закони

Undefined

Кратки мисли за SOPA и PIPA по извојуваната победа (барем за сега)

Tags: 

Една од поинтересните работи во врска со пресметката за SOPA и PIPA беше одобрувањето и радувањето кај интернетџиите на координираниот настап на корпорациите како Google против законите и всушност против лобито на забавната индустрија (Wikipedia овде не се вбројува).

Се создаваше перцепција значи како ние сурферите да имаме ист интерес со овие компании.

Нема да кажам како е ова погрешно на некое етичко ниво, или не знам анти-капиталистички фазон или нешто трето. Само изразувам чудење како корпоративиот пејсаж го перцепиравме како зададен, фиксен и непроменлив во своето спротиставување.

А деновиве еве го IPO-от на Facebook, и веќе за некој месец можеби ќе читаме како тој го купува WarnerBros, а Google го купува Universal. Тогаш сликата ќе се промени и SOPA и PIPA ќе имаат многу повеќе смисла за овие компании кои денес (или вчера) подржаа акција против овие закони.

Тогаш ќе започне вистинската битка.

Законите и интернет

Tags: 

Веќе сите знаат дека на 18 јануари 2012 „интернет штрајкуваше против SOPA“. Дури и очајните македонски медиуми на некој начин ја пренесоа веста. Мајка ми беше загрижена дека нема да може да се чуе со брат ми на Skype дека нема да сме имале интернет од пет наутро до пет попладне...

Накратко, повеќе водечки веб страници беа недостапни еден ден: Википедија на англиски јазик, BoingBoing, reddit, imgur и слично. Тоа се страници кои се длабоко поставени во техно-либертаријанството на Силиконската долина, анти-авторитативноста, анти-цензурата и повразни граѓански вредности, што ми се чини дека за чудење ќе беше овие страници да не затвореа тој 18 јануари [или некој друг ден]. Ним, до некаде, им се приклучи и еден од најголемите иноватори на интернет - порно индустријата, и можеби овие две заедно е сѐ што многумина од нас подразбираат под „интернет“: википедија и порно. Да се рече дека интернет е многу повеќе од тоа е истакнување на очигледното, но несомнено улогата на овие е значајна.

Има [барем] две клучни точки во врска со SOPA (и PIPA) што одат преку тесното „википедија не ми работи“ гледиште во врска со овие закони. Првата произлегува од честото мислење или убедување - „па јас не сум пират, не даунлоадирам од интернет, немам филмови на харддиск...“ и на неа кратко може да се одговори со коментарот на pssvr на reddit: „Ниедна тиранска, мизерна влада не доаѓа на власт ветувајќи им на луѓето тиранија и мизерија“. Коментарот е одговор на друг малку подолг коментар за тоа како Данска ја живее својата епизода со цензурата на интернет; за тоа како добрите намери и ограниченоит опфат и опсег се губат штом ќе биде поставена инфраструктурата. Сигурен сум дека имало „добри намери“ и кога пред петнаесетина години се донсувале договорите во WIPO што подоцна се искористени за носење на DMCA. Секој што е на интернет од 2000-тата знае дека оттогаш има постојана кампања за елимирање на DRM, но успехот најблаго речено е ограничен. Последиците од ова поместување на законските регулативи можеби најсликовито ги објаснува Кори Доктороу во својот говор на 28c3 - „Надоаѓачката војна на компјутерите за општа употреба“.

Втората пак произлегува токму од искуството со DMCA и се однесува на мислење или убедување дека сето ова нас, овде, во Македонија не нѐ засега. Впрочем ова е битка во Соединетите држави, за нивни закони кои воглавно се однесуваат нивни компании, во изборна година, и секако надвор од сите главни грижи што ние тука ги имаме. Поупатени луѓе од мене веќе го адресираа ова прашање. На пример, тука е текстот на Мајкл Гајст, „Зошто Канаѓаните треба да учестуваат во протестот против SOPA/PIPA“ кој беше рециклиран и на BoingBoing. Но, ете да не останам покусо со мој коментар, ќе упатам на Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ, бр. 115 од 31.08.2010 година), Оддел 1: Заштита на технолошки мерки, каде започнува нашата „DMCA во мало“. Тоа се одредби кои се внесени во законот без многу врева, јавна дебата или земање предвид на истражувања или анализи во врска со DRM кои постојат со оглед на тоа дека законот во САД е донесен во 1998, а кај нас 12 години подоцна, и оттука поминато е доволно време да се направи проценка. Јасно, на увозот на законски мерки нема царина или други бариери, но позагрижувачки е тоа што одредбите може да дремат на хартија сѐ додека во еден момент не се искористат против нешто што само во фуснота ја има идејата за авторските права.

Но, ете сме назад на нормално функцинирање на мрежата. Затемнувањето против SOPA и PIPA имаше мерлив успех. До крај останува да видиме дали на Википедија ќе треба да ѝ се заблагодаруваме за нешто повеќе од обезбедување на лесно разрешување на кафански расправии.

Текстот е објавен на it.com.mk: Законите и интернет.

Акроними и активизам зад „тајмлајнот“

Tags: 

Изминатава седмица беше полна со настани. Вистина, веќе до средина, кога почнав да го пишувам овој текст, расправата за новиот американски закон Stop Online Piracy Act, беше одложена, па закажана, па повторно одложена за по Нова година, а Советот на министри за земјоделство и рибарство во ЕУ го прифати меѓународниот договор ACTA – договор кој на големо треба да ги регулира прашањата за авторските права и интернет.

Со оглед на тоа дека не сме ни дел од САД, ниту од ЕУ, можеби се чини дека овие вести немаат некоја посебна важност за нас овде во Македонија. Но, таквото гледиште би било наивно, ако не и штетно.

Не бидејќи примената на овие закони и договори можеме да ја избегнуваме – можеби и можеме на кратко, туку бидејќи тие откриваат многу суштински пораки за тоа како функционираат модерните држави и за тоа како идејата за демократија, а можеби и самата демократија, ќе треба повторно да се извојува.

Да почнеме со SOPA: Слешдот извести дека американскиот конгресмен кој го предложил овој закон во Конгресод на САД во последните 10 години има добиено речиси половина милион долари донации од ТВ, филмската и музичката индустрија, т.е. тие интересни групи што најмногу се жалат од интернет и мрежаните. Кога го прочитав ова, не можев, а да не се сетам на Лоренс Лесиг и неговата книга „Изгубената република“. Во неа се споменува интересно сеќавање на конгресменка (стр. 148): „Се сеќавам на коментар на познат делегат од Вирџинија што собира многу пари. Тој рече: „Наслони се кон зелените“, а не беше борец за здрава живтона средина.

Во книгата Лесиг на долго и широко објаснува како парите го корумпираат американскиот конгрес, и како републиката, претставничката демократија (се) губи.

Начинот на кој е изгласан договорот ACTA сигурно треба да ги натера и европските граѓани да се запрашаат за своите републики. Тешко е да се поверува дека министрите за земјоделство (па и нивните служби) се експерти за авторски права и трговски марки. Една од најголемите грижи за ACTA е во нејзиното претставување како „трговски договор“, т.е. нешто што е доволно да се усвои на ниво на извршна власт (влада), за кое не е потребно посебно одобрување од националните парламенти.

И покрај сѐ, битката против SOPA и ACTA продолжува, колку на интернет, толку и во конгресот и европскиот парламент. Се надеваме на победа на граѓаните против корпорациите и зависните влади; победа од која несомнено корист ќе имаме и ние тука; победа без која стигнувањето до некои други победи ќе бидат потешко. Кори Доктороу пишуваше: „Глобална мрежа... не е доволна да се отстрани диктатор, но сигурно не би сакал да правам револуција без таква мрежа“, а Клеј Џонсон од малку поинаква перспектива нѐ потсети на истото во „Драг интернету: веќе не е во ред да не знаеш како работи конгресот“.

Накратко, додека ја подразбираме важноста на светската мрежа, треба да престанеме да се залажуваме дека најинформирани и најпаметни мрежани го населуваат овој простор и дека револуцијата ќе бликне од „лајковите“ и „ретвитовите“, па дури и од долгите и аргументирани текстови и коментари. Тоа нема да се случи. Битките, без разлика за која цел, не завршуваат на нашиот ѕид или „тајмлајн“; тие можеби започнуваат таму, но течат и целат на улиците, плоштадите, дебатите и промовирањата, писмата и барањата до конгресмените и пратениците, а се градат во библиотеките и универзитетите, во учењето и истражувањето.

Активностите околу ACTA и SOPA се доказ за тоа и пример од кој треба да учиме.

Текстот е објавен на it.com.mk: Акроними и активизам зад „тајмлајнот“.

Repost: Spook Country - William Gibson

Tags: 

“A nation,” he heard himself say, “consists of its laws. A nation does not consist of its situation at a given time. If an individual’s morals are situational, that individual is without morals. If a nation’s laws are situational, that nation has no laws, and soon isn’t a nation.”

Првиот пат.

Песната стопан нема(?)

Tags: 

Македонија само што воведе построги законски казни за „пиратерија“. Измените на кривичниот законик се во Службен весник на Р. Македонија бр. 7 од 15.01.2008 година.

Истовремено шведските парламентарци јавно се залагаат за декриминилизирање на споделувањето на датотеки (file-sharing): врска, а на ниво на ЕУ зелените партии исто така имаат своја кампања: врска.

Сигурно ли одиме накај ЕУ?

П.С. http://wiki.lugola.net/Пиратска_партија

Дали пеењето е слобода на говор?

Tags: 

Денешен „Шпиц“ е со вест за новиот Закон за јавен ред и мир. Меѓу другото според новиов закон глобата за пеење на улица е 300 евра. Според Уставот на Републикава (Член 16, став 2) пак се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Е сега некој стручен мене да ми каже како тоа не смеам да пеам на улица ако имам слобода на говор и јавен настап и ако одлучам јавно да говорам или информирам пеејќи? Кој е тој што ќе рече дека пеењето не е говор? Не знам дали е некомпетентност или е намерно ова вака направено...

А знам дека се спрема и нов закон за Авторски права. Тоа колку гадно ќе биде не сакам ни да замислам откако ги видов последните измени во стариот закон.

Да не е ова нешто муабетот со новата КИТ каде што конечно почнаа да гледаат кон слободниот софтвер целосно би ја отпишал Владава. Сега ми се онака на работ...

Што да се очекува од правнициве и законодавциве... Утрински вели дека идните правници би жртвувале две години во затвор за два милиона евра!

Pages