June 2010

Ѓубре

Tags: 

Еве како изгледа околината на Галичник дваесетина дена пред големата манифестација - свадбата што е под покровителство на државата и на сред национален парк.

ѓубре

Само една слика од многу низ и околу селото.

Архитектура и политика

Tags: 

Намерата ми беше за ова да пишувам откако ќе го слушнам и денешното предавање на Томислав Медак, но бидејќи есапот дома и на пазар не е ист, одиме вака.

Пред 2 дена го слушав Теодор Целакоски од Мултимедијалниот институт од Загреб на тема „Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена“. Предавањето беше за хрватското движење „Право на град“ каде што Тео има активна улога, а кое го организира (релативно) успешниот граѓански протест за зачувување на улицита „Варшавска“ во Загреб. Како што разбрав, од предавањето има аудио снимка, и бидејќи не сакам овде да го раскажувам, заинтересираните може да го пингаат организаторот.

Моето видување е дека приказната за хрватското право на град е интересна за нас од повеќе аспекти и од неа можат да се црпат лекции за Скопје2014 - всушност мислам дека некои од тие лекции се добро научени (или барем добро набубани - да се изразам школски) од локалните актери.

Предавањето мене ми послужи да си потврдам некои свои размислувања што може да се сумирааат во една реченица: „Архитектурата е политика“. Мислам дека причините за неуспехот на Прва архи-бригада и Плоштад Слобода како две главни групи што ја водеа опозицијата против Скопје2014, но и на другите јавни опозиционери (нема да наведувам имиња сега), а во поново време и на Асоцијацијата на архитекти лежат во погрешното јавно пишување и објаснување токму на оваа реченица.

Намерно не велам „разбирање“ бидејќи веројатно е дека меѓу овие луѓе има такви (сите?) кои ја разбираат. Останува тоа дека таа не беше искомуницирана на начин што ќе биде приемчив за јавноста.

Архитектите згрешија (и грешат) што инсистираат на тоа дека прашањето за изгледот на Скопје е прашање на архитектура: стручна дебата за стиловите, правците и материјалите што се користат во градењето. Таквата стручна дебата ја промашува суштината и ја оттуѓува јавноста. Дури и „Форум Скопје“ што треба да биде хм - форум, всушност е настан затворен за пошироката јавност - освен архитекти и ретки заинтесирани, други луѓе нема. Нема ни опозиција. Тоа е повеќе или помалку настан на кој се случува „Preaching to the choir“.

Другите општествени активисти слично згрешија (и грешат) што го шират прашањето длабоко во политика, во поширок или преширок контекст на политичка борба (на пример: фати го крадецот!). Ваквиот пристап исто така ја оттуѓува јавноста. Тој не нуди јасни пораки туку повеќе материјал за медиумски шпекулации, а во опкружување во кое ретко и тешко се прави разлика меѓу „партиското“ и „политичкото“ исходот очигледно е уште еден хор.

Да сумирам: Скопје2014 е политичко прашање. Такво треба да биде од интерес на граѓаните во едно демократско општество, кои се политични по самото тоа што живеат во политичка творба (држава). Сфаќам дека сето ова тешко се голта во Македонија, но токму тоа требаше да биде и целта на опозицијата на Скопје2014 - да создаде заедничка точка на интерес околу која ќе се сплотат различни групи (секоја со своја поширока агенда?), но кои ќе понудат дискусија во врска со политичко-граѓанскиот аспект на проектот. Тоа не се случи. Можеби премногу се разликуваме од Хрватска и тоа е добар изговор, но можеби требаше малку повеќе напор за да се артикулира една јасна порака што ќе биде приемчива за поголем број луѓе.

На крај, ќе беше убаво да видиме како независната сцена (сфатена што е можно пошироко) во Македонија се здружува околу едно прашање - со што ќе го докажеше и своето постоење, но наместо тоа ќе живееме со уште една епизода на меѓусебни потценувања и обвинувања.

За едно гну

Tags: 

Читајќи ги реакциите по предавањето на Ричард Сталман се чусвтвувам како да завршила некоја наша гиковизија во која наместо риба, главната улога ја имало некое гну.

За оние кои не следат, вчера во преполнета сала во Холидеј-ин Ричард Сталман од фондацијата за слободен софтвер одржа предавање на тема „Авторските права против општеството во доба на компјутерските мрежи“ во кое објасни како било пред да постои системот на авторски права, како и зошто тој систем бил зачнат и до каде е работата денес. Прошарано со малку историја за слободен софтвер и неочекуваното играорство на битолски ора на Сталман, предавањето ги вклучи следниве работи: Во антиката авторски права не постоеле, автори постоеле, копирање било дозволено, се правело рачно ако книгата доживеала да не биде запленета од локалниот буџован. Потоа во Европа ја измислиле машината за печатење, која за волја на вистината всушност е измислена во Кина многу векови порано, но Европејците со своето повторно измислување на неа шлапнале закон за печатење (анг. copyrigt) чија примарна цел била да го регулира печатењето на книги. Како таков, тој бил насочен кон индустријата и лесно се применувал, бидејќи лесно се контролирале неколкуте издавачи што постоеле (во денешни услови мислете на закон на банки и банки - освен во случајот на Грција). Целта на законот била создавање на дополнителна корист за јавноста, за општеството: машината за печатење го направила издавањето на книги во голем обем ефтино и лесно, монополот што го имале издавачите над печатење на една книга се оправдувал со поголемата корист што јавноста ја имала од достапноста на оваа книга (економската анализа зад ова е едноставна, но да не се рашириме премногу).

Потоа технологијата направила уште еден голем чекор напред и условите повтроно се промениле, но наместо општеството повторно да одбере модел што ќе му носи поголема корист, сега сме заглавени во систем што потенцијално може да ги третира сите граѓани како криминалнци, не е поволен за повеќето автори и воглавно служи да се одржи опстанокот на една индистрија. Оваа елаборација беше дополнета со бројни примери (како на пример правото на анонимно купување на книга) со кои веројатно и најзакоравените поддржувачи на авторските права ќе се сложат дека беа на место и се важни за дебатата за едно слободно и демократско општество... но не е важно. Македонија не е ниту едното нити другoто, па затоа и мојaтa гиковизиска реакција на текстовите како што е „Македонија е ветената земја за идеите на Сталман“.

Македонија, или било која друга земја, би можела да биде ветената земја кога би била суверена во носењето на своите закони и би направила систем во кој авторските права траат 10 години. Македонија не е тоа, и всушност, како и сите други земји е тивок поклоник на агендата на САД, преку WTO / WIPO, за тоа како треба да изгледаат овие права и оние кои заедно со нив се туркаат под чадорот „интелектуална сопственост“.

Слободата е главната категорија во тоа што Сталман го работи и говори. Софтверот е слободен, но не е бесплатен. Мешањето на овие два поими има некаква логика во англискиот јазик, но не и во македонскиот. Да го правите тоа значи намерно да занемарувате клучни работи во врска со одреден концепт. Кога ќе размислите за тоа и сите физички објекти се слободни, како што вели и тој до оној момент додека реалноста на нештата тоа го дозволува. Прашањето за слободен софтвер не е прашање за тоа колку пари чини тој или како се дистрибуира. Клучното прашање е дека му дава контрола на корисникот во својата работа - нешто што неслободниот софтвер, платен или не, легален или не, не може никогаш да му го даде на корисникот. Ако користите MS Windows XP - па макар и неговата најнелегална копија - сигурно е дека тој подеднакво како и легалната копија во било која државна институција, испраќа приватни податоци назад во Редмнод. Така вистинското прашање за секој човек кој седнува на компјутер денес не е дали некој софтвер може бесплатно да се симне од интернет, туку колку е спремен да плати за да добие контрола врз својот компјутер. Неслободниот софтвер кој е набавен нелегално не станува автоматски слободен. Освен привремената можност за споделување, тој не исполнува ниту еден од другите услови за слобода.

Авторските права ја играат клучната улога во оваа разлика. Вистинскиот хак на Сталман е употребата на рестриктивнот закон за овозможување на екосистем на споделување на знаење и софтвер. Но бидејќи и предавањето на беше за GNU и GPL, ќе останам и сега понастрана од тоа. Вообичаената аргументација на индустријата и медиумите дека авторските права им служат на авторите. Но ретко кој ги прашува авторите за тоа. До сега не сум запознал ниту еден автор кој напишал или насликал или снимил нешто поради тоа што знаел дека тоа ќе биде заштитено. Причините секогаш се полични: желба да се каже нешто, желба да се презентира човек во јавноста, желба да се дискутира за некоја идеја. И овој текст јас го пишувам од прилично лична причинa: видов дека текстот на Виктор се појавил на ОКНО, а мојот текст на слична тема од пред неколку месеци не успеа да се најде на страниците на овој наш веб магазин. Во секој случај авторските права денес многу повеќе служат за контрола на јавноста и општеството и измешани со техничките мерки за заштита прават заложници од луѓето. Прашајте некој автор дали би сакал неговиот читател да ја даде книгата на комшијата кој претходно не чул за него и со тоа тој да добие уште еден читател. Сега пробајте да го направите тоа со електронска книга затворена во DRM. Желбата во дел од јавноста да се заштити индустријата која (нужно) ги експлоатира и авторите и уживателите на уметноста не е објаснува од ниту една перспектива: во капитализмот нормално е да умираат (и да се раѓаат нови) индустрии и тоа е неизбежен дел од конкурентската борба, во демократските општества слободата на граѓаните е поважна од профитот на корпорациите.

Споредувањето на неволноста на Сталман да го продаде своето плишано гну за помалку од 1300 денари со практиката на индустријата без ваше знаење да инсталира софтвер на вашиот компјутер за да ви забрани да го пуштите дискот што легално сте го купиле во нивната продавница е несериозно и наивно. Прво тука е прашањето на цената на чинење на доброто: можеби гнуто навистина чини 1300 денари и цената не може да оди под тоа. Ако го купите за 1300 денари, продавачот не остварува профит. Сѐ повеќе од 1300 е доброволно - како и што беше. Ова не е случај со дисковите кои се продаваат по цени повеќе десетици пати повисоки и со кои индустријата всушност остварува монополски профити - спуштањето на тие цени нема да ги направи нив да бидат во загуба. Подеднакво важно е дека Сталман гнуто го продава без скриени rootkit-ови во него и без ограничувања на неговата употреба, додека големите медиумски куќи тоа не го прават така.

Слободата или ви е важна или не. Ако не, тогаш што и да има Сталман да каже не е многу важно.