October 2008

„Аце Слеш“ на Фросина Наумовска

Tags: 

Многу ми е мило кога луѓето што ги познавам успеаваат да се пробијат во тоа што го работат.

Затоа сакам вака јавно да ѝ честитам на Фросина за успесите што ги бележи нејзиниот документарен филм „Аце Слеш“: награда на фестивалот Манаки и на фестивалот на независен филм во Њу Јорк.

Филмот е за кумановецот Аце Слеш, кој ја раскажува својата (неуспешна) приказна. Краток трејлер од филмот има на East Silver. (Патем таму има некоја грешка во објавените информации за филмот.)

Со Фросина се запознав за време на мојот краток престој на ФДУ, а потоа почавме да работиме на еден заеднички проект (кому му е потребна финансиска помош за да се комплетира).

Покрај тоа што режира документарни филмови, Фросина режира во кумановскиот театар и пишува поезија. Ако сакате да прочитате нешто повеќе за неа, земете го неделникот „Глобус“ што ќе излезе на 28 октомври (во вторник).

Зошто да закажувам кога и така чекам 1 час?

Tags: 

Октомври е месец кога одам на редовна годишна контрола за видот. Ординацијата каде одам работи на закажување. Пред две седмици ми закажаа за 14.10.2008 во 13:30 часот.

Вчера стигнав во ординацијата во 13:28 и видов 4-5 луѓе како исто така чекаат. Се пријавив дека јас сум тој од еден и пол и дека сум дојден. Ми рекоа да почекам. Веднаш ќе било.

Не беше. Дојдов на ред околу 14:20, завршив во 14:35. Добив извинување за тоа што сум почекал малку.

Во меѓувреме успеав да чујам пар приказни за гужвата. На пример, дојдена беше една мајка на мало бебе. Дошла и сакаше да се прегледа веднаш (за да не доаѓа пак, да не го остава малото). Иако ова е релативно разумна причина, жената сепак потроши многу повеќе време одошто ќе потрошеше доколку си закажеше, и истовремено потроши време на други луѓе, меѓу кои и јас.

Доколку си закажела и дошла на време, ќе ѝ требале 15-тина минути да заврши, а вака чекаше речиси 1 час.

Претпоставувам дека и другите непланирани чекачи имаат некоја ваква за нив доволна причина да прават турканица, но сакајќи да завршат работа на брзина, сепак чекаа повеќе одошто би чекале доколку играле според правилата.

Дали стоите на тротоар пред амбасади?

Tags: 

Вечерва требаше да се сретнам со девојка ми кај Aрапска куќа. Поминувајќи по тоа уличето, покрај Капитал банка, видов шпанско знаме како виси и табла покрај вратата на зградата на ќошот и си реков да видам што е тоа, бидејќи не знаев дека Шпанците имале дипломатско претставништво тука.

И бидејќи не читам од далеку, морав ептен да се доближам за да прочитам кога работат тие со странки. Во тој момент од внатре излезе некој чувар.

Тој: Повелете господине.

Јас: Ништо, си чекам.

Тој: Не можете овде да чекате.

Јас: Зошто?

Тој: Забрането е.

Јас: Не гледам никаде да пишува.

Тој: Не мора да пишува. Јас така викам.

Јас: Хех...

И му свртев грб. Стоев така неколку минути и потоа си седнав на клупите кај Шведската амбасада. Не знам што точно правеше типот додека му бев свртен со грб.

Сакав да ги гњавам Шпанците на мејл дека нивните службеници малтретираат граѓани кои поминуваат и застануваат на тротоарот кај амбасадата, ама брзото гугл пребарување вика дека амбасадата за Македонија им е во Софијa (ова кај нас е конзулат ли?), а и не можам да најдам контакт, па еве вака да си пишам на Интернет.

Овој 11 Октомври

Tags: 

Денес имам посебна радост поради тоа што конечно имам парно дома. Но тоа не е сѐ.

Денес на плоштадот во Скопје имаше мал настан за прашањата за приватност во времево во кое живееме.

Постерот за кампањата „Слобода или страв“

Додека бев присутен голем број на минувачи застанаа да видат што е работата, па можеби тоа е добар чекор во запознавање на јавноста со овие проблематични и осетливи теми.

Потоа, следеше дебата во Точка на тема „Зошто востанието го кренале комунисти?“

Револуционерно знаме

Претпоставувам дека на други места ќе се појават подолги текстови за дебатава. Јас сакам само да речам секоја чест за академикот Коле Чашуле и едно благодарам за приказната што ја раскажа на почетокот за тоа како се готвело востанието.

На крај, Спин монстер е повторно во акција (на некој начин :-)).

Везилка

Tags: 

Бев во Глишиќ (Кавадарци) викендов...

Гранка од близу

...и налетеав на свирка на Фолтин:

А таа твоја дива и несмасна љубов
те галам дури предиш стуткана во скутов
се проѕеваш, се тегнеш, наспана и гладна
бараш да те пуштам, ме гребеш и ме касаш

Везилке, везилке, каж како да се роди
проста и строга македонска песна
откако Ленка остави кошула тенка
ленена недовезена на разбој

:)

RE: Битолски фестивал во Скопје

Tags: 

Без да се трудам да кажам нешто паметно (или ново) во врска со преместувањето на дел од програмата на фестивалот Манаки од Битола во Скопје, само да пренесам дека претставите во Скопје (на кои бев или за кои знам) имаа по дваесетина посетители.

Ако причина за преселба била публиката односно нејзината малубројност во Битола, тогаш нема што повеќе да се каже за тоа.