секојдневие

Undefined

Крстот да се фрла на секои 20 метри!

Tags: 

Само што дознав дека општина Ѓорче Петров и општина Карпош заедно ќе ја организирале манифестацијата „фрлање крст во реката Вардар“ и дека поради тоа комуналното претпријатие го исчистило коритото кај железничкиот мост, т.е. под не-веќе-толку-новата улица Гологанов-Цибориски.

Па штом ваквиот религиозно-политички настан има еколошки екстерни ефекти, предлгам да се организира фрлање на крст на секои 20 - 30 метри. Крајниот ефект, покрај зголемениот број на добитници на награди, ќе биде чисто корито на реката Вардар.

Се разбира, овој пример можат да го следат и другите општини со своите реки.

pppoe поздрав до Он.нет

Tags: 

Еве го, еве веќе петнаесетина дена:

Jan 13 19:17:34 (none) daemon.notice pppd[831]: Modem hangup
Jan 13 19:17:34 (none) daemon.notice pppd[831]: Connection terminated.
Jan 13 19:17:28 (none) daemon.notice pppd[831]: Serial link appears to be disconnected.
Jan 13 19:17:28 (none) daemon.info pppd[831]: Connect time 1.7 minutes.

Некои прашања за кои ќе блогирав да немав епизоди од Футурама за гледање

Tags: 

Зошто никој не се солидаризира со штрајкувачите од образованието, науката и културата?

Зошто Владата ќе предлага нови измени на Законот за работни односи кои што ќе ги поништат последните измени на Законот што ги предложи истата Влада?

Колку време да се прилагодат на новиот платен промет им треба на фирмите со блокирани сметки, и како одложувањето на овој закон помага во надминувањето на економската криза?

Зошто никој не го регулира однесувањето на Топлификација, која очигледно ја злоупотребува својата позиција на пазарот?

Патрони

Tags: 

Моето основно образование го завршив во ОУ „Јосип Брзо Тито“. Тоа училиште денес го носи името „Димо Хаџи Димов“. Вчера бев во ретка и случајна посета на ова место.

Чекав внатре за да не стојам на дождот и гледав што има залепено на ѕидовите. Ја најдов таблата со песни и цртежи за училиштето и неговиот патрон. Таму прочитав песни од дечиња кои велат дека „во срце го носат Димо“, „се горди што училиштето го носи неговото име“, „со радост учат за неговата борба“ и слично.

Да бидам искрен не се сеќавам какви стихови се пишувале кога јас бев во осмолетка. Сепак, ми се чини дека една од критиките на стариот систем за кои ма речиси консензус е дека тогаш главите на децата беспотребно и неоправдано се полнелсе со работи за Тито и другите околу него.

Па, се прашувам што е разликата помеѓу „во срце го носам Димо“ и „во срце го носам Тито“, ставени на огласната табла во основно училиште?

Дали е можно идеологијата никогаш да не ги напуштила нашите училишта? Само имињата да се сменети, а се друго да е останато исто? Или пак нормално е песните за патронот да бидат такви, и такви се секогаш и секаде?

Зошто да закажувам кога и така чекам 1 час?

Tags: 

Октомври е месец кога одам на редовна годишна контрола за видот. Ординацијата каде одам работи на закажување. Пред две седмици ми закажаа за 14.10.2008 во 13:30 часот.

Вчера стигнав во ординацијата во 13:28 и видов 4-5 луѓе како исто така чекаат. Се пријавив дека јас сум тој од еден и пол и дека сум дојден. Ми рекоа да почекам. Веднаш ќе било.

Не беше. Дојдов на ред околу 14:20, завршив во 14:35. Добив извинување за тоа што сум почекал малку.

Во меѓувреме успеав да чујам пар приказни за гужвата. На пример, дојдена беше една мајка на мало бебе. Дошла и сакаше да се прегледа веднаш (за да не доаѓа пак, да не го остава малото). Иако ова е релативно разумна причина, жената сепак потроши многу повеќе време одошто ќе потрошеше доколку си закажеше, и истовремено потроши време на други луѓе, меѓу кои и јас.

Доколку си закажела и дошла на време, ќе ѝ требале 15-тина минути да заврши, а вака чекаше речиси 1 час.

Претпоставувам дека и другите непланирани чекачи имаат некоја ваква за нив доволна причина да прават турканица, но сакајќи да завршат работа на брзина, сепак чекаа повеќе одошто би чекале доколку играле според правилата.

Дали стоите на тротоар пред амбасади?

Tags: 

Вечерва требаше да се сретнам со девојка ми кај Aрапска куќа. Поминувајќи по тоа уличето, покрај Капитал банка, видов шпанско знаме како виси и табла покрај вратата на зградата на ќошот и си реков да видам што е тоа, бидејќи не знаев дека Шпанците имале дипломатско претставништво тука.

И бидејќи не читам од далеку, морав ептен да се доближам за да прочитам кога работат тие со странки. Во тој момент од внатре излезе некој чувар.

Тој: Повелете господине.

Јас: Ништо, си чекам.

Тој: Не можете овде да чекате.

Јас: Зошто?

Тој: Забрането е.

Јас: Не гледам никаде да пишува.

Тој: Не мора да пишува. Јас така викам.

Јас: Хех...

И му свртев грб. Стоев така неколку минути и потоа си седнав на клупите кај Шведската амбасада. Не знам што точно правеше типот додека му бев свртен со грб.

Сакав да ги гњавам Шпанците на мејл дека нивните службеници малтретираат граѓани кои поминуваат и застануваат на тротоарот кај амбасадата, ама брзото гугл пребарување вика дека амбасадата за Македонија им е во Софијa (ова кај нас е конзулат ли?), а и не можам да најдам контакт, па еве вака да си пишам на Интернет.

Pages