January 2012

#10години 2С.мк

Tags: 

Оваа 2012 година Слободен софтвер Македонија прославува 10 години постоење. Се чини дека оваа година ќе биде возбудлива за сите што некако се наоѓаат на фронтот на дигиталните слободи. Опасностите кои надвисуваат над нас пред сѐ во форма на законските решенија како SOPA и ACTA уште еднаш ќе ја тестираат истрајноста и посветеноста на ширката заедна луѓе што работи на прашањата поврзани со слободен софтвер во [и од] Македонија.

Но, пред да се вратиме на работите што нужно го бараат нашето внимание денес, може и треба да се потсетиме на некои поважни датуми од изминативе десет години. Еве ги со ред:

1. 28 октомври 2002 година
Се одржа основачкото собрание на Слободен софтвер Македонија. Собранието се одржа во тогашниот „Пингвин Паб“ карши автобуската станица „Рекорд“ во Скопје. Присутни беа 15 основачи. Беше изгласан првиот статут на организацијата и првото раководство. За претседател беше избран Иван Стојмиров. Во управниот одбор членуваа уште и: Александар Ников, Арангел Ангов, Васко Митанов, Дамјан Георгиевски, Дарко Стојчев и Игор Петрески.

2. 4 септември 2003 година
На апелот за помош во врска со можниот договор со Мајкрософт испратен до меѓународната заедница за слободен софтвер се одзва Џон Хол, претседателот на Linux international. Писмото од Џон Хол стигна во Македонија на овој ден и истото беше испратено до Претседателот на Републиката, до Претседателот на Собранието, до пратеничките групи, и до Владата на Република Македонија.

3. 3 јуни 2004 година
Слободен софтвер Македонја ја поплави со слободен софтвер втората конференција на Мајкрософт - „Визија“.

4. 16 јуни 2005 година
На седница на Владата на Република Македонија беше усвоена Националната стратегија за развој на информатичко општество. Лобирањето на Слободен софтвер Македонија овој пат вроди со плод. Во обемниот документ има место за слободниот софтвер, платформската неутралност и отворените стандарди.

5. 25 јули 2006 година
Слободен софтвер Македонија доби покана да учествува на проектот на UNDP Македонија насловен „Support to e-Governance initiatives based on Free/Open Source Software at the local level in FYR Macedonia“. Организацијата испрати работни препораки до UNDP Македонија.

6. 16 јануари 2007 година
Слободен софтвер Македонија и фондацијата Метаморфозис со заедничко соопштение до јавноста го критикуваа тендерот за комјутерска писменост кој го распиша Владата на Р. Македонија. Неколку дена подоцна Владата ја исправи тендерската документација во која претходно се бараше само обука за Мајкрософт офис.

7. 26 мај 2008 година
Слободен софтвер Македонија во јавноста излезе со свој став во врска со кампањското локализирање на софтвер потребен за училиштата во Македонија што го спроведуваа Влада на Р. Македонија и USAID во соработка со приватни компании. Како резултат на нивните краткорочни решенија за локализација беше зададен голем удар на заедницата на преведувачи. По нивната конечна одлука за кампањскиот модел повеќе локализациски проекти престанаа со својата активност. http://slobodensoftver.org.mk/vesti/reakcija_za_tender_za_lokalizacija_e...

8. 17 октомври 2009 година
Отворен првиот хаклаб во Скопје: КИКА.

9. 03 јуни 2010 година
Во Скопје предавање одржа Ричард Сталман.

10. 13 јули 2011
Во скопскиот хаклаб КИКА се одржа прва само за жени хакерска вечер.

Подолга листа со настани се одржува на викито за слободен софтвер. Но, и ова е чинам доволно за да го видиме резимето на Слободен софтвер Македонија. Со ова темпо, и оваа година ќе биде забавна и плодна.

Текстот е објавен на it.com.mk: #10години 2С.мк.

Цени

Tags: 

Овие неколку забелешки супер би дошле како некој цртеж, графикон или слично, но кога веќе не можам да шкртнам така, да шкртнам вака:

1. Цената на струјата расте, меѓу другото и поради зголемената потрошувачка.

2. Потрошувачката е зголемена поради зголемената употреба на струја за затоплување.

3. Тоа пак е резултат на намалената употреба на топлинска енергија од Топлификација (да, ова пред сѐ е за Скопје).

4. Намалената употреба на топлиснка енергија е поради нејзината зголемена цена.

5. И нејзината зголемена цена е поради намалената употреба, т.е. луѓето плаќаат повеќе меѓу другото и поради тоа што плаќаат за оние станари што се исклучиле.

Сумирано, луѓето што се исклучиле, меѓу другите фактори, имаат влијание на качувањето на цената и на парното и на струјата.

Со други зборови, огромен општествен трошок се прераспределува кон одредена група на граѓани - т.е. тие што плаќаат и парно и струја.

Со трети зборови, срање.

Законите и интернет

Tags: 

Веќе сите знаат дека на 18 јануари 2012 „интернет штрајкуваше против SOPA“. Дури и очајните македонски медиуми на некој начин ја пренесоа веста. Мајка ми беше загрижена дека нема да може да се чуе со брат ми на Skype дека нема да сме имале интернет од пет наутро до пет попладне...

Накратко, повеќе водечки веб страници беа недостапни еден ден: Википедија на англиски јазик, BoingBoing, reddit, imgur и слично. Тоа се страници кои се длабоко поставени во техно-либертаријанството на Силиконската долина, анти-авторитативноста, анти-цензурата и повразни граѓански вредности, што ми се чини дека за чудење ќе беше овие страници да не затвореа тој 18 јануари [или некој друг ден]. Ним, до некаде, им се приклучи и еден од најголемите иноватори на интернет - порно индустријата, и можеби овие две заедно е сѐ што многумина од нас подразбираат под „интернет“: википедија и порно. Да се рече дека интернет е многу повеќе од тоа е истакнување на очигледното, но несомнено улогата на овие е значајна.

Има [барем] две клучни точки во врска со SOPA (и PIPA) што одат преку тесното „википедија не ми работи“ гледиште во врска со овие закони. Првата произлегува од честото мислење или убедување - „па јас не сум пират, не даунлоадирам од интернет, немам филмови на харддиск...“ и на неа кратко може да се одговори со коментарот на pssvr на reddit: „Ниедна тиранска, мизерна влада не доаѓа на власт ветувајќи им на луѓето тиранија и мизерија“. Коментарот е одговор на друг малку подолг коментар за тоа како Данска ја живее својата епизода со цензурата на интернет; за тоа како добрите намери и ограниченоит опфат и опсег се губат штом ќе биде поставена инфраструктурата. Сигурен сум дека имало „добри намери“ и кога пред петнаесетина години се донсувале договорите во WIPO што подоцна се искористени за носење на DMCA. Секој што е на интернет од 2000-тата знае дека оттогаш има постојана кампања за елимирање на DRM, но успехот најблаго речено е ограничен. Последиците од ова поместување на законските регулативи можеби најсликовито ги објаснува Кори Доктороу во својот говор на 28c3 - „Надоаѓачката војна на компјутерите за општа употреба“.

Втората пак произлегува токму од искуството со DMCA и се однесува на мислење или убедување дека сето ова нас, овде, во Македонија не нѐ засега. Впрочем ова е битка во Соединетите држави, за нивни закони кои воглавно се однесуваат нивни компании, во изборна година, и секако надвор од сите главни грижи што ние тука ги имаме. Поупатени луѓе од мене веќе го адресираа ова прашање. На пример, тука е текстот на Мајкл Гајст, „Зошто Канаѓаните треба да учестуваат во протестот против SOPA/PIPA“ кој беше рециклиран и на BoingBoing. Но, ете да не останам покусо со мој коментар, ќе упатам на Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ, бр. 115 од 31.08.2010 година), Оддел 1: Заштита на технолошки мерки, каде започнува нашата „DMCA во мало“. Тоа се одредби кои се внесени во законот без многу врева, јавна дебата или земање предвид на истражувања или анализи во врска со DRM кои постојат со оглед на тоа дека законот во САД е донесен во 1998, а кај нас 12 години подоцна, и оттука поминато е доволно време да се направи проценка. Јасно, на увозот на законски мерки нема царина или други бариери, но позагрижувачки е тоа што одредбите може да дремат на хартија сѐ додека во еден момент не се искористат против нешто што само во фуснота ја има идејата за авторските права.

Но, ете сме назад на нормално функцинирање на мрежата. Затемнувањето против SOPA и PIPA имаше мерлив успех. До крај останува да видиме дали на Википедија ќе треба да ѝ се заблагодаруваме за нешто повеќе од обезбедување на лесно разрешување на кафански расправии.

Текстот е објавен на it.com.mk: Законите и интернет.

Улис и зомбија

Tags: 

Ова е првиот наслов на кој помислив кога прочитав дека од 1 јануари 2012 делата на Џејмс Џојс влегуваат во јавниот домен во ЕУ. За оние кои не знаат Џојс се смета за „родоначелник и втемелувач на модерниот прозен и експериментален пристап“ [според Википедија на Македонски]. Насловот не е случаен. Една исто така голема авторка Џејн Остин, чии дела од поодамна се наоѓаат во јавниот домен, има добиено проширувања и преработки со зомбијата како централна тема. Книгата се вика „Гордост и предрасуди и зомбија“ и настрана од поволните критики што ги има добиено, ова дело претставува еден од светлечките примери за тоа што може да се прави кога културата е слободна. Уште еднаш, по кој знае кој пат, познатиот рефрен на Лоренс Лесиг: „Креативноста секогаш се надоградува на минатото“ - совршено го сумира овој уметнички потфат, како и можностите што стојат пред нас.

Но, љубителите на проза со зомбија не се единствените што се радуваат на оваа вест. Според текст од American University единствениот наследник на имотот на Џојс, неговиот внук Стефен Џојс, будно и жестоко ги бранел правата од делата на Џојс, дејствувајќи против јавноста што сакала да го слави големиот писател и против академската заедница за која делата на Џојс се од големо значење.

Така оваа година за прв пат на 16 јуни, на Блумсдеј – денот кога се случува „Улис“ и денот кога светот го слави Џејмс Џојс, тие прослави нема да бидат модерирани од страна на режимот на авторски права.

Радоста сепак ја нема во целиот свет. На многу од книгите на Џојс авторските права остануваат да важат во САД уште најмалку десетина години. Делата на Џејмс Џојс не се единствената жртва на проширувањето на режимот на авторски права во САД. Како што објави Центарот за проучување на јавниот домен, ако законот за авторски права останеше во формата од 1976 година на 1 јануари 2012 на јавниот домен ќе му се приклучеа: „Враќањето на кралот“ од Толкин, „Крадци на тела“ од Џек Фини, два од трите главни филмови на Џејмс Дин - „Источно од рајот“ и „Бунтовник без причина“ и уште дузина други култни дела.

Додека ја чекаме „Улис и зомбија“ преземањето од интернет на „Улис“ и другите дела на Џејмс Џојс е слободно – периодот од живот + 70 важи и во Македонија. Повелете на проектот Гутенберг.

Текстот е објавен на it.com.mk: Улис и зомбија.

Хакер(к)ите на филм

Tags: 

Сѐ уште трае празничната сезона, па тоа нека биде изговор да не се впуштаме во сериозни теми. Наместо тоа, еве краток осврт на една од презентациите што се одржаа на 28c3 – Behind Enemy Lines насловена „Хакот нема да биде прикажан на телевизија“.

Презентацијта всушност е некој вид на препорака за филмови кои ја третираат темата на хакирањето, хакер(к)ите и културата, и навистина не станува збор за некој, барем за мене, список со непознати филмови.

Каспар Клемен Миро наведува дваесетина филмови во кои хакерите имаат некаква улога. Некои од тие наслови се и дел од филмовите што јас со задоволство ги гледам во голем број репризи: „Џони Мнемоник“, „Душкала“, „Воени игри“...

Но, предавањето не е само набројување на филмовите. Миро презентира и десет тези за тоа како се претставуваат хакерите во филмовите. Помеѓу поинтересните ми се чинат тоа дека чест мотив во филмовите е хакерите да носат очила на кои се рефлектира екранот во кој гледаат, потоа дека компјутери на Епл често се дел од хакерските сцени и тоа дека жените имаат споредна улога и често се прикажани како помалку способни.

Се разбира може да се најдат и спротивни примери за овие тези и токму тоа ја прави целата работа интересна за дискусија. Миро одржува и подолг список на филмови за хакери, па погледајте нешто по желба додека ни трае новогодишната дремка.

Јас планирам да го гледам „Девојката со тетоважа на змеј“.

Текстот е објавен на it.com.mk: Хакер(к)ите на филм.

Хакерската заедница во 2011

Tags: 

На 3-ти јануари 2011 го напишав отворениот повик за хакери. Една година подоцна има неколку работи од нашево опкружување на кои вреди да се потсетиме, што луѓето кои игриво ги проучуваат системите што другите ги земаат здраво за готово ги направија:

1. Во 2011 во Македонија се одржаа четири НСНД настани – во Куманово, Штип, Охрид и Струмица. НСНД е името на локалните и регионални хакерски средби на кои ништо не се случува, но се разменува знаење и вештини за разни технологии и понекогаш за општествени прашања. Настаниве не се спектакуларни, но нивната цел е пред се да ги зближуваат луѓето со слични интереси. Мене ми се чини дека во тоа успеваат целосно.

2. Скопскиот хаклаб КИКА успеа да преживее уште една година и едно селење. Барем за сега хаклабот осанува главното сврталиште на луѓето кои сакаат да се идентификуваат со горниот опис.

3. Посебно ми е мило што во и околу хаклабот свое место си најдоа и повеќе девојки. Програмата GNOME Women Outreach фати здрав корен во нашата заедница и веќе има две девојки кои учестувале или учестуваат во проектот. Ова може да биде темел за уште поголеми хакерски активности и женско вклучување во што инаку често се смета за „машки работи“.

4. Започнавме емисија на Канал 103 што се бави со прашањата за авторски права, дигитални слободи, интернет, цензура, граѓански права и што не, прашања со кои се занимаваат и хакерите што ги познаваме и со кои соработуваме и се дружиме во регионот, но и пошироко.

5. Ја направивме и претставивме 3D led коцката. Нема што да се пишува. Погледајте го видеото. :-)

6. Последно на списокот, но никако најмалку важно ја напишавме и предадовме на Владата на Р. Македонија, Националната политика за слободен софтвер, документ кој ако биде прифатен, усвоен и применет може да има големо влијание на тоа како државата комуницира со граѓаните и компаниите во дигитална форма и да обезбеди поголема транспарентност во нејзиното работење.

Овој список никако не е комплетен. Ова се само неколку работи кои се највидливи, но уште многу работи се случија изминатава година што ми даваат надеж да мислам дека хакерската заедница во Македонија расте и си го наоѓа своето место. Бројката сѐ уште не е толку голема, можеби дваесет или триесет луѓе, но хакерскиот дух се шири и сите сме заслужни за тоа.

Happy Hacking!

Текстот е објавен на it.com.mk: Хакерската заедница во 2011.