговори, а нивните односи со политичките елити се незаобиколив дел од фолклорот. (Службен преглед на електронските медиуми и детали за нив има на веб-страницата на Советот за радиодифузија.)

Дека потребата за независно новинарство кое пред сѐ ќе одговара пред граѓаните, не е само едно видување, говори и студијата на Бил Ковач и Том Росентил насловена „Елементите на новинарството: Што треба новинарите да знаат и јавноста да очекува“. Во ова дело базирано на опширно истражување, авторите изнесуваат 9 јасни принципи за новинарството меѓу кои се обврската кон вистината, лојалност кон граѓаните и независно надгледување на моќта. Авторите предупредуваат дека ако не ѝ се вратиме на теоријата за слободен печат, новинарите ризикуваат нивната професија да исчезне.

Слика од: http://www.toonpool.com/cartoons/Wikileaks_107207.

Која е тогаш иднината на новинарството?

Робинсон ги гледа Викиликс и нивниот модел како добар пример за новинарска организација која тежнее кон идеалот за четвртиот столб. Поради тоа што се финансирани од јавноста преку мали донации, тие остануваат единствено одговорни кон јавноста. Нивниот модел исто така ја отвора вратата за научното новинарство. Џулијан Асанж вели дека научното новинарство овозможува не само читање на новинска вест, туку и проверка на оригиналниот документ кој е основа за таа вест. Така читателот сам ќе може да оцени дали веста е вистинита или не. Јасно ова е и начин да се види дали новинарот ја исполнил обврската кон вистината.

Огромно прашање е дали и колку моделот на Викиликс - да се биде финансиран од јавноста и да се објавува вистина, може да се прилагоди во Македонија. Но, ова прашање оди рака под рака со прашањето дали демократија може да опстане без медиуми кои се стремат кон овој идеал. И додека работиме на појавувањето на новинарската организација која ќе биде отелотворување на четвртиот столб, да се потсетиме на познатата мисла на Томас Џеферсон: „Онаму каде печатот е слободен и секој човек знае да чита, сѐ е безбедно“.

Текстот е објавен на РСЕ.мк.

Овој текст е втор дел од пишувањата за новинарството. Првиот дел е „Поп-културата и новинарството“.

Скромен предлог за искористување на инфраструктурата и учество на корисниците на интернет за подобрување на животот на луѓето во Македонија или „Половина денар за подобро општество“ #половинаденар

Tags: 

tl;dr Јавен притисок врз големите компании во Македонија за донирање на половина денар од сметките што ги плаќаме во фонд наменет за оние лица за кои медиум ќе обезбеди јавно достапни информации дека се наоѓаат во состојба на економска обесправеност. Текстов е rough on the edges, ама release early, release often.

На овој блог порано имало пишувања за 0,50 денари од сметките што ги плаќаме и што исчезнуваат некаде. Од лично искуство најголеми сркачи на овој ситнеш се 1. претпријатијата за комунални услуги (вода, струја, комунална хигиена, топлинска енергија, телефон, интернет), 2. бензинските пумпи (Макпетрол пред сите), 3. аптеките, 4. големите маркети (како Тинекс, СП и сл.) со помош на 5. банките и 6. поштата како посредници. Станува збор значи за оние 0,50 денари што не ги добиваме како кусур кога со готовина плаќаме во супермаркет, на бензиска или во банка и пошта. Понекогаш тие 0,50 денари се губат и во безготовинските трансакции. Моментот што го барате од Вашето искуство е кога на екранот гледате некоја сума 429,5 денари, а продавачот Ви вели 430 денари.

Вкупниот број на денари што се собира на овој начин е непознат. Но, заради целите на овој блог, да претпоставиме дека станува збор за 100.000 (сто илјади) вакви трансакции дневно во Македонија, кои пак се сведуваат на 50.000,00 (педесет илјади) денари кои ете - одат некаде. За повеќе, направете ја пресметката сами.

Можеби е добро да прибележам овде дека мотив зошто го пишувам ова е приказната за Марина од Долгаец. Но, нашето секојдневие и така е полно со многу вакви примери. По сѐ изгледа оваа приказна за мене беше една приказна премногу.

Моделот што го предлагам подолу е модел кој на други места се користи за стимулирање на личното штедење. На пример, Bank of America на своите клиенти им дава можност ситните пари до 1 долар од секое плаќање автоматски да им се префрлуваат на штедна сметка. Значи, и тој не е нешто ново во белиот свет.

И трето, до сега на македонскиот интернет се покажа дека има капацитет за разни организирања од различен вид (qr кодови, елки, дрва за огрев, протести, велосипедски работи). Но, ми се чини дека немало волку голем залак, во потребите за организираност, истрајност и можните позитивни ефекти. Со други зборови потенцијалот е тука. Ако го читате ова, тогаш знаете дека мислам на вас. Да видиме дали можеме да направиме нешто за што инаку ставаме лајкови и ретвитови кога го читаме на reddit.

Идејата за акција е: јавен притисок врз големите компании во Македонија за донирање на половина денар од сметките што ги плаќаме во фонд наменет за оние лица за кои медиум ќе обезбеди јавно достапни информации дека се наоѓаат во состојба на економска обесправеност.

Па како да го направиме?

1. Постојано пишување до компаниите со апелирање на нивните активности за општествена одговорност. Тука се вбројуваат следниве правни лица: ЈП Водовод и канализација, ЈП Комунална хигиена, АД Топлификација и фирмите ќерки, ЕВН Македонија, Т-Хоум, Т-Мобајл, Оне, Вип, Макпетрол, Зегин, Тинекс, Веро, СП.

Содржината на овие дописи треба да изгледа отприлика вака:

До...

Почитувани,

На сметките за испорачани стоки/услуги што ги издава Вашата компанија често има остаток од половина денар (0,50 денари) кој не го добивам како кусур. Мислам дека ова не е исправна пракса, но истовремено ја разбирам тешкотијата за враќање на оваа сума на пари.

Затоа молам секој половина денар што ќе го добиете од моето плаќање кон Вас го донирате на сметката на фондот „Половина денар за подобро општество“ чии сметки се водат во следниве банки: .....

Фондот има единствена цел да им помага на лица кои се наоѓаат во состојба на економска обесправеност.

Апелирам на Вашата човечност и постојаната пракса на Вашата компанија за општествена орговорност.... во духот на тие и тие ваши претходни активности.

Напоменувам дека за секој денар пренесен на сметките во банките, тие даваат свој придонес од еден денар (или xx%).

Однапред благораден/а

2. Вклучување на банките и пошта во акцијата така што сумите што се плаќаат на нивните шалтери ќе го имаат истиот третман како погоре. Но истовремено, барање за водење на сметките за овој фонд без провизија, без провизија за уплатите и исплатите и ветување од нивна страна дека на тие сметки ќе има великодушна камата и/или дека за секој денар од компаниите и тие ќе донираат по еден денар.

3. Вклучување на медиумите за покривање на активностите во врска со ова, од една страна со снабдување на информации за лица на кои би им била потребна ваква помош, од друга страна со оставање простор за претставување на иницијативата во континуитет во подолг временски период.

4. Организирањето на фондот може да биде проблематично, и тука особено треба да се внимава да не се случи некоја сапуница од типот на „Денот на дрвото“. Но, и тука ми се чини има доволно искуство во проектите како што е на пример Википедија. Значи, комплетна и безусловна транспарентност. Секојдевно ажурирање на прилив и одлив на пари со информации достапни на интернет во обработена и сирова форма за оние кои би сакале да проверат. Сите работат како волонтери. Може да има некаков надзорен одбор со краткотраен мандат за членовите.

5. За почеток, за организирање и координирање претпоставувам може да се користи некој сервис како Kickstarter. Гуруата за социјални медиуми сигурно знаат што може најдобро да одговара. Волжебниците со компјутерски молив и четка можат да направат дизајни за печатење и интернет, и потоа потребна е помош од професионалците за јавна комуникација за да се допре до медиумите. И во определен момент, сето ова мора да се прелее во физички простор, па луѓе од разни градови треба организираат јавни собири за промовирање на идејата. Добрите вести се дека сите овие работи се правени, засебно и со краткорочни или непосредни цели. Знаењето е тука. Да го цитирам Бенџамин Зендер (од предавањето на TED): „This is about vision; this is about the long line. Like the bird who flies over the field and doesn't care about the fences underneath“.

6. Списокот со идеи останува отворен...

Автомобилите и економијата

Tags: 

Дека автомобилите се индикатор за економските перформанси на една земја не е нешто ново. За оние кои се двоумат, брзо пребарување на google дава резултати што го потврдуваат ова.

Замислете сега ова. Годината е 1980 и сакате да купите кола. Во тогашна Македонија, можеби не се нуди нешто посебно од денешна перспектива, но се нуди тоа што тогаш е топ на пазарот, што од локалното производство на Застава, што од европското во модели како Рено 4, Пежо 304 и сл. Овој возен парк можете да го видите речиси во секое македонско село или помало место, по дворовите и ливадите. Старите хаварисани возила седат на сонцето и вдомуваат животинки.

Но, нив речиси и да ги нема во Скопје.

Кои се поуките од ова?

Прво, дека развојот во голем дел од Македонија застанал таму некаде одамна пред 25 години. Просечниот човек одамна не може да ја купи просечната кола за да во неа се вози со своето просечно семејство.

Второ, во истиот период во Скопје се концентрирало богатството. Се случила редистрибуција од периферијата кон центарот.

Трето, оваа појава го истакнува раслојувањето на населението. Македонија почнува да наликува на земја на многу богати и многу сиромашни. Зборовите што ги користи Лоренс Лесиг во „Изгубената република“ за да опише ваква транзиција во САД се: од „Broadland“ кон „Richistan“.

Поп-културата и новинарството

Tags: 

Краток преглед на списокот на измислени новинари, открива интересна појава помеѓу суперхероите што се појавуваат во стриповите, филмовите и тв сериите: голем број од нив се новинари, репортери, фотографи. Од попознатите Супермен е Кларк Кент, новинар од Дејли Планет, Спајдермен е Питер Паркер фотограф од Дејли Багл, Капетан Марвел е Били Батсон, радиски новинар. Со ненадприродни моќи го имаме Тин Тин кој исто така е репортер, Снапер Кар кој е дел од Лигата на правдата и Ејприл О'Нил од екипата на Нинџа желките.

Улогата на суперхероите во општествата, па и во оние измислените, е да им помагаат на беспомошните, обесправените и загрозените. Тие ѝ се спротистават на моќта која нe одговара пред никој друг. Нивната задача е бидат последната контролна точка која злоупотребите на моќниците никако не смеат да ја поминат.

Од друга страна, со зборовите на Едмунд Бурк, задача на печатот е да обезбеди функционирање на претставничката демократија со тоа што ќе остане независен од владината контрола, ќе ја испитува владината работа и ќе ги држи политичарите до одговорност со тоа што ќе ја снабдува јавноста со информации потребни за носење на информирани демократски одлуки. Кажано поинаку, печатот треба да ја зборува вистината за моќта.

Слика од: https://5yearproject.wordpress.com/tag/wardrobe/.

Дали е тогаш случајно што токму ликови на новинари се чести алтер ега на (супер)хероите?

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Слободата на печатот, како и слободата на говорот, се концепти кои се сметаат за едни од најголемите достигнување на западните демократии. Оттука, не е чудно што поп-културата ги прифаќа и поттикнува истите нив преку своите дела, мешајќи го јавниот и тајниот живот, дневната и ноќната работа на новинарите-суперхерои.

Поради сето ова ми беше интересно да побарам, барем на интернет, референца за измислен новинар од Македонија. Колку што успеав да најдам, нема таков истанкат лик во нашите книги или филмови. Ниту пак најдов суперхерој кој во својата дневна работа е новинар.

Се разбира, причините за ова може да се целосно економски: локалниот пазар можеби е премногу мал. Или пак можеби се артистички: домашните стрип-цртачи, на пример, можеби повеќе сакаат да цртаат на други теми. За конечен заклучок потребно е повеќе истражување. Во меѓувреме, останува да се надеваме дека недостатоток на новинарите-суперхерои било одраснати дома, било преведени од странство не е индикатор за тоа колку нам овде ни значат вредностите за кои зборува Бурк.

Овој текст е објавен на Радио Слободна Европа: http://www.makdenes.org/content/article/24630046.html

Краток коментар кон „Збогум пирати?!“ од Diversity Media Production

Tags: 

Минатата недела дадов кратка изјава за прилог на Diversity Media Production посветен на авторските права. Текст и аудио има тука: http://diversitymedia.mk/index.php/217

Целата изјава беше подолга, но на крај има само неколку реченици од мене:

„Веројатно поголем ќе биде трошокот за некоја компанија од таму да дојде да ги чита законите, да најми луѓе и да истражува. Меѓутоа, од друга страна, проблемот може да биде и во недоследната примена на законот, затоа што тој може да се искористи за замолчување на лица или организации ако утврдат дека користеле некоја нелиценцирана содржинаˮ вели Наков и посочува пример:

„Во Русија, затворени се неколку организации кои што се борат за човекови права на основа на тоа дека користат нелиценциран „Виндоус“.„

Сега, откако го прочитав текстот морам да додадам уште два коментара, кон двете други изјави што се во истиот прилог.

Прво тука е маченичката изјава на продуцентот на „Панкот не е мртов“:“„Сум изгубил три години за да се направи со триста маки и некој го постави на Интернет. И уште дава коментари дека е тоа општествено добро и дека треба сите да го гледаат и дека тој тоа што го направил е многу добро дело. Што е тој? Робин Худ, што...?! револтирано прашува Попов. “.

Брзо гуглање за филмот дава дека филмот е поддржан од филмскиот фонд со 250.00,00 евра. Мислам дека нашата, како општество, принципиелна позиција во врска со авторските дела што се финансирани од државниот буџет, треба да биде дека сите тие дела ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани на Републиката. Во оваа смисла, повеќе симпатии имам за Холивуд кој плаче за своите филмови, бидејќи таму сѐ се плаќа од личен џеб.

Македонските филмаџии не се првите што финансирани од државата саакаат да максимизираат приходи од авторскиот монопол. Книгите на МАНУ се безобразно скапи, исто како и толковниот речник кој го издава Институтот за Македонски јазик, ако добро се сеќавам од посетите на саемите.

Второ, изјава на В. Пепељуговски, претставник на BSA (организација што ги штити интересите на Мајкрософт, Адоби и сличните големци) во Македонија: „Тука губат големите компании. Но, тука губи и државата преку неплатени даноци, ДДВ, промет, данокот на добивка, неплатени царини, неплатени придонеси... Тоа се огромни штети што се мерат во милиони американски долари, но и кои се мерат во изгубени работни места“.

Ова е уште еден FUD каков што ми се чини навикнавме да слушаме од Пепељуговски. Не само што сите овие давачки не ги наплаќа државата кога купуваме софтвер, туку и научните студии се јасно против пропагандата на Холивуд:

Time and again, the studies show that the effect on markets is marginal, and that the big entertainment companies are opposed to file-sharing a means of suppressing competition and innovation (http://boingboing.net/2012/05/07/meta-analysis-of-studies-on-fi.html).

На крај да не го заборавиме The $8 billion iPod кој иако презентиран со смешен тон е базиран на релевантни статистички податоци (http://blog.ted.com/2012/03/20/the-numbers-behind-the-copyright-math/).